концерти
Почнува најмасовниот „Д фестивал“ во Дојран
Денеска, официјално почна новото, 12-то издание на „Д фестивал“, кој од 1 до 3 јули ќе се одржува во Дојран со програма во која се најавени настапите на повеќе од 50 музички изведувачи, но и уште 100 учесници и гости во дополнителната програма.
Првиот фестивалски ден, петок, 1 јули, програмата на фестивалот ќе ја предводат изведувачите чии настапи се закажани на главната бина, односно КРУДЕР и ДОРФМАИСТЕР, ЏУЛИЈАН МАРЛИ, КОШИН, РУНДЕК и ЕКИПА и ЗАД АГОЛОТ. Во саботната вечер, пак, главната бина е резервирана за АНФИСА ЛЕТЈАГО, ЈУРА СТУБЛИЌ и ГРУПА ФИЛМ, БУЧ КЕСИДИ, КУЛТУР ШОК и ЧИСТА ОКОЛИНА, а во финалната вечер ни пристигнуваат ЗУ, КОНСТРАКТА и ЗЕМЉА ГРУВА, ХЛАДНО ПИВО и МАРКИ РАМОН.
Втората по големина фестивалска бина на „Д фестивал“, МОСКИТО СТЕЈЏ, годинава ја има најсилната програма досега, во чии рамки ќе имаме можност да уживаме во настапите на ТАМИКРЕСТ, ЛУФТАНЗА, ЏИПСИ ГРУВ и НЕИКЕД в петок, ГАБРИЕЛА ЧИЛМИ, ДОУП КУЌАТА, ДЕМЕНСИ и ТОРЗС в сабота, ПИЈАН СЛАВЕЈ, ДИНА ЈАШАРИ, ОФ-ГРАУНД АНСАМБЛ, КАЛАТА, но и ЗЛАТНО СЛАВЕЈЧЕ, в недела, во рамките на програмскиот концепт „Д фамилијарен ден“. Посебно концертно доживување гарантира музичкиот храм на „Д фестивал“, односно бината позната како ЧРЧ СТЕЈЏ, која, всушност, е лоцирана во црквата „Св. Илија“ во Стар Дојран.
БИЛЕТАРНИЦИТЕ и ЗАМЕНСКИТЕ МЕСТА на „Д фестивал 2022“ се на две локации: пред влезот во „Д кампот“, т.е. кај Туристичкото биро во Стар Дојран, со работно време од 8.30 до 00.30 часот; пред главна бина кај паркингот „Гранит“, со работно време од 20 до 02.30 часот.
Билетите за време на „Д фестивал“ ќе се продаваат по нивната полна цена, односно: 500 денари за еднодневен билет (пристап до цела програма за еден ден), 1.100 денари за тридневен билет (пристап до целата програма за целиот фестивал), 1.200 денари за фестивалски билет (пристап до целата програма за целиот фестивал + камп-место), 300 денари за докупување камп (за оние што веќе имаат купено каков било билет за „Д фестивал“ без кампување).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
