Култура
Наградуваниот белгиски филм „Вселенско момче“ на „Џифони филмски денови“

Денеска, во 10 часот, во Кинотеката се одржува втората сесија од „Џифони филмски денови“, а деновите се отворени за ученици од петто одделение, па нагоре.
Ќе биде прикажан белгискиот филм „Вселенско момче“, во режија на Оливер Перо. Сценариото е на Есебио Лареа и Оливер Перо. Филмот ја освои главната награда на интернационалниот детски и младински фестивал во Бусан. Гости на настанот ќе бидат членови на Marvie Productions („Марви продукција“), која обединува средношколци што создаваат свои филмови. По проекцијата на филмот, ќе следува дискусија.
Младиот протагонист во ова компактно 100-минутно патување до космосот е 11-годишниот Џим (Басил Грунбергер со особено енергетична изведба) кому му се случува огромна промена во животот. Неговиот самохран татко и идол (Јаник Ренер) не само што се подготвува за пат во вселената туку и одлучува да се преселат во друг град за да биде поблиску до опсерваторијата во која ќе работи. Џим истовремено е возбуден поради новата авантура, но и малку исплашен поради тоа што ќе треба да се навикне на ново училиште, каде што никого не познава. Иако е посочен како филм за деца и младинци, суштината на „Вселенско момче“ е многу подлабока, што го прави ова филмско остварување соодветно за лица од 7 до 77 години, пишува Петра Бранковска во рецензијата објaвена на „Гледај.мк“.
По дискусијата на филмот, во 12 часот ќе почне Филмската работилница со режисерката Марија Џиџева. За оваа работилница може да се пријавите на следниот линк.
Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Костадиновска-Стојчевска: Продолжуваме со поддршката во заштита на културното наследство

„Културното наследство, материјално и нематеријално, со својата разновидност и посебност е богатство на човештвото, а неговата заштита е еден од најзначајните показатели за препознавање, дефинирање и афирмација на културниот идентитет“, рече министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на промоцијата на публикацијата „Европските начела за квалитет за интервенции финансирани од ЕУ со потенцијално влијание врз културното наследство“, која се одржа денеска во „Европска куќа“ (Europe House) – Скопје.
Костадиновска-Стојчевска истакна дека поддршката на ЕУ за издавање на оваа публикација на македонски јазик е значаен придонес во збогатувањето на домашната стручна литература којашто ќе помогне да бидеме во чекор со најсовремените пристапи во заштитата на културното наследство.
„Верувам дека оваа публикација ќе биде корисно четиво за сите корисници од оваа дејност, особено во поглед на управувањето со проекти. Суштината на ова издание не е да наметне модалитети за интервенција, правила кои се обврзувачки, и да даде готови технички решенија, туку да ги збогати сознанијата, да посоветува, да препорача и да им помогне во донесувањето одлуки на сите што се вклучени во проекти финансирани од ЕУ, а кои имаат потенцијал да влијаат врз културното наследство“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Потенцираше дека Министерството за култура годинава поддржа повеќе проекти што се во функција на развој, афирмација и промоција на културата.
Министерството за култура, додаде Костадиновска-Стојчевска, ќе продолжи да ги поддржува граѓанските иницијативи што водат кон зголемување на граѓанското учество во сферата на заштитата на културното наследство.
Амбасадорот и шеф на Делегацијата на Европската Унија во Северна Македонија, Дејвид Гир, истакна дека Северна Македонија изобилува со неверојатно културно и природно наследство коешто треба да се заштити и да се промовира.
Култура
Промоцијата на романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски

Вечерва во кафе-книжарницата „Буква“ во 20 часот ќе се одржи промоцијата на романот „Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ од Давор Стојановски, во издание на „Или-или“. Промоторка на книгата ќе биде писателката Николина Андова-Шопова. Романот влезе во најтесниот круг за наградата „Роман на годината 2021“ на Фондацијата „Славко Јаневски“.
„Давор Стојановски напишал сјаен роман! Возбудлива и непредвидлива приказна, прецизна нарација со брилијантно чувство за ритам и драматургија, со одлично изградена атмосфера и ликови, со вешто вклопени контемплативни прелевања (некои од нив антологиски парчиња). Му посакувам (и предвидувам) голем успех. Топла препорака“. Николина Андова-Шопова
„Ноќите кога заспивавме во Помпеја“ е извонредно возбудлив роман поделен во три дела, во кои од различна перспектива се објаснува приказната. Уште по првата прочитана страница читателот добива чувство на возбуда и заинтересираност, што не попушта до последната. Романот се чита во еден здив, а потоа уште долго време останува во потсвеста. Срѓан Ивановиќ, Плусинфо.
Давор Стојановски (1987, Скопје) е писател, поет, преведувач и музичар. Магистрирал на Филолошкиот факултет во Скопје. Неговите дела се застапени во домашни и во странски антологии. Неговиот прв роман „Ненасловена месечева соната“ (2013) влезе во потесниот круг за наградата „Роман на годината“ на „Утрински весник“, а со вториот роман „Собирачи на пепел“ (2016) стана лауреат. Третиот роман „Утеха за голите“ (2018) беше номиниран за Наградата за литература на ЕУ за 2020 година.
Култура
Познатиот уметник Ахмет Огут со изложбата „Скокни“ во МСУ – Скопје

На 26 мај, во 20 часот, во Музејот на современата уметност – Скопје ќе биде отворена самостојна изложба на еден од значајните уметници на интернационалната сцена, Ахмет Огут.
Кураторки на изложбата насловена како „Скокни!“ се Мира Гаќина и Јованка Попова.
Проектите на Ахмет Огут во голема мера се однесуваат на собирање локални приказни и барање сличности на друго место. За изложбата во МСУ – Скопје, уметникот ќе изработи ново дело насловено „Скокни!“ Делото е инспирирано од чинoт на солидарност, кога по скопскиот земјотрес во 1963 година, светски познати уметници подарија свои дела, а МСУ – Скопје станува симбол на солидарноста и дом на исклучителна колекција на современа уметност во земјата. Огут ќе постави дел од делата од колекцијата, по негов личен избор, високо над окото на набљудувачот, во изместен хоризонт, кој реферира не само на поместениот баланс при земјотресот, туку и на поместување на политичкиот хоризонт и нивната меѓусебна поврзаност.
„На изложбата во Скопје посетителите ќе можат да видат повеќе дела кои се однесуваат на концептот заедништво, комуникација и споделување во периоди на криза, но и коегзистирање со останатиот жив свет. Неговите дела се колаборативни, тој бара начин да ја ангажира публиката или случајните минувачи во ситуации кои ја менуваат нивната перцепција за социјалните норми и однесувања. Преку хумор и мали гестови во делата тој често коментира сериозни социјални и политички прашања. Инспириран од приказната за настанување на самиот Музеј и неговата колекција, во Скопје тој создава инсталација во која на возбудлив и игрив начин, со скок во височина, ги повикува посетителите да ги активираат нивните сеќавања поврзани со колективната траума од земјотресот и специфичната историја на солидарност, со поглед од поинаква перспектива на делата од колекцијата“, велат кураторките Гаќина и Попова.
Преку инсталации, скулптури, цртежи, колажи и видеодела, инспирирани од општествената, културната и политичката реалност, изложбата со императивен наслов „Скокни!“ го поканува посетителот да излезе од комфорната зона и досегашните навики на перципирање и размислување и да одговори на новите предизвици од поинаква перспектива. Уметникот нè повикува да ја презамислиме поврзаноста помеѓу човечкиот и нечовечкиот живот, нивната зависност и симбиоза, да направиме „скок“ во променети општествени норми, наспроти културата на секојдневното грубо и политички сурово. Според тоа, средбата со неговите дела станува еден вид покана за општествен ангажман.
Ахмет Огут (1981) е уметник кој живее и работи во Амстердам, Берлин и Истанбул. Самостојно изложувал во повеќе музеи и институции низ светот меѓу кои Ван Абемусеум, Кунстверајн Дрезден, Кунстхал Шарлотенборг . Изложувал на бројни групни претставувања и во Музејот Стеделијк Амстердам, Музејот на современа уметност во Сеул, 13. Биенале во Лион, 5 Биенале на визуелни уметности, Њујорк, 12. Истанбулско биенале, Триеналето на Новиот музеј, Њујорк, 5. Берлинско биенале за современа уметност. Огут ја претставувал Турција на 53. Биенале во Венеција во 2009 година Бил резидентен уметник на Ријксакадемија, Амстердам во 2007-2008 година и Фондацијата Делфина, Лондон, во соработка со Тејт, во 2012 година.
Изложбата „Скокни“ во МСУ Скопје се реализира со поддршка на Министерството за култура на Република Северна Македонија, Асоцијацијата Саха од Турција, ЕВН Македонија и Тиквеш.