Култура
Отворен е повикот за учество на „Поетиката на периодиката“ – работилница за креативно пишување со млади
„Дума ин сума“ продолжува со серијалот бесплатни работилници за креативно пишување со млади од 14 до 19 години.
По „Пиши-бриши… само не оставај на seen“, „кЛИК, сЛИК – сподели кирилица“ и „Неименувана“, имаме нова работилница – „Поетиката на периодиката“.
Работилницата ќе се одржи на 17, 18, 19 и 24 јуни во КСП Центар Јадро, а ќе се истражуваат нефикционални книжевни форми и минати, подзакриени реалности. Сите заинтересирани можат да се пријават преку пополнување на формуларот за учество.
„Весници, весници… Распустот е добро време да се влезе во филм, па ‘Дума ин Сума’ реши да влезе во еден од Александар Ѓурчинов… Колумни, интервјуа, репортажи, патописи, стрипови, вицови, ‘Драга Таа’… Летните распусти секогаш нѐ прават копнежливи по топлите пладниња во кои ги читавме новите броеви од списанијата и магазините што носеа новости и актуелности од светот, заедно со постери, квизови и бламажи“, велат од неформалното здружение за култура“, вели организаторот.
Од „Дума ин сума“ дополнуваат дека на работилницата одблиску ќе се истражуваат нови, скриени светови полни со ретки и минати сериски публикации, периодики, разгледници, ракописи, фотографии, а ќе се листаат и магазини, списанија за интернет и гејминг, спорт, технологија, природа, астрономија, поп-култура, книжевна критика и уметност.
„Ќе се прошетаме низ поетиката на одделот за периодика во Градската библиотекa ‘Браќа Миладиновци’ – Скопје, а пријавените ќе добијат едногодишно членство во библиотеката бидејќи знаењето треба да е подеднакво достапно за сите“, истакнуваат Ивана Смилевска, Марија Бошковска и Дарко Алексовски.
Менторите истакнуваат дека пријавените на оваа работилница ќе се здобијат со вештини за креирање, уредување и објавување на свој авторски текст онлајн и во печатена форма, испробувајќи уредување на текст во WordPress, блог форма или во платформи кои се базираат на AI. Правилото на ова работилница е: „WordPress does not make me depressed“ .
По многу читање, пишување и патување, работилницата ќе биде заокружена со уредување на текстови /дигитално и аналогно/, кои потоа ќе може да се прочитаат во печатено списание од млади за млади, достапно и онлајн. Воедно, со оваа промоција ќе ја одбележиме и првата година активно споделување кирилица“, велат од „Дума ин сума“.
Оваа активност е поддржана од Министерството за култура преку конкурсот „Цртај на македонски јазик“ 2024.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
(Фото) Блескав пијано концерт на Гацева и Џорлева во Белград
Синоќа во преполна сала на Културниот центар на Белград, во срцето на градот, на улицата Кнез Михајлова, блеснаа со својата интерпретација нашите две реномирани пијанистки Ана Гацева и Татјана Џорлева.

Во едночасовната програма за четирирачно пијано, професорките Гацева и Џорлева одржаа вистински час за висока професионалност и исклучително сугестивна интерпретација на дела од Ерик Сати, Едвард Григ и Антонин Дворжак, а долги аплаузи измамија со интерпретацијата на дело од македонскиот композитор Дамјан Темков, за што беа вратени на бис.
Концертот го отвори директорот на нашиот КИЦ во Белград Васко Шутаров, а истиот е реализиран во партнерска соработка помеѓу нашиот КИЦ и Културниот центар на град Белград.

Проектот за гостување на проф. Ана Гацева и проф. Татјана Џорлева во Белград е поддржан од Министерството за култура и туризам.
Култура
„Сина сенка“ во режија на Тамара Стојаноска премиерно в четврток
В четврток (13.11) во Младинскиот културен центар во Скопје ќе се одигра праизведбата односно премиерата на текстот „Сина сенка“ („Blue Shade“) од Брајан Рејнолдс во режија и адаптација на Тамара Стојаноска, а во продукција на независниот театар „Златен Елец“ со почеток во 20 часот.
„Сина сенка“ е проект во соработка со американскиот автор Брајан Рејнолдс кој за првпат се поставува во Македонија. Делото продира длабоко во реалноста на денешното општество, времето во кое опстануваме, системот во кој живееме и начинот на кој тој систем создава насилство. Кој ги создава насилниците и кој има корист од нашиот страв? Текстот отвора прашања за тоа како медиумите нè трујат со лажни вредности, како фармацевтската индустрија и големите бизниси го користат човечкиот страв за поголем профит, и како поединецот станува жртва, но и продукт на една болна општествена машина. Ова е современа приказна за човекот во системот, истовремено жртва и соучесник, борец и сенка. Може да се доживее и како ехо на култните драми за „малиот човек“, современ „Војцек“ или „Хинкеман“, каде хуманоста се губи под тежината на стравот, контролата и манипулацијата. Ова дело создава свет во кој реалноста и илузијата се преплетуваат, а секоја сцена пулсира со прашањето: дали навистина живееме, или само преживуваме? „Сина сенка“ не завршува со спуштањето на завесата, таa продолжува во секојдневието, во вестите, на улиците, во тишината со која го прифаќаме апсурдот како нормален. Но вистинската борба не е само против системот, туку против стравот во нас самите. Претставата нè води таму каде што започнува секое насилство, во човечката свест, во нејзината сенка – вели режисерката Тамара Стојаноска.
Играат актерите: Кристијан Танчевски, Мина Јелушиќ Јериниќ, Бобан Алексоски, Сара Спиркоска, Ане Блажовски, Ема Лазарова, Кристијан Петковски и Стефан Арсиќ. Оригиналната музика е на Мајкл Хукер а новите аранжмани се на Лука Тошев, рекламниот материјал е на Бојана Цилевска. Преводот на оригиналниот текст е на Сашо Огненовски.
Проектот е финансиран од авторот Брајан Рејнолдс и Универзитетот во Калифорнија, Ирвин. После премиерата претставата ќе продолжи со редовни изведби , гостувања и учества на фестивали.
Култура
Две нови награди за „Неми Филмови“ на Господиновски во Русија и Тајван
Анимираниот филм „Неми Филмови“ на Крсте Господиновски, минатата недела освои две нови награди на меѓународни фестивали, наградата за „Најдобар интернационален краток филм“ на „Меѓународниот фестивал за краток филм Вижн“ во Кемерово, Русија и „Почесно признание“ на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм КУАНДУ“ кој се одржува во Тајпеј, Тајван.

Ова е втора по ред награда во Русија и втора награда во Тајван, по октомвриската награда на престижниот ТИАФ кој се одржува во Тајчунг.
Во септември филмот ги освои Гранд При наградата на „Меѓународниот фестивал за анимиран филм Аниматор Фест“ во Јагодина и наградата од домашната публика на „Меѓународниот фестивал за краток филм Ѕирни“ во Скопје.

Од премиерата на фестивалот Анеси во јуни, „Неми Филмови“ досега е прикажан на 28 меѓународни фестивали и има освоено 7 награди.
Филмот е во продукција на Фокус Покус Филм и во копродукција на Флипбук Продакшнс, а е поддржан од Агенцијата за филм на Република С. Македонија.

