Култура
Музеј во движење: Не може да се замисли животот во Прилеп без театарот – Платнар, Џумерко, Ристоски раскажани низ чаршијата

Човечките приказни не треба да се оддалечуваат од луѓето и од непосредноста. Посебно актерските човечки приказни имајќи ја предвид ситуацијата со сите предизвици на театарските сцени во Прилеп важно ми беше да го покажам она што сите ние го знаеме: Прилеп имал, има и ќе има театарски уметници. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци. Затоа одлучив приказната за театарскиот Прилеп да ја раскажам низ чаршијата надвор од стерилните услови на сите институции, рече Ана Стојаноска, уметнички директор на МТФ „Војдан Чернодрински“ синоќа на отворањето на Музејот во движење, посветен на тројцата легендарни прилепски театарски уметници – Кирил Ристоски, Благоја Спиркоски – Џумерко и Благоја Ристоски – Платнар.
На невообичаен начин, преку изложба на фотографии, лични предмети, артефакти, на неколку локации низ градот, во места пријатели на фестивалот, авторите на изложбата Звонко Димоски и Ана Стојаноска го доловија животот на овие уметници и приватно и професионално. Емотивна средба беше ова и за членовите на нивните семејства.
-Прилеп е во тесна врска со својот театар, поточно, не може да се замисли животот во Прилеп без театарот, навиките за одење во театар, прераскажувањето на театарските претстави, поздравувањето на актерите низ чаршијата, гордоста од нивните успеси по фестивалите и гостувањата во и надвор од нашата земја. Театарот за разлика од другите медиуми не може да биде зачуван на ниту еден адекватен начин освен преку пишаните, снимените, фотографираните и раскажаните податоци – рече Стојаноска.
Програмата „Прилеп во фокус“ ви овозможува да зачекорите во животот од едни од најзаслужните прилепски уметници, и со тоа секој посетител да го искуси сценско-изведувачки и аудиовизуелениот начин на значењето на Прилеп во однос на македонскиот театар. Изложбите ќе бидат достапни за посетителите до крајот на фестивалот.
На третиот фестивалски ден гостуваше екипата на Штипскиот театар со претставата „Сите најубави нешта“ во режија на Нела Витошевиќ. Топлата и трогателна претстава која во фокус го става менталното здравје ја одушеви публиката.
Се одржа и тркалезна маса за претставата „Црно семе“ на Битолскиот театар.
Вечерва во 19 часот од официјалната програма ќе биде изведена „Сите прекрасни нешта“ во режија на Нела Витошевиќ, продукција на Народниот театар од Штип. Улогите ги толкуваат: Ефтим Ѓаурски, Милорад Ангелов, Марија Минчева Андонова, Стефанија Митовска, Ава Хусеини и др.
Денеска во 11 часот ќе биде промовирани нови драми од наградите на „Еуродрам“, а на пладне ќе следува тркалезна маса за претставата „Сите најубави нешта“ на Штипскиот театар, од официјалната програма.
Вечерва во 19 часот, на големата сцена на Центарот за култура ќе игра ансамблот на Албанскиот театар со претставата „Ричард Трети“ во режија на Куштрим Бектеши. Улогите ги толкуваат: Адем Карага, Шкумбин Истрефи, Теута Ајдини Јегени, Вјолца Бектеши Хамити, Амернис Нокшиќи, Абедин Алими, Осман Ахмети, Музбајдин Ќамили, Дритеро Аме, Фисник Зеќири, Ментор Курти, Генци Мирзо, Рахим Рамадани, Сара Бајрами, Гентиана Рамадани, Хетем Етеми, Сабина Мемиши Асланај и Дениз Рустеми. Покровители на фестивалот се Министерството за култура и туризам и Општина Прилеп.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Дваесет и пет писатели доаѓаат во Охрид и Струга на конференцијата на Македонскиот П.Е.Н. центар

Од 19 до 21 јуни Македонскиот П.Е.Н. центар ќе ја одржи јубилејната ХХ Регионална конференција, на која ќе учествуваат дваесет и пет писатели од девет ПЕН центри. Темата на годинешниот Симпозиум е „Постхуманизам и книжевност“.
Писателите низ дијалог ќе се обидат да најдат одговори на низа актуелни прашања за статусот на книжевноста и уметноста во ерата на вртоглав технолошки развој поврзан со употребата на вештачката интелигенција. Излагањата од Симпозиумот ќе се сосредоточат на позитивните и негативните аспекти на примената на ВИ во книжевноста; ВИ и имагинацијата, ChatGPT и плагијаризмот; хуманистичкото образование и ВИ, со цел да се понудат одговори на прашањето за состојбата на човекот денес, односно: „дали сме веќе навлезени во добата на постхуманизмот?“
Во рамките на Конференцијата ќе се одржи состанок на Балканската ПЕН мрежа, посветен првенствено на перспективите на соработка, меѓусебното преведување, но и заедничка афирмација на балканските книжевности и културни достигнувања на меѓународен план. Програмата предвидува и две книжевни читања на делата на учесниците: во Меморијалната куќа на Григор Прличев во Охрид на 20 јуни, со почеток во 19ч., како и во Меморијалната куќа на Браќата Миладиновци во Струга на 21 јуни, со почеток во 13 ч.
Учесници на јубилејната конференција на Македонскиот П.Е.Н. центар се: Вида Огненовиќ и Владислав Бајац (од Српскиот ПЕН), Ентела Каси и Ахмет Пренчи (од Албанскит ПЕН), Петар Чухов и Иван Христов (од Бугарскиот ПЕН), Тарик Ѓунерсел (од Турскиот ПЕН), Драгана Кршенковиќ Брковиќ (од Црногорскиот ПЕН), Бинак Кељменди (од Косовскиот ПЕН), Иштван Турчи (од Унгарскиот ПЕН), Ванѓел Дуновски (од Влашкиот ПЕН), како и низа членови на Македонскиот ПЕН: Зоран Анчевски, Игор Анѓелков, Наташа Аврамовска, Бранко Цветкоски, Славе Ѓорго Димоски, Димитрие Дурацовски, Иван Џепароски, Лидија Капушевска-Дракулевска, Катица Ќулавкова, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Александар Прокопиев и Соња Стојменска-Елзесер. Музичкиот дел од програмата ќе биде во изведба на Бранислав Николов, пејачот на составите „Фолтин“ и „Пијан славеј“.
Јубилејната Регионална конференција на Македонскиот ПЕН центар ќе се одржи со поддршка на Министерството за култура и туризам на РС Македонија, а програмата во Струга ќе биде изведена во соработка со Струшките вечери на поезијата.
Култура
На 21 јуни во Музејот на град Скопје ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“

Во рамките на манифестацијата Скопско лето 2025 на 21 јуни во Музејот на град Скопје во 19 часот ќе биде отворена изложбата „Зона фобија“ од нашиот реномиран уметник Томе Аџиевски.
Трагајки по топосите на источноевропската авангарда авторот се потсетува на филмот Сталкер од режисерот Андреј Тарковски. Во „забранетата зона“ од филмот тој препознава многу сличност со „менталната зона“ денес во Македонија.
Уметникот ќе раскаже 5 визуелни приказни за первертираната перцепција кон вистината што перманентно ни се случува од бившата држава па се до денес.
Публиката ќе биде вовлечена во „Зона фобија“рушевина од старата железничка станица сместена меѓу модерни облакодери.Утопија среде анти утопија,вистинска метафора за нашиот постземјотресен менталитет.
На изложбата симболично ќе бидат раздавани каталози од разни изложби на авторот по симболична цена,а собраните сретстве ќе бидат донирани на здружението за заштита на животноте „Anima Mundi“.
Култура
МНТ гостува во Струга со претставата „Торонто експрес“

Македонскиот народен театар ќе гостува во Струга со претставата „Торонто експрес“, која ќе се изведе на 18 јуни (среда), со почеток во 20:00 часот, на летната сцена при Центарот за култура „Браќа Миладиновци“.
Ова сценско дело е работено по мотиви од збирката есеи „Тибам Штркот“ од авторот Зоран Спасов Ѕоф. Режијата е на Јордан Симонов, а адаптацијата на текстот е заедничко дело на Благоја Бошковски, Александар Микиќ и Јордан Симонов.
Во централната улога настапува актерот Александар Микиќ, кој на свој препознатлив начин ќе го оживее светот на авторот, полн со хумор, апсурд и животни контрасти.
Настанот е дел од програмата на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга.