Култура
Премиера на театарската претстава „Гласови“

Утре, со почеток во 20 часот, театарот „Чекори“ премиерно ќе ја изведе својата најнова театарска претстава „Гласови“, во режија на Маја Ѓурчевска.
Улогите ги толкуваат Марко Џамбазоски и Никола Димевски, инспициент е Ангела Наумовска, а тон и светло-мајстор е Михаил Митевски. Влезот е наменет за сите посетители, без разлика на возраста.
Делото спаѓа во жанрот комедија, а билетите може да се набават на самиот влез пред почеток на претставата, по симболична цена од 100 денари. Театарот се наоѓа во скопската населба Автокоманда, во склоп на Домот на културата ,,Димитар Влахов”.
Со своето 48-годишно постоење театарот „Чекори“ е најстариот алтернативен театар во Македонија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Радоста на постоењето” – нова мотивациска книга во издание на „Паблишер”

Македонската книжевна сцена се збогатува со ново интересно и вредно дело, кое го загатнува најважното за секој човек – животот. Насловот „Радоста на постоењето” најавува дека авторката Симона Петреска со оптимизам гледа на големиот предизвик кој почнува со самото раѓање на секој човек.
Петреска преку својата книга ги поттикнува луѓето да зачекорат со сигурност во животот и да го исполнат со радост, полетност, разбирање, благосостојба… Преку своите лични искуства и анализи, таа им вдахнува инспирација да ја пронајдат вистинската насока на својот пат кон духовно остварување.
Авторката си поставила за цел со книгата да му помогне на читателот да живее во мир и хармонија, да оствари духовен развој, да биде благодарен за она што го има и да создаде поуспешен, поосмислен живот менувајќи ги своите мисли, емоции и однесување.
Нејзината цел е остварлива, секако, ако читателот се нурне во напишаните редови. Спојувајќи ги јазикот на умот и јазикот на душата и телото, авторката пишува со зборови кои допираат до сечие срце.
– Ако душата е земја, вие сте нејзини земјоделци. Посејте ѝ љубов и гледајте како во вас завладува хармонија, вели мотиваторката Петреска.
Инаку, книгата можете да ја најдете во сите книжарници на ТРИ и на книга.мк.
ПР
Култура
Откажани двете претстави на Драган Маринковиќ-Маца во Скопје и во Битола

Двете претстави на познатиот комичар Драган Маринковиќ-Маца, во Скопје и во Битола, кои требаше да се одржат на 27 и на 28 мај, се откажани поради болест на актерот.
Маца во Македонија требаше да ја игра хит-претставата „Каква ти е жената, таков ти е животот“, која го освои регионот и досега ја имаат гледано повеќе од 40.000 луѓе.
На сите оние што ги купиле билетите средствата ќе им бидат вратени на местата на кои ги купиле.
Култура
Францускиот анимиран филм „Детето фантом“ на „Џифони филмски денови“

Фестивалот „Џифони Македонија“ на седмата серија од „Џифони филмски денови“ ќе го прикаже анимираниот француски филм за деца „Детето фантом“ в сабота (21 мај) во 10 часот во Кинотеката. Филмот е синхронизиран на македонски јазик, продукцијата е од 2015 година во режија на Жан-Луп Фелисиоли и Алан Гањол.
Детето фантом е всушност Лео, 11-годишно момче од Њуjорк, кое е суперхерој. Лео е во болница и страда од сериозна болест, но дознава дека може да го напушта телото и да лета низ градот, да поминува низ ѕидови како фантом. Се спријателува со Алекс, полицаец, кој привремено е во инвалидска количка. Принудени се да внимаваат на Мари, своеглава новинарка, која тргнува во потрага по злосторникот, а во која Алекс е тајно вљубен. Тие тројца треба да го спасат градот од лошиот и криминален шеф.
По дискусијата на филмот, во 12.30 часот ќе почне филмската работилница со режисерката Марија Џиџева за сите оние што сакаат да снимаат филмови и видеа.
„Џифони филмски денови“ е програма што привлекува големо внимание кај учениците што ја сакаат филмската уметност. По секоја проекција, следува дебата во која активно се учествува. Деновите се отворени за ученици од основно образование, а по проекцијата на филмот, ќе следува дискусија.
Проектот „Џифони филмски денови“ се организира со поддршка на Делегацијата на ЕУ во Скопје, од Агенцијата за филм на РСМ и од Кинотеката на Северна Македонија, а се остварува во соработка со Амбасадата на Италија во Скопје и италијанскиот партнер „Џифони експириенс“.