Култура
„Не кратете ни ги крилјата уште на почеток“ – џезерите им одговорија на класичарите, кои не сакаат да ги делат со нив салите во Филхармонијата
Животот е прекраток за да ни минува во чудесни расправии и исправање превртени разговори и неосновани размислувања. Ајде да најдеме решение во кое никој нема да биде загрозен. Ваква е пораката на Оркестарот за џез-музика по негодувањата на класичарите од Македонската филхармонија за споделување на просториите и салите во објектот за музицирање.
По вчерашната прес-конференција на Филхармонијата, од каде што порачаа дека ќе протестираат ако џезерите останат со нив под ист покрив, Оркестарот за џез-музика преку допис до медиумите нагласи дека се уморни од целата оваа драма бидејќи ваков начин на комуникација не им е својствен.
„Наместо да почнеме со нашата концертна и творечка дејност, ние се занимаваме со т.н. спинови, преписки или рекла – кажала муабети, вокабулар што не им прилега на академски граѓани или уметници од висок ранг. Во Скопје во моментот постојат две концертни сали, кои одговараат на изведувачкиот концертен карактер на нашиот оркестар. Тоа се МОБ и Филхармонијата. До оној момент додека не се појави нова концертна сала, ние ќе мора некаде да ги одржуваме нашите проби и концерти“, велат од џез-оркестарот.
Од тука повторија дека со нивната работа нема да се наруши комодитетот на кој било од вработените во Филхармонијата, а впрочем не добиваат ниеден релевантен аргумент дека нивното евентуално работење во зградата ќе го попречи работењето на класичарите.
„Ги повикуваме сите засегнати од оваа т.н. национална културна мелодрама да се однесуваат достоинствено, колегијално, солидарно, да ги согледаме фактите и да се соочиме со реалната состојба до изнаоѓање конечно решение, како што впрочем и стои во одлуката на Министерството за култура. Ние, како Оркестар за џез-музика, ја покажавме нашата флексибилност со која гарантираме дека работата на Филхармонијата нема да биде загрозена од ниеден аспект и во ниеден случај. Со надеж дека овој лош сон ќе заврши набргу и во најбрз можен рок, ќе почнеме со нашата најважна работа – музиката. Музиката секогаш ќе најде начин, но, ве молиме, немојте да ни ги кратите крилјата уште на самиот почеток“, велат од џез-оркестарот.
По вчерашната прес-конференција на Филхармонијата реагира и министерката за култура, која порача дека останува на зборот оти ќе ја исполни обврската да изнајде трајно просторно решение за Оркестарот за џез, но не на перфиден и подмолен начин со полувистини и закани.
Ставот на класичарите е дека зградата била проектирана и замислена како објект за работа на еден симфониски оркестар, а секоја просторија е предвидена и осмислена со цел вработените да може да ги исполнат своите работни обврски. Реално, велат од Филхармонијата, не е возможно да функционираат две национални установи, два оркестра со годишна програма.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Си-ен-ен Бразил“: Со „Јон Вардар против Галаксијата“, Македонија влегува на пазарот за анимација
По успехот на наградените филмови како „ Пред дождот “ (1994) и „Медена земја“ (2019), кинематографијата во Северна Македонија прави нов чекор. Оваа година, земјата ја лансираше својата прва анимација, „Јон Вардар против Галаксијата“, која беше премиерно прикажана во Бразил за време на 48. Меѓународен филмски фестивал во Сао Паоло, пишува „Си-ен-ен Бразил“.
Медиумот во текстот за првиот македонски долгометражен анимиран филм се навраќа наназад во 2009 година, раскажувајќи дека тогаш режисерот Гоце Цветановски на форум за македонските љубители на стрипот ги открил цртежите кои послужија како прототип за анимацијата.
„Ги видов цртежите со вонземјаните и ми беа многу смешни. Оттаму, решив да ја креирам приказната. Мислев дека би било забавно да се развие наратив полн со вонземјани“, раскажа режисерот.
Цветановски во разговорот за бразилскиот сервис на „Си-ен-ен“ зборува и за предизвиците со кои се соочил тимот за да обезбеди успех на проектот, почнувајќи од проблемот со необучен кадар за анимација во Македонија, па се до финансиските тешкотии во периодот на ковид-кризата.
И покрај предизвиците и долгото време на продукција на анимацијата, Цветановски е оптимист за иднината на „Јон Вардар против Галаксијата“, и се надева дека ќе пронајдат дистрибутер кој ќе го пренесе нивниот филм во светот, пишува „Си-ен-ен Бразил“.
„Јон Вардар против галаксијата“ од 1 ноември е на репертоарот на „Синеплекс“ во Скопје, „Киноверзум“ во Штип и Велес и Кино Манаки во Битола.
Култура
Националната опера и Балет ја одбележува 100-годишнината од смртта на Џакомо Пучини
По повод стогодишнината од смртта на еден од најголемите оперски композитори, Џакомо Пучини, Националната опера и балет со гордост го најавува проектот „Месец на Пучини“.
Од 8 до 29 ноември 2024 година, публиката ќе има можност да ужива во четири значајни опери на Пучини:
„Боеми“ (8.11.2024) – Приказна за љубовта и загубата во боемскиот кварт на Париз;
„Мадам Батерфлај“ (16.11.2024) – Трагична љубовна приказна за јапонската гејша и американскиот офицер;
„Тоска“ (23.11.2024) – Опера за љубовта, предавството и жртвата во револуционерниот Рим;
„Турандот“ (29.11.2024) – Приказна за суровата кинеска принцеза и принцот кој се обидува да ја освои;
Секоја од овие опери носи емотивни приказни за љубовта, жртвата и страста, раскажани преку трогателни мелодии и виртуозни изведби кои нашите солисти, хорот и оркестарот ќе ги оживеат на сцената. За публиката, ова е ретка можност, во еден месец, да доживее четири од најважните опери на Пучини, изведени на највисоко ниво.
Проектот „Месец на Пучини“ не е само уметнички настан, туку и можност да ја инспирираме новата генерација љубители на операта, да ги прошириме културните хоризонти и да предизвикаме интерес за оперската уметност кај пошироката публика.
Култура
Ѓоргова: Изложбата „Австриската уметност по 1945“ е потврда за важноста на меѓудржавните културни политики
Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, вчеравечер во Даут-пашиниот амам, пред многубројните љубители на уметноста, екселенции и други гости, се обрати на свеченото отворање на изложбата „Австриската уметност по 1945“, за која потенцираше дека ќе остане забележана како потврда за долгата историја на одличните односи меѓу двете држави и култури.
„Одржувањето на пријателските односи и меѓу македонската и австриската култура е резултат на силниот влог и длабоката посветеност на разбирањето и отвореноста, на одржување на континуитетот во ткаењето на односите кои бележат несомнено голема традиција“, истакна Станчевска-Ѓоргова, напомнувајќи дека овој настан е потврда токму за важноста на меѓудржавните културни политики.
На изложбата, која се организира по повод 30 години воспоставена дипломатска соработка меѓу двете држави, Станчевска-Ѓоргова истакна дека оваа изложба е знак на почит меѓу двете држави, знак за поддршка на културниот идентитет на народите, но и врска за меѓусебно продлабочување на односите на повеќе нивоа.
„Со овој пресек на современата австриска уметност, делата и авторите кои извршиле своевидно влијание врз европската и врз балканската модерна, одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу нашите две држави“, рече државната секретарка во Министерството за култура и туризам, која додаде дека вакви сериозни проекти даваат нов квалитет во градењето на билатералните односи, укажувајќи на значењето и силата на уметноста во споделувањето на европските вредности.
Потенцирајќи го спознавањето на современата австриска уметност по 1945 година, како и влијанието и одразот на овие ликовни дела врз развојот на политичкиот, социјалниот и технолошкиот живот во 20 и 21 век, Станчевска-Ѓоргова истакна дека изложбата овозможува богатство на сознанија за културните влијанија и потенцијалот на минатиот творечки одраз во денешницава.
„Вака подготвената изложба со дела кои обележуваат широк распон на творештво од периодот на повоена Австрија па сè до денес, згрижени во приватните колекции на австриските љубители на уметноста, укажуваат на посветеност и љубов во грижата и промоцијата на сопственото културно наследство“, рече Станчевска-Ѓоргова, потенцирајќи дека тоа е една од најважните алки која, меѓу другите, гради мост на соработка и желба за продлабочување на културните врски меѓу два пријателски народи.
На свеченото отворање на изложбата во Даут-пашиниот амам, се обратија и: Маја Неделкоска-Брзанова, в. д. директор на Националната галерија; Мартин Памер, амбасадор на Австрија во нашата држава; Кристоф Тун-Хоештајн, амбасадор и раководител на Директоратот за културна соработка при австриското Министерство за европски и меѓународни прашања; Волфганг Бандион, куратор на изложбата, како и Весна Ѓорчева, член на Управниот одбор на Македонија осигурување АД Скопје, Виена Иншуранс груп.