Актуелно
Претставата „Ана Карењина“ на Пројковски апсолутен победник на театарски фествал во Србија

На завршната вечер на театарскиот фестивал „Театарска пролет“ во Шабац, Србија, синоќа (17 април) свечено беше прогласен апсолутниот победник на фестивалот, претставата „Ана Карењина“ според романот на Толстој, во режија на македонскиот режисер Дејан Пројковски, а во продукција на Новосадско народно позориште – Нови Сад.
Преставата на Пројковски, еден од најнаградуваните и најпродуктивни македонски театарски режисери на Балканот, ги доби наградите за најдобра претстава во целина, за најдобра режија – Дејан Пројковски, за најдобар актер – Арпад Месарош, за најдобра актерка – Тимеа Филеп.
„Ана Карењина“, која настапуваше во конкуренција со претставите, меѓу другите и на Српско народно позориште – Нови Сад, Ателје 212 – Белград и Београдско народно позориште – Белград, ја оценуваше релевантно жири, во состав Зијах Соколовиќ, Слаѓана Килибарда и Ирфан Менсур.
Наградите на Театарскиот фестивал „Театарска пролет“ се последни во низата од 22-те награди кои овој врвен театарски продукт на Пројковски ги доби во последните две години (премиерно е изведен во ноември 2019 година) во Србија и во странство.
Имено, „Ана Карењина“ ги понесе наградите на сите релевантни фестивали во Србија во изминатите две години, како што се фестивалот на професионални театри на Војводина, „Тврѓава“ фестивал, на фестивалот „Борини театарски денови“ во Врање… Актерката Марта Береш, пак, за улогата на Ана Карењина е прогласена и за најдобра актерка во Унгарија.
Со овие награди, „Ана Карењина“ е најнаградуваната претстава во историјата на Новосадско народно позориште – Нови Сад, а истовремено го вбројува македонскиот режисер Дејан Пројковски во редот на најзначајните театарски режисери на денешнината, не само во Македонија туку во целиот регион.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Актуелно
Ива Дамјановски e добитник на наградата „Антево слово“ 2021/ 2022

Ива Дамјановски за „Мојата песна се фрла од мостот“ е лауреат на поетскиот конкурс за необјавена песна „Антево слово“ за 2021/2022 година.
Наградата е дел од Меѓународна поетска манифестација „Анџело ла Векија“ која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Наградени автори на „Антево слово“ 2021/ 2022 – Сицилија, Италија
1. награда
Ива Дамјановски – Мојата песна се фрла од мостот
2. награда
Елизабета Бандиловска – Солзите на светот;
Михајло Костадиновски – Младост за перење;
3. награда
Љубинка Донева – Птиците и гробиштата
Димче Шипинкаровски – Прочка
Награда за млад автор:
Мелани Иванова – Порака за мир
Годинешниот мал јубилеј ни претставува особена чест затоа што македонската поезија е дел од оваа значајна Меѓународна поетска манифестација „Анџело Ла Векија“ („Il Parnaso – Concorso di Poesia – Premio Angelo La Vecchia“), која се остварува во соработка со Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст – Струмица“, востановена во чест на великанот на македонската поезија Анте Поповски.
Мисла-песна, песна-мисла, поврзаноста градиво за нови светови, темел за нова јасност. Потребата за мир не е е надреална желба, андроидното живеење е веќе реалност, но да знаеш да ја пренесеш низ поетски глас симболиката на интимните вивнувања и падови преку личните дискурси на перцепција со автентичност и скриена поетичност и мелодика е нешто што ги отвора портите на стиховерзумот на новите поколенија.
Според Атина Цветаноска, член на жири-комисијата на „Антево слово“, експресивната мисла на Ива Дамјановски е луцидно покажана во нејзината песна „Мојата песна се фрла од мостот“.
„Нејзината песна е жив организам кој битиствува во реалноста која ја опкружува и се стопува во живиот и неживиот свет. За неа стиховите се органско продолжение на нејзината суштина и се истовремено и орудие и екпресија и израз на внатрешен животен порив. Стиховите се иновативни, современи и во исто време едноставни што прави оваа песна да се чита лесно, но и да побуди прашања и размислувања за есенцијата на животот“, вели Цветаноска.
Ива Дамјановски е родена 1996 година во Скопје. Дипломиран пијанист и моментално работи на своите магистерски студии на Libera Università di Bolzano на Катедрата за музикологија, како и на Катедрата за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при УКИМ – Скопје. До сега има издадено две збирки поезија, насловени „Тие“ и „Двоумење“, како и две научни статии од областа на музикологијата. Добитничка на престижната поетска награда за поезија „Браќа Миладиновци“ во 2020 година.
Актуелно
Слободен влез во Музејот на македонската борба по повод Меѓународниот ден на музеите

НУ Музеј на македонската борба за самостојност го одбележува Меѓународниот ден на музеите со слободен влез за сите посетители на 18 мај во редовното работно време од 10 до 18 часот.
Како дел од постојаната музејска поставка посетителите, меѓу другото, ќе можат да ги погледнат и ексклузивните амбиентални претстави на етно куќа и берберницата на гемиџиите, музејските раритети со исклучителни парчиња оружје и покуќнина, специјалната тактилна изложба ФОКУС, уметнички портрети на истакнати македонски историски ликови и останати презентации на македонското историско и културно наследство.
Дел од програмата на музејот е и ретроспективната изложба „Хартии” на познатиот македонски уметник Сергеј Андреевски, која е поставена во холот на Музејот на македонската борба.
Годинашната тема на Меѓународниот ден на музеите е „Моќта на музеите“. Меѓународниот ден на музеите, 18 мај, е востановен од Меѓународниот совет на музеите (ИКОМ) во 1977, со цел да се насочи вниманието на јавноста за важноста на улогата на музеите во современите општества.
Актуелно
Министерката за култура се заложи за соодветно вреднување на фондот на браќата Манаки во битолскиот архив

Широкиот спектар на материјални показатели содржан во фондот на браќата Манаки претставува солидна основа за да се пристапи кон нивно содветно вреднување, презентација и промоција, рече министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, при денешната работна посета на битолското одделение на Архивот на Северна Македонија.
Костадиновска-Стојчевска, придружувана од директорот на Државниот архив на Северна Македонија, Емил Крстески, и директорот на Кинотеката, Владо Ангелов, во рамките на посетата на Подрачното одделение во Битола се запозна со Фондот 580: „Браќа Манаки – Битола 1853 – 1964“ за кој во согласност со Законот за архивското работење и Законот за заштита на културното наследство, како прва фаза, неопходно е да биде изработен елаборат за негова валоризација.
Министерката потенцира дека фондот депониран во оваа установа содржи материјални показатели, кои се од непроценливо значење за филмскиот опус и приватните аспекти од животот на доајените на филмската уметност на Балканoт.
Содржината на фондот претставува солидна основа за тој, со акт за валоризација, да биде прогласен за културно наследство од особено значење, поткатегорија големо значење, односно национално богатство, посочуваат од Министерството.