Култура
Прекрасна вечер на Бах со германскиот виолончелист Даниел Милер-Шот на Охридско лето
Еден од најбараните виолончелисти на денешницата, Даниел Милер-Шот од Германија, вчеравечер беше дел од концертната програма на фестивалот „Охридско лето“ изведувајќи дела од композиторот Јохан Себастијан Бах.
Тој е присутен на сите големи концертни подиуми и веќе неколку децении ја одушевува публиката како голем амбасадор на современата музика преку неговите идеи за обединување на музиката, литературата и визуелната уметност.

-Настапот на „Охридско лето“ значи многу за мене. Првпат сум во Охрид, вторпат во Македонија. Во Охрид преубава е природата, но и луѓето се извонредни, така што едвај чекав да ги споделам звуците на виолончелото со публиката, рече виолончелистот Милер-Шот.
Неговиот репертоар вклучува бројни дела од барокот, па сè до новосоздадени современи дела. Особено е посветен на проширувањето на репертоарот за виолончело преку сопствени аранжмани и преку соработки со современи композитори. Честопати сам ги претставува концертите и ги пишува текстовите за неговите бројни ЦД-а. На неговиот фестивал во Вевеј креира програма која ги вклучува делата на Бах придружувани со танцова кореографија во обид на визуелен начин да ја „преведе“ музиката. Неговите соработници за камерна музика ги вклучуваат: Кит Амстронг, Рено Капусон, Вероника Еберле, Џулија Фишер, Џанин Јенсен, Сабине Мејер, Нилс Монкемејер, Ан-Софи Мутер, Франческо Пјемонтеси, Емануел Тјекнавориан, Симон Трпчески, како и квартетот „Модиљани“ и др.
За него и за неговиот инструмент се напишани голем број дела.
-Почестен сум што неколку композитори сакале да напишат дела за мене и за мојот инструмент, и уживам во изведување на музиката од наше време и во работењето со моите пријатели, композитори,музичари. Се радувам што даваме живот на нова музика бидејќи е жив процес. Но исто така мислам и дека постарата музика како Бах треба да се свири како прва изведба бидејќи за многу луѓе кои не ја слушнале оваа музика на некој начин е и современа музика која се трансформира во времето пред 300 години и сите уживаат во неа, додаде германскиот уметник Милер-Шот кој свири на виолнчелото „Екс Шапиро“ изработено од Матео Гофрилер во 1727 година.
Оваа концертна сезона меѓу другото вклучува негова турнеја низ Германија со пијанистот Јан Лисецки и оркестарот „Ст. Мартин ин д филдс“, настапи со виолинистката Џулија Фишер, како и концерти со Камерниот оркестар на Концертгебау, Филхармонијата во Хелсинки, Оркестарот на шпанската РТВ и др., како и серија камерни концерти со пијанистот Давид Фре. Оваа година, Милер-Шот има уметничка резиденција на Фестивалот на Камерниот оркестар во Цирих, а на Фестивалот Мекленбург – Форпомерн одбележува 30 години од првиот настап.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Изложба на Иван Ивановски во Кина
Во Гуангдонг Сан Та Музејот за Уметност во Гуанџоу, Народна Република Кина, на 8 ноември 2025 година, беше отворена самостојната изложба „In Between“ на македонскиот уметник Иван Ивановски.
Куратор на изложбата е Александра Ацеска, а настанот е реализиран во организација на Фликер студио, Зенг Чуан, Чен Хуе Бин (Guangdong San Ta Museum of Art), со ко-организатор Жанг Веи, а изложбата е реализирана со поддршка на Министерство за Култура и Туризам на Република Северна Македонија.

Изложбата е придружена со музиката на Андреја Салпе и Оливер Митковски (Поетроника), студиски сет специјално снимен за оваа прилика.
Фотографиите се на Даниел Коцев – Пазамат, а дизајнот на постерот е на Лиу Чен.
![]()
![]()

Култура
Македонскиот проект „Балада за лонецот и капакот“ доби 9.000 евра за развој на сценарио
Филмот „Балада за лонецот и капакот“ во режија на Вардан Тозија, а во продукција на Ивана Шекуткоска и Минимал Колектив Продукција, е меѓу избраните проекти што ќе добијат финансиска поддршка во рамки на 2025 Funding Round на SEE Cinema Network.
Официјалната најава беше објавена во рамки на 66. Меѓународен филмски фестивал во Солун (TIFF66), каде што SEE Cinema Network ги претстави добитниците на овогодинешниот развоен фонд, соопшти Агенцијата за филм.
Секој од поддржаните проекти ќе добие 9.000 евра наменети за развој на сценарио и подготовка на продукција.
Култура
Нова меѓународна награда за „Златната пеперутка“ со Биби и Боби
Проектот за долгометражен анимиран филм „Златната Пеперутка“, со омилените детски херои Биби и Боби, освои ново меѓународно признание – наградата „Млади Хоризонти“ (Young Horizons Award) на престижниот CEE Animation Forum, што се одржа од 4 до 6 ноември во Плзењ, Чешка.
На форумот беа претставени 29 проекти од 15 земји, пред повеќе од 200 претставници од европската анимациска индустрија: продуценти, режисери, телевизиски уредници и дистрибутери.
Ова е втора награда за „Златната Пеперутка“, по MIA Development Award која проектот ја доби во октомври годинава на MIA Market во Рим – еден од водечките европски филмски пазари.
„Франција ги има Астерикс и Обеликс и Мињоните, Англија ги има Валас и Громит, Русија ги има Маша и Медо, Хрватска го има Балтазар, а Белгија го има Тин-Тин. Нашата цел е децата од светот да слушнат за Македонија преку Биби и Боби“ – изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Златната Пеперутка“ е еколошка авантура за целото семејство. Во филмот, Биби и Боби патуваат во амазонската џунгла во потрага по легендарната златна пеперутка, симбол на рамнотежа меѓу човекот и природата. Нивната мисија ги води кон митскиот град Ел Дорадо, каде ќе мора да ги здружат своите сили за да ги победат темните сили што демнат во џунглата.
Македонски продуценти на проектот се Македонска Крепост, Светот на Биби и Тун Моушн Студиос, а филмот ќе се реализира во копродукција со Аргентина, Шпанија, Колумбија и Бразил.

