Култура
Почина актерката Мајда Тушар

Утрово, на 72-годишна возраст почина актерката Мајда Тушар (1950-2022). Веста ја објави Драмскиот театар на „Фејсбук“, каде што што таа работеше од 1972 до 2015 година.
Мајда Тушар дипломира актерска игра во првата класа на Факултетот за драмски уметности – Скопје и веднаш по дипломирањето, активно се вклучи во тековниот репертоар на театарот, особено во проектите на вечерната сцена.
Нејзини поважни актерски остварувања се:
Рут во „Дејството на гама-зраците врз сенишните невени“ (1973), Лисјена во „Болва во уво“ (1974), Дафина во „Јане Задрогаз“ (1974), Неда во „Црнила“ (1977), Ленче во „Ослободување на Скопје“ (1978), Орсолина во „Рибарски караници“ (1979), Невестата во „Чудото на Свети Ѓорѓи“ (1981), Клодија во „Тетовирани души“ (1986), Кристина во „Сили во воздухот“ (1988), Медеја во „Медеја“ (1988) и Блага во „Кула вавилонска“ (1990).
Добитник е на следните награди:
1994 г. – наградата „Св. Климент Охридски“ за остварување во областа на театарот.
1978 г. – актер на годината за улогата на Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“
1978 г. – наградата „Војдан Чернодрински“ за главна улога за улогата на Ленче во претставата „Ослободувањето на Скопје“
1999 г. – награда за најдобра споредна улога за ликовите на мајките во претставата „Роберто Зуко“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
Објавен романот „Една жена“ од класикот на унгарската книжевност Петер Естерхази

Издавачката куќа Готен го објави романот „Една жена“ од унгарскиот писател Петер Естерхази. Преводот од унгарски јазик е на Златко Панзов.
Петер Естерхази (1950-2016) е класик на унгарската литература. Останува запаметен како еден од најдобрите писатели на своето време не само од Унгарија, туку и од Централна Европа.
Романот „Една жена“ зафаќа специфично место во неговиот опус. Спаѓа меѓу неговите најпопуларни книги, можеби неговата најчитлива книга.
Во 97 поглавја од романот, Естерхази пишува за љубовта од различни агли, осветлувајќи ја во перспективата на блискоста, омразата, сексот, желбата, играта, слабоста, моќта, при што книгата може да се чита како еден вид енциклопедија на љубовта.
Користејќи живописни и мошне сликовити слики, со разговорен, игрив и јазик исполнет со алузии и двојни значења, Естерхази раскажува љубовни приказни кои истовремено се и приказни за општествените релации, борбите за моќ и културолошките наслаги на нашите навидум обични и секојдневни реакции и односи.
Златко Панзов (1979, Гостивар) дипломирал македонска книжевност и јужнословенски книжевности на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Работел како професор по македонски јазик, а од 2007 година активно се занимава со литературен превод. Досега од унгарски јазик превел дела од Бела Хамваш, Адам Бодор, Ноеми Сечи, Петер Надаш, Шандор Мараи, Ѓерг Драгоман, Ѓерѓ Конрад, Деже Костолањи, Кристина Тот, Илдико Ловаш, Шандор Жигмонд Пап, Оршоја Карафиат, Ласло Краснахоркаи, Атила Бартиш и други. Заедно со
Анамарија Цинеге-Панзова ја приредиле и превеле антологијата на унгарскиот краток расказ „Сецирање на живо“.
Издавањето на книгата е поддржано од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија.
Култура
Изведба на оперската претстава „Турандот“ од Џакомо Пучини

Операта „Турандот“ од Џакомо Пучини ќе биде изведена на 26 мај 2022 година, со почеток 20 часот.
Спектакуларната продукција на епската кинеска бајка на еден од најславните и најбарани оперски режисери на денешницата, Џанкарло дел Монако, ќе се изведе на сцената на Националната опера и балет, во рамките на 50. jубилејно издание на фестивалот Мајски оперски вечери.
Култура
„Филмска училница“ – проект за филмска писменост и креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство

Кинотеката со својата „Филмска училница“ создава катче за сите деца што сакаат да се дружат, да гледаат филмови и да учат како од својот богат свет со идеи, фантазии и чувства да создаваат приказни. Се одржаа уште три нови училници, како дел од „Џифони филмските денови“, на кои учесниците имаа можност да се запознаат со разните аспекти на креирање филмски приказни.
Направија кратки вежби на опсервација, кои ги споивме во една целина и со проекција на големо платно ги добија првите сознанија како со спојување на разни кадри и преку разни точки на гледање, настануваат разни филмски приказни. Исто така, направивме и една споредба со првите филмови на браќата Манаки и на браќата Лимиер, кои, всушност, се опсервациски кадри на одбрани ситуации или дејства.
Се обидоа да направат и декомпонирање сцена од филм. По проекциите на кратките филмови „Градот на Вардар“ и „Весници, весници“, кои се приказни за Скопје, снимени во 60-тите години на минатиот век, добија задача да снимат една сцена инспирирана од старо Скопје. Разговаравме и како одредено чувство може да биде основа за креирање филм. Преку пример од книгата „Малиот принц“ на Егзипери дискутиравме за големината и богатството на детскиот свет и за разните перцепции на децата и возрасните. И дека токму од таа детска фантазија се создаваат најубавите филмови.
Дел од работилницата беше и младиот автор Филип Лафазановски, кој сподели свои моменти од првите допири со филмската уметност и за своите први чекори во креирањето приказни.
Беа прикажани и уште два кратки филма од Националниот фонд на Кинотеката: „Лифт горе, лифт долу“ и „Бели штркови“.
Филмската училница продолжува со своите часови. Следни активности се мала работилница за анимација од млад автор и ученик и запознавање со процесот од идеа до сценарио.
В сабота, 28 мај, во Кинотеката, со почеток од 10 часот, почнува 7. ден на „Џифони филмски денови“, со проекција на филм за деца и млади, а од 12.30 следува „Филмската училница“.
„Филмската училница“ – проект за филмска писменост и креативна едукација од областа на филмот и аудиовизуелното наследство, наменет за ученици од основните и средните училишта. Проектот е финансиран од Министерството за култура.