Култура
Премиера на филмот „Фениксот од Кавадарци“

Во Кинотека на Македонија, денеска, со почеток во 12 часот премиерно ќе биде прикажан документарно-играниот филм „Фениксот од Кавадарци“ реализиран со финансиска поддршка на Филмскиот фонд.
Филмот е сниман на повеќе локации во Скопје и Кавадарци. Сценарист и режисер е Мишо Нетков, главен продуцент и монтажер Миле Петковски, актер наратор Гоце Ристовски, костимограф Живко Трајчевски, аниматор Бојан Секуловски, камермани Кристијан Теодоров и Георге Трајковски.
Филмот говори за Васил Хаџиманов, фармацевт по диплома но музички образован, го владеел нотното писмо, свирел пијано и гитара и бил несекојдневен интерпретатор на изворни македонски народни песни. Благодарение на неговата дејност како собирач на народни песни зачуван е огромен фонд од македонското народно творештво со нотен и текстуален запис. Васил Хаџиманов бил и златоуст пеач кој уште на почетокот на минатиот век бил особено популарен на многу балкански радиостаници изведувајќи македонски песни на македонски јазик.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Изведба на „Кармина Бурана“ од Карл Орф на 7 декември во Националната опера и Балет

На сцената на Националната опера и Балет на 7 декември 2023, со почеток во 20 часот, концертно ќе се изведе моќната „Кармина Бурана“ од германскиот композитор Карл Орф. Публиката ќе може да дојде и да ужива на средба со страста, љубовта и животните радости, како и вечниот сон за среќата, владетелка на светот.
Диригент е Иван Еминовиќ, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, а хор-мајстор е Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Наде Талевска, сопран; Васко Здравков, баритон и Нико Ѓоргиевски, контратенор заедно со хорот и оркестарот на Националната опера и Балет.
Слушањето на моќната „Кармина Бурана“ е секогаш посебно искуство и со години го привлекува вниманието на многубројната публика, која постојано ја бара на тековниот репертоар.
Култура
Недела на полскиот филм во Кинотеката

Од 06 до 10 декември 2023 во Кинотеката ќе се одржи Недела на полски филм. Ревијата ќе започне со прикажување на филмот ИО на Јержи Сколимовски.
ИО е последниот филм на Јержи Сколимовски, легендата на полското и Европското кино. Тој со овој филм покажува дека има уште што да каже. ИО е еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови во неговата шеесетгодишна кариера. Филмот ја освои наградата од жирито на 75-то издание на Канскиот филмски фестивал и влезе во потесниот избор на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм во 2023 година.
Полскиот режисер Јержи Сколимовски има кариера која трае повеќе од 60 години, чии филмови од шеесетите години на минатиот век се сметаат за најава на новите естетски тенденции во полската кинематографија. Токму во тоа ќе можат да се уверат филмофилите гледајќи ги неговите филмови во првата половина на месецов. Она што е за одбележување е проекцијата на можеби најценетиот филм на Сколимовски Рацете горе, за товарот на сталинистичкото минато на Полска, забранет за прикажување во земјата цели 18 години, а неговиот последен филм, ИО, еден од неговите најоригинални и визуелно најинвентивни филмови со кој Сколимовски покажува дека има уште што да каже.
Култура
Македонската филхармонија ќе свири класика овечковечена на големото филмско платно

Овој четврток, 7 декември, со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе одржи концерт, кој претставува возбудлива музичка одисеја во која класиката создава паралелна приказна на големото филмско платно. Концертот е со наслов „Бесмртност“, а ќе прозвучат дела од големите класични мајстори Маскањи, Моцарт, Бетовен, Мусоргски, Штраус, Барток и Вагнер овековечени во филмските ремек -дела на браќата Коен, Скорцезе, Форман, Кјубрик, Аронофски, Копола…
Диригент е местро Вања Николовски-Ѓумар.
Вања Николовски-Ѓумар се школува во Скопје, каде што на Факултетот за музичка уметност во 1992 година дипломира на Одделот за диригирање (класа на проф. Фимчо Муратовски), а во 1993 година на Одделот за композиција (класа на проф. Властимир Николовски). Во 1995 и 1996 година специјализира диригирање во Санкт Петербург, на конзерваториумот „Николај Римски Корсаков“, во класите на Илија Мусин и Михаил Кукушкин. Во овој период активно соработува со Јури Темирканов и Валери Гергиев. Мастер-студиите по композиција ги продолжува во 1999 година во Скопје, во класата на проф. Гоце Коларовски.
Во деведесеттите години развива богата диригентска дејност настапувајќи со повеќе хорски и инструментални ансамбли во Македонија (меѓу кои и Македонската филхармонија, хорот на Македонската радио-телевизија, хорот „Мирче Ацев“ и др.), а Македонската опера и Балет е неговата матична куќа. Остварува и голем број настапи во странство: Санкт Петербург (Русија), Белград (Србија), Виена (Австрија), Порто (Португалија), а подоцна и низа настапи во САД (Феникс, Сан Диего, Вашингтон, Лос Анџелес…). Паралелно со ова, активен е на полето на музичкото творештво, а неговите дела се изведуваат на Деновите на македонската музика, Охридско лето, средбите на музичките академии од поранешна Југославија.
Во почетокот на овој век се преселува во САД, каде што ја продолжува својата диригентска, педагошка и композиторска дејност. Во своето творештво минува низ разни фази. За време на студентските години, трагајќи по сопствен музички израз, неговите дела носат и неоромантичарски и неокласицистички елементи. Бескрајната творечка љубопитност подоцна го води и во други творечки правци – минимализмот, џезот, фолклорот, и тоа не само на сопствената земја туку и на другите народи од разни континенти.