Култура
Најгламурозната оперска дива Анџела Георгиу од Романија ќе го отвори 63. Охридско лето

Оперската дива, сопранот Анџела Георгиу од Романија, заедно со Оркестарот на Националната опера и Балет на Македонија и под диригентската палка на Теодорашку Артаманов од Романија, на 12 јули на Античкиот театар во Охрид ќе го отвори годинешното 63. издание на фестивалот Охридско лето.
Ова денеска на прес-конференција го најави директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ, која истакна дека секое успешно издание на фестивалот почнува со најголемите, најславни и највозвишени уметници.
„Анџела Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Нејзиниот прекрасен глас ја прави сцената блескава секаде каде што настапува во светот. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција“, рече Поповиќ.
Најавувајќи ја програмата на годинешното 63. фестивалско издание, директорката Поповиќ појасни дека големо име ќе има и во драмскиот дел од програмата.
„Големо име имаме и во делот на драмската програма, светски познатиот актер, продуцент и режисер Џон Малкович. Американската филмска ѕвезда, со проектот во режија на Михаел Штурмингер, „Вечер на Џон Малкович“, во придружба на сопраните Чен Реис и Сузан Лангбеин и Оркестарот на Виенската академија, е најексклузивниот гостин што ќе се запише во листата на најголемите уметници што настапиле низ фестивалската историја на Охридско лето“, додаде Поповиќ.
Селекторката на музичката програма на фестивалот Охридско лето, Бисера Чадловска, рече дека покрај спектакуларното отворање, годинава фестивалот нуди врвни музички имиња од земјата и светот.
„Од светските имиња ќе издвојам неколку: светски познатиот виолинист Немања Радуловиќ и оркестарот Double Sense, ‘Френк Дупре џез-трио’, како и пијано рецитал на Френк Дупре, виолинистката Ирина Муресану со оркестарот ‘Фејмс’, камерниот оркестар ‘Кончертанте’ од Ниш, кларинетистот Пабло Бараган заедно со пијанистот Елоис Бела Кон, камерниот ансамбл La Spagna, дувачкиот камерен ансамбл ‘Камерата академика’ од Словенија, виолинистот Роман Симович, светски познатиот пијанист Алексеј Ботвинов, концерт на Јозеф Тавардос на уд и уште многу други исклучителни уметници. Од домашните имиња ќе имаме можност да ги слушнеме пијанистите Дино Имери и Мимоза Ќека со индивидуални рецитали, пијано дуото ‘Гелебешеви’, триото „Аура“, традиционалниот концерт на Музичката младина на Македонија, дувачко трио со концерт посветен на флејтистот Илија Зимбо и за крај на музичката програма, ден пред свеченото затворање, хорот ‘Про арс’ под диригентство на Сашо Татарчевски со едно ново создадено дело на професорот Живоин Глишиќ со наслов ’12 месеци’. За роденденот на фестивалот, на 4 август, ќе слушаме фадо-музика, во изведба на Жоана Амендоеира, Педро Амендоеира и Жоао Филипе“, изјави музичката селекторка Бисера Чадловска.
Селекторката на драмската програма на фестивалот Охридско лето, Сања Арсовска, рече дека театарската програма годинава може слободно да се нарече издание на големите.
„63-тото издание на Охридско лето својата театарска програма ја отвара со Стивен Фридмен и Оф Бродвеј-претставата ‘Бикот на Фаларис’, извондредна автобиографска монодрама за еден генијален ум во потрага по одговорите на есенцијанлите животни прашања, вадејќи го екстрактот на убавото во секоја човекова болка. 26 јули 2023 ќе остане запаметен по тоа што Охридско лето ќе приреди историски настан носејќи едно од најголемите светски глумечки имиња на сите времиња, Џон Малкович. Претставата ‘Пеколна комедија – Исповедта на еден сериски убиец’, во режија на Михаел Штурминген, а во главната улога на Малкович, во придружба на два сопрана и оркестар, на еден мрачно комичен начин ќе ја обработи церебралната изопаченост на еден убиец. 29 јули е резервиран за уште една голема претстава, ‘Ана Каренина’, во продукција нa ‘Ујвудеки Зинхаж’ од Нови Сад, а во режија на нашиот режисер Дејан Пројковски. Една од најнаградуваните претстави во регионот во изминатите години, работена според Толстоевото големо дело, со егзалтиран наратив и познатиот неговиот маестрален опис на малите животи и одлуките со кои може или не може да се живее“, рече Арсовска.
Според неа, Охридско лето ќе ја има првата премиера од домашна продукција на 6 август, со театарот „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ од Велес и претставата „Едвард Втори“ по текст на Кристофер Марлове, режирана од украинскиот режисер Андриј Жолдак.
„На 10 август го имаме Охридскиот народен театар со ‘Серјожа е туп’ од Димитри Данилов, а во режија на Дајана Николовска, на 14 август прилепскиот театар ‘Војдан Чернодрински’ ќе даде сценски приказ на едно од најголемите книжевни дела ‘Декамерон’ од Џовани Бокачо, во драматизација на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, а во режија на феноменалниот Мартин Кочовски. На 18 август ни доаѓа Градскиот театар од Љубљана со претставата ‘Нора’ од Ибзен, претстава што ја обележа оваа театарска сезона во Словенија, режирана од нашата најдобра режисерка Нела Витошевиќ, во чија главна улога настапува една од најголемите словенечки актерки, Ајда Смрекар. За затворање на фестивалот jа имаме најголемата регионална ѕвезда, актерот Милош Биковиќ, во претставата ‘Лагата’ од Флоријан Зелер, во режија на Никола Љуца, а во продукција на Белградскиот драмски театар“, најави драмската селекторка Сања Арсовска.
Од 12 јули до 20 август љубителите на уметноста ќе имаат можност да уживаат во 34 концерти, седум театарски претстави, а програмата ќе биде збогатена и со балет, изложба на фотографии и промоција на книга. Охридско лето ќе биде домаќин на над 1.000 уметници од 20-ина земји од светот – Србија, Чешка, Италија, Словенија, Полска, Франција, Турција, Израел, САД, Украина, Шпанија, Црна Гора, Грција, Германија, Романија, Португалија, Египет, Русија… и, секако, уметници од Република Северна Македонија.
Охридско лето се искачи на високото петто место меѓу првите пет од 140 фестивали, членки на Европската асоцијација на фестивали (ЕФА) .
„Членството во оваа елитна асоцијација е доказ дека Охридско лето е на вистинскиот пат во неговата меѓународна афирмација, но и потврда дека културата, уметноста и традицијата што се создаваат на фестивалската сцена во древниот Охрид го опишуваат кодот на нашиот народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност“, истакна на денешната прес-конференција директорката на НУ Охридско лето, Наташа Поповиќ.
Таа изрази огромна благодарност до претседателот на државата, кој е покровител на фестивалот, до Владата на Република Северна Македонија, која преку ресорното Министерство за култура вложува во развојот и унапредувањето на културата, до Општина Охрид, до генералниот спонзор „Македонски телеком“, како и до другите спонзори, помагатели и почитувачи на уметноста и на културните вредности.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Нарацијата во книжевноста и филмот: Румена Бужаровска и Ана Василева дел од „Браќа Манаки“

На 22 септември, со почеток од 17.30 часот, во битолска „Магаза“, Румена Бужаровска и Ана Василева ќе поразговараат за нарацијата во уметноста и филмот како дел од меѓународниот филмски фестивал „Браќа Манаки“.
„Никаде не одам“, „Мојот маж“ и „Осмица“ од Румена Бужаровска – едни од најчитаните и најпреведувани збирки раскази во нашата земја – се одлична илустрација за визуелниот јазик на раскажувањето, а и за други теми што ќе ги опфати овој едночасовен дијалог. На македонската јавност Бужаровска и Василева ѝ се воедно познати како дуото што стои зад прочуената иницијатива за раскажување женски приказни, „ПичПрич“.
Овој разговор ќе биде вовед во Меѓународниот фестивал на филмската камера, кој со слоганот „Прекрасното непознато“ оваа година се одржува 44 пат.
Култура
Костадиновска-Стојчевска за јубилејот на Институтот за национална историја: Минатото е работа на историчарите, кои ги респектираат фактите

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска, се обрати на меѓународниот научен симпозиум по повод 75 години од основањето на Институтот за национална историја, кој се одржа во Македонската академија на науките и уметностите.
Костадиновска-Стојчевска во обраќањето упати честитки за јубилејот 75 години Институт за национална историја, како што рече, институција од огромна важност за иднината на македонската држава.
„Затоа, основањето на Институтот за национална историја во 1948 година е исклучително важен и, би рекла, далековид чин за нашата држава. Во текот на годините Институтот прераснува во развиена научна установа, со респектиран научен кадар и институција подготвена да се соочи со многубројни предизвици. И во оваа пригода, на сите што го основаа, го подигнаа и го етаблираа Институтот за национална историја им благодарам што подигнаа здрав бедем“, потенцира Костадиновска-Стојчевска.
Министерката за култура изрази уверување дека идејата на Институтот за денешната меѓународна конференција „Европа и Македонија: идеи, процеси и личности“, на која учествуваат врвни научници, истражувачи и интелектуалци од Унгарија, Полска, Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина и од Северна Македонија, ќе ја потврди суштината на зборовите дека идентификувањето на случувањата во минатото е работа на историчарите што ги респектираат фактите.
„Наша заедничка должност е и да ја поттикнеме страста за истражување и откривање на историските процеси, особено меѓу младите. Историјата, не како товар, туку како идентитетска карта на една држава, која му припаѓа на европското семејство и на европските вредности. И Институтот за национална историја има огромна улога во тоа“, рече Костадиновска-Стојчевска.
На отворањето на дводневниот симпозиум, кој се одржува денеска и утре во МАНУ, се обратија и проф. д-р Драги Ѓоргиев, директор на Институтот за национална историја, и проф. д-р Билјана Ангелова, ректор на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје. Беа доделени и благодарници на пензионирани вработени во оваа јавна установа.
Култура
Филмаџиите добија уверување од министерката за култура дека ќе им бидат вратени буџетските средства

Претставниците на филмските режисери и продуценти се сретнаа со министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во врска со барањето за повлекување на предлогот за кратење на буџетот за филмска дејност во тековната 2023 година и овозможување користење на средствата од посебната сметка на Агенцијата за филм.
„Добивме уверување од министерката за култура дека ќе ни бидат вратени буџетските средства, но не во декември, како што првично беше најавено, туку во согласност со предвидената динамика на реализација на филмските проекти. Се надеваме дека повеќе нема да има вакви паушални кратења на финансиски средства без претходни консултации со филмската фела и Агенцијата за филм, туку, напротив, во согласност со европските трендови веруваме дека буџетот за филм ќе биде зголемен“, истакнаа филмаџиите.
Тие рекоа и дека со министерката за култура била договорена дополнителна средба во однос на дефинирање на буџетот за филм во 2024 година, како и за други работи што ги засегаат филмаџиите, со посебен акцент на статусот на филмските работници, нивното здравствено и социјално осигурување, како и за неопходноста за донесување нов закон за филм според европски стандарди.