Култура
„Никогаш не е многу од мостови на Балканот“, вели Милчо Манчевски во интервју за „Кориере дела сера“ во Рим

„Никогаш не е многу од мостови на Балканот“, вели македонскиот режисер Милчо Манчевски во интервју за еден од најстарите и најчитани италијански весници „Кориере дела сера“. Манчевски е специјален гостин во Рим на Балканскиот филмски фестивал, кој вечерва се отвора со неговиот филм „Врба“.
„На сите ни требаат мостови, бидејќи, Бог знае, секаде има многу немирни води. Само глупави или лоши луѓе можат да палат мостови, но – како што гледаме – има многу глупави и лоши луѓе. Уметноста – по нејзината природа – обично презема да биде мост помеѓу луѓето и народите. Не сум утопист, но убаво е да се знае дека постојат луѓе што создаваат работи што можат да ви го стоплат срцето“, одговара Манчевски на прашањето има ли денес мост, можеби метафоричен, кој го поврзува Балканот.
На прашањето како се смени погледот на балканската кинематографија во последните триесет години и што кажува денес македонската и балканската кинематографија, кој е нивниот фокус, Манчевски вели: „Би било многу дрско од мене да се обидам да зборувам во име на балканската кинематографија. Повеќе ме интересираат индивидуални филмови и индивидуални уметници отколку географските фиоки“.
Манчевски е многу ценет уметник во Италија, а неговото присуство во Рим е проследено со големо медиумско внимание. Освен проекцијата на „Врба“, Манчевски ќе има и разговор со публиката на Балканскиот филмски фестивал.
Во октомври 2019 „Врба“ имаше светска премиера на големиот Римски филмски фестивал, а во изминативе две години освои вкупно 5 трофеи, постигна рекорди во кино и ТВ-прикажувањето дома, доби одлични критики во светските медиуми, се прикажа на над 20 фестивали на четири континенти, беше вброен и во потесниот избор за наградите на Европската филмска академија и е еден од малкуте европски филмови со дистрибуција во САД.
Манчевски е во тек на монтажата на неговиот седми филм „Кајмак“, што тој го нарекува „безобразна комедија“. Продукцијата „Банана филм“ го најавува „Кајмак“ како црна комедија (или среќна трагедија) за две семејства, кои се пристојни на почетокот, а среќни на крајот, безмилосна критика на лицемерието и малограѓанштината.
„Кајмак“ е европска копродукција во која 52 проценти од средствата доаѓаат од филмските фондови на Данска, Холандија, Хрватска и Бугарија, а 48 проценти од Македонија, од Агенцијата за филм на Северна Македонија. Македонската радио-телевизија (МРТВ) е копродуцент. „Кајмак“ доби поддршка и од европскиот фонд Еуримаж. Се снимаше летото во Скопје и околината, а во меѓународната екипа беа вклучени филмски работници од Македонија, Англија, Италија и Србија, Бугарија и Хрватска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Костадиновска-Стојчевска: Јазикот е израз на нашиот идентитет

Во НУБ „Св. Климент Охридски“- Скопје, денеска, се одржа јавна дебата за предлог-законот за употребата на македонскиот јазик, кој е јавно достапен на Електронскиот национален регистар на прописите на Република Северна Македонија.
„Искрено верувам дека имаме квалитетен текст и очекувам денеска низ конструктивен дијалог да го дозаокружиме предлог-законот, што ќе ни овозможи натамошно процесирање и во форма на закон и негово конечно усвојување во Собранието“, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Таа потсети дека во изминатиот период се продолжи со усовршување на предлог-законот за употребата на македонскиот јазик откако процесот беше запрен во 2020 година по јавната дебата, на која пристигнаа голем број забелешки, кои темелно беа разгледани и вметнати во оваа верзија на предлог-законот.
„Јазикот е нашиот темел, израз на нашиот идентитет. Затоа секој стручен влог во донесување на правната рамка за негова употреба, чување на неговите посебности, е драгоцен придонес за нас самите и за нашата државност“, рече Костадиновска-Стојчевска.
Таа додаде дека Законот за употребата на македонскиот јазик има квалитативно дополнување со моделот на заштита на јазикот, предвиден во Законот за заштита на културното наследство.
Нашата земја во функција на зголемување и подобрување на мерките за заштита на јазикот како дел од нематеријалното (духовното) културно наследство е потписничка и на Конвенцијата за заштита на нематеријалното културно наследство, донесена од УНЕСКО во Париз.
Во оваа насока, рече Костадиновска-Стојчевска, е и одлуката за прогласување за духовно културно наследство од особено значење од областа на јазикот на картотеките во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, кои се регистрирани како културно наследство екс леге (ex lege), а кои оваа Влада со посебен проект ги дигитализира и трајно ги заштити.
Култура
Обвинувањата се неосновани, згрозени сме, велат од МКЦ по пресот на Арсовска

Младинскиот културен центар ја демантира скопската градоначалничка Данела Арсовска, која претходно денес на прес-конференција обвини за сериозни злоупотреби на средствата и буџетот на Градот во оваа институција.
„Програмскиот колегиум на ЈУ МКЦ е шокиран и целосно згрозен од изнесувањата на прес-конференцијата на градоначалничката на Град Скопје. Најостро ги демантираме изнесувањата на прес-конференцијата, кои содржат тешки инсинуации, неосновани обвинувања и податоци, како и непоткрепени информации целосно извадени од контекст. Тие се предмет на клевета во согласност со законските прописи и нивна цел е целосно нарушување на интегритетот на институцијата и на вработените, кои се предмет на овие обвинувања“, велат од МКЦ.
Од тука најавија дека нивниот одговор ќе биде изнесен утре на прес-конференција.
Култура
Арсовска: Со ревизија откриени 250 незаконски договори во МКЦ, шанкери добивале 750 евра месечно

Лаги и манипулации се обвинувањата за директорската смена и за кратењето на буџетот на Младинскиот културен центар (МКЦ), вели градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска. Луѓето што во неделата со перформанс протестираа против новоназначениот в.д. директор и кратењето на буџетот за програмите на институцијата биле манипулирани, а буџетот не е скратен.
Градоначалничката Арсовска е сигурна дека истите тие луѓе, доколку знаеле што правел директорот, немало да дојдат во негова одбрана иако тие и денес излегоа на протест, овој пат пред бараките на Град Скопје. Обвини дека во МКЦ има сериозни злоупотреби на средствата, парите, буџетот на Градот и на граѓаните.
За јавноста и медиумите да добијат, како што рече, соодветна илустрација, Арсовска денес извести дека има ревизија во МКЦ, која открила над 250 договори склучени незаконски, без Агенцијата за привремени вработувања или Авторската агенција, за дејности што не се вбројуваат во основната дејност на институцијата.
„Во изминатата година во МКЦ склучени се над 250 договори за ангажирање, спротивно на законот. Исплаќани се илјадници евра за ангажман на овие лица, ангажирани без почитување на ниедна постапка. Повеќето од овие лица ѝ се познати на јавноста како истакнати членови или функционери на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу овие, поконкретно, има и над 90 договори за привремено ангажирање шанкери, на кои им биле исплаќани од 300 до 750 евра на месец. Зборуваме за бројка од 90 потпишани договори, од кои, еве, првиот е во вредност од нешто над 750 евра за шанкер. Ова испумпување на средствата од Младинскиот културен центар некој треба да го објасни и да каже зошто, како, врз која основа и за кој работен ангажман некој добил во текот на еден месец или секој месец над 750 евра за да извршува работен ангажман шанкер“, обвини градоначалничката Арсовска.
Таа објасни дека поранешниот директор не бил разрешен, како што било пласирано во јавноста, туку дека му завршил договорот, а ги отфрли и обвинувањата за наводен притисок врз поранешниот директор за вработувања и јавно го повика да се извини.
„Што се однесува до лажните вести за наводен притисок врз претходниот директор, во целост ги отфрлам овие обвинувања и тука сакам да најавам дека доколку господинот Ванчо Богоев во рок од 48 часа не се извини за изнесените лаги со кои им штети на угледот и на МКЦ и на Град Скопје, изнесеното ќе треба да си го докажува пред надлежен суд“, рече градоначалничката Арсовска.
За обвинувањата за партизација на МКЦ, Арсовска рече дека се неосновани оти таа нема партија, а нагласи дека поранешниот директор Богоев бил назначен од ВМРО-ДПМНЕ. За новиот директор детектив, Арсовска вели дека не е единствен што нема соодветно образование во институцијата и таа не сакала да дозволи некој да биде дискриминиран по таа основа.
Арсовска јавно праша кој профитирал од просторот даден под наем во Младинскиот културен центар за цена од 2,7 евра од квадратен метар, а праша и зошто е дозволено во МКЦ да има раководители што во секторот немаат ниту еден вработен.
„Од вкупно 40 вработени, дури 12 се поставени како директори, односно на раководни функции. Тоа значи дека има раководители на сектори што воопшто не раководат со никого, но затоа земаат директорски, односно раководни плати. Притоа МКЦ, поради недостигот на работници, очигледно е дека ангажира и некои дополнителни лица што работат во делот на културната програма, односно за да функционира културната програма на МКЦ. Надвор од овие ангажирани културни работници има над 250 одделни договори за ангажман, односно испумпување пари од МКЦ, кои на ниеден начин не се поврзани со културата“, рече градоначалничката Арсовска.
Таа уверува дека буџетот на институцијата не е скратен и дека ќе се реализираат сите планирани програми.