Култура
Премиера на претставата „Сите сме птици“ во режија на Слободан Унковски
На сцената на Македонскиот народен театар на 17 декември премиерно ќе биде изведена претставата „Сите сме птици“, работена по текстот на либанско-канадскиот автор, Важди Муавад, а во режија на реномираниот Слободан Унковски.
Оваа моќна современа драма која спојува повеќе јазици и различни светови на искуства, го истражува и идентитетот за тоа кои сме – или мислиме дека сме.
Во драмата на оригиналниот и современ автор од либанско-канадско потекло, Важди Муавад, додека во светот се случува израелско-палестинскиот конфликт и нападите, едно семејство е во теснец и е принудено да се соочи со сето она што го знаат за својот идентитет. Поради терористичкиот напад во Ерусалим младиот израелско-германски генетски истражувач Еитан паѓа во кома, додека неговата девојка Вахида (американка со арапско потекло) е оставена да ја открие неговата семејна тајна…
Во претставата игра моќна актерска екипа: Дамјан Цветановски – Еитан, Сара Климоска – Вахида, Тина Трпкоска – Еден, Звездана Ангеловска – Леа, Николина Кујача – Нора, Емил Рубен – Етгар, Никола Ристановски – Давид, Петре Арсовски – Вазан, Сашка Димитровска – Болничарка, Драгана Костадиновска – Лекарка.
Текстот од француски на македонски јазик го преведе Калиопа Петрушевска, а драматург е Јелена Мијовиќ.
Сценографијата на претставата е на Бранко Хојник, костимограф е Роза Трајческа-Ристовска и композитор е Ирена Поповиќ-Драговиќ.
Следните изведби се закажани на 20 и 21 декември, како и на 30 и 31 јануари со почеток во 20:00 часот, а билетите се достапни преку веб-страницата www.mnt.mk
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Љутков на научна конференција: Ќе ги поддржиме иновациите во културниот сектор
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Музејот на македонската борба се обрати на седмото издание на конференцијата „Културните и креативните индустрии: предизвик за туризмот, културното наследство и економијата“, во организација на Факултетот за туризам и бизнис логистика при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.
Поздравувајќи ја организацијата на конференцијата, Љутков рече дека се дебатира за исклучително важна и актуелна тема, која на едно место ги обединува нашите напори и стремежи за развој и унапредување на културната, туристичката и економската сфера.
Осврнувајќи се на културните и креативните индустрии, министерот Љутков нагласи дека со својата посебност и потенцијал, тие можат да бидат моќен двигател на економијата.
„Инвестирањето во оваа област ќе придонесе за поттикнување на економскиот развој, нови можности за вработување и за зголемување на глобалниот углед на нашата културна сцена. Креативниот сектор не само што произведува уникатни производи и услуги туку и го поттикнува растот на туризмот, угостителството и малопродажбата“, истакна пред присутните министерот за култура и туризам.
Препознавајќи го потенцијалот на културните и креативните индустрии, Љутков информираше дека Владата и Министерството за култура и туризам во наредниот период ќе се фокусираат, пред сѐ, на изработка на нова Национална стратегија за културни и креативни индустрии (ККИ), ќе се изврши мапирање на ККИ, а ќе се возобнови и Советот за ККИ.
„Воедно, преку поддршка на стартап-компании кај правните лица и на фриленсерите ќе се креираат нови иновативни програми за поддршка за создавање и развој на бизнисите во креативните и културните индустрии и во видеоигрите“, додаде министерот Љутков, нагласувајќи дека ќе се даде поддршка за создавање препознатливи македонски брендови, за обнова и развој на традиционалните занаети, за воведување специјализирани географски ознаки со кои ќе се препознаваат македонските производи, а ќе се поддржуваат и еколошки одржливи проекти од областа на културата со користење традиционални знаења и вештини поврзани со природата и заштитата на животната средина.
Исто така, ќе се реализираат и низа работилници, саеми и кампањи за подигнување на свеста за придонесот на ККИ во економијата и општеството.
Повикувајќи на соработка меѓу сите засегнати, Љутков нагласи дека само така ќе можеме да создадеме синергија која ќе резултира со одржлив развој на нашата култура, туризам и економија.
„Во тој контекст, улогата на Министерството за култура и туризам е клучна во создавањето рамка која ќе овозможи ефикасно справување со предизвиците и ќе ги поддржи иновациите во културниот сектор“, рече Љутков, додавајќи дека со поддршка на креативците, како и со овозможување поволни услови за развој на креативните индустрии, сите заедно ќе ја оствариме визијата за создавање богат и разновиден културен сектор и ќе изградиме културна средина која ќе биде конкурентна на глобалниот пазар.
На конференцијата се обратија и деканката на ФТБЛ, проф. д-р Татјана Бошков; проф. д-р Владимир Јаневски од Музичката академија на УГД; проф. д-р Наташа Митева, продеканка на ФТБЛ; м-р Александар Јорданоски, експерт за културно наследство и Анче Илиевска, в. д. директорка на НУ Музеј на македонската борба за самостојност.
Култура
Ансамблот „Танец“ в четврток заминува на балканска турнеја
Ансамблот Танец в четврток ќе замине на балканска турнеја, со концерти во Подгорица, Љубљана, Загреб и Бања Лука!
На претстојните концерти во Подгорица (20.9.2024), Љубљана (22.9.2024), Загреб (24.9.2024) и Бања Лука (27.9.2024), на големите сцени на КИЦ „Будо Томовиќ“, „Цанкарјев дом“, „Ватрослав Лисински“ и салата „Борик“, ќе биде изведена раскошна музичко-сценска програма од различни периоди на ансамблот, во која ќе бидат одиграни изворните ора „Тешкото“, „Женско Чамче“ и „Копачка“, како и дел од богатиот кореографски опус на Танец – спектакуларните кореографии „Жетварка“, „Мариовска тресеница“, „Малешевка“ и „Радовишки собор“.
Секако, нема да изостане и богатата вокално-инструментална програма на оркестарот и хорот на Танец, заедно со првенката Сузана Спасовска, кои за публиката ќе исполнат повеќе антологиски песни од богатата ризница на македонскиот народ, како безвременските „Да сум бистра вода“, „Девојче, девојче“, „Седна баба да вечера“, „Лено, ле, Лено“, „Кирјана вино продава“, „Море сокол пие вода на Вардарот“ и многу други.
Турнејата е во рамките на јубилејната година на ансамблот, кога се прославува 75-годишнината од основањето и таа, како и останатите концерти во сезоната, се одвива под мотото „ТАНЕЦ – 75 ГОДИНИ МАКЕДОНСКИ КОД“.
Култура
Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и камерниот оркестар „Профундис“ ќе настапат во Филхармонијата на 20 септември
Светски познатиот виолинист Стефан Миленковиќ и македонскиот камерен оркестар „Профундис“, овој петок ќе приредат ексклузивен концерт во големата сала на Македонската филхармонија. Со почеток во 20:00 часот, ова музичко доживување ветува вечер исполнета со врвна уметност и незаборавни емоции, донесени од еден од најистакнатите виолинисти на нашето време.
Виртуозниот Стефан Миленковиќ е еден од најпочитуваните виолинисти на својата генерација, со долга и успешна кариера како солист и виртуозен виолинист.
Неговите настапи ги красат сцените на најпрестижните концертни сали низ светот, а неговата изведба е позната по својата длабочина, прецизност и неверојатна техничка подготвеност. Во својата кариера, тој е добитник на бројни награди и признанија, а во Србија ги носи титулите за „Уметник на векот“, „Најхумана личност“, „Личност на годината“ и е еден од најпознатите српски уметници кој гради кариера на сцените во светот.
„Поминаа повеќе од 5 години од мојот последен концерт, па затоа со нетрпение чекам да се видиме во Скопје, град кој има прекрасна публика и каде имам многу пријатели!“, изјави тој како најава за претстојниот концерт.
На сцената Миленковиќ ќе биде придружуван од камерниот оркестар „Профундис“, познати по својата уникатност, виртуозна музикалност и креативност во настапите, што ги прави еден од водечките камерни оркестри како во Македонија, така и во регионот.
„Чест е да го имаме Стефан Миленковиќ како дел од нашата програма оваа сезона. Неговата виртуозност и страст кон музиката совршено се вклопуваат со уметничките стандарди на нашиот оркестар, а верувам дека публиката ќе ужива во еден од најдобрите концерти оваа година!“, изјави Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител на камерниот оркестар „Профундис“.
Инаку, Миленковиќ со својата кариера започнал на само шест години, одржувајќи повеќе од 1,000 концерти пред да наполни 16 години. На само 10 години настапува пред претседателот на САД Роналд Реган на Божиќниот концерт во Белата куќа, следната година свири за Михаил Горбачов во Белград, а на 14 години настапува пред папата Јован Павле II. На 16 години го свири својот 1000 концерт во Монтереј, Мексико, а на 17 годишна возраст веќе има победено на голем број натпревари за млади виолинисти.
На програмата ќе бидат изведени дела од П. И. Чајковски, Н. Паганини, К. Сен-Санс, Ж. Масне, А. Бацини и П. Сарасате, ветувајќи музичка вечер проткаена со финеси и грациозност само какви што може да отсвират Стефан Миленковиќ и „Профундис“.