Култура
На 7 мај избори за ново претседателство на Друштвото на писателите

На 7 мај 2022 година (сабота), во 12 часот, ќе се одржи изборно собрание, односно редовни избори за претседателство на Друштвото на писателите, кое вклучува избор за претседател на ДПМ и претседател на Собранието на ДПМ, заедно со другите членови на претседателството на ДПМ.
Гласањето ќе се одвива во просториите на ДПМ со почитување на важечките ковид-протоколи, информираат одговорните.
Кандидатите писатели за овие функции според Статутот на најголемата писателска асоцијација во нашата земја, кандидатурите ги поднесуваат заедно со програма срочена на не повеќе од 3 страници, која претходно треба да биде испратена до членството, како и на имејл-адресата на претседателството на ДПМ – [email protected]
Рокот за поднесување на кандидатури е до 15 април 2022 година.
Во согласност со Статутот, за успешно ќе се смета гласањето во кое ќе биде обезбеден кворум со просто мнозинство од најмалку 50 проценти од вкупниот број членови на Друштвото, кое брои над 300 живи членови, што ја става маргината на над 150 присутни члена. Во спротивно гласањето ќе биде повторено и Друштвото ќе остане без ново раководство сѐ до спроведување успешен гласачки процес, додаваат од Друштвото на писателите на Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Претставата „Не се клади на Енглези“ се одигра за глуви и наглуви лица

Вчеравечер, на големата сцена во Македонскиот народен театар беше одиграна по кој знае кој пат хит претставата „Не се клади на Енглези“, но за првпат, нивна публика беа глуви и наглуви лица.
Ова несекојневно доживување им го овозможи ПР агенцијата „Репресент“ од Скопје, која одлучи своите 5 години постоење да ги одбележи со програмска активност од општествена одговорност и со инклузија на луѓето со попреченост.
„Голема чест и задоволство е што Сојузот за глуви и наглуви лица во Р.С. Македонија ја прифати нашата покана и што салата беше полна со луѓе, кои докажаа дека уметноста нема и не треба да има граници. Сакавме нашиот роденден да раскаже една поинаква приказна, да биде мотив за целото општество да размислува надвор од грубата рамка. Се најдовме на иста фрекфенција со екипата на „Не се клади на Енглези“ и Македонскиот Народен Театар кои нѝ овозможија хит претставата што со години е на редовен репертоар да ја адаптираме за сите да можат да ја видат и уживаат. Наместо предвидениот буџет да го потрошиме само на коктел со нашите соработници, корпоративни клиенти и пријатели, одлучивме на овие луѓе, кои речиси никогаш досега немале можност да погледнат добра театарска претстава, да им го овозможиме задоволството да уживаат во маестралната и шарматна глума на нашите познати актери: Сашко Коцев, Александар Микиќ и Оливер Митковски. Нашата идеја беше дочекана со воодушевување во Сојузот, а МНТ како наши партнери во реализацијата на овој убав настан ни овозможија достојни услови, сите зеаедно да уживаме во магијата на театарот. Нашата заложба и роденденска желба за „Уметност без граници“ се оствари“, вели Наташа Миркова, генерален менаџер на ПР агенцијата Репресент – Скопје.
Пред полн салон публика од 300тина луѓе, помеѓу кои, поголемиот дел, беа присутни лицата од Сојузот, со обезбедување на професионални преведувачи на говорен јазик, агенцијата го одбележа својот мал, но значаен пет годишен јубилеј под македонското небо, доследно следејќи ја својата визија, која подразбира градење систем, кој ја отсликува важноста на интегрираните комуникации.
Симбиозата од насмеани лица во публиката и духовитата актерска игра на сцената, создаде момент за паметење. И во понатамошните чекори и заложби, Репресент – Скопје продолжува со активно и директно учество во создавањето на подобро општество за сите!
Култура
Македонската актерка Дарја Ризова – најдобра меѓународна актерка во Турција

Со затворањето на театарската сезона 2021-2022 година, жирито на Јени Тијатро Дергиси (Yeni Tiyatro Dergisi), во селекција на повеќе од 200 театарски претстави, го објави првиот дел од Меѓународните награди за достигнувања на најдобри актери, продукции и претстави во Истанбул.
Жирито, кое внимателно ги следи сите светски театарски трендови и вклучува значајни имиња и ветерани со големо мајсторство во својата област, едногласно ја додели наградата на нашата актерка Дарја Ризова за најдобра актерка на меѓународно ниво за улогата на Маша во претставата „Нема да биде крај на светот“, копродукција на Македонскиот народен театар, „Перипетија продукција“ и Сараевскиот ратни театар – САРТР.
Ова за актерката е втора награда за најдобра актерка за истоимената улога/претстава, а на 13 јуни во културниот центар „Кадебостан“ во Кадикој, Р. Турција, и официјално ќе биде доделена статуетката на овој реномиран, светски театарски настан. Воедно, ги најавуваме и изведбите на претставата „Нема да биде крај на светот“, кои се закажани за 30 и 31 мај на малата сцена во МНТ, со почеток во 20 часот.
Култура
Викендов концертна серија Musica Viva на отворено на Факултетот за музичка уметност – Скопје

Факултетот за музичка уметност – Скопје почнувајќи од денеска до 29 мај организира концертна серија „Musica Viva на отворено“ како дел од научно-истражувачкиот проект NIP.UKIM.21-22.15 поддржан од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Програмата на концертите ја сочинуваат дела од светската музичка литература во изведба на студентите од класите на проф. м-р Марија Муратовска Наумовска, проф. м-р Катерина Гелебешева Костадиновска, проф. м-р Живко Фирфов, проф. м-р Страшо Темков, проф. м-р Олег Кондратенко, проф. д-р Марија Ѓошевска, проф. д-р Горан Начевски, проф. м-р Зорица Каракутовска, проф. м-р Весна Ѓиновска Илкова, вонр. проф. д-р Кристина Светиева, вонр. проф. м-р Марија Вршкова, вонр. проф. д-р Елена Атанасовска Ивановска, вонр. проф. м-р Сара Пројковска, доц. м-р Дино Имери, доц. м-р Димче Белчовски, м-р Бисера Чадловска, м-р Александар Поп Христов.
Концертите ќе се одржат на Платото пред НУ Национална Опера и Балет во следниве термини:
27 мај: ПРЕЛУДИУМ (пијано, хармоника)
28 мај: SONARE (виолина, тромбон, соло пеење, корепетиција практика)
29 мај: ПРОЛЕТНИ ПЕСНИ (соло пеење, вокално студио, флејта, виолина, виолончело, контрабас, корепетиција практика)
Почеток на сите концерти е во 19 часот.
Влезот е слободен. Резервација на седиште на тел. (02) 3134345 или на [email protected]
a