Култура
Наградата „Антево перо“ за стихозбирката „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски
Жири-комисијата за доделување на наградата во состав: проф. д-р Весна Мојсова Чепишевска (претседател), д-р Атина Цветаноска и Жорж Поповски (членови), пред да пристапи кон донесување на завршната одлука за наградата „Антево перо“, што подразбира печатење на наградената стихозбирка во специјалната едиција на наградени автори, уште еднаш го изразува своето задоволство од одличниот одзив за оваа награда. Оваа година, комисијата имаше навистина тешка задача да направи селекција на поетските писма кои со своите квалитети и одличен израз се издвоија.
Пристигнаа 75 стихозбирки, со најразлична трендовска и жанровска разноликост, од кои во потесен избор за наградата влегоа седум стихозбирки: „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ на Тони Попов, „Собрани остатоци од светот“ на Пепи Стамков, „Сивка: геометрија на болката“ на Ирена Бабамова Стојчева, „Музеј на заборавот“ на Сашо Димоски „Царски рез на небото“ на Даниела Андоновска Трајковска, книгата „Анатомија на скриена болка“ доставена под шифрата Суштина и поетскиот ракопис „Каде што се раѓаат сенките“ на Агрон Усеини. По темелно разгледување на вредностите на секоја од овие седум стихозбирки и по завршните дискусии на членовите, Комисијата едногласно донесе одлука наградата „Антево Перо“ за 2024 година да ѝ припадне на стихозбирката „Музеј на заборавот“ од Сашо Димоски.
Доживувањето на стварноста кај индивидуите кои имаат изразен сензибилитет условува нивните дела да покажуваат креативност која, ако се мери на некоја скала на интензитет, тогаш би биле на самиот врв. Постоењето на тие дела во времето и просторот создава сопствена реалност и се сместени во духовни музеи во кои вечноста е нивен главен предзнак. Во еден таков музеј, својот живот го живее и поезијата на Сашо Димоски, која токму поради овие квалитети, ја понесува наградата „Антево перо“ за 2024 година. Поетскиот музеј на Димоски, кој е вечен дом на личниот, интимен заборав, е богатство на мигновеноста, на времето минато, сегашно и идно, на времето кое постои и не постои, на љубовта во најесенцијалната суштественост во која се родени, се раѓаат и ќе се родат безброј микрокосмоси (вклучително и сите форми на љубовта за татковината, за татковиот збор и ковчег, за клучот и катенцот, за мајчиниот јазик и болка, како далечно ехо на поетската слика на големиот Анте Поповски), микрокосмоси и љубови од кои е составен човекот. Оваа поезија, покрај тоа што е слика преоблечена во различни стилови и во нив преовладуваат тонови од целиот спектар на бои, таа има и звуковен карактер чиј интензитет се огледува во одличната употреба на парадоксот, оксиморонот, сложените метафори, но и фигурите кои припаѓаат на звучниот код. Со помош на зборовите, Димоски ни презентира визуелност во која гледаме како машкиот и женскиот принцип, темнината и светлината, вистината и заборавот страсно танцуваат танго. Тоа танго некогаш е во духот на аргентинската милонга во која слободата на движењата, незадолжителноста на формата и опуштеноста на рацете и нозете преоѓа во танцовен чекор со различен ритам и брзина правејќи тоа да биде milonga de amor и да има длабоко треперење при самото танцување. Понекогаш танцот е во духот на либертангото кое ги руши стереотипите и пред нас става нешто ново без притоа да ги заборави традиционалните вредности што од нас ги бара татковината, погледот на мајката или исконскиот оган во домашното огниште.
Поради одличниот квалитет на поетските текстови од збирките кои се избрани во потесен избор, оваа година Комисијата, едногласно одлучи да додели три награди „Антев златник“, што значи, една повеќе од она што, до сега, беше пракса. Наградите „Антев златник“ за 2024 година им припаѓаат на: Ирена Бабамова Стојчева за збирката „Сивка: Геометрија на болката“, Тони Попов за збирката „Ми се чини дека некаде слушнав дете“ и Пепи Стамков за збирката „Собрани остатоци од светот“.
Животната мрежа од координатни точки е уникатен отпечаток на секое битие. Во треперењето на суптилните нишки, кои тие точки ги поврзуваат, е сместена целата суштина на човековото постоење, а поезијата и уметноста во целина се обид да се преслика и да се направи приказ, да се даде увид во таа суштина. Човекот е сраснат со природата и неговото поврзување со пеперутката Сивка, како што авторката сугерира во овие песни, е повеќе од податливо. Таа е срасната со оваа навидум непривлечна крилеста пријателка на која доминира сивата боја. Нејзиното постоење е контраст на шарените, восхитувачки пеперутки од чијашто колоритност остануваме занемени секогаш кога ќе ги погледнеме. Сивка е тажна убавица, но и еден вид непокор како оној на Анте Поповски. Лета со скршено крило кое не може да биде исто и ако зарасне. Боли таа фрактура на срцето чиишто половини сега се нејзини крилја. Во таа геометрија на болката, Бабамова Стојчева ја истражува тагата како одговор на неотповикливата промена на околностите, на она што сме го замислувале како деца со сета детска невиност во размислата. Болката од изневерата во сите нејзини форми, значења и димензии создава ехо кое се шири низ геометријата на битието, низ сите негови точки и прави пукнатини кои и да зараснат остануваат со траги кои потсетуваат на нив.
Во кратките и едноставни стихови полни со непретенциозна фигуративност, Тони Попов населил уметнички свет кој е преземен од микрокосмосот на неговото сликарско око. Напишани во постимпресионистички и модернистички стил, песните од оваа збирка ја имаат колоритноста и уметничката визуелност на сликите на Анри Матис и Ван Гог, но и на неговата перцепција на обичните нешта кои вешто се насликани со помош на друг медиум како што се зборовите. Длабоките реминисценции тој ги доживува на повеќе нивоа и иако нивното соопштување го прави на едноставен начин, во таа едноставност се огледуваат силните импулси на емотивните сеќавања. Во одекот на тие сеќавања, се собрани звуците на неговиот живот кон кои се враќа секогаш кога некоја сегашност ќе го побара тоа од него. Од сите нив можеби најзначаен е повикот од детството зашто гласот на детето во нас најдобро ја знае вистината.
Поетскиот егзистенцијализам со кој се карактеризира поезијата на Пепи Стамков креира сериозни квалитети на изразот во кои македонскиот јазик ги испитува границите на можностите на експресивноста на употребените сложени фигури од логичкиот код. Во исклучително збиениот израз, со кој се карактеризира оваа поезија, авторот тргнува во потрага по остатоците од денот, идеалите, животните предизвици, љубовта и застанат на личните крстопати се прашува дали треба да живееме со полни гради, до крај, или е доволно да се задоволиме со остатоците кои најчесто не се наши. Преку честото одење отаде времето и животот, овој млад и чувствителен поет на сложен и едноставен начин ни соопштува универзални вистини во кои сите сме, на некој начин, колекционери од остатоците на светот.
Со должно внимание и задоволство, Жирито дискутираше и за петте стихозбирки кои влегоа во потесен избор за наградата „Антев часовник“, што се доделува со цел откривање и афирмација на нови, млади, талентирани поети кои творат на македонски јазик и тоа: Софија Тодороска – „Птиците заминуваат на исток“, Ива Пуовиќ – „Полет“, Мартина Костадиноска – „Пијавици“, Нино Наумовски – „Индиго солзи“ и Стефан Спасовски – „Ќумур смоквин млеч“. И овде, Комисијата имаше тешка задача да одбере само една збирка која ќе биде наградена, поради што за првпат во седумгодишното постоење на Манифестацијата „Антево перо“, се донесе одлука наградата „Антев часовник“ да биде доделена на двајца млади поети и тоа на: Нино Наумовски за неговата збирка „Индиго солзи“ и на Стефан Спасовски за збирката „Ќумур смоквин млеч“.
Поетиката на Нино Наумовски и неговата збирка „Индиго солзи“ претставува младешка перцепција на суровата стварност во која de jour en jour се обидува да ги разбере правилата и начинот како да се живее. Оваа поезија може да се толкува и како бунтовен крик против дистопијата и секојдневието кое не се вклопува во младешкиот ритам. Затоа, се добива впечаток дека авторот влегува во посебни улоги и како на филм ја гледа стварноста притоа слушајќи алтернативна музика со поетика која го поддржува тој бунт. Надреалистичките слики што понекогаш ги создава оваа поезија имаат индиго боја што сугерира една нова генерација ослободена од стегите на традиционалното, која допрва треба да ги покаже своите плодови.
Поезијата на Стефан Спасовски, со креативен и иновативен наслов „Ќумур смоквин млеч“, е интересно патување по сетилните меридијани на неговта млада душа. Песните, иако се пишувани во традиционален дух и изобилуваат со сложени внатрешни рими, инверзии, фигури на звукот и метафори, сепак имаат еден модернистички начин на соопштување на доживеаните чувства. Експерименталноста, што е една од карактеристиките на оваа поезија, симпатично комуницира со интертекстуалноста притоа создавајќи оригинални стихови. Овие песни понекогаш се мрачни и песимистични, но речиси секогаш содржат хумор и игривост кои не дозволуваат да превлада мрачниот тон.
Комисијата искрено им се заблагодарува на сите учесници на Конкурсот за наградата „Антево перо“ и изразува надеж дека и во иднина ќе продолжи интересот за оваа престижна награда. Во наредниот период ќе следи уште едно Соопштение со кое јавноста навремено ќе биде информирана за датумот, местото и терминот на официјалното прогласување на победникот на Конкурсот за наградата „Антево перо“ за 2024 година и врачувањето на сите награди.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Мултимедијалниот перформанс „Молчи, јас летам“ во продукција на „Театар Пи“ ја имаше својата премиера
Мултимедијалниот перформанс „Молчи, јас летам“ во продукција на Театар Пи ја имаше својата премиера на 10 декември од 19 часот во Центарот за култура во Ѓорче Петров.
На перформансот учествуваа лица со попреченост со монолози, музички етиди, танци и изложба на фотографии. На настанот учествуваа и нивните родители кои разкажуваа лични преживувања и случки од нивното секојдневие и начинот на справување и вклучување на нивните деца во социјалниот и општевен живот.
Перформансот имаше за цел да и покаже на публиката колку можат лицата да биде мотивирани и да имаат импакт во најразлични уметнички области. Учествуваат ученици и од сите основни училишта од општина Ѓорче Петров со типичен и атипичен развој како и лица со интелектуална попреченост од ЦПЛИП – Порака Скопје.
Концептот и режијата е на Златко Митрески и Македонка Илиевска Митреска.
Култура
Отворено писмо на ИФФК „Браќа Манаки“: Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот
Тимот на ИФФК „Браќа Манаки“ упати отворено писмо до Агенција за филм на РСМ, Министерство за култура и туризам, Влада на РСМ, јавноста и медиумите.
„Поминаа повеќе од два месеци откако заврши јубилејното 45. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ кој се реализираше без ниту еден денар буџет од Агенцијата за филм, единствено на добра волја на сите учесници, соработници и партнери на Фестивалот.
Повеќе од два месеци раковотството на Фестивалот и неговите соработници се под огромен притисок. Опомените пред тужби поради неможноста да се исплатат долговите кон соработниците и ангажираните лица, за жал, станаа наше секојдневие.
Јубилејното 45. издание на Фестивалот со гордост можеме да кажеме беше едно од најуспешните изданија досега. Посетено од врвни имиња, лауреати, оскаровци. Кино салите и работилниците беа исполнети со публика, а придружната програма дополнително го надополни сјајот на Битола.
Но, за жал, како резултат на агонијата која ја трпиме овие неколку месеци поради неисплаќање на обврските од страна на Агенцијата за филм, не можеме ниту да се израдуваме на сопствените успеси.
Би сакале да истакнеме дека Фестивалот уредно ги има доставено сите претходни извештаи и било каква правна пречка за вакво самоволие апсолутно не постои.
До овој момент, Агенцијата за филм веќе цели пет месеци одбива да изврши исплата на Фестивалот.
Надворешните соработници, иако свесни дека Фестивалот нема никаква вина за неисплаќањето, единствено решение гледаат во опомени и тужби. Ние, ангажираните лица, се соочуваме со притисокот од елементарна егзистенција, бидејќи меѓу нас има и такви кои комплетно живеат од проектите на кои вредно и посветено работат, а се исплаќаат исклучиво од Агенцијата за филм.
Голем број од нас, филмски работници, не земаме плата на секој први во месецот, немаме здравствено и пензиско осигурување. Ние и нашите семејства живееме од овие сретства кои пет месеци без никакво писмено образложение и со многу празни ветувања сеуште не ни се исплаќаат.
По сознанието дека в.д.директорката е во оставка, а поради фактот дека времето до затворање на можноста на исплаќање е мошне кратко, кон вас како Министерство за култура и туризам, Владата на РСМ и Управниот одбор на Агенцијата за филм упатуваме молба итно да се пристапи кон исплаќање на сретствата планирани за финансирање на фестивали и манифестации за 2024 година“, се наведува во писмото.
Култура
„Зимски МакеДокс“ завршува со проекција на „Герлах“ и дебата во „Лабораториум“
Здружението за промоција на документаристика „МакеДокс“ ќе ја заврши серијата проекции во рамки на програмскиот сегмент „Зимски МакеДокс“ со прикажување на документарниот филм „Герлах, последниот земјоделец“ (Холандија / 2023 / 76 мин.) и тематска дебата, што ќе се одржат на 12 декември, со почеток во 20 часот, во едукативно-културниот центар „Лабораториум“ во Скопје.
Документарниот филм „Герлах, последниот земјоделец“ на Лук Бауман и Алиона ван дер Хорст е минатогодишен победник на ИДФА во Холандија, најзначајниот европски фестивал за документарни остварувања.
Герлах ван Бајнум е еден од последните земјоделци на мешани култури во близина на Амстердам. Опкружен од модерни зданија – дистрибутивни центри, автопатишта, мултинационални корпорации – тој, низ годишните времиња, се движи во свој ритам. Го следиме неколку години на своето поле во периферијата на Амстердам. Со помош на неговиот најдобар пријател Ринус, тој сади компири, цвекло, житарки и јагоди, кои ги продава во својата барака. Помеѓу сите овие активности, неговата куќа на фармата е и збирно место на неговите соседи и пријатели, со кои ја споделува неговата духовитост и едноставна радост.
По проекцијата на филмот ќе се одржи дебата на која ќе бидат детектирани опасностите што капитализмот ги носи за поединецот и за планетата, како и за разните форми на отпор што можеме да ги развиваме како директни учесници во потрошувачкото општество.
Овие прашања ќе ги отвори Андријана Папиќ Манчева заедно со Кирил Шентевски (филмски снимател и активист), Александар Николовски (Урбана градина „Бостание“) и Милица Петрушевска („Зелена република“).
– Исчезнувањето на традиционалното земјоделство е најсуштинската општествена промена во втората половина на 20. век. Оттука, вистинска реткост се земјоделците како Герлах што и ден-денес се грижат за земјата и произведуваат храна. Но, околу него сè се менува. Неговата едноставна куќа, чии врати се постојано отворени за неговото семејство и пријатели, сега е опколена со бензинска станица, МекДоналдс, бројни дистрибутивни центри, мрежа од раздвижени автопати, а над неа без престан надлетуваат авиони од аеродромот „Шипхол“. Неолиберализмот има многу лица, па филмот ни ја доловува и борбата на Герлах против претставниците на општините и странските инвеститори коишто, гладни за пари, смислуваат различни начини и договорни услови за и неговото парче да го земат во име на прогресот и технолошкиот развој. Заборавајќи, притоа, како што вели Герлах, дека оваа земја произведува храна. Згора на сето тоа, неминовни и сè почести се и знаците на климатската криза, која е директен продукт на човековата безобѕирност, алчност и отцепеност од природата – последици што Герлах и тоа како ги чувствува на свој грб, заедно со ревматизмот – посочува Андријана Папиќ Манчева.
Филмската проекција и дебатата во рамки на „Зимски МакеДокс“ се поддржани од Амбасадата на Кралството Холандија во Северна Македонија.
Влезот на проекцијата и на дебатата е бесплатен за сите заинтересирани посетители.