Култура
Меѓународен фестивал на прозата во Куманово

На 25 и 26 мај во Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ Куманово ќе се одржи првиот „Меѓународен фестивал на прозата“.
Фестивалот е во организација на институцијата со финансиска поддршка на Министерството за култура и Општината на градот Куманово.
„Започнуваме манифестација која се надеваме дека ќе опстои долго, манифестација по која ќе бидеме препознатливи и манифестација која ќе биде темел на збиднувањата од ваков вид“, велат организаторите на настанот.
Свеченото отварање е на 25 мај, со почеток во 20 часот, во фоајето на институцијата. Тема на првата фестивалска вечер е „Женското писмо и Балканот“, гости кои нашироко ќе дебатираат на ова тема се: Јорданка Белева, Оливера Ќорвезироска и Лејла Каламујиќ, Фросина Крушкаровска се јавува во улога на модератор. Вечерта ќе биде збогатена со музика во изведба на Јован Цветковиќ.
26 мај е резервиран за втората фестивалска вечер, вечер во која гостите Николина Андова Шопова, Жарко Кујунџиски, Давор Стојановски, Лира Бојку, Александар Шпатов и Фејзи Бојку ќе читаат фрагменти по сопствен избор од книжевните остварувања кои длабоко оставаат траги. Модератор на втората вечер е писателот Петар Андоновски.
Композицијата на визуелното општење за фестивалот е дело на дизајн проф. м-р Стефан Јакимовски.
Целта на манифестацијата е да се доближи книжевната прозна продукција до читателската публика, да е запознаат со домашните и страните авторите и нивните дела, што ќе придонесе до формирање на едно критичко, субјективно мислење, ќе се потикне и формира идниот „читач“.
На настанот се очекува да присуствуваат претставници од јавниот, културниот и општественио живот на Куманово.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Изложба на карикатури и перформанс на Лука Лагатор од Црна Гора

Вечерва, во галеријата „Остан“ ќе биде отворена изложба на карикатури на познатиот карикатурист од Црна Гора – Лука Лагатор. Насловот на изложбата е „Сизифов пат“ и ќе биде отворена со перформанс од карикатуристот.
На изложбата ќе бидат изложени 30 карикатури од Лагатор од неговиот доживотен циклус „Сизифов пат“ преку кој уметникот реагира на сите случувања во неговата околина и светот преку препознатливиот јазик на карикатурата – сатирата. Лагатор мајсторски игра со атрибутите на овој извонреден визуелен, интелектуален и универзален стил на изразување, при што испраќа моќна порака истовремено покажувајќи потполна уметничка слобода во изразувањето.
Лука Лагатор е роден на 8 декември 1945 година во Цетиње, Црна Гора. Дипломирал на Економскиот факултет. Престојувал и работел во многубројни ликовни колонии во земјата и странство. Лука Лагатор објавил над 4.500 дела во разни весници дома и во светот. Илустрирал приближно 80 книги. Издал три свои цртани книги и е автор на првиот стрип во Црна Гора. Лука Лагатор ги претстави своите уметнички дела на 35 индивидуални изложби и безброј колективни изложби дома и во многу земји во светот. Учествуваше на голем број меѓународни натпревари за цртани филмови и неговите уметнички дела беа наградени со 67 престижни награди. Ја освои престижната кинеска награда Red Man (за придонес кон светската карикатура), како и наградите The Golden Pier, „Клас маестрално перо“, две титули југословенски карикатурист на годината доделени од „Карт“ (специјално списание за карикатури) и повеќепати е наградуван на „Остен светската галерија на карикатури“. Лука Лагатор исто така влезе во енциклопедијата „Топ-20 дела од 20 најдобри светски карикатуристи“. Автор е и на два кратки филма: „Задачата на Сизиф“ и „Напорот Сизиф“. Член е на Друштвото на уметниците на Црна Гора и на Црногорското здружение на карикатуристите од основањето во 1996 година. Живее и работи во Цетиње, Црна Гора.
Изложби
Изложба „Слобода?!“ – заедничка изложба на македонски и бугарски ликовни уметници во Ловеч

Во организација на КИЦ на Македонија во Софија и Уметничката галерија „Проф. Теофан Сокеров“ првпат во градот Ловеч ќе бидат претставени проектот „Поврзување“ и изложбата „Слобода?!“, која е дел од него. Оваа групна изложба на 15 современи македонски и бугарски ликовни уметници претходно имаше своја успешна премиера во Созопол. Од 30 јуни (четврток) 2022, со почеток од 18 часот, веќе организаторите и авторите ќе се радуваат и на контактот со публиката во Ловеч.
Со ова гостување се продолжува реализирањето на целта на проектот, поддржан од Министерството за култура на РСМ, да бидат претставени новосоздадени ликовни дела на современите уметници, како и да се поврзат ликовните сцени од двете земји.
Во составот на изложбата се делата на уметниците од неформалната група „Конекција“, кои се од Северна Македонија, но живеат и работат во Софија, Бугарија: Перица Георгиев-Пепси (Скопје), Марјана Иванова (Виница), Зоран Мише (Охрид), Иво Пецов (Виница), Павел Целкоски (Охрид) и Марјан Ѕингаров (Струмица).
Тука се делата и на ликовните уметници и професори од факултетите за ликовна уметност во Северна Македонија: Беди Ибрахим (Скопје, ФЛУ), Јован Шумковски (Скопје, ФЛУ), Катерина Деспот (Штип, УГД) и Срѓан Микиќ (Скопје, IBU).
Со своите македонски колеги изложуваат и бугарските ликовни уметници и професори од Националната ликовна академија во Софија: Георги Јанков, Нина Русева, Свилен Стефанов и Васил Колев. Свое учество има и уметницата Марија Алексиева од Бургас.
Во изложбата најзастапени се сликарските дела. Се среќаваат разни техники и авторски искази, кои кореспондираат со зададената тематска насока. Од користење разни форми на комбинација на сликарските техники до еднородна сликарска техника во конвенционален вид. Употребуваните сликарски материјали се движат во широк дијапазон, со употреба на маслени и акрилни бои, молив, креда, пастел, апликација на дополнителни материјали кон основата, која може да е хартија, платно или МДФ. Со сликарски дела се претставуваат Беди Ибрахим, Катерина Деспот, Марија Алексиева, Марјан Ѕингаров, Нина Русева, Перица Георгиев-Пепси и Свилен Стефанов.
Графиката е претставена во најголем дел со класичните графички техники – висок и длабок печат, како: линорез, мецотинта, акватинта, бакропис, сува игла, како и комбинации меѓу некои од нив, а исто така е застапен во помал дел и дигиталниот печат. Со свои графички дела учествуваат уметниците Срѓан Микиќ, Павел Целкоски, Васил Колев, Зоран Мише и Иво Пецов.
Плакатната уметност е претставена со делата на двајца од авторите. Со користење на компјутерските можности за дизајн и дигитален печат, како и со умешноста во областа на визуелната комуникација, се претставуваат авторите Георги Јанков и Маријана Иванова.
Од вкупно 40 дела, кои ја составуваат изложбата, 3 се фотографии од концептуални дела на македонскиот уметник Јован Шумковски, кои сами по себе претставуваат посебна ликовна единица.
Изложбата е составена од авторските наслови, како: „Птици“, „Право или праведност“, „Реквием“, „Ослободително средство“, „Изохипси од Африка“, „Храбар нов свет“, „1984“, „Приказната на слугинката“, „Цикада“, „Реминисценции“, „Пејзаж“, „Почеток“, „Крај“, „Каде одиш?“, „Слободата, портал кон вистината“, „И во огнот штом ќе запролети“, „20 години матура“, „Артефакт“, „Фраер“, „Три нејасни објекти“, „Светлосна патека“, „Нејасна лекција по геометриска апстракција“, „Проникнување“, „Летен ручек“, „Копчето на длабокото езеро“, „Тотем – нескршлив дух“ и „R = 1: 2 и 1 : 200“.
Култура
Џез-вечер на Клод Болинг со Toot Quartet во Салонот 19:19

На 1 јули во 19.19 часот во Салонот 19:19 ќе се одржи џез-вечер на Клод Болинг со Toot Quartet.
Toot quartet концертира од 2020 година и настапиле во домовите на културата во Ѓорче Петров и во Кисела Вода во Скопје, во Кавадарци, Струмица и во Неготино.
Toot Quartet: Стојанче Косовски – труба; Емилија Кабранова-Филипова – пијано; Зоран Павлоски – контрабас; Филип Шурбевски – тапани.
Клод Болинг, роден на 10 април 1930 година, е француски џез-пијанист, композитор, аранжер и повремено извeдувач.
Роден е во Кан, студирал на Конзерваториумот на Ница, а потоа во Париз. Детски генијалец, на 14 години професионално свири џез-пијано.
Тој има големи заслуги за традиционалното заживување на џезот кон крајот на 60-тите и се дружел со Оскар Петерсон. Пишува музика за 75 филма, 44 музики за телевизиски серии, музика за Биг бендот, 11 композиции во кросовер-стил за пијано, флејта, виолончело, труба, виолина, гитара, саксофон, кои се микс од популарна, џез, класична музика.