Култура
Наградата „Менада за млад уметник 2021“ доделена на кореографката и танчерка Матеа Киселичка

Кореографката и танчерка Матеа Киселичка е добитничка на престижната награда „Менада за млад уметник 2021“, доделена од стручниот совет на Танц Фест Скопје, кое го сочинуваат долгогодишните соработници на фестивалот, Љупчо Јолевски, Билјана Илиќ Геровска и Билјана Несторовска.
Наградата „Менада за млад уметник“ е престижна награда за годишни остварувања во областа на танцовата уметност која се доделува со цел да го промовира современиот танц, како и танцовата уметност во целост, во насока на поттик и унапредување на развојот на младите уметници, но и нивен пласман на интернационалната сцена. Преку неа, Танц Фест го трасира патот и ги приближува европските и светските вредности, со цел да ја презентира најдобрата уметничка експресија и да ѝ ја понуда на публиката и љубителите на убавата уметност. Првата „Менада за млад уметник“ беше доделена на јубилејното, петнаесетто издание на фестивалот Танц Фест во април, 2019 година, информираат од таму.
Киселичка во моментов работи како универзитетски професор по современ танц на Универзитетот за музика „Зеџијанг“ во Ханџо, Кина, каде во 2019 ги создава кореографските дела „Убаво што ме запозна“, претставено на 12-та престижна танцова изложба за танцова едукација, “TAOLI Cup” и “JAE – Just About Everyone”, претставено Кина – Централни и Источни Европски земји, фестивал за музика и танц, Конзерваториум за музика „Зеџијанг“, Ханџо. Во 2020, извонредната “JAE – Just About Everyone” се изведува и на танцовиот фестивал за креативни изведбени достигнувања, Конзерваториум за музика „Зеџијанг“, Ханџо. Најново нешто во нејзиниот творечки опус се кореографските сегменти во операта „Магичната флејта“ – В. А. Моцарт, при Конзерваториумот за музика „Зеџијанг“, Ханцо.
Во 2010 година, запишува додипломски студии на Скопје Танцовата Академија при Универзитетот ЕСРА, Скопје, каде изучува современ танц во класата на професор д-р Рисима Рисимкин и станува дел од првата генерација на современи танчери во Македонија. Била дел од повеќе танцови продукции и турнеи, но бележи и бројни самостојни проекти.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Филмот за култниот документарист Љубе Цветановски достапен на „Јутуб“

Филмот за култниот документарист Љубе Цветановски е достапен на „Јутуб“, по повод 10-годишнината од смртта. Режисер на филмот е неговиот син, Гоце Цветановски.
„ Крај песочните плажи, до бистрата морска вода, можеш да ја споредуваш младоста и долговечноста, можеш да се прашуваш каков би бил светот ако со него владеат само луѓето што ја сакаат убавината…“ – Љубе Цветановски.
Поет, патописец, документарист, новинар. Човек кој знаеше да каже дека спознанието ќе биде ништожно ако не го споделиш со друг, ако не го раскажеш со збор или ако не го регистрираш низ објективот на камерата… Таков беше култниот Љубе Цветановски – македонска легенда чијшто живот згасна пред 10 години.
Филмот „Детето во светот“ се фокусира на сеќавањата од детството на Љубе Цветановски кои се раскажани во неговата истоимена книга, како и снимки со патувањата во над 20 егзотични земји од каде ја збогати македонската ризница со бројни исконски репортажи. Мајсторот на документарниот филм, познат по својот хумористичен и поетски стил, не’ води на незаборавно патување.
„Добар документарен филм е оној кој личи на игран филм, а добар игран филм е оној кој личи на документарен фим“, говореше Љубе Цветановски.
концерти
Концерт во НОБ – „Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години“

На 4 февруари 2023, со почеток во 20 часот, во Националната опера и балет ќе се одржи концерт на нашиот тенор Благој Нацоски со наслов „Вечер со Благој Нацоски: првите 20 години“.
Гости на концертот се Наде Талевска, сопран, и Васко Здравков, баритон. Пијано придружба Јанинка Невчева, а режисер на концертот е Дејан Прошев.
Водител: Огнен Јанески.
На програмата ќе бидат изведени арии од композиторите: Џузепе Џордани, Жил Масне, Џоакино Росини, Џузепе Верди, Франческо Чилеа, Џакомо Пучини и др.
Култура
КИЦ „Битола“ – конкурс за „Ах, таа серенада – 2023“

Културниот и информативен центар – Битола објавува конкурс, со траење од 1.2.2023 до 31.3.2023, за 14 нови композиции за потребите на фестивалот на битолската серенада, „Ах, таа серенада – 2023“.
„Композициите треба де се во согласност со досегашните принципи на компонирање музика и пишување текстови во корелација со староградската музика, со потенцирање на битолската серенада како основен уметнички израз. Сите варијации и иновации на оваа тема се добредојдени за збогатување на квалитетот на оваа музичка форма. Музичките дела ги очекуваме како демо-снимка во МП3-формат, аплициран текст и/или нотен запис на мелодиската линија со запишани акорди на нашата електронска адреса [email protected] За изборот на композициите, неприкосновено право при селектирањето и изборот на делата има комисијата назначена од КИЦ ‘Битола’. Ни избраните музички дела ќе им биде даден хонорар од 12.000 денари за текст, 12.000 денари за музика и 12.000 денари за аранжман. Изведувачите ќе добијат хонорар од 5.000 денари“, соопштуваат организаторите.
Додаваат дека во корист на квалитетот на фестивалот организаторот има право да нарача одреден број композиции кај докажани автори и ја задржува целосната контрола врз аранжманите поради тоа што музичкиот настан ќе се изведува во живо со оркестар, со професионални музичари, кои имаат искуство и знаење да одговорат на предизвикот.
Фестивалот „Ах, таа серенада – 2023“ ќе се одржи во Офицерскиот дом во Битола (плато) во рамките на „Бит-фест 2023“.
Резултатите од конкурсот ќе бидат објавени најдоцна до 15.4.2023.