Контакт

Култура

Повик за пријавување филмови снимени со мобилен телефон за „Мобил фестивал 2021“

Објавено пред

Меѓународниот фестивал за филмови снимени со мобилен телефон „Мобил фестивал” објави отворен повик за пријавување филмови за 12-тото издание, кое ќе се одржи од 25 ноември до 1 декември 2021.

Право да се пријават имаат сите филмови кои се снимени со мобилен телефон кои не се подолги од 10 минути, а кои не биле пријавени на претходните изданија на „Мобил фестивал”.

Во конкуренција ќе влезат сите филмови што ќе пристигнат до крајниот рок за пријавување – 15 ноември 2021 година. Филмовите може да се пријават на електронската адреса: [email protected] или преку профилот на фестивалот на FilmFreeway.

Селектираните филмови ќе влезат во конкуренција за: Награда за најдобар филм „Ратка Илиевска- Лале”; Награда за најинвентивен филм; Награда за најоригинална приказна; Награда за најдобра идеја и Награда за најдобар филм во домашната програма „Млади таленти”.

Најдобрите филмови ќе бидат прикажани во натпреварувачка програма на интернационалните фестивали кои се во мрежата фестивали за филмови снимени со мобилен телефон, а се во партнерство со „Мобил фестивал”.

Организатор на фестивалот е продуцентската куќа „КТ Филм и медиа”, а фестивалот е поддржан од Град Скопје.



©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура

Распишан меѓународниот конкурс за необјавена песна на 9. издание на „Антево слово“ 2026

Објавено пред

Меѓународната поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchiao“), во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“ (Kontext) годинава по деветти пат го распишува конкурсот за најдобра необјавена поетска творба „Антево слово“, специјална награда на фестивалот, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.

На конкурсот можат да учествуваат поети од Македонија кои ќе испратат една своја необјавена песна на e-mail адресата: [email protected] на македонски и италијански или англиски јазик. Со учеството на овој конкурс истите автоматски учествуваат и за носечката награда на манифестацијата „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“. Поезијата може да се испраќа до 30 јуни 2026 година.

Претставниците на манифестацијата велат дека конкурсот за поезија е создаден со цел да се прослави и овековечи, преку „возвишена поезија“, духот, душата, суштината и есенцијата на животот. Најмногу пријавени поети има од Италија, но меѓу учесниците има поети од цела Европа, Балканот и пошироко.

Специјалната награда „Антево слово “ ќе ја координира интернационална жири-комисија со која ќе претседава поетот од Македонија Митко Гогов, поет и претствник на Здружение за развој на културата и заштита на културното наследство „Контекст – Струмица“. Специјалната награда „Антево слово“ официјално ќе се додели летото, 2026 година во Каникати, Сицилија, како дел од програмата на меѓународната поетска манифестација „Парнас – награда на Анџело Ла Векија“.

Сите пријавени учесници ќе имаат можност да влезат во конкуренција за двете награди, носечката награда „Анџело Ла Векија“, награда која е именувана по проф. Анџело Ла Векија, познат во Сицилија и на територијата на Италија со неговата работа како поет, драмски писател, историчар и професор и специјалната награда „Антево слово“ која ќе се доделува во чест на Анте Поповски, познатиот македонски поет, есеист, препејувач и публицист.

Прикажи повеќе...

Култура

Популарното дело на „Браво сине!“ и „Арс Ламина“ – „Бајки од Македонија“ влегува во образовната програма како редовна лектира

Објавено пред

Од следната учебна година, изданието „Бајки од Македонија“ официјално влегува во наставната програма за основно образование и станува дел од редовните лектири за четврто одделение. Проектот, кој повеќе од една деценија се реализира во чест на големиот креативец Иво Лауренчиќ, преку Движењето за поддршка на креативноста – „Браво сине!“, во партнерство со издавачката куќа „Арс Ламина“, добива институционална потврда за значењето и улогата во создавањето на едукативни дела со високи културни вредности. Покрај тоа, преку оваа соработка, „Браво сине!“ и „Арс Ламина“ придонесоа за градење на читачки навики кај младите, што е исклучително значајно во дигиталната ера.

Движењето за поддршка на креативноста – „Браво сине!“ низ годините изгради силна креативна платформа која обедини стотици автори и уметници околу една заедничка цел: создавање на уникатни креативни дела и поддршка на креативниот потенцијал во земјата.

„Нашиот мотив беше јасен, да ја поддржиме креативноста, да го доближиме народното творештво до децата, да оставиме трајна вредност што ќе живее и после нас, како што делата на Иво Лауренчиќ живеат и денес. Во негова чест и го покренавме овој проект, со цел да креираме уникатен бренд. Среќни сме што „Бајки од Македонија“ добија и институционална потврда, со што на најдобар начин се оствари основната мисија на Движењето, а истовремено се потврди вредноста на изворното народно творештво, овој пат доживеана и презентирана преку современиот визир на младите креативни автори“, посочуваат од Движењето „Браво сине!“.

Од „Арс Ламина“ истакнуваат дека ова е резултат на јасна уредувачка и издавачка визија насочена кон создавање квалитетна литература за најмладите.

„Нашата цел беше да создадеме дела што ќе бидат истовремено современи и вредни, но и доволно блиски за децата да ги препознаат како свои. Денес, со нивното вклучување во образованието, таа цел добива своја најсилна потврда,“ велат од издавачката куќа.

Едицијата „Бајки од Македонија“ започна како конкурс за млади дизајнери и илустратори. Преку отворен повик „Браво сине!“ ги повика младите креативци да дадат свој визуелен и авторски придонес во оживувањето на традиционалните приказни, адаптирани на современ јазик, со цел македонското народно творештво да се приближи до најмладите и истовремено да ги афирмира националните вредности во современ контекст, истовремено од тоа да се создаде препознатлив уникатен бренд. Со одлуката „Бајките од Македонија“ да станат дел од образовниот процес, оваа едиција, од креативна иницијатива прераснува во редок пример кога една идеја започната како конкурс за млади таленти успева да стане национална вредност.

Во рамките на досегашната соработка помеѓу Движењето за поддршка на креативноста „Иво Лауренчиќ“ – „Браво сине!“ и издавачката куќа „Арс Ламина“ издадени се 80 бајки и четири басни од Македонија. На досегашните јавни конкурси за креирање на овие дела се пријавиле над 100 илустратори и повеќе од 300 автори кои доставиле повеќе од 440 текста. Дел од изданијата на бајките и басните од Македонија се преведени на седум светски јазици, како и на Брајовата азбука, а добитници се бројни домашни и меѓународни награди и признанија.

Движењето за поддршка на креативноста – „Браво сине!“ го носи името на еден од основоположниците на современата македонска креативна и маркетинг-индустрија – Иво Лауренчиќ, кој во текот на целиот свој работен век им даваше несебична поддршка на младите и ги поттикнуваше да го изразат својот креативен потенцијал.

Прикажи повеќе...

Култура

„Резолуција на остатоците“ – изложба на Зорица Зафировска во КИЦ Скопје

Објавено пред

Од

Во петок, 15-ти мај, во 20:00 часот, ќе биде отворена изложбата „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска во галеријата „Империјал 1“ во Културно Информативниот центар во Скопје.

Изложбата ги преплетува фрагментите и трагите од градот оставени од неговите жители: пораки, почва, траги од гуми, градежен, дрвен и билен отпад – во тактилна архива што го мапира времето, трудот и еколошките сеќавања. Изложбата содржи пронајдени материјали на различни локации во градот, преточени во инсталации, кои стојат како сведоштво на негрижата. Слоевитите тули, цементните и градежните блокови, искосената трева, исечените дрвја, обојувањето на ткаенини, се траги што сведочат за гентрификацијата, екстракцијата и резултатите на урбаниот живот.

Ткаенините се читаат како палимпсести на градење и распаѓање, обоени од елементите во градот, прегазени од автомобилските гуми или потопени во водите на Вардар, се своевидни записи на нашето живеење. Како да го поправиме и да учиме од она што го оставаме зад себе? Работејќи со пронајдени материјали од различни локации во градот, Зафировска го практикува невидливиот труд на грижата, еколошките предизвици и начините на кои заедниците го чествуваат значењето на фрагментите. Интервенциите не само што ги зачувуваат остатоците, тие ги преведуваат во практики на сведочење и колективна имагинација за можна иднина.

„Резолуција на остатоците“ предлага модел на културна екологија, во која уметноста е помалку изолиран гест, туку платформа за граѓанска грижа. Секоја преплетена ветка, зашиена линија или фрагмент станува покана да се забави темпото на експлоатација, да се почитува средината и градот, и да се придонесе кон заедничките дејствија кои би резонирале долго по затворањето на изложбата.

Изложбата „Резолуција на остатоците“ на Зорица Зафировска е дел од „Како се ткаат градови“ овогодинешната тема на Европскиот месец на креативноста која се реализира во месец мај. Во соработка со Културно-информативниот центар, а поддржана од град Скопје, уметницата ја иницираше програмата „Негување на грижливи екосистеми“ која вклучи едукативна и изложбена програма, составена од работилници и изложби, во кои земаа учество ученици и наставници од основното училиште „Страшо Пинџур“.

Куратор на изложбата е Кирил Пенушлиски, координатор Емил Шулајковски, техничка поддршка Миле Брцески и Владо Кутузовски.

Зорица Зафировскa е уметница и културна работничка. Работи на социо-политички теми, како трговија со луѓе, бездомништво, заедништво, конзумеризам и екологија, за кои прави специфични, временско-просторни инсталации, мали акции и активности преку соработки и волонтирање. Силно верува во заедништво и посветува време, љубов и енергија во градење платформи за различни заедници и идеи, додека поддржува и соработува со разни културни организации, институции и фестивали.

Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ и е последипломска кандидатка на истиот факултет, по неуспешните културни студии на Институтот за општествени и хуманистички истражувања „Евро Балкан“. Членка е на Ф.Р.И.К. и селекторка на дел од видео програмата на ФРИК Фестивалот. Со-основачка е на Арт И.Н.С.T.И.T.У.T. проектниот простор воден од уметници во 2009 година, и со-основачка на иницијацијата „Моми“ во 2011 година.

Од 2013 година е членка на Јадро Асоцијација. Во 2014 година е една од добитничките на отворениот повик за млад уметник/ца на галеријата „Агенцијата за сериозни интереси“. Во 2016-та е добитничка на наградата „ДЕНЕС“ на Центарот за современи уметности – Скопје и ФРУ-Факултет за работи што не се учат. Има реализирано преку 15 самостојни изложби, акции и проекти во јавни и неистутиционални простори низ Балканот, Европа и Сад.

Прикажи повеќе...

Најново

Свет3 минути

Папата: Настаните во Украина, Газа, Либан и Иран покажуваат нехумана еволуција

Папата Лав XIV објави порака на X во која предупреди на свет обележан со војна, јазик на војната и зголемена...

Македонија19 минути

Четири лица уапсени, вкупно пет пријави за семејно насилство во последното деноноќие

Четири лица се уапсени, а вкупно имало пет пријави за семејно насилство во последното деноноќие, соопшти МВР. На 13.05.2026 во...

Македонија28 минути

Уапсени 10 возачи, петмина возеле без дозвола

Во текот на изминатото деноноќие на целата територија на државата, полициските службеници лишија од слобода 10 возачи за безобѕирно управување...

Македонија46 минути

Велковски во посета на Центарот за социјална работа во Велес: Помошта да стигне до оние на кои им е најпотребна

Заменик – министерот за социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, денес оствари работна посета на Центарот за социјална работа...

Македонија49 минути

ВМРО-ДПМНЕ: Сведоштва имаме од обвинители и судии дека Заев, Шеќеринска и Спасовски биле тие кои кажувале кој ќе се гони

Сведоштва имаме од обвинители и судии дека Заев, Шеќеринска и Спасовски биле тие кои кажувале кој ќе се гони, а...

Спорт56 минути

Синер го победи Рубљов и го сруши рекордот на Ѓоковиќ

Италијанскиот тенисер Јаник Синер го победи Андреј Рубљов во четвртфиналето на Мастерсот во Рим и ја забележа својата 32-ра победа...

Економија1 час

Божиновска на Energy Transition Summit во Атина: Посветени сме на заложбите за кредибилен партнер во Европската енергетска интеграција

Посветени сме да бидеме конструктивен регионален партнер, кредибилен учесник во европската енергетска интеграција, земја која придонесува за постабилна, побезбедна и...

Македонија1 час

(Видео) Огњеновиќ: Настап на Дејвид Гета чини најмалку еден милион евра, Владата не го откри хонорарот

Најавата на Владата дека познатиот француски ди-џеј Дејдид Гета ќе настапи во Скопје во рамки на прославата за 35 години...

Свет2 часа

Иран: Се договоривме со Кина за Ормускиот теснец

Иран почна да дозволува одредени кинески бродови да минуваат низ Ормускиот теснец откако постигна договор за правилата на Иран за...