Култура
Португалската дива на фадото, Мариза, доаѓа во Скопје

На својата долгоочекувана турнеја, Мариза ќе настапи на 5 април 2025 година во престижната сала на Македонската филхармонија, носејќи ѝ на публиката магијата на португалската традиција и современиот звук.
Мариза го започна својот музички пат во Лисабон пред дваесет години, а нејзиниот пробив на светската сцена дојде со албумот Fado em Mim во 2001 година. Оттогаш, нејзиниот уникатен глас одекнуваше на најпрестижните концертни сцени, вклучувајќи ја париската „Олимпија“, лондонскиот Royal Festival Hall и њујоршкиот „Карнеги хол“.
Овој единствен концерт нуди можност да уживате во виртуозниот спој на музиката, културата и сензибилитетот што ги освојуваат срцата ширум светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Поради трагичниот настан во Кочани, МНТ го одложи спектаклот „Сонцето, колку е блиску сонцето“, Made in MNT“ за наесен

Македонскиот народен театар соопшти дека поради трагичниот настан во Кочани, закажаниот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето!, Made in MNT“, во режија на Дејан Пројковски, што требаше да се одржи во четврток, 3 април, по повод одбележувањето на 80-годишнината од постоењето на оваа установа, се одложува за наесен.
Како што е најавено, во чест на кревањето на црвената завеса и првата изговорена реплика пред 80 години, на 3 април во Македонскиот народен театар ќе се одржи маратон со следниот распоред: во 10 и во 12 часот ќе се одиграат двете изведби на детската претстава „Распеана турлитава“, а од 18 часот следуваат „Бели ноќи“, „Мој термин“ од 19 часот и „Торонто експрес“ од 21.30 часот.
„Следниот ден, на 4 април, директорот на Македонскиот народен театар, Никола Кимовски, патува во Атина, каде што во чест на одбележувањето 80 години МНТ, а во рамките на Европската театарска конвенција (ETC), ќе има официјално обраќање. Меѓународната театарска конференција на ETC, со наслов Thrive Theatre Thrive! Keep the Flame Alive, ќе се одржи од 3 до 7 април 2025 година во Националниот театар на Грција во Атина. Со обновување на членството на Македонскиот народен театар во ETC, која е водечка и значајна мрежа на јавно финансирани театри во Европа, со 63 театри членки од 31 земја, ETC е посветена на промовирање на современата драма, олеснување на уметничките размени и поттикнување на културната разновидност во европската театарска уметност. Организацијата служи како платформа за дијалог, демократија и интеракција со цел да рефлектира и да привлече разновидна публика и општества во постојан развој, соопштија од МНТ.
Во рамките на 80 години МНТ на 5 април на малата сцена публиката ќе ја гледа „Поетроника“ во новиот суптилен и културолошки значаен проект на Оливер Митковски и Андреја Салпе, што вешто ја спојува современата македонска поезија со електронската музика.
Мултисензорно искуство, каде што музиката, поезијата и боите од видеоартот ќе раскажат сосема нова приказна вторпат во МНТ. Билетите ќе бидат бесплатни и ќе се подигнуваат на денот на изведбата.
„Ви благодариме за разбирањето и за поддршката во овие тешки моменти и упатуваме најдлабоко сочувство до сите што тагуваат“, велат од МНТ.
Култура
„Травијата“ од Џузепе Верди на сцената на Националната опера и Балет на 29 март

Една од најомилените претстави на македонската публика, операта „Травијата“ од Џузепе Верди ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет на 29 март со почеток во 20.00 часот.
Диригент е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, креирајќи моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет, сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор, Јасмина Ѓорѓеска.
Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон ќе настапи Благој Нацоски, во уогата на Жорж Жермон, Марјан Јованоски, во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.
Еден од темелите на светскиот оперски репертоар, партитурата на „Травијата“ изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето напишано според романот „Дамата со камелии“ и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.
Култура
Комеморација за Сара Пројковска в среда на Факултетот за музичка уметност

На 26 март, со почеток од 13 часот, во концертната сала на Факултетот за музичка уметност – Скопје, ќе се одржи комеморација во чест на прерано починатата Сара Пројковска-Николовска, која го загуби животот во пожарот во дискотеката во Кочани.
Сара Пројковска беше професорка по пијано на Факултетот за музичка уметност и ги пееше придружните вокали на настапот со групата ДНК на 16 март.
Пројковска беше самохрана мајка на две деца. Таа пееше придружни вокали на речиси сите поп-пејачи во Македонија. Нејзиниот поранешен сопруг, џез-трубачот и наставник по труба, Александар Николовски, почина на 48 години, во 2021.
Нејзините пријатели и соработници ја опишуваат како многу позитивна личност, секогаш подготвена да помогне и со која им било чест да се познаваат и дружат во текот на годините. Таа е погребана на гробиштата во Лисиче.