Книги
Промоција на втората книга на Ана Јовковска „Ехо на слободата“

Новата книга на Ана Јовковска „Ехо на слободата“ ќе биде промовирана на 12 април, четврток, во 20 часот во МКЦ Клуб-ресторан. Книгата е издание на Издавачки центар „ТРИ“, поддржана од Министерство за култура.
Илустрацијата на корицата ја направи уметникот Ване Костуранов. Промотори ќе бидат проф. Владимир Мартиновски и проф. Ана Мартиноска, а музичкиот дел на Бранислав Николов од „Фолтин“.
„Деценискиот извонреден телевизиски проект ‘Пулс’ на Ана Јовковска, кој постави хималајски стандарди во македонското телевизиско интервју, пред неколку години, на општо задоволство, почна да се преточува и во книжевен облик, со првата книга ‘Пулсот и времето’ (2015). Сосема оправдано, книгата на Ана Јовковска доживеа еруптивен успех: беше промовирана во речиси сите македонски градови и стигна до огромен број читатели, кои добија можност да се соочат со прекрасните дијалози во една кондензирана, прегледна и длабоко осмислена форма. Најновата книга на Ана Јовковска, соодветно именувана ‘Ехо на слободата’, е природно надоврзување. Таа е уште еден плод на нејзините безрезервни заложби, ретка посветеност, беспрекорен професионализам и драгоцена дарба за суштински дијалог, кој секогаш, без исклучок, води кон наслушнување не само на емотивниот, мисловниот и духовниот ‘пулс’ на соговорникот, туку и на невралгичните премрежја на нашево време“, пишува во рецензијата на Владимир Мартиновски.
Ана Јовковска е новинарка, колумнистка, ТВ-водителка, продуцентка, лицe за односи со јавноста и промоција, активистка и хуманистка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Книги
„Македонска сага“ – нова книга за филмот

Деновиве излезе од печат новата книга на новинарката и филмска критичарка, Сунчица Уневска, насловена „Македонска сага“. Станува збор за уште една книга со рецензии, како нејзината претходна „Седмиот печат“, но овој пат посветена целосно на македонскиот филм. Имено, ова е прво издание за македонскиот филм кое го опфаќа периодот од осамостојувањето на нашата земја па сè до денес, период на т.н. современ македонски филм или независна македонска кинематографија.
Во книгата се поместени рецензии за 45 македонски филмови, почнувајќи од „Македонска сага“ (1993) на Бранко Гапо, па сè до „Втора шанса“ (2019) на Марија Џиџева. А покрај рецензиите Уневска прави и избор на новинарски текстови и коментари кои зборуваат за состојбата со филмот во одредени временски периоди, како и текстови за филмови кои на свој начин го одбележале времето во кое се појавиле. На тој начин оваа книга не е само збир на филмски рецензии, туку се претвора и во своевидна хроника на времето во последниве триесеттина години, која на овој начин за првпат го опфаќа споменатиот период на создавање во филмската дејност.
„За разлика од порано, тоа е доста турбулентен период во поглед на филмската продукција во нашата земја, во кој доживеавме и најголеми успеси, но и многу големи падови, кога македонската кинематографија стана непрепознатлива во светот“, вели Уневска. „Денеска не е така, многу нешат во меѓувреме се сменија, а најмногу свеста дека македонскиот филм мора одново да се пронајде себеси и да го фати чекорот со тековите во светот. Некои нови проблесоци ветуваат дека не е сè загубено…“, додава авторката.
Интересно е дека во книгата се објавени рецензиите, написите и коментарите онака како што биле објавени во тоа време, „објективно и без разубавување, зборувајќи за времето и настаните без задршка, токму онака како што било“. Затоа и оваа книга, освен за читање, веројатно ќе биде значајна и за проучување за сите оние кои се занимаваат со филмот, затоа што го одразува времето и настаните многу посеопфатно од само филмската продукција. Книгата е во издание на „Аквариус“, а веќе од оваа недела ќе ја има во книжарниците во Скопје. Промоцијата е планирана за месец јануари.
Книги
Нов број на филхармонискиот весник

Излезе вториот број на Магазинот за класична музика и уметност кој го издава Филхармонија. И во овој број има интервјуа и текстови кои се врзани со настаните кои ќе се реализираат на нашата концертна сцена. Во магазинот може да се прочитаат интервјуа со диригентот Тимоти Редмонд, пијанистот Бери Даглас, виолинистката Естер Ју, македонските уметници – диригентот Борјан Цанев и виолинистката Фросина Богданоска.
Во мини магазинот има и претставувања на ансамблот „Јаношка“, кој ќе настапи на новогодишниот гала-концерт на Филхармонија, пијанистот Давид Фре, за кого критиката вели дека е „совршен пример за музичар кој размислува“, тромбонистот Питер Мур – најмладиот победник на натпреварот на Би-би-си… Читателите преку содржината на овој број може да се запознаат и со дел од композициите кои ќе прозвучат на концертите на Филхармонија. Воедно има и изјави од различни личности од јавниот живот во земјата, врзани со Филхармонија, нејзиниот програмски концепт и уметниците кои настапуваат. Во овој број може да се прочитаат изјавите за Филхармонија од писателот Александар Прокопиев, академик Катица Ќулафкова и од новинарите и долгогодишни проследувачи на културната сцена Љупчо Јолевски и Ѕвездан Георгиевски.
Магазинот визуелно се инспирира од комплетно новиот дизајн на сите печатени материјали на Филхармонија – каталог, постери, програма за концерти кои се идејно решение на дизајнерот Горан Златевски. Уредници и автори на текстовите во магазинот се музиколозите Ангелина Димоска и Тина Иванова.
Бесплатни примероци од магазинот ќе има во нашата институција, но и по градските кафулиња, ресторани, туристички агенции, хотели…
Книги
Објавена новата драма на Томислав Османли

Во најновиот, 40. број на реномираното литературно списание „Балкански књижени гласник“ деновиве е објавен најновиот драмски текст на Томислав Османли насловен „Враќање дома“. Пиесата се однесува на траумите на една современа галерија ликови, наши современици од две спротивставени генерации, кои ги живеат своите делби, сонот за богатство, носталгии, острастените политизации, социјални трауми, политички фрустрации, и во еден дел реализираните желби за заминување од тука, од овој или од некој друг град, додека повеќето остануваат заглавени на истото место, во едно оттуѓено меѓувреме.Во сценските слики кои авторот на „Враќање дома“ ги гради, како во воз кој стои во место, додека, парадоксално, покрај него врви „железничкиот пејзаж“ на животот – на некој друг воз во забрзано движење.
„Балкански књижевни гласник“ е списание формирано пред петнаесет години, кое ја афирмира литературата и уметноста на автори од балканските простори и објавува оригинални прозни, драмски, поетски есеистички творби, прикази и интервјуи. Негов основач и главен уредник е писателот Душан Гојков. Списанието, покрај во електронска, се публикуваше и вопечатена форма. Сега се појавува како интернет-публикација за литература, култура и уметност.
Пиесата „Враќање дома“, која сега се објавува во „Балкански књижевни гланик“, пред неколку месеци беше објавена во книгата со две „Нови драми“ на Т. Османли, во издание на ВиГ „Зеница“ од Скопје, која неодамна, проследена со врвните оценки на истакнатите писатели и критичари акад.Ферид Мухиќ, Ристо Лазаров и Глигор Стојковски, ја имаше својата промоција во „Салонот 19,19“.
Овој драмскиот текст се движи помеѓу носталгијата, чувството на горчина од новите времиња на лични и на социјални изневери. Иако е поставен среде скопски теми, мотиви, дијалект и носталгична чувственост, тој развива општи, дури универзали видувања. Драмскиот текст „Враќање дома“ ги носи значењата на разјадената љубов и солидарност, и на одвеаната нежност на разваленото традиционално семејсто; и воедно, критика во однос на заборавот на старото време и вредности, и на немоќта и индолетноста кон подобрувањата во новото време – и едното и другото, како наши актуелни одлики и одредници во драмата која ја живееме сега и тука, дома.
„Дома не е место. Дома е чувство. И сеќавање. Ако забораваш, немаш каде да се вратиш“ – истакнува Томислав Османли во предговорот за неговиот драмскиот текст сега објавен и во белградскиот „Балкански књижевни гласник“.
- Топ3 месеци
Газда полеан со бензин, а неговиот џип запален во Кисела Вода
- Забава3 месеци
Дошла на преглед поради постојан замор, а докторите ѝ рекле дека ќе умре за 72 часа
- Култура3 месеци
„Болка и слава“ на Алмодовар го отвора фестивалот „Браќа Манаки“, кинематограферот Алкаине гостин во Битола
- Книги2 месеци
Промоција на „Небо во кафез“ од Д.А. Лори
- Црна хроника2 месеци
Се урна тераса во Скопје – повредени татко и неговите три малолетни деца
- Hitech3 месеци
(Видео) Возач и совозач во „тесла“ спијат додека автомобилот вози со 100 на час
- Култура1 месец
Десет најчести прашања и одговори за програмата „Креативна Европа медиа“ на „Синедејс“
- Свет1 месец
(Видео) Полицаецот кој го уапси синот на Ел Чапо убиен со 150 куршуми