Култура
„На тенок мраз“ – изложба на карикатури од Лазо Плавевски во МСУ – Скопје

На 16 април, во 12 часот напладне, ќе биде отворена изложба на карикатури од Лазо Плавевски во Музејот на современата уметност – Скопје.
Куратор на поставката е Љиљана Неделковска.
„Изложбата го прикажува творештвото на Плавевски настанато во последните седум години. Станува збор за карикатури што тој од 2015 година континуирано ги објавува на веб-порталот „Окно“, а за чија реализација беше поттикнат од кризната состојба во која се најде нашата земја како резултат на недемократските практики на владеење од страна на владејачките структури (незаконското прислушување, ‘Скопје 2014’, изборните манипулации, партизацијата во сите сфери на општественото живеење). Во овој период објавени се над 500 карикатури (од првите четири карикатури објавени во март 2015, па сѐ до последната серија од 16 карикатури ‘На тенок мраз’!, објавена во јануари 2022), во кои е претставена м(р)ачната состојба во македонскиот ‘Темен Вилает’, но и м(р)ачната состојба во која се наоѓаме како резултат на суспендирањето на позитивните придобивки и утопистички претпоставки на модерната“, вели Неделковска.
Карикатурите се објавувани во серии и се осмислени како одредени тематски целини. Во нив тој ги коментира и сецира политичките и општествените случувања во земјата покривајќи широк спектар теми – од скандалот со прислушувањето, популизмот, моќта, капиталот, идентитетот, револуционерниот елан, пандемијата, до серија случки поврзани со одредени животни ситуации и парадокси.
Изложбата, на која ќе бидат презентирани речиси 200 оригинални и дигитални принтови на карикатури, е извонредна можност не само да се согледа творечкиот ангажман на Лазо Плавевски во областа на карикатурата, во која тој зазема истакнато и значајно место, туку и да се поттикне и обнови интересот за овој уметнички медиум, кој во последните децении е речиси доведен до работ на сопственото исчезнување.
На отворањето ќе биде презентиран и каталогот за изложбата што е составен дел на проектот.
Лазо Плавевски (Скопје, 1954) e карикатурист, историчар на уметноста, куратор, ликовен критичар. До 2021 година работи како кустос/кустос советник во Музејот на град Скопје. Како куратор има организирано голем број самостојни и групни изложби, а како карикатурист реализирал неколку самостојни проекти и учество на повеќе групни изложби. Од 1995 до 2009 е редовен соработник и член на редакцијата на списанието за визуелни уметности „Големото стакло“, издание на Музејот на современата уметност – Скопје.
Карикатури објавува од 1970 година во повеќе списанија во земјата и странство. Во 1976 година ја добива GRAND PRIX на Светската галерија на карикатурите во Скопје.
Во 1995 година ја објавува „Нема книга/карикатури 1990 – 1993“, а во 2001 година, заедно со Мирослав Грчев, книгата „Картички“. Во форма на каталог/книга во 2009 година публикуван е проектот „Неупотребливи белешки“, а во 2016 година на порталот „Окно“ е објавена неговата електронска книга „Речитатив за Tемниот Вилает“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Актуелно
Ива Дамјановски e добитник на наградата „Антево слово“ 2021/ 2022

Ива Дамјановски за „Мојата песна се фрла од мостот“ е лауреат на поетскиот конкурс за необјавена песна „Антево слово“ за 2021/2022 година.
Наградата е дел од Меѓународна поетска манифестација „Анџело ла Векија“ која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Наградени автори на „Антево слово“ 2021/ 2022 – Сицилија, Италија
1. награда
Ива Дамјановски – Мојата песна се фрла од мостот
2. награда
Елизабета Бандиловска – Солзите на светот;
Михајло Костадиновски – Младост за перење;
3. награда
Љубинка Донева – Птиците и гробиштата
Димче Шипинкаровски – Прочка
Награда за млад автор:
Мелани Иванова – Порака за мир
Годинешниот мал јубилеј ни претставува особена чест затоа што македонската поезија е дел од оваа значајна Меѓународна поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Мисла-песна, песна-мисла, поврзаноста градиво за нови светови, темел за нова јасност. Потребата за мир не е е надреална желба, андроидното живеење е веќе реалност, но да знаеш да ја пренесеш низ поетски глас симболиката на интимните вивнувања и падови преку личните дискурси на перцепција со автентичност и скриена поетичност и мелодика е нешто што ги отвора портите на стиховерзумот на новите поколенија.
Според Атина Цветаноска, член на жири-комисијата на „Антево слово“, експресивната мисла на Ива Дамјановски е луцидно покажана во нејзината песна „Мојата песна се фрла од мостот“.
„Нејзината песна е жив организам кој битиствува во реалноста која ја опкружува и се стопува во живиот и неживиот свет. За неа стиховите се органско продолжение на нејзината суштина и се истовремено и орудие и екпресија и израз на внатрешен животен порив. Стиховите се иновативни, современи и во исто време едноставни што прави оваа песна да се чита лесно, но и да побуди прашања и размислувања за есенцијата на животот“, вели Цветаноска.
Ива Дамјановски е родена 1996 година во Скопје. Дипломиран пијанист и моментално работи на своите магистерски студии на Libera Università di Bolzano на Катедрата за музикологија, како и на Катедрата за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје. До сега има издадено две збирки поезија, насловени „Тие“ и „Двоумење“, како и две научни статии од областа на музикологијата. Добитничка на престижната поетска награда за поезија „Браќа Миладиновци“ во 2020 година.
Култура
Отворен повик за 13. издание на Фестивалот за кратки филмови Balkans Beyond Border

Balkans Beyond Borders (BBB) ги повикува македонските млади режисери да ги пријават своите филмови на 13. издание на интернационалниот фестивал за кратки филмови Balkans Beyond Border.
Фестивалот за првпат ќе биде одржан во Македонија, во градот Битола, откако во последните 12 години фестивалот патуваше во 10 града (Белград, Тирана, Атина, Букурешт, Сараево, Солун, Брисел, Нови Сад, Измир, Приштина).
Фестивалските награди ќе ги додели жири составено од познати професионалци од филмската индустрија. Наградата за најдобар филм изнесува 1.000 евра, а ќе биде доделена и награда за најдобар дебитантски филм, специјални признанија и награда од публиката.
Конкурсот е отворен за младите уметници од Балканот и пошироко, а рокот за пријавување трае до 31 мај оваа година.
Повеќе информации за условите и начинот на пријавување на следниот линк.
Книги
Oбјавен романот „Дона Алба“ од Џиб Михаеску

„Македоника литера“ деновиве го објави романот „Дона Алба“ од еден до најголемите романски писатели на ХХ век – Џиб Михаеску, во превод од романски јазик на Ирина Кроткова.
Книжевната критика има укажано на очигледни сличности меѓу „Дона Алба“ и „Црвено и црно“ на Стендал, „Бел ами“ на Мопасан и целото творештво на Достоевски. Главните ликови во ова дело што не избледува се фатална жена и вљубен млад човек, подготвен на сè заради неа. Но, тоа е модерен урбан роман, извонреден по својата мистична атмосфера на Букурешт во тоа време.
Во споредба со Достоевски и Мопасан, романскиот писател Џиб Михаеску успеал да ги прекрши влијанијата на руските и на француските класици низ призмата на животот во Букурешт меѓу двете светски војни во дваесеттиот век. Тој вешто го води читателот низ улиците на магнетниот свет на декадентната и мистериозна романска престолнина за да ги открие неговите тајни и да раскаже модерна приказна за принцовите и просјаците. Ова е модерна урбана сторија за жените, парите и кариерите, сместена меѓу двете светски војни. Се смета за голем љубовен роман во романската литература меѓу двете светски војни, но тој е повеќе од љубовен роман.
Блескаво убавата принцеза Алба Ипсилант го привлекува вниманието на минувачите на декадентниот Букурешт. Животот на еден од нив ќе се промени засекогаш. Решен да се искачи високо во редовите на општеството, но и да ја открие романтиката на своето време, младиот Михаи Аспру е подготвен да биде како витезите од старите времиња и да прави големи дела во името на својата принцеза. Но, што значи тоа во светот на новите буржоаски односи во кои змејот што дише со оган го има обликот на мажот на принцезата? Одговорот на ова прашање не е ниту лесен ниту предвидлив…
Џиб Михаеску (роден во 1894 година во Драгашани, Романија), чие вистинско име е Георге Михаеску, е еден од најзначајните романски писатели во првата половина на ХХ век. „Дона Алба“ е неговиот последен и најзначаен роман и првпат е објавен во истата година кога умрел авторот (1935, на 41-годишна возраст). Учествувал во Првата светска војна, бил адвокат во Кишињев и во родниот град.
Џиб Михаеску напишал пет романи: „Раката на Андромеда“ (1930), „Русинката“ (1933), „Чоколадна жена“ (1933), „Деновите и ноќите на задоцнетиот студент“ (1934) и „Дона Алба“ (1935). Автор е на три книги со раскази: „Грандифлора“ (1928 – неговата прва книга), „Ведениа“ (1929) и „Сонот“ (1935), како и на збирката драми „Павилјонот во сенка“ (1928).
„Дона Алба“ е првото дело на Џиб Михаеску преведено на македонски јазик.