Книги
Нов роман на Лидија Димковска – „Единствен матичен број“

Во четврток, во кафе-бар „Филхармонија“, со почеток од 19:30 часот, ќе се одржи промоција на новиот роман од Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, во издание на „Три“.
Воведот кон овој четврти роман на Лидија Димковска ќе ни го овозможат Виолета Танчева-Златева и Гоце Смилевски, истакнати автори во современата македонска литература, кои во оваа книжевна епизода се појавуваат како промотори.
Лидија Димковска е веќе докажана авторка на овие простори и надвор од нив. Двапати се има закитено со наградата за проза „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија, како и со германската награда за поезија „Хуберт Бурда“, со романските награди „Поесис“ и „Тудор Аргези“, наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата за најдобра поетска книга за „Гранична состојба“ итн.
Преведена е на неколку странски јазици со избори и засебни книги кои редовно наидуваат на позитивни критики и одгласи.
Нејзините книги често ги следат внатрешните борби на поединецот кој во надворешниот свет трага по својот идентитет. Така и овој нејзин нов роман ни носи освестувачка приказна за нашиот свет што заборавивме да го сакаме. Ќе нè одведе до себеприфаќање, себепронаоѓање, пронаоѓање на домот. Роман потрага по утопијата на идентитетот преку дистопијата на животот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Промоција на „Книжевна мапа на Скопје“ во Градската библиотека

Во чест на 13 Ноември, како и во рамките на одбележувањето на својот 78. роденден, Градската библиоитеката „Браќа Миладиновци“ ја организира промоцијата на книгата „Книжевна мапа на Скопје“ од Моника Илкова.
Промоцијата е закажана за понеделник (13 ноември) во 12 часот во спомен-собата „Т’га за југ“. За делото ќе говори Весна Мојсова-Чепишевска, а фрагменти ќе чита актерот Андреј Серафимовски.
„Книжевна мапа на Скопје“ (издание на Центарот за култура и културолошки студии) е дело во кое Илкова ја истражува новата македонска книжевна сцена, кај која односот кон градот повторно се пројавува како една од доминантните творечки преокупации.
Следејќи ја хронологијата на книжевните дела поврзани со Скопје што ни ја овозможува Илкова, повторно се потврдува дека, како што посочува и таа, Скопје во секој период од своето постоење бил најубав град, само тоа речиси секогаш (барем во книжевноста) отпосле му е признато, истакнува Иван Антоновски, уредник на книгата.
Ова е книга што му е потребна и на Скопје затоа што преку книжевната и културолошката анализа го прикажува во разни периоди на својот развој за кои разни генерации имаат носталгија. Ама оваа книга, поради истражувачката темелитост со која се одликува, им е потребна и на македонската книжевна наука и на македонската културологија, пишува во рецензијата Весна Мојсова-Чепишевска.
Моника Илкова е родена 1993 година во Битола. Има дипломирано и магистрирано на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Од 2017 година работи како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Ниш. Има учествувано на повеќе конференции и собири, како „Млади македонисти“, „Како си ми?“, „Меѓународен славистички собир“, и има објавено текстови во повеќе книжевни списанија. За време на студиите има работено како уредник во издавачката куќа „Антолог“, има преведено неколку романи од англиски на македонски јазик и била дел од организацијата на фестивалот на европска литература BookStar. Освен со книжевност, се занимава и со графички дизајн.
Настанот е дел од богатата програма на Град Скопје – европска престолнина на културата за 2028 година.
Книги
Објавена книгата „Заштита на историскиот град Пекинг: клучни термини“

„Македоника литера“ деновиве ја публикува книгата „Заштита на историскиот град Пекинг: клучни термини“, во превод од англиски на македонски јазик на Славчо Пеев.
Оваа книга содржи 110 клучни концепти за заштитата на историскиот град Пекинг, каде што централно место има познатиот Забранет град. Концептите се дефинирани од аспект на историјата, урбанистичкото планирање, системот за заштита и конзервацијата на ревитализираниот стар Пекинг, во кој се наоѓа најголемиот и најдобро зачуван владетелски комплекс од дрвени палати во светот.
Пекинг има историја од повеќе од 3.000 години како град, а 870 години е главен град. Историскиот центар на Пекинг првпат бил изграден во 1386 година од императорот Хонгву во времето на династиите Минг и Ѓинг, а во 1553 година бил проширен од императорот Ѓијаѓинг. Се состоел од правоаголен Надворешен град и квадратестиот Внатрешен град, кој го опколувал Царскиот град, кој за свој центар го имал Забранетиот град. Со вкупна површина од речиси 63,8 квадратни километри бил лоциран во денешен централен Пекинг. Внатрешниот град опфаќа вкупна површина од 36 квадратни километри. Надворешниот град бил правоаголниот јужен дел од градот Пекинг во времето на династиите Минг и Ќинг, бил додаден за да се зацврстат безбедносните и одбранбените капацитети на градот и ги вклучувал Храмот на небото и Олтарот на богот на земјоделството, а има вкупна површина од 26,7 квадратни километри. Палатниот град, денес Забранетиот град во Пекинг, бил местото каде што се наоѓале палатите во династиите Минг и Ќинг. Сместен во централниот дел на Царскиот град, бил изграден врз палатите од 1420 година. Палатниот град се состои од изѕидана површина со градби внатре, опколена со окоп (реката Тонгѕи). Севкупно зафаќа површина од речиси еден квадратен километар.
Книгата содржи и мапи, поимник и куса хронологија на кинеската историја.
Книги
Конкурс за поетска награда „Даница Ручигај“

Друштвото на писателите на Македонија традиционално го распишува Конкурсот за доделување на наградата „Даница Ручигај“ за најдобра поетска книга од писателка-членка на ДПМ, објавена во тековната година.
Во конкуренција за ова признание ќе влезат стихозбирките објавени од септември 2022 година до крајот на септември 2023 година. Авторките и издавачите треба да достават по четири примероци во канцеларијата на ДПМ, најдоцна до 1 ноември 2023 година.
Доделувањето на оваа награда е дел од активностите на Клубот на писателките-членки на ДПМ, што го носи името на познатата македонска поетеса Даница Ручигај, која загина во скопскиот земјотрес во 1963 година.