Култура
Отворање на изложбата „Секвенци на рефлексијата“ на проф. Слободан Милошески

На 10 ноември 2023, од 20 часот, во просторите на Младинскиот културен центар во Скопје, ќе биде отворена изложбата „Секвенци на рефлексијата“ од авторот Слободан Милошески. Изложбата е составена од 14 скулпторски дела од галериски формат, создадени во последните две години во материјал инокс. Скопската публика ќе има можност да ја посети изложбата до 20 ноември.
„’Секвенци од рефлексијата’ навестува концепт што предизвикува размислување, фокусиран на интроспекција и самооткривање. Се чини дека скулптурите прикажуваат серија на огледални фрагменти, од кои секоја одразува разни аспекти на идентитетот на гледачот. Ги поттикнува гледачите да размислуваат за сложениот човечки идентитет и за слоевите на нечија личност. Поради тоа, распоредот на рефлектирачките елементи во скулптурата се смислено дизајнирани. Секој фрагмент ја доловува и прекршува светлината на уникатен начин создавајќи динамичен и постојано променлив приказ додека гледачот се движи околу скулптурата. Овие скулптури го вовлекуваат набљудувачот во дијалог со уметничкото дело на тој начин создавајќи еден вид интеракција“, вели историчарот на уметност, проф. д-р. Џемил Бектовиќ, во својата критика по повод оваа изложба.
Слободан Милошески е роден во Охрид во 1977 година. Тој дипломира на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година. Во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р. Бугарија, на катедрата „Скулптура“.
До сега има реализирано 30 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 90 групни изложби во земјата и странство. Добитник е на 16 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштвото на ликовните уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ доделена од ДЛУМ во 2014 година , награда за скулптура доделена од ДЛУМ во 2020 година , награда за современа скулптура „Боро Митриќески“ доделена во 2021 година и наградата „Адем Кастрати“ доделена од КИЦ „Скопје“ во 2021 година.
Во неговата биографија се забележливи реализираните скулптури во јавен простор, меѓу кои: скулптура на Живо Чинко, Ристо Шишков, Кузман Шапкарев, Јоаким Крчоски, спомен-облежјето на Првото заседание на АСНОМ, скулптура на муза, наменета за фасада на објектот „Стар театар“, скулптури наменети за фасадата на објектот на МНР, како и скулптура поставена на Интернационалниот балкански универзитет, сите во Скопје.
Авторот Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како вонреден професор на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф на 7 декември во Националната опера и балет

На сцената на Националната опера и балет на 7 декември 2023, со почеток во 20.00 часот, концертно ќе се изведе моќната „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф. Публиката ќе може да дојде и да ужива на средба со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот.
Диригент е Иван Еминовиќ, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Наде Талевска, сопран; Васко Здравков, баритон и Нико Ѓоргиевски, контратенор заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и балет.
Слушањето на моќната „Кармина Бурана“ е секогаш посебно искуство и со години го привлекува вниманието на бројната публика која постојано ја бара на тековниот репертоар.
Култура
Недела на полски филм во Кинотека

Од 06 до 10 декември 2023 во Кинотеката ќе се одржи Недела на полски филм. Ревијата ќе започне со прикажување на филмот ИО на Јержи Сколимовски.
ИО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ИО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023 година.
Полскиот режисер Јержи Сколимовски има кариера која трае повеќе од 60 години, чии филмови од шеесетите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Токму во тоа ќе можат да се уверат филмофилите гледајќи ги неговите филмови во првата половина на месецов. Она што е за одбележување е проекцијата на можеби најценетиот филм на Сколимовски Рацете горе, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години, а неговиот последен филм, ИО, еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови со кој Сколимовски покажува дека има уште што да каже.
Култура
Македонска филхармонија ќе свири класика овечковечена на големото филмско платно

Овој четврток, 7 декември, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт кој претставува возбудлива музичка одисеја во која класиката создава паралелна приказна на големото филмско платно. Концертот е насловен „Бесмртност“, а ќе прозвучат дела од големите класични мајстори Маскањи, Моцарт, Бетовен, Мусоргски, Штраус, Барток, Вагнер овековечени во филмските ремек -дела на браќата Коен, Скорцезе, Форман, Кјубрик, Аронофски, Копола…
Диригент е местро Вања Ѓумар Николовски.
Вања Ѓумар Николовски се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на Одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на Одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург, на конзерваториумот “Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски.
Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес…). Паралелно со ова, активен е на полето на музичкото творештво, а неговите дела се изведуваат на „Денови на македонската музика“, „Охридско лето“, средбите на музичките академии од поранешна Југославија.
Во почетокот на овој век се преселува во САД каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Во своето творештво минува низ различни фази. За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Бескрајната творечка љубопитност подоцна го води и во други творечки правци – минимализмот, џезот, фолклорот, не само на сопствената земја туку и на другите народи од различни континенти.