Култура
Првиот ден од „Скопје стрит мјузик фестивал“ ги оправда очекувањата
Со настапот на џез-формацијата Kabadayas, вчеравечер на плоштадот Македонија беше отворено првото издание на „Скопје стрит мјузик фестивал“. Создавајќи една посебна приказна, звуците од песните од вториот албум се разлеаја низ отворениот простор. Како што изјавија членовите, овој настап за нив бил посебен предизвик затоа што во публиката имаше и млади и стари, од оние што ја следат и сакаат нивната музика, до туристи и случајни минувачи, пред кои се претставуваат првпат.
По нив, на истата локација настапија South Park the Band и Why Not со изведба на обработки на познати рок, поп и фанк-песни.
„Првиот ден ни покажа дека идејата и концептот на фестивалот се полн погодок “, вели Елена Јовановски, координатор на фестивалот. „Отворениот простор и непосредниот контакт на изведувачите и публиката направија една посебна атмосфера и овозможија секој на свој начин да ужива во музиката“, додава таа.
На другата локација во Дебар Маало, пак ,се изведуваше сосема поинаква музика. Посетителите, случајни и намерни, тука уживаа во звуците на старите македонски народни песни, испеани од членките на женскиот камерен хор „Св. Злата Мегленска“ и во изведбата на етносоставот „Монистра“. И тие не ја криеја возбудата од можноста да настапат на отворен простор, пред домашна публика.
„Како што е дома, никаде на светот не е! Така и нам ни е. Без разлика колку и да ни се убави концертите и прошетките надвор од нашите граници, секогаш е најубаво чувството кога сме на своја територија, пред своја публика“, велат членовите на „Монистра“.
Целта на „Скопје стрит мјузик фестивал“ е на граѓаните да им овозможи на улиците и во своите маала да слушнат квалитетна музика, која инаку ја има само на официјалните сцени и во концертните сали и со тоа градот Скопје да го претвори во музичка сцена под отворено небо. Во таа насока за денеска закажани се настапи на уште три локации: паркот кај авиончето во Аеродром, платото пред Универзалната сала и плоштадот Скендербег. На програмата се Антоние Весковски, Елена Чадиковска, гудачкиот квартет „Пламенка Трајковска“, Band Off, Ani Kinor Quartet и Тони Пецанов на бандонеон. Коорганизатор на фестивалот е Конгресниот центар „Александар Македонски“, а покровител е Град Скопје.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар со програмата Џез лектира гостува во Велес
По концертот во Скопје, Националниот џез оркестар со програмата под наслов „Џез лектира“ гостува во Велес. Концертот ќе се одржи на 23 април, 2024 година, со почеток од 20 часот во театарот „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“.
„На концертот „Џез Лектира“ се осврнуваме на дел од творештвото на Каунт Бејси биг бендот. Вилијам Џејмс, познат како Каунт Бејси е американски џез пијанист, органист, водач на бенд и композитор, познат и како „Кралот на свингот“. Во 1935 година, тој го формира оркестарот „Каунт Бејси“ и ја води оваа група скоро 50 години. Неговата работа резултира со низа иновации во музичкиот израз како употреба на два „поделени“ тенор саксофони, нагласување на ритам секцијата, рифови во биг бенд композиции, аранжери за дополнително проширување на биг бенд звукот и слично“, се наведува во соопштението на Националниот џез оркестар.
Култура
Светска премиера на „Киука – Пред летото да заврши“ во Кан – филмот е копродукција помеѓу Грција и Македонија
„Киука – Пред летото да заврши“ (Kyuka Before Summer’s End) во режија и по сценарио на Костис Харамуданис, кој е реализиран како билатерална копродукција помеѓу Грција и Северна Македонија и е поддржан од Агецијата за филм на Република Северна Македонија, својата светска премиера ќе ја има на Канскиот филмски фестивал како дел од 32. издание на програмата ACID, што ќе се одржи од 15 до 24 мај оваа година. На „Куика“ му е доверена честа да ја отвори оваа програма.
„Лист продукција“ е македонски копродуцент на дебитантскиот филм на режисерот Харамуданис со Марија Димитрова и Игор Иванов како копродуценти, а Херетик од Грција е главен продуцент со Данае Спатхара, Јоргос Карнавас и Константинос Контовракиси како продуценти.
„Киука – Пред летото да заврши“ е приказна за едно трочлено семејство, кое како и секое лето, плови со својата едрилица до островот Порос, каде што таткото Бабис и децата Константинос и Елса, кои се веќе на прагот пред полнолетството, го минуваат годишниот одмор. Додека пливаат, се сончаат и создаваат нови пријателства на островот, децата случајно ја запознаваат Ана, жената што ги родила и ги напуштила уште во најраното детство, со што ќе почне едно горко-слатко патешествие на созревање под летното сонце, а долгогодишната огорченост на Бабис избива на површина.
Програмата на ACID (Association for the Distribution of Independent Cinema – Асоцијација за дистрибуција на независен филм) на Канскиот филмски фестивал е креирана во 1993 година и прикажува 9 долгометражни филма, фикција и документарци. Овие филмови се избираат од стотиците пристигнати филмови од цел свет од страна на петнаесетина филмаџии, членови на асоцијацијата.
Снимањето на филмот се одвиваше во октомври 2022 година во Атина и на островот Порос, а постпродукцијата се работеше на релација Атина – Скопје.
Главните улоги во филмот ги играат Симеон Цакирис, Елса Лекаку, Константинос Георгопулос, Афродита Капокаки и Елена Топалиду.
Македонската екипа во овој филм ја сочинуваат Михаил Димитров, Игор Поповски и студиата за постподукција „Аудио хаус“ и „Слобода филм“.
Култура
Почнува „Крај Вардарот џез“: три фестивалски вечери и пет концертни настапи кои кокетираат со авангардни стилови
Денеска, во едукативниот културен центар „Лабораториум“ имаше конференција за печат во пресрет на петтото издание на фестивалот „Крај Вардарот џез“, кој ќе се одржи од 20 до 27 април. Програмата се состои од 3 вечери и 5 концертни настапи, кои ќе се реализираат во Македонската филхармонија и во едукативниот културен центар „Лабораториум“.
Годинашното издание ќе се одржи во чест на Мирко Попов, кој заедно со Владан Дробицки е идеен творец на фестивалот. Со голема жар и посветеност Попов и Дробицки работеа на програмата на годинашниот фестивал, чија реализација Попов не успеа да ја дочека.
„Иновативноста во градење на фестивалската програма е присутна како во творештвото на авторите што настапуваат на фестивалот, така и во начинот на презентација на нивната музика. Ова е особено евидентно во годинашното фестивалско издание преку интердисциплинарниот пристап на програмата, која ги надминуваат границите на уметничките дисциплини и музичките жанрови спојувајќи џез, електроника, современа музика, поезија и проза“, рече Виолета Качакова, дел од тимот на КВЏ.
„Фестивалот е тесно поврзан со дискографската куќа ‘ПМГ џез’. Со 47 изданија македонска џез, светска и современа музика, освен како издавачи, континуирано организираме концертни и слушачки промоции. Домашната музика станува достапна до меѓународни музички професионалци и куратори, кои го признаваат нејзиниот квалитет, преку низа награди за најдобри џез-албуми и композиции на дел од изданијата за ‘ПМГ џез’, доделени од музичките платформи Bandcamp и All About Jazz. Непосредно пред почетокот на фестивалот ‘ПМГ џез’ излезе со 3 нови изданија на изведувачи, кои ќе настапат на фестивалот“, објасни Качакова.
На самото отворање на 20 април, во „Лабораториум“, во 21 часот ќе настапат Cobalt Code Unit, фракција од четири млади музички аскети, кои успеваат да ја спојат традицијата, современиот џез, африканскиот бит и бучавата на индустрискиот метеж.
На 23 април во Македонската филхамонија, во 20 часот, публиката ќе го проследи музичко-поетскиот проект „Мирисот на липите“ на Дуња Иванова на пијано и Тина Иванова како автор на текст и наратор на приказна.
„Иницијална каписла за овој проект се заедничките спомени со сестра ми Тина и мирисот на липите, кој нè потсетува на нашето детство и заедничката потреба да создадеме нешто храбро“, рече Дуња Иванова.
Веднаш потоа, во 21 часот, следува концерт на Биг бендот под диригентската палка на Љупчо Мирковски, со музика на еден од стожерите на современата џез-композиција – Кире Костов.
„Сè што научив за музиката и свирењето научив од Шпато и од Кире Костов и многу сум врзан за неговото творештво. Владан и Мирко направија избор од негови компизиции, кои под мојата палка ќе ги изведе Биг бендот“, изјави Мирковски.
На 27 април во „Лабораториум“, во 21 часот, вечерта ќе почне со концерт на Macedonian Free Society, нов креативен, (о)слободен, инспиративен, предизвикувачки израз и соработка помеѓу извонредни автори и инструменталисти, кои ја исцртуваат новата историја на македонската џез-музика. Во 22 часот ќе почне настапот на „Поетроника“. Еден од највозбудливите проекти, кој во форма на поетско-музички перформанс ја спојува македонската поезија со современа електронска музика. Модерен и динамичен поглед врз македонската поезија интерпретирана од актерот Оливер Митковски, во придружба на современа електронска музика во авторство и изведба на Андреја Ристески-Салпе.
„Музиката и поезијата се во совршена симбиоза. Музиката на Салпе, иако е електронска, има елементи и на џез и на етно. Тој креира совршена таписерија од звуци, а нарацијата, поезијата, ги крши сите клишеа. Целта ни беше да се сруши баналниот начин на интерпретација на поезија“, изјави Митковски.
Дробицки, кој заедно со Попов ја креира програмата за годинешниот фестивал, вели дека основна водилка им била: „Да понудиме програма, која ќе се разликува од сè што работевме досега – храбра и оригинална музика. Промовираме нови проекти, кои кокетираат со авангардните музички стилови – „Кобалт код унит“ и „Маседонијан фри сосајати“. Со „Поетроника“ ни се виде интересен спојот на избрана македонска поезија и музичка подлога, сублимат на модерни електронски стилови. Како контраст избравме камерен концерт со музика на една од најпродуктивните македонски композиторки, Ана Пандевска, во изведба на Дуња Иванова и надополнета со текст и нарација на Тина Иванова. Истовремено, му оддаваме почит на еден од најголемите македонски музичари, кој творел и работел во областа на џезот и оставил огромна трага во современата поп-музика, господинот Кире Костов“, вели Дробицки.
Фестивалот е поддржан од Министерство за култура и се реализира во соработка со Македонската филхармонија и „Лабораториум“. Концертот „Мирисот на липите“ се реализира со поддршка на Општина Центар. Онлајн-продажбата на билетите е достапна преку bileti.mk. Програмата за 20 април е бесплатна.