Книги
Нова книга на Славчо Ковилоски

Неодамна, во издание на Книгоиздателството „Ми-Ан“, излезе од печат збирката поезија „Компјутерска поезија“ на Славчо Ковилоски.
Во книгата авторот ги зема добро познатите симболички, митски, фолклорни елементи, стварите од секојдневието, малите парчиња од културата и културното наследство и ги преработува, си поигрува со нив, често ги разложува на значенско ниво, за да ги организира во сопствениот поетски дискурс добивајќи притоа сосема нови ставови, светогледи, па и нови означители и означувачи. Овој пристап не секогаш е веднаш препознатлив и директен. На тој начин Ковилоски ги маскира/трансформира нормите, што неговата поезија ја прави динамична, понекогаш цинична, но секогаш читлива и провокативна. Од перформативноста на поезијата до слемот е само еден чекор.
Мотивите, инспирацијата, цитатите во оваа книга се земени од широкото подрачје на интереси на Ковилоски. Од популарната култура, преку фолклорот и секојдневниот живот, до љубовта и митот. Разградувајќи ги и повторно (поинаку) вградувајќи ги во својата поезија на иновативен и креативен начин, Ковилоски се оддалечува, значајно се оддалечува од формалноста и шаблонизирањето на стихот, создава нова, современа поезија, која бара нови изразни средства, нови форми, но, секако, и нови содржини.
Славчо Ковилоски (Скопје, 1978) е македонски поет, прозаист, книжевен историчар и културолог. Автор е на една збирка раскази („Лоша тетка и други раскази“), една книга критика и есеистика („Отворени страници“), две монодрами („Синот на Волкашин“ и „На Ножот“), три збирки поезија („Сонцето повторно ќе изгрее“, „Поезија во движење“ и „Барутна поезија“), три романи („Опасен сум“, „Сонување“ и „Синот на Кралот“) и неколку монографии од областа на книжевноста, историјата и културологијата.
Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Хрватското книжевно друштво, на Здружението на историчарите на Република Македонија и на Друштвото за наука, култура и уметност од Прилеп. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои и: награда за наука („3 Ноември“), за проза („Прозни мајстори“) и за поезија („Григор Прличев“ и „Јован Котески“). Во 2018 година го добил најголемото државно признание, наградата „Гоце Делчев“, за особено значајно остварување од интерес на Република Македнија од областа на науката.
Работи во Институтот за македонска литература при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Конкурсот за наградата „Роман на годината“ трае до 15 јануари

Конкурсот за наградата „Роман на годината“, што го доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, трае до 15 јануари.
Според конкурсот, право на учество имаат романите што првпат се објавени на македонски јазик во 2020 година. Кандидатите се обврзани да достават по пет примероци од романот, што не се враќаат, во читалницата „Славко Јаневски“ во Скопје (ул. Димитрие Чуповски бр. 23/1-1) или по пошта, на адресата на Фондацијата, бул. Кузман Јосифовски – Питу 19/6-40, Скопје.
Доколку бидат испратени по препорачана пошта, ќе бидат прифатени оние романи што благовремено ќе бидат доставени со дата на печатот заклучно со 15 јануари 2021 година. Пожелно е и доставување романи во електронска верзија на адресата: [email protected]
Наградата „Роман на годината“ се состои од паричен износ од 150.000 денари, статуетка и плакета. Одлуката за добитникот на наградата петчлената жири-комисија е обврзана да ја донесе најдоцна до 15 март 2021 година, а следниот работен ден да ја објави на прес-конференција. Наградата „Роман на годината“, која беше заштитен знак на згаснатиот „Утрински весник“, ќе биде доделена 22 пат.
„Песот со тажен поглед“ на писателката Оливера Николова е лауреатот на „Роман на годината“ за 2019 година, а Николова е и првата од досегашните добитници што оваа награда ја доби вторпат по наградата за романот „Куклите на Росица“ објавен во 2004 година.
Книги
Објавена збирка поезија на д-р Михаил Левенски „Лачи искрини“

Излезе од печат збирка поезија на д-р Михаил Левенски „Лачи искрини“.
Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, со голема благодарност до издавачката куќа „Матица македонска“ и почитуваниот Раде Силјан, објави дека во чест на 78-годишнината од раѓањето и 10-годишнината од заминувањето на д-р Михаил Левенски, излезе од печат неговата поезија во една збирка песни под име „Лачи искрини“.
Збирката „Лачи искрини“ е ексклузивно обликувано поетско издание што на близу 300 страници содржи избор песни од две стихозбирки на Левенски – „Создавање на светот во мене“ (1996) и „Лош препис од оригиналот – З“ (1997).
Надвор од секоја хронологија, 78-те песни се поделени во два дела: „Чувственик“ – љубовна лирика и „Ѕвездопад“ – рефлексивна лирика. Името на збирката е една од неговите оригинални синтагми којашто метафирички упатува на тоа дека секој во своето време ги создава светлините што остануваат да светат и по неговото заминување: „Сегашната ни светлина ќе ја чува засекогаш нашата небиднина“. / „И кога не ќе сме ние… ќе се појавуваме во лачи искрини.“
Севремената поезија на Михаил Левенски е богатство извадено од ковчеже. Нејзиниот нов здив од неа ја избриша сета патина и сега сјае и отсјајува, а ќе го облагороди секој оној што над неа ќе се наднесе и нештедливо ќе и ги отвори своите сетила“.
Фондацијата смета за неопходно, во ова време, да се потсетиме на основните вредности на живеење, да се вратиме кон човечноста, добрината, убавината, благодарноста и смислата на живеењето. Токму затоа, од разновидниот творечки опус на Левенски, за крај на оваа 2020 година и почеток на 2021 год., Фондацијата избра да се реиздаде неговата поезија, затоа што е поезија што е против „ужасот на празнината и бесмислата“ и со својот „виталистички принцип“ праќа пораки, поставува патокази, потсетува, опоменува, поучува, облагородува…
Рецензиите се на: акад. Витомир Митевски, проф. д-р Венко Андоновски, проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска и Киро Донев (кон новото издание), а книгата ги содржи и рецензиите од првичните стихозбирки потпишани од Видое Подгорец и Јован Котески.
„Авторот како да сака да им даде правец на залудните талкања по среќата, да ги исправи неправдите и скршнувањата, да нè врати од патот кон понорот и да нè соочи со себе, за да ги препознае секој човек сонцата во себе, да се стреми кон височини и да остане човек човечен “ – од рецензијата на акад. Витомир Митевски
„Да се има в раце поезија од еден славен македонски психијатар, значи да се добие непроценливо богатство: увид во душата на оној кој ги лекувал и исцелувал нашите души…Левенски се доближува до сфаќањата на Блаже Конески за поезијата како сеизмограф кој ги бележи и најситните, најнечујните и најневидливите треперења во космосот, како и најситните конвулзии на душата…“ – пишува во својата рецензија Венко Андоновски.
Стихозбирката „Лачи искрини“ на д-р Михаил Левенски ќе биде во продажба во 2021 година во книжарниците на книгоиздателството „Матица македонска“.
Д-р Михаил Левенски (1942-2010), психијатар и писател: поет, раскажувач и драматург. Во психијатријата беше истражувач со посебен интерес кон социјалната патологија. Во своето книжевно дело пак, беше нијансиран познавач на убавите страни на душата. Автор е на голем број литературни дела, радио и ТВ-драми и сценарија за филмови како на книгата „Како да станам свој“ – посветена на младите за себеизградување, мотивација и себереализација. Д-р Михаил Левенски е докажан хуманист, поборник за вистина, правда и човеково достоинство.
Фондацијата „Д-р Михаил Левенски“, основана во 2012 година од неговото семејство, продолжува да делува на полето на „човекољубие и природољубие“, под слоганот „Инспирирај, мотивирај, создавај“.
Книги
Објавени „Театарски белешки“ на режисерот Владо Цветановски

Во издание на Факултетот за драмски уметности – Скопје од печат излезе книгата „Театарски белешки“ на режисерот и професор Владо Цветановски. Книгата ја приредиле Јелена Цветановска и Андреј Цветановски, а дизајнот е на Сергеј Светозарев. Автори на предговорот и поговорот се проф. Мими Таневска-Србиновска и Владо Ѓорески-Рафик.
Театарските белешки се избор на ракописи од Дневникот на Владо Цветановски, во кој се втиснати неговите размисли, слики и емоции, кои го пресретнувале во потрагата по театарската вистина. Тие овозможуваат продлабочен увид во дел од богатиот творечки опус на Владо Цветановски и неговите истражувања на театарскиот јазик. Во таа смисла книгата е значајна и за проучувањата на македонската театрологија, како и за историја на македонскиот театар.
Едновремено, белешките, навлегувајќи во сите фази од создавањето на театарската претстава, претставуваат и своевиден патоказ за студенти по театарска уметност, кој може да им биде од полза во процесот на подготвување за нивните професии во областа на театарот.
Владо Цветановски заврши интермедијална режија на Академијата за уметности во Нови Сад, во класата на проф. Боро Драшковиќ, еден од најпознатите режисери во поранешна Југославија. Со години работи како професор по актерска игра на Факултетот за драмски уметности – Скопје. Еден од неговите значајни ангажмани на ФДУ беше и оживувањето на академската сцена. Има режирано педесетина претстави во македонските театри и на просторите на поранешна Југославија, а неговите претстави учествувале на сите позначајни фестивали (Стеријино позорје, МЕСС, Војдан Чернодрински, Ристо Шишков), каде што високо биле вреднувани. За одбележување се и гостувањата на неговите претстави во Белград, Нови Сад, Софија, Сараево, Париз, Петроград, Каиро, Кан. Режисер е и на играниот филм „Тајната книга“, кој е прикажан на повеќе меѓународни филмски фестивали.
- Книги4 недели
Македонски лекар ја објави последната исповед на Јосип Броз Тито
- Македонија3 месеци
Излезе од затвор Панче Ангелов, напаѓачот на Шекеринска од 27 април
- Македонија2 месеци
МЖСПП: Мечкиното грозје важен ресурс, кој треба грижливо да го собираме
- Црна хроника2 месеци
Млада девојка од Штип пронајдена мртва во нејзиниот дом
- Економија3 месеци
(Видео) Младите од Струмичко порачуваат – ако не проработи рударскиот комплекс, ќе се иселиме сите
- Македонија1 месец
(Видео) Отстранети два нелегално изградени објекта во општина Центар
- Македонија3 недели
Возачот на „бентлито“ што „влета“ на плоштад казнет со 45 евра, објавена фотографија од записникот
- Спорт3 месеци
Гетџи: По мечот со Хабиб, мојата мајка конечно ќе може да се пензионира