Култура
Новогодишна музичка идила со Симон Трпчески и пријателите – концерт на 20 декември во арената „Борис Трајковски“
На 20 декември, арената „Борис Трајковски“ ќе биде местото каде што музичката магија и празничната еуфорија ќе се спојат во една незаборавна вечер. Имено, Симон Трпчески, македонскиот пијанист, ценет во светски размери, се враќа повторно дома за да го сподели својот неверојатен талент со македонската публика.
Во организација на „Прагма продукција“, на 20 декември, маестро Трпчески ќе настапи заедно со неговите пријатели, врвни македонски уметници со кои ќе приреди новогодишен концерт насловен како „Новогодишна музичка идила со Симон и пријателите“ – и ќе нè води низ светот на најубавите музички класици.
Ова нема да биде класичен концерт, туку ќе биде новогодишен спектакл, каде што за првпат, Симон Трпчески ќе свири и популарни новогодишни песни, како што тоа го прават и најголемите музички ѕвезди. Но, овојпат тој ќе оди чекор понатаму, па заедно со него, на сцената ќе му се придружат врвни пејачи кои дополнително ќе ја зајакнат атмосферата.
Од „Оревокршачка“, преку омилените арии и популарните дуети, па сѐ до валцерите и бисерите од класичната музика и виртуозни предизвици – сето ова е само дел од богатата и внимателно одбрана програма. Секој дел од програмата е вистински виртуозен предизвик, но Трпчески и неговите пријатели се подготвени да го исполнат со леснотија и страст, како што само тие знаат.
Зборувајќи за новата средба со македонската публика, Симон Трпчески вели дека секогаш кога настапува на сцените низ светот дава сѐ од себе, но потенцира дека емоцијата е посилна кога се свири дома. Вистинска реткост е да се слуша Симон во Скопје, бидејќи неговите концертни активности траат во текот на целата година и се одвиваат на сите континенти низ светот.
Тој редовно соработува со познати диригенти, а меѓу нив се издвојуваат имиња како Шарл Дитоа, Сер Лорин Мазел, Василиј Петренко, Владимир Ашкенази, Густав Дудамел итн. Настапува со најголемите странски оркестри, како Њујоршката филхармонија, Кралската филхармонија од Лондон, симфонискиот оркестар на Сан Франциско…Неговата способност да ги оживее и најкомплексните дела на класичната музика го издвојува како уметник од највисок ранг. Многу музички критичари го споредуваат со најдобрите пијанисти на денешницата, истакнувајќи дека Трпчески не само што ја поседува техниката, туку и длабока, уникатна музикалност што му овозможува да ги спои традицијата и современиот израз на извонреден начин.
Оваа новогодишна вечер е за сите – за оние кои го сакаат класичниот звук, но и за оние кои едноставно сакаат да уживаат во празничен концерт кој носи радост и инспирација. Во пријатната атмосфера на декемвриската ноќ, арената ќе биде вистинско уметничко прибежиште. Затоа, подгответе се за незаборавна вечер, споделете ја со своите најблиски и дозволете си да бидете дел од оваа ноќ, каде што Симон Трпчески и неговите пријатели ќе запишат уште една незаборавна страница во македонската музичка приказна.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
ВЛЕН: „Охридско лето“ е симбол на културата, традицијата и обединувањето на народите
„Културата е еден од најважните столбови на идентитетот и дијалогот меѓу народите, а настаните како „Охридско лето“ сведочат дека уметноста има моќ да ги обединува луѓето без оглед на разликите“, велат од Влен.
„Отворањето на 66. издание на меѓународниот фестивал „Охридско лето“, со величествениот настап на светски познатата албанска сопранистка Ермонела Јахо, придружувана од Оркестарот на Операта и Балетот, означи достоинствен почеток на еден од најзначајните културни фестивали во Северна Македонија и регионот.
„Охридско лето“ не е само фестивал, туку традиција и вредност која со децении гради мостови меѓу културите, народите и генерациите. Во текот на 40 фестивалски денови ќе бидат реализирани околу 50 уметнички програми од областа на класичната музика, џезот, балетот и театарот, со учество на повеќе од 700 афирмирани уметници од 24 земји од светот.
ВЛЕН останува посветен на унапредувањето на културата и поддршката на иницијативите што ги промовираат уметничките вредности, културниот дијалог и претставувањето на нашата држава на меѓународната сцена.
Посакуваме 66. издание на „Охридско лето“ да донесе незаборавни уметнички доживувања и уште еднаш да ја потврди улогата на културата како мост на соработка и меѓусебно разбирање меѓу народите“, соопшти Влен.
Култура
Зад објективот на најдобрите: Меѓународно жири предводено од Митиќ, Венинова и Ришел ќе ги оценува филмовите на петтото издание на „Преку езерото“
Петтото, јубилејно издание на Фестивалот на балкански и медитерански филм „Преку езерото“ во состав на меѓународното тричлено жири има професионалци од филмската индустрија: продуцентот Мирослав Митиќ (Србија), режисерката Елеонора Венинова (Македонија) и филмската претставничка Емили Ришел (Франција), кои имаат одговорната задача да одлучуваат за престижните награди во главната натпреварувачка селекција.
Во рамките на главната програма, жири комисијата ќе оценува шест исклучителни долгометражни остварувања од поширокиот медитерански и балкански регион, меѓу кои се кипарскиот „Држи се за мене“, иранскиот „Коцкарот“, македонскиот „Кома“,белгискиот „Одразот во мртвиот дијамант“, српскиот „Кармадона“ и бугарскиот филм „Месо“.

Мирослав Митиќ (Србија) како еден од најистакнатите филмски продуценти во регионот, во жири комисијата носи децениско искуство во препознавање и пласирање на силни авторски приказни на глобално ниво. Неговиот фокус ќе биде насочен кон продукциските стандарди и пазарната вредност на приказните.
Митиќ е меѓународен продуцент, сценарист и режисер чија работа ја трансформира историјата, културата и човечкото искуство во кинематографски приказни, создавајќи оригинална интелектуална сопственост за глобалната публика. Со повеќе од две децении меѓународно искуство, тој продуцирал признати играни филмови, вклучувајќи ги „Зона Замфирова“, „Грабежот на Третиот рајх“, „Нафака“, „Балкански браќа“ и „Небото над пејзажот“. Неговите продукции добија награди и меѓународно признание на големи филмски фестивали, додека „Зона Замфирова 2“, кој тој го напиша и продуцираше, стана најгледаниот филм на Балканот во 2017 година.
Надвор од играните филмови, Митиќ ја создаде и продуцираше наградуваната телевизиска серија „Мала историја на Србија“ и продолжува да развива меѓународни проекти, вклучувајќи ги „Џипси рапсодија“ – „Џелем Џелем“, „Константин Велики“ и глобалниот телевизиски формат „Exchange Challenge“.
Работејќи меѓународно низ Европа и САД, тој останува посветен на создавање приказни што ги поврзуваат културите, ја инспирираат публиката и ја слават универзалната моќ на киното.

Елеонора Венинова (Македонија) е етаблирана македонска режисерка и сценаристка, чии филмови уживаат признанија на домашната и меѓународната сцена. Венинова е сценаристка/режисерка на филмови и ТВ серии. Нејзиниот дебитантски долгометражен филм „ Преекспонирано“ ја имаше светската премиера на Интернационалниот филмски фестивал во Каиро во 2022 година. Нејзините претходник кратки филмови се прикажани на многубројни Оскар/БАФТА и ЕФА квалификациски фестивали, вклучувајќи ја и Неделата на режисерите на Канскиот филмски фестивал. Елеонора е активен член на Европската филмска академија.
Емили Ришел (Франција) е филмски работник и претставник на една од најголемите медитерански филмски сили – Франција. Ришел во жири комисијата го носи строгиот критериум на француската школа, балансирајќи ги регионалните балкански сензибилитети со современите глобални филмски трендови.

Емили Ришел е родена во Франција, во близина на белгиската граница. Таа отсекогаш била заинтересирана за кино уште од детството. Се приклучила на филмскиот фестивал „A l’Est“ во Руан (Нормандија) во 2013 година како член на жирито, а потоа почнала да работи во различни области како координација, комуникација и програмирање за овој фестивал, а сега е задолжена за источноевропските проекции за A l’Est, кој се одржува во различни кина во март. Во исто време, таа работи за фестивалот за кратки филмови во Руан, „Courtivore“, каде што избира филмови со други програмери.
Таа е членка на мрежа наречена „Moteur“ која обединува седум филмски фестивали во Руан, ја промовира разновидноста на кинематографијата и организира бесплатна проекција на кратки филмови еднаш годишно.
Седум години, таа добивала предлози за источноевропски филмови на програмскиот комитет за „Меѓународниот филмски фестивал во Монс (Белгија) и работела за „Бугарскиот филмски фестивал“ во Париз.
Ришел била член на жирито на филмски фестивали: Фестивал на независен филм Идромено во Скадар (Албанија), Фестивал на балкански филмски фестивал во Поградец (Албанија), Меѓународен образовен филмски фестивал во Евро (Франција). Учествувала на панели за ширење на филмови на фестивали и застапеност на жените во кино индустријата, како и на PriFest – Меѓународниот филмски фестивал во Приштина пред неколку години.
Официјалните проекции на филмовите од главната селекција се одржуваат во Амфитеатарот во Дојран на отворено, со поглед кој се протега точно „преку езерото“.
Одлуката на тричленото жири за годинешните лауреати ќе биде соопштена на свеченото затворање на фестивалот на 15 јули.
Култура
Концерт на класична гитара со Коста Давчевски во КИЦ Белград
Македонскиот КИЦ во Белград и Министерството за култура и туризам, почнуваат со проект за поддршка на млади музички таленти кои учат, студираат или живеат во Република Србија. Еден од најталентираните, несомнено е младиот гитарист Коста Давчевски, кој во моментов е најнаградуван млад гитарист во Србија, а српската музичка критика веќе го нарекува млад виртуоз на гитара.
Вечерва (13 јули) во 20 часот, неговиот концерт насловен како „Јулска нотна магија“, пред белградската публика ќе го најави директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
Коста Давчевски (14 години) е млад гитарист од Земун кој се издвојува како еден од најперспективните таленти на својата генерација. Основното музичко образование го завршил во музичкото училиште „Коста Манојловиќ“ во Земун во класата на професорот Милан Димитријевиќ, каде од 2025 година го продолжува образованието во средното музичко училиште, насока класична гитара. Во исто време учи и музичка продукција.

Првите чекори на гитара ги започнал преку приватни часови кај професорот Драган Димитријевиќ, уште на 6-годишна возраст. Во текот на своето образование, постигнал значителен успех на бројни домашни и меѓународни натпревари, каде што освоил бројни први награди и лауреатски признанија. Настапувал на престижни фестивали како што се Guitar Art Fest во Белград, Vojvodina Guitar Fest во Нови Сад, Naissus Guitar Fest во Ниш и Danubia Talents International Music Competition во Будимпешта, International Guitar Competition во Бугарија, како и на многу меѓународни и светски онлајн натпревари.
Покрај своите натпреварувачки успеси, Давчевски развива и активна концертна активност. На тринаесетгодишна возраст, веќе го одржува својот прв солистички концерт, по што настапува во Србија и регионот, вклучувајќи концерти во Народниот музеј на Србија во Белград, Скопје, Охрид, Ќустендил и Заечар. Неговите настапи често се дел од културни и уметнички настани, а посебно место во неговата музичка активност се учества на бројни хуманитарни концерти.
Со својот музички сензибилитет, самоуверен сценски настап и посветеност на инструментот, Коста Давчевски, уште во раните фази од својот уметнички развој, покажува потенцијал за значајна концертна кариера.
