Култура
На Охридско лето промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од новинарот Јолевски
Фестивалот „Охридско лето“ вечерва во Предворјето на црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот организира промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од авторот Љупчо Јолевски.
Љупчо Јолевски е новинар кој професионалната новинарска кариера ја започнал во почетокот на 1980-те во весникот на младите на Македонија – „Млад борец“, безмалку едновремено со почетокот од Интердисциплинарните студии по новинарство на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Една деценија подоцна, во 1990-те се префрла во Втората програма на Македонското радио, каде бил новинар и водител на неколку контактни и музички емисии, за од 1995 година покрај редовните програмски обврски, цели четири години да биде уредник – координатор на култната Стотројка (Музичкото радио – Канал 103), која во тој период за своите програмски дострели ја добива и Годишната награда на МРТВ. Истото ова признание што го доделуваше МРТВ Љупчо Јолевски, како новинар и уредник го има добиено и во 1998 година.
Во таа декада и половина, тој со своите текстови бил присутен во ревијата „Екран“, магазините „Рок“, „Време – забаве“, „Македонско време“, „Град“…
Инаку, Љупчо Јолевски има објавено две книги „Радио“ и „Неправилен ритам – Приказни од современата македонска музичка сцена“ и за својата долгогодишна работа во новинарството минатата година ја доби наградата „13 ноември“ што ја доделува Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Хичкоковaтa „Уцена“ оживеана преку студентите на FAME’S Институтот
Скопје ќе биде домаќин на извонреден настан на 16-ти септември со почеток во 20 часот, во Кино Милениум, а во рамките на Фестивалот на нем и класичен филм на Кинотека на Македонија, во соработка со Кино Балкан. Познатата 74-минутна музичка композиција на Нил Бранд за немиот филм на Алфред Хичкок „Уцена“ (1929), ќе биде премиерно изведена во живо од страна на студентите од Институтот FAME’S, прикажувајќи ја уникатната моќ на живата оркестрална придружба за неми филмови. Изведбата ќе биде водена од Маестро Мириан Хухунаишвили и ќе го претвори овој безвременски трилер во незаборавно кино и музичко искуство.
Оваа изведба ќе биде финале на еднонеделниот оркестарски курс со наслов „Филмска Музика“ во рамки на програмата на Институтот FAME’S, поддржана од Креативна Европа, кој ќе им овозможи на студентите да стекнат искуство од областа на филмската музика и да работат под менторство на диригент со светска репутација.
Студентите ќе бидат под водство на Маестро Мириан Хухунаишвили, диригент познат по својот динамичен пристап и способноста да инспирира млади музичари. Хухунаишвили е ко-основач и музички директор на Младинскиот оркестар од Тбилиси и има диригирано водечки интернационални оркестри, вклучувајќи го и Кралскиот оркестар Концертгебау и Филхармонијата од Осло.
Уцена, еден од раните неми филмови на Хичкок, ја следи приказната на жена која е вовлечена во заговор за уцена откако ќе убие човек во самоодбрана. Филмот означи пресвртница во кариерата на Хичкок и е признат како брилијантна истрага за криминалот, вината и човечката психологија.
Саундтракот ја зголемува емоционалната тензија и напнатост на филмот, додавајќи нови слоеви на комплексност на приказната.
Настанот ќе ги обедини сите филмофили, љубители на музиката и сите уживаат во уникатниот спој на визуелно и аудитивно раскажување.
Култура
Со „Набуко“ во изведба на МОБ отворена новата сезона во софиската опера
Со силни аплаузи синоќа во Софиската национална опера и балет беше поздравена изведбата на оперската претстава „Набуко“ од Џузепе Верди во изведба на македонската Национална опера и балет.
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кој ја проследи претставата заедно со неговиот бугарски колега Најден Тодоров, упати честитки за македонскиот ансамбл. Љутков изрази задоволство од соработката помеѓу најаголемите музичко-сценски куќи на двете држави, која се одвива на реципрочна основа, и најави развој на соработката токму со вложување во големи продукции. „Културата е делот каде што се надминуваат сите проблеми, затоа ние ќе продолжиме да ја развиваме соработката во културата и во туризмот, сектори кои може да донесат и економски придобивки за двете земји“, рече министерот Љутков.
Со гостувањето на македонскиот ансамбл и официјално беше отворена новата сезона на Софиска опера. Изведбата ја проследија и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова и министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, кои заедно со министерот за култура и туризам, Љутков ја претставуваа македонската делегација во Софија, по повод гостувањето на Нациоанлната опера и балет.
Повеќеминутните овации и позитивните оценки ги доби бројната екипа на македонската изведба на „Набуко“ со која диригираше маестра Бисера Чадловска, а насловната улога ја толкува Марјан Јовановски. Режијата е на Ренато Бонајуто (Италија), сценографијата и костимографијата се на Флавио Арбети и Артемио Кабаси од Италија, кореограф е Маја Митровска-Богојевска, концерт-мајстор е Јане Бакевски, хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска, а дизајнер на светло е Милчо Александров.
Улогата на Абигаиле ја толкува Злата Тошевска-Димовска, Николина Јаневска ќе ја игра Фенена, Зоран Сотиров настапува како Исмаил, а во улогата на Захарие е Игор Дурловски.
Синоќешната изведба на едно од најпопуларните дела на Џузепе Верди се оценува како спектакуларно отворање на сезоната на Софиската опера и балет, со македоснката продукција „Набуко“.
Изведбата во Скопје е закажана за 21 септември на сцената на Националната опера и балет, со почеток во 20:00 часот.
Култура
Кино во рајот – „Бизнисот на задоволството“ на Гоце Цветановски оди на Бахамите
Политичкиот трилер на Гоце Цветановски, „Бизнисот на задоволството“ е селектиран во официјалната конкуренција на Меѓународниот филмски фестивал на Бахамите.
Во своето 19-годишно постоење, овој фестивал беше три години под патронат на Шон Конери, а го посетиле многу значајни имиња од филмската индустрија, како Николас Кејџ, Дерил Хана, Лоренс Фишбурн и Џони Деп. Во 2015 и 2018 беше прогласен меѓу 25 „најкул” фестивали на светот од магазинот Мувимејкер (Moviemaker magazine), а слоганот на фестивалот е „Кино во рајот“.
Фестивалот ќе се одржи од 13 до 17 ноември во главниот град на Бахамите – Насау, а Бизнисот на Задоволството ќе биде прикажан во програмата Духот на Слободата.
Ова е 32-ра селекција за филмот на Цветановски кој досега освои 10 меѓународни награди.
Политичкиот трилер од 19 септември ќе почне да се прикажува во кино салите низ Македонија.
Поддржан е од Агенцијата за Филм.