Контакт

концерти

Оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот „Бедем“

Објавено пред

Овој четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на Филхармонијата ќе го одржи концертот со наслов „Бедем“, на кој како солистка ќе настапи една од најперспективните виолинистки на светската музичка сцена – Леија Зу (Кина/Англија). Диригентка е Ребека Тонг (Индонезија/САД), а на програмата се Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и два става од композицијата Robert’s suite на македонската авторка Бете Илин, кои премиерно ќе прозвучат на овој концерт.

dobivaj vesti na viber

Опусот на македонската композиторка Бете Илин (1982) опфаќа голем број вокални дела (соло песни и хорска музика) и инструментална музика (дела за соло инструменти, за разни камерни ансамбли и симфониски оркестар). Во 2018 година композиторката Бете Илин првпат се сретнува со творештвото на американскиот писател Роберт Грин. Импресионирана од неговите бестселери ја создава композицијата Robert’s suite (2020), која има четири става. Секој став има наслов според книгите на овој познат автор. Вториот став, „Заведување“, е инспириран од книгата „Уметност на заведувањето“, во кој е опишана најсуптилната и најефикасна форма на моќта – заведувањето. Во овој став од суитата композиторката Бете Илин се обидува да го долови чинот на заведување со употреба на разновидни средства, кои креираат возбудлива музичка атмосфера. Четвртиот став е инспириран од книгата „Мајсторство“, во која Роберт Грин пишува за разни нешта, кои му помогнале да го трасира патот до мајсторството во неговата професија.

Концертот за виолина и оркестар во Де-дур, оп. 61 од генијалниот Лудвиг ван Бетовен премиерно бил изведен во Виена во 1806 година. Ова е единствениот виолински концерт на овој композитор и едно од најлирските дела во неговиот опус. Напишан е во еден од најкреативните периоди кога создал многу значајни дела. Му го нарачал виолинистот Франц Клемент, кој сакал драматично дело за својот следен концерт. Бетовен го завршил за кратко време, непосредно пред концертот.

Симфонијата бр. 7 во А-дур, оп. 92 од Л. В. Бетовен премиерно била изведена во Виена на 8 декември 1813 година. Ова симфониско дело на Бетовен, создадено во ист период како и Концертот за пијано и оркестар бр. 5, го рефлектира музичкиот оптимизам на композиторот, иако е создадено во период кога имал големи проблеми со слушањето. Самиот композитор сметал дека ова е неговата најсовршена симфонија, а критиката ја оценува како едно од мелодиски најбогатите симфониски дела во неговиот опус. Симфонијата претставува апотеоза на танцот или, како што рекол Вагнер, „…ако некој ја слуша Седмата симфонија, без разлика што е – клупа, чаша, баба, бебе во лулка, ќе почне да игра“.

Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта. За време на студиите работела како асистент во Филхармонискиот оркестар на Би-би-си и со Кралскиот филхармониски оркестар на Ливерпул. Соработувала и со „Манчестер камерата“. Во сезоната 2020/2021 година дебитирала со Оркестарот на Париз, Францускиот оркестар на Националната опера, оркестарот „Моцарт“ од Париз… Во 2019 година ја добива наградата „Таки“, која ѝ овозможува блиска соработка со американската диригентка Марин Алсап. Соработувала со гудачкиот квартет Great Wall, Џеси Чанг, Џеф Тајер, Челси Пен. „Џакарта пост“ ја нарече „предводник на индонезиската класична музика“. Репертоарот на Тонг опфаќа симфониска, оперска и камерна музика. Посетувала мастер-класи кај ментори, како: сер Марк Елдер, Марк Шанахан, Кларк Рандел, Марк Херон, Нил Варон… Магистрирала оркестарско диригирање кај проф. Марк Гибсон на Музичкиот конзерваториум во Синсинати, САД.

Виолинистката Леија Зу (2006) дебитирала во Њукасл на четири години. Од тогаш таа настапува со значајни ансамбли и оркестри во светот. На дванаесетгодишна возраст зад себе веќе имала настапи на најпрестижните сцени во повеќе од 18 земји. Тогаш станува и најмладата уметница што ја застапува британската агенција „Харисон Парот“. За време на пандемијата, во август 2021 година, Леија e поканета да го изведе „Интродукција и Рондо Капричозо“ од Сен-Санс со Лондонскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на маестро Сајмон Ратл. Како солистка настапувала со многу од најзначајните оркестри во светот: Лондонскиот симфониски оркестар, Симфонискиот оркестар на Луцерн, Белгискиот национален оркестар, Рускиот национален оркестар, Московската филхармонија, Симфонискиот оркестар на Санкт Петербург, оркестарот на Марински и др. Настапувала на музички подиуми, како „Моцартеум“ (Австрија), „Јехуди Мењухин“ (Белгија), Театарот на Филхармонијата во Одеса (Украина), конзерваториумот „Џузепе Верди“ (Италија)…



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти

Концерт на The Flamenco Thief во МКЦ

Објавено пред

Beчерва, со почеток во 20 часот, концерт во МКЦ ќе одржи гитаристот The Flamenco Thief.

dobivaj vesti na viber

Влезот е бесплатен.

Како неверојатно инспиративен музичар, сетовите на The Flamenco thief ја ползуваат гитарата како перкусија редејќи нивоа на метрономски прецизни хипхоп-битови, кои создаваат уникатен амбиент, со кој многу малку музичари смеат да се пофалат.

Влијанијата од ска, хипхоп и џипси свинг-музиката се евидентни во неговите изведби, кои директно му помагаат да изгради специјално селектиран каталог на песни, кои се интелигентни, ама широко достапни.

Во неговите композиции одѕвонува фламенко гушкајќи се со звуците од модерната музичка технологија, a токму таа прегратка ги прави настапите на Тhe Flamenco thief мост меѓу класичното и современото.

Неговото деби соло EP со шест композиции е издадено во Британија во 2011 искачувајќи се високо на листите на BBC и NMЕ. Неговиот деби-албум Liberating Parts of the Cosmos e издаден 2013 година по кој следува тримесечна европска турнеја во 17 земји. Неговиот последен албум, Where The Sunshine Lay’s, е издаден во 2019 година по кој следува повторно европска турнеја, а плановите за 2022/2023 се издавање ново EP со турнеја во Европа и Азија.

Во периодот од 2014 до 2019 година Крег Сатон ака The Flamenco Thief го позиционира својот статус како еден од највредните музичари во бизнисот со отсвирени над 700 концерти во 45 земји на 4 континенти (вклучувајќи и земји како Мароко, Јапонија и земјите од Јужна Америка).

Прикажи повеќе...

концерти

Концерт на Младинскиот оркестар на ЕУ и „Фаме’с“ со виолинистот Даниел Роланд

Објавено пред

В понеделник, 22 мај, со почеток во 20 часот, во концертната сала на Филхармонијата заеднички концерт ќе одржат Младинскиот оркестар на Европска Унија (EUYO) и оркестарот на европскиот изведувачки институт „Фаме’с“, кој работи во Скопје. На програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Харисон Биртвисл, Тери Рајли и Антонио Вивалди, а како солист ќе настапи еден од најдобрите британски и светски виолинисти – Даниел Роланд. Концертот е со наслов Earth4All и претставува своевидна платформа на активизам во која преку музиката ќе биде упатена моќна порака за заштита на животната средина, демократијата и одржливоста на нашата планета.

dobivaj vesti na viber

Младинскиот оркестар на Европска Унија – EUYO е еден од најеминентните симфониски оркестри. Составен е од 120 селектирани музичари (селекција од 2.500 пријавени кандидати) на возраст од 16 до 26 години, кои доаѓаат од 27-те земји од ЕУ. На крајот на 2022 година Оркестарот со гордост го претстави својот нов дом во Графенег, поддржан од Владата на Австрија. EUYO соработувал со голем број врвни светски музичари, почнувајќи од светски познатиот диригент Клаудио Абадо, кој е еден од основачите на овој оркестар, па сè до нивниот шеф диригент – Василиј Петренко. Оркестарот досега реализирал стотици концерти на петте континенти, вклучувајќи ги настапите и на „Би-би-си промс“, „Карнеги хол“ и „Музиквереин“ во Виена. Неодамнешните проекти ги вклучуваат и серијата концерти „Мир во Европа“, „Музички хаб Австрија“ и „Кафе Баухаус“. Сите овие иновативни проекти се поврзани со тековните и моментни прашања, кои ги засегаат општествата. EUYO е поддржан од програмата „Креативна Европа“ при Европската комисија и 27-те земји членки на ЕУ.

„Фаме’с“, европскиот оркестарски изведувачки институт, претставува музички образовен центар, кој е создаден во рамките на компанијата „Фаме’с“, која се занимава со професионално снимање и продукција на музика. Организиран во објектот и професионалното студио на „Фаме’с“ во Скопје, центарот претставува уникатна платформа за професионална музичка едукација, размена на искуства и креативност, наменет за млади талентирани инструменталисти од Европа. Овој проект е дел од програмата за Паневропски културни ентитети (CREA-CULT-2021-PECE), поддржан од Европската Унија. Креирајќи професионална и оригинална оркестарска и музичка содржина, преку разни дигитални платформи, проектот се стреми и кон развој на нова публика пренесувајќи ги искуствата и културниот диверзитет на европското музичко наследство. Главен фокус во овој институт има дејствувањето на оркестарот, кој работи во полето на класичната, хибридната, филмската музика, како и професионално снимање оркестарска музика. Институтот „Фаме’с“ беше домаќин на голем број млади музичари од повеќе земји од Европа (земји учеснички во програмата „Креативна Европа“), како и врвни музички уметници, кои ги раководеа активностите на оваа програма. Меѓу нив се и диригентот Тимоти Редмонд, „Колсимча бенд“, Оливие Труан, Алистер Кинг, Луис Иварс, Франческо Тристано, Роб Мазурек, Бенџамин Шварц, „Куареим квартетот“, Оливие Дежурс, Етијен Аблеин, Габриел Прокофјев, Игор Корети и Емили Дејвис.

Виолинистот Даниел Роланд е еден од водечките на светската музичка сцена. За него велат дека „звучи како ниту еден друг виолинист и дека креира специфичен звук на инструментот на кој свири“ (Шарлот Гарднер, „Грамофон“), дека поседува „гламурозен тон“ (Ричард Бретби, „Грамофон“), „фасцинантен тон, во кој има деликатни финеси“ (Тим Ешли „Гардијан“)…

Роланд се етаблира на светската музичка сцена како изведувач со харизма и авантуристички дух, кој изведува различен репертоар. Изведува музика од Бетовен, Брамс, Елгар, Корнголд, Прокофјев, Шнитке, а соработувал со водечки диригенти и солисти. Изведува и современа музика – концертите на Вакск, Линдберг, Глас, Сааријаго и Ван дер Аа. Роуланд е и пасиониран камерен музичар, настапувал со Ајви Гитлис, Николас Даниел, Ана Федорова, Нино Гветадзе, Мајкл Колинс, Елвис Костело… Бил член и на квартетот „Бродски“, еден од водечки камерни состави во светот. Освен што редовно настапува на светските музички сцени, Роланд работи и како професор на Кралскиот колеџ во Лондон.

Концертот на Младинскиот оркестар на Европската Унија се реализира како соработка меѓу Институтот „Фејмс“ и Филхармонијата.

Прикажи повеќе...

концерти

Филхармонијата премиерно ќе го изведе авангардното дело „Стикс“ од Гија Канчели

Објавено пред

В четврток, со почеток во 20 часот, оркестарот на македонската Филхармонија ќе го изведе концертот со наслов „Аир“, на кој како солист ќе настапи виолистот Дијанг Меи (Кина/Германија), а диригент е маестро Емил Табаков. Ќе настапи и хорот „Проарс“ во првата изведба во Македонија на делото „Стикс“ од грузискиот авангарден композитор Гија Канчели. Составен дел од програмата е и гротескната музичка приказна за „Поручникот Киже“ на рускиот композитор Сергеј Прокофјев.

dobivaj vesti na viber

Сергеј Прокофјев (1891 – 1931) е познат во музичката литература не само по неговите фантастични симфонии, музика за соло инструменти, концерти и кантати туку и по неколкуте квалитетни музички партитури што ги компонирал за руската филмска индустрија, која била во подем. Доказ за тоа е исклучителната музика за филмовите „Иван Грозни“ и „Александар Невски“, како и музиката за филмот „Поручникот Киже“. Сценариото на филмот за кој Прокофјев оригинално ја напишал музиката зборува за ситуациите што настанале кога Царот (кому никој не смеел да му противречи) погрешно интерпретирал два збора во некаков воен извештај, па со нивното спојување се добило име – Поручник Киже. Поради стравот од Царот и не сакајќи да го засрамат, неговите помошници морале да измислат таков лик и постојано да креираат разни ситуации во кои се наоѓал непостојниот Киже, само за да не западнат во неволја. Кога Царот конечно сакал да го запознае фамозниот Киже, единствен начин бил да се измисли и неговата смрт – по што тој бил погребан со воени почести. Самиот синопсис укажува на тоа дека музиката морало да кореспондира со многубројни бизарни ситуации, а кога Прокофјев подоцна ја извел Оркестарската суита од целосната филмска партитура – таа претставува еден вид кондензирана форма на музиката од филмот. Ставовите на суитата, кои се програмски и опишуваат разни делови од филмот, се дескриптивни, на моменти комични.

„Стикс“ за виола, хор и оркестар е дело инспирирано од митската река Стикс, која во Античка Грција ги делела двата света – на живите и на мртвите. Делото има етерична структура, а Гија Канчели рекол дека виолата ја замислил како медијатор меѓу двата света: всушност, соло виолата ја претставува реката Стикс во ова дело. Ова дело демонстрира што сè може да се изведе на виола – ако сакате да дознаете кои се изведувачките перформанси на овој инструмент, тогаш мора да го чуете ова дело, во кое се тестираат и презентираат сите негови можности, бои и текстури. Музиката е изградена на дијаметралната спротивност на смиреноста и немирот. Пејзажот на ова дело е речиси прав до крајот, но тоналноста е прилично нестабилна и со неа Канчели ја истражува тоналната естетика, која не може да се чуе никаде, освен во доцниот опус на Дмитри Шостакович (поточно во трите последни гудачки квартети). Исто како и Шостакович, и Канчели ја употребува тишината како моќно оружје во креирањето на музичката приказна. Делото медитира меѓу животот и смртта и во него и оркестарот и хорот, покрај соло виолата, креираат атмосфера на своевиден портал во сеќавањето, како и целокупниот музички опус на Канчели, кој левитира меѓу вербата и разочарувањето.

Неверојатна техника, возбудлив изведувачки стил, логика во фразирањето, ритмичка стабилност и сценска доминација се епитетите кои критиката ги лепи за изведбата на Дијанг Меи. По брилијантниот успех на АРД – Интернационалниот музички натпревар во 2018 година, каде што ја освои првата награда, неговата кариера почна интензивно да се развива. Како солист настапувал со Баварскиот радиосимфониски оркестар, со Симфонискиот оркестар на Штутгарт, со Минхенскиот камерен оркестар, со Шкотскиот камерен оркестар. Настапувал со Андрес Шиф, Вадим Глузман, Гунтер Пихлер, Герхард Шулц, Сабине Мејер, Франс Хелмерсон и други. Дијанг Меи е на позицијата прва виола во Минхенскиот филхармониски оркестар од есента 2019 година. Во октомври 2022 година ја има истата позиција и во Берлинскиот филхармониски оркестар. Добитник е на повеќе награди и признанија: прво место на 53. интернационален музички натпревар „Макс Ростал“ за виола во Берлин (2015), Натпреварот на млади уметници во Рочестер, 19. интернационален натпревар „Јоханес Брамс“ во Австрија, 10. интернационален натпревар за виола и виолончело во Шпанија (2008). Неговиот прв албум Transforming Viola е издаден во 2019 година, а во 2022 година го издаде и вториот Viola à L’Ecole de Paris. Студирал на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Минхен, а потоа продолжил на академијата „Кронберг“. Свири на виола изработена од Антонио Маријани од 1646 година, позајмена од приватна колекција.

Маестро Емил Табаков (1947) од Бугарија се смета за еден од најзначајните диригенти на овие простори. Образованието го завршува на Бугарската државна академија; студирајќи контрабас на гудачкиот оддел, паралелно студира и дипломира на Одделот за диригирање, а во 1978 година дипломира и на одделот по композиција.

Од 1976 до 1979 работи како диригент на Филхармонијата во Русе, а од 1979 сè до 1988 година тој е уметнички раководител и диригент на реномираниот камерен оркестар „Софиски солисти“, со кој остварува значајни концерти во светот. Во 1985 година станува диригент на Софиската филхармонија, од 1987 е нејзин главен диригент, а од 1988 до 2000 година – музички директор и уметнички раководител. Од 1994 до 1999 година маестро Табаков наедно е диригент и музички директор на Белградскиот филхармониски оркестар.

Од 2002 до 2008 година тој е главен диригент и музички директор на Билкент симфонискиот оркестар во Анкара, Турција, а од 2008 година и главен диригент на Симфонискиот оркестар на Бугарското национално радио. Покрај оркестрите во неговата родна Бугарија, како гостин диригент настапува со оркестри во Германија, Англија, Шведска, Полска, Франција, Италија, Русија, Шпанија, Романија, Австрија, Швајцарија, Данска, САД, Австралија, Канада, Јапонија, Јужна Кореја, Сингапур, Тајван, Израел, Холандија… До сега реализирал повеќе од 250 симфониски и оперски записи за голем број музички куќи во Бугарија, Германија, Холандија, САД, а од нив се издвојуваат комплетните снимки на сите симфонии од Густав Малер (колекција од 15 цедеа), комплетни циклуси симфонии од Александар Скрјабин и од Јоханес Брамс, сите концерти за пијано и оркестар од Лудвиг ван Бетовен…

Покрај диригентската кариера, Емил Табаков се издвојува и како еден од најинтересните бугарски композитори. Автор е на многубројни концерти за разчни инструменти, на дела разни по форма за симфониски оркестар (девет симфонии) и други формации. Носител е на престижни награди и како диригент, меѓу кои и на наградата личност на годината според Меѓународниот библиографски центар во Кембриџ, Англија, како еден од стоте најдобри професионалци за 2012 година.

Прикажи повеќе...

Најново

Топ3 часа

(Видео) Пет лица повредени, двајца потешко – епилог од несреќата на автопатот Тетово-Скопје

Пет лица се повредени во несреќата кај тетовски Групчин, велат од МВР за „Макфакс“. Според информациите од терен, две лица...

Топ6 часа

(Видео) Еден загинат, повеќе повредени во тешката сообраќајна несреќа на патот Охрид-Кичево

Еден загинат и повеќе повредени лица е билансот од тешката сообраќајна несреќа што се случи кај Ботун, на патот Охрид-Кичево....

Топ6 часа

Ја удирал вонбрачната партнерка со тупаници и клоци по главата и телото, скопјанец осомничен за семејно насилство

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило продолжено...

Топ8 часа

Уапсен старец од Скопје кој допирал малолетничката во автобус

Старец од Скопје, допирал малолетничка во автобус, информира МВР. Имено, вчера во 12.45 часот на подрачје на Кисела Вода, полициски...

Македонија10 часа

Фон дер Лaјен: Уставните измени се во корист на Северна Македонија и регионот, ЕУ дава поддршка

Премиерот Димитар Ковачевски се сретна со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лaјен, во Братислава, каде што учествуваат на...

Македонија13 часа

(Видео) Адвокатот зборуваше за повредите на Пендиков, болниот се смееше зад грб на прашањата

Додека адвокатот Стефан Карамишевски зборуваше за повредите на Христијан Пендиков, болниот зад грб се смееше на новинарските прашања. Карамишевски не...

Македонија14 часа

Министерот за здравство без магичен стап: Тоа нема да се случи преку ноќ, но се стремиме да ги изградиме болниците

Министерот за здравство, Фатмир Меџити, во ново јавно појавување одново се жалеше од состојбите во секторот со кој раководи. Пред...

Македонија14 часа

Почина Драги Христов, познат како Драги Шпага

Драги Христов, кого сите го познаваа по прекарот Драги Шпага, почина на 52 години по кусо и тешко боледување. На...

Македонија14 часа

(Видео) Пендиков веќе не се плаши, пред новинарите се пожали, на сè не одговара: Не е убаво да ве пцујат

Христијан Пендиков застана пред македонските новинари, но адвокатот Стефан Карамишевски не му дозволи да одговара на прашања што не се...

Македонија14 часа

Кратка драма на судењето за Пендиков: судијата не даде одлагање, адвокатите на обвинетиот си излегоа од судницата за да го запрат судењето

Нов доказ предложен од охридското Обвинителство против обвинетиот Илија Спасевски е доставен до судот во случајот со натепувањето на Христијан...

Свет15 часа

Медведев: Лондон де факто војува со Русија, британските власти се легитимна воена цел

Лондон практично води необјавена војна против Москва, што значи дека секој британски функционер може да се смета за легитимна воена...

Македонија16 часа

По потпишувањето на договорот, Груби почна да носи патики што чинат колку една македонска плата, велат од ВМРО-ДПМНЕ

Артан Груби е човек без срам. Очигледно стандардот на облекување на Артан Груби порасна со потпишувањето на договорот за коридорите...

Регион16 часа

(Видео) И денеска масовно собирање граѓани во Звечан, КФОР постави бодликава жица

И утрово се собраа граѓани пред општината Звечан. Постојано се зголемува нивниот број. Исто така, голем е и бројот на...

Регион16 часа

„Не ви е местото во Советот на Европа и ЕУ“: европски политичари со предупредување до Косово

Последната ескалација на насилството покажа дека за Косово нема место во Советот на Европа и ЕУ, изјави портпаролот за надворешни...

Свет16 часа

МААЕ бара од Русија и од Украина да ја заштитат нуклеарната централа во Запорожје

Директорот на Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), Рафаел Гроси, побара од Украина и Русија да ги прифатат петте принципи...

Свет16 часа

Блинкен ја повика Турција веднаш да го потврди приемот на Шведска во НАТО

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен ја повика Турција веднаш да го потврди приемот на Шведска во НАТО. Блинкен рече дека...

Свет17 часа

(Видео) Пожар во руска нафтена рафинерија: веројатно причина е напад со дрон

Пожар избувна на територијата на рафинеријата „Афипски“. Се запали фабриката за дестилација на мазут. Причината можеби е напад со дрон“,...

Свет1 ден

Русија подели 1,5 милиони пасоши на жителите на окупираните територии во Украина, ЕУ не ги признава

Русија подели 1,5 милиони пасоши на жителите на регионите во Украина, изјави денеска рускиот премиер Михаил Мишустин. Таа одлука е...

Македонија1 ден

Професорката Билјана Ангелова е нов ректор на УКИМ

Професорката од Економскиот институт Билјана Ангелова е нов ректор на УКИМ. Актуелната проректорка за финансии на УКИМ, Билјана Ангелова стана...

Свет1 ден

Путин жестоко се закани, бара апсење на двајца генерали

Рускиот претседател Владимир Путин се огласи за нападот со дронови врз Москва. Тој ја обвини Украина за терористичка активност и...