Книги
Промоција на последното дело од Петре Бакевски – поемата „Нова Атлантида“
Последното дело од истакнатиот македонски писател Петре Бакевски, „Нова Атлантида“, што е во издание на „Арс либрис“, дел од „Арс ламина – публикации“, ќе биде промовирано на 23 ноември (среда), во 19 часот, во Галеријата на Младинскиот културен центар во Скопје. Промотори на книгата ќе бидат етаблираната критичарка, есеистка и театролог Јелена Лужина и познатиот новинар и колумнист Ерол Ризаов. Модераторка на настанот ќе биде Ана Зафирова.
Станува збор за последната книга на која Бакевски работел пред својата смрт во 2011 година. Изданието е сочинето од три пеења: „Бротче од хартија“, Ecce homo и „Јазол од ветрови“. Првиот дел (верзија), првично објавен во 2008 година, е добитник на наградата за најдобра поема „Григор Прличев“. Авторот подоцна се посветил на создавање на другите два последователни дела, кои се заокружени во една целина, со наслов „Нова Атлантида“. Првпат ексклузивно од печат излегува комплетираното дело со сите три пеења. Уредник е Томе Силјаноски, а поговорот го напиша Лужина.
Книгата е дел од едицијата „Македонски книжевни класици“, во рамките на која издавачката куќа „Арс ламина“ досега го (ре)објави дел од творештвото на книжевните великани: Петре М. Андреевски, Гане Тодоровски, Димитар Солев, Живко Чинго, Ѓорѓи Абаџиев, Влада Урошевиќ, Блаже Конески и Оливера Николова.
„Нова Атлантида“, како што има кажано Петре Бакевски, е сублимат на целото негово поетско, книжевно и животно искуство. Во неа се сите негови возвишувања и паѓања, сите негови соништа и изгубени илузии.
„Атлантида е метафора за исчезнувањето. Таа има двојно значење, и лично и општо. Животот на човекот се одвива во биолошки круг. Само времето постојано трае, се продолжува, се обновува, се пресоздава, ги пласти драмите, селективно и двоумно ги памети сеќавањата, предупредува и повторно се става на искушенија. И на нови предизвици. На нови потраги. На нови откровенија“, рекол Бакевски.
Петре Бакевски (Кавадарци, 5 јануари 1947 – Скопје, 25 август 2011) е еден од најзначајните македонски писатели, интелектуалци и книжевници. Беше долгогодишен главен уредник на книгоиздателството „Детска радост“. Добитник е на низа награди и признанија во македонската културна сфера и пошироко.
Неговата книжевна биографија ги вклучува буквално сите родови и жанрови: поетски (во распон од лирски песни до поеми, епски, најчесто испишани во слободен стих), прозни (во распон од раскази и романи, до книжевни и театарски критики, есеи, репортажи, коментари, полемики), драми (секакви, во проза и во стих).
Книгата „Нова Атлантида“ е достапна во сите книжарници на „Литература.мк“, како и онлајн преку www.literatura.mk.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Книги
„Единствен матичен број“ на Лидија Димковска прогласен за роман на годината
Новиот роман на Лидија Димковска, „Единствен матичен број“, е добитник на годинешната награда „Роман на годината“.
Романот е во издание на „Три“ и уште по своето објавување, ја освои читателската публика. Жири-комисијата, составена од Влада Урошевиќ, Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева, одлучи токму романот на Димковска да се закити со една од најпрестижните и несомнено најпосакувани признанија во домашната книжевност.
„Единствен матичен број“ е четврти роман на авторката, од кои „Резервен живот“ исто така беше во најтесниот круг за оваа награда во 2012 година.
Наградата „Роман на годината“ првпат е доделена во 1999 година од „Утрински весник“, а од 2017 до денес се доделува од Фондацијата „Славко Јаневски“.
За издавачкиот центар „Три“ ова е петта награда „Роман на годината“. Лидија Димковска се придружи на низата квалитетни автори, кои во издание на „Три“ претходно го добиле ова признание – Венко Андоновски со „Папокот на светот“ (2000), Кица Колбе со „Снегот во Казабланка“ (2006), Јагода Михајловска-Георгиева со „Индиго Бомбај“ (2008) и Митко Маџунков со „Птиците од ланските гнезда“ (2012).
Критиката веќе се огласи за многузначноста и значајноста на ова прозно остварување на Димковска. Читателите исто така ја препознаа неговата вредност, а во меѓувреме сите го очекуваме второто издание на романот.
Лидија Димковска веќе има освоено повеќе награди за нејзината проза, од кои ги издвојуваме – двапати наградата „Стале Попов“ на Друштвото на писателите на Македонија и награда на Европската Унија за литература за романот „Резервен живот“. Токму затоа таа сосем заслужено е една од најпреведуваните домашни авторки.
Книги
Пет романи во најтесен избор за наградата „Роман на годината“
„Единствен матичен број“ од Лидија Димковска („Три“), „Ако се родат некакви чувства: зборник за љубовта на Гоце и Јанка“ од Блаже Миневски („Матица македонска“), „Заборав“ од Томислав Османли („ВиГ Зеница“), „Сѐ уште можам нешто да сторам“ од Фросина Пармаковска („Или – или“) и „Зелениот дворец“ од Сибо („Арс Либрис“) се петте романи што се најдоа во најтесен избор за наградата „Роман на годината“ за 2023 година, што ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.
Оваа одлука ја донесе жири-комисијата во состав Влада Урошевиќ (претседател и минатогодишен лауреат), Бранко Цветковски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата).
Наградата, чиј генерален покровител е „Комерцијална банка“ АД Скопје и која е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, годинава се доделува по јубилеен 25-ти пат. Таа се состои од плакета, оригинална статуетка и паричен износ од 150.000 денари.
Жири-комисијата ќе го соопшти името на лауреатот на оваа престижна награда на прес-конференција што ќе се одржи во петок, 15 март, во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје, со почеток во 12 часот.
Книги
Десет романи во трката за „Роман на годината“
Жири-комисијата за наградата „Роман на годината“ за 2023 година што ја соселува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, во состав: Влада Урошевиќ (минатогодишен лауреат и претседател на Комисијата), Бранко Цветкоски, Марија Ѓорѓиева, Сашо Огненовски и Катерина Богоева (претставник на Фондацијата), селектираше десет романи што останаа во трката за наградата „Роман на годината“.
На годинашниот конкурс пристигнаа 36 романи. Жири-комисијата во првата селекција одбра 19 наслови, а сега списокот го стесни на десет романи.
Наградата „Роман на годината“ е поддржана од Министерството за култура на Република Северна Македонија, а нејзин генерален покровител е Комерцијална банка АД, Скопје. Наградата се состои од паричен износ од 150.000 денари, плакета и оригинална статуетка.
Според пропозициите, насловот на наградениот роман и името на авторот ќе бидат соопштени на прес-конференција на 15 март.