Книги
Објавена книгата „Почетоците на кинеската цивилизација“ од Ли Чи

Друштвото за издавачка дејност „Македоника литера“ од Скопје неодамна ја објави книгата „Почетоците на кинеската цивилизација“ од Ли Чи – еден од основоположниците на кинеската археолошка наука, во превод од англиски јазик на Сибела Ајдинова.
По близу шест децении од поставувањето на темелите на кинеската археологија, сè уште во Кина доминираат размислувањата, постулатите и концепциите на Ли Чи (1896 – 1979). По дипломирањето, Ли Чи бил испратен од елитната академија „Тсингхуа“ во Соединетите Американски Држави да студира психологија и социологија. Но таму се запознал со антропологијата и антрополошките книги и бил фасциниран од овој предмет, за кој претходно немал никакво знаење. На Харвард, каде што во 1923 година докторирал, Ли Чи студирал со Хотон, Тозер и Диксон и од овие тројца ментори тој се стекнал со знаење за физичката антропологија, археологијата и етнологијата, што понатаму му користело како за неговата докторска дисертација (1928) така и во неговата натамошна шеесетгодишна кариера во Кина.
Од 1923 година, кога се вратил во Кина, до 1928 година, Ли Чи бил само типичен универзитетски професор, научен истражувач базиран врз американската матрица. Предавал на Универзитетот „Нанкаи“ во Тјенцин (1923 – 1925), а потоа на новиот Истражувачки институт при неговата матична академија „Тсингхуа“ (1925 – 1928). Од 1925 до 1926 раководел со ископувањето на неолитската јангшао култура, на локалитет лоциран во Хси-јин-тсун во Хсиа Хсиен, јужен Шанси, под закрилата на Институтот „Тсинг хуа“ и Уметничката галерија „Фрир“ во Вашингтон и станува првиот кинески студент кој истражува археолошки локалитет.
Во 1928 година Ли Чи доживеал пресвртница во својот живот, а во исто време пресвртница доживеале и кинеската археологија и историографија – ги открива првите пишани документи за династијата Шанг и во наредниот половина век е национален лидер во археологијата. Во оваа книга на Чи се објавени неговите најдобри статии за кинеската археологија, односно дава интегрален преглед за почетоците и за развојот на кинеската цивилизација. Освен за своите најзначајни истражувања и ископувања за раниот развој на Кина, тој, меѓу другото, пишува и за некои антрополошки прашања за Кина.
Пишувајќи за првите пишани траги во Кина и за кинескиот јазик, Ли Чи вели: „Кинезите со непрекинат континуитет го развивале пишаниот јазик повеќе од три илјади години. Тоа е јазик во кој новите идеи во повеќето случаи се регистрираат по пат на слевање на релевантни знаци во еден симбол, во кој редоследот и подредувањето на зборовите, се најистакнатите карактеристики во граматичката конструкција, во која тоновите и интонациите играат улога како во ниту еден од абецедните јазици; тоа е јазик во кој симетријата го надминува секое силогистичко размислување во секоја форма на литературното производство.“
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Промоција на третата збирка раскази на Златко Ѓелески

Новата збирка раскази на авторот Златко Ѓелески „Понор“ ќе биде промовирана на 21 февруари (четврток) во џебното кино во Младинскиот културен центар во Скопје, со почеток во 19 часот.
Книгата е издадена од страна на издавачката куќа „Бегемот“. „Понор“ е збирка раскази во која се обелоденува еден нов картографски поим во книжевниот свет на авторот Златко Ѓелески. Понор е името на главниот град во кој се испреплетени животите на ликовите кои ги уживаат неговите погодности, плаќајќи ги по цена на животот.
Станува збор за збирка од дваесет и три фантастични раскази ситуирани во главниот град Понор, каде што се пресретнуваат и одминуваат ликовите – некои намерно, некои случајно. Во него се запознаваме со протагонистите пред да се соочат со тешки одлуки, кои засекогаш ќе им ги променат животите.
Понор е жив организам што се прехранува со судбините на ликовите, кои трагаат по сопствената среќа на погрешна адреса. Градот се создава од истекувањето на негативностите, како што е премолчената злоба против која не се реагирало. Во дел од расказите се тестираат границите на книжевните форми, постмодернистички се експериментира со структурата, приложувајќи еден негатив на градот во кој се одвиваат очудувачки настани. Понор не е видлив со голо око, напротив, тој е таен град кој се крие на опачината на реалноста, до кого читателите може да дојдат со помош на нивната имагинација. Во збирката, читателот е патник низ крвотокот на Понор, кој се запознава со мали ликови способни за големи нешта, кои во решавачките мигови на животот одлучуваат да го продадат својот спокој за инстантен успех, со краток рок на употреба. Понор е негатив на Скопје кое никогаш не постоело, град од некое друго вчера и денешно утре, до кое не смее да дојде.
„Понор е збирка раскази во кои авторот Ѓелески продолжува, со уште порадикална потреба, да ги истражува и да ги поместува креативните потенцијали на современиот, урбан и нему лично омилен – хорор-жанр, како и предизвиците на т.н. поетика на стравот, втемелена врз сознанијата дека стравот е основната и најискрена од човековите емоции“ – пишува за делото Елизабета Шелева, која ќе биде промотор на делото.
Златко Ѓелески е дипломиран филолог на општа и компаративна книжевност, филмски критичар и радиоводител. Првата книга на писателот е збирката раскази „Морбидизам“ објавена во 2013 година, а втората книга „Колекционерот на смрт“ е издадена во 2015 година. Во подготовка се неговите наредни дела.
На провоцијата ќе говорат Андреј Јованчевски од „Бегемот“, промоторката професорката Елизабета Шелева и самиот автор.
Книги
Италијанскиот мегахит „Осумте планини“ од Паоло Коњети и на македонски јазик

„Македоника литера“ набргу ќе го објави италијанскиот мегахит – романот „Осумте планини“ од Паоло Коњети, добитник на наградата „Стрега“ и продаден за превод на 39 јазици. Досега е веќе продаден во еден милион примероци во светот (во Италија над 350.000, Холандија – 2.000, во Франција и во Германија над сто илјади примероци) и доби уште шест високи книжевни награди во Италија и светот.
„Осумте планини“ е најпријатното откритие во италијанската литература последниве години, интересен и извонреден роман и е единствен случај во Италија – иако е дело со високи книжевни вредности и со високи награди, многу бргу го освои светот, за една година правата се продадени дури во 39 земји.
„Осумте планини“ е романескна приказна за пријателството и за планината како метафора на животот. Тоа е приказна за машкото пријателство, осаменоста и семејните врски и за тешкиот пат кон индивидуалниот развој. Стилот на Паоло Коњети е од суштинско значење за успехот на романот – лесен и елегантен, а зборовите се одбрани со екстремна точност.
Книги
Друштвото на писателите на Македонија утре ќе ги додели традиционалните награди

Традиционалните награди на Друштвото на писателите на Македонија ќе бидат врачени на свеченоста што ќе се одржи на 13 февруари со почеток во 11 часот во просториите на Друштвото, со која ќе се одбележи 72-годишнината од основањето на писателската асоцијација.
Оваа година добитници на овие престижни книжевни признанија се: Влада Урошевиќ за романот „Маџун“ („Стале Попов“), Виолета Танчева-Златева за стихозбирката „Патот“ („Ацо Шопов“), Лидија Капушевска-Дракулевска за критичко-есеистичката книга „Мозаик од гласови“ („Димитар Митрев“),Трајче Кацаров за краткиот роман за деца „Не паркирај гаража“ („Ванчо Николески“) и Рифат Емин, кој ја добива наградата „Книжевен мост“ за најдобра книга напишана на еден од јазиците на националностите во Македонија за поетската збирка Bi-nihauet („Без-конечно“) на турски јазик.
- Истражувања3 месеци
Во дворот на МЗТ ќе се гради фабрика за преработка на медицински отпад, паника кај околните фирми
- Истражувања1 месец
(ВИДЕО) Градоначалничката на Арачиново со службени пари купувала суџук, мирисливи свеќи, пилешки гради и дрвени лажици
- Истражувања2 месеци
Фондот за иновации прво одобрил грант од 200 илјади евра на сопругот, па ја вработил сопругата
- Проверка со факти3 месеци
Заев прифаќа амнестија за 27 април, а тврдеше дека нема да има
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Шекеринска: Нема да се пазариме со амнестија
- Проверка со факти2 месеци
(Видео) Макрадули: Популизмот не помага при решавање со загадувањето
- Македонија2 недели
Скандалозна распределба на пари во култура – има за тетовски, нема за скопски џез-фестивал
- Македонија2 месеци
(Видео) Кога општеството потфрла, кучето Бен му помага на момчето со церебрална парализа