Култура
Промоција на „Утеха за голите“ од Давор Стојановски во КИЦ на РСМ во Софија

Денеска во КИЦ на РСМ во Софија, со почеток од 18:30 часот, ќе биде претставена книгата „Утеха за голите“ од еден од најреномираните млади македонски писатели, Давор Стојановски. Во присуство на авторот за книгата ќе говорат издавачот Пламен Тотев (Издавачка куќа „Персеј“) и преведувачката Тања Попова.
Книгата е номинирана истовремено за Награда за литература на Европската Унија и за најголемата награда за литература во Северна Македонија – „Роман на годината“ (писателот веќе ја добил еднаш, а сите негови досегашни четири романи се номинирани за неа).
„Утеха за голите“ е роман за изгубената, неостварена и несреќна љубов. Но тој ги допира и темите за вечноста и бесмртноста, за среќата и радоста во животот, за барањето на утеха во најтемните периоди на човекот. Тоа е приказна на еден од најдобрите шахисти во светот, Германецот Рајнер Кестинг, и причините на неговото ненадејно повлекување од натпреварувачката дејност.
Една неочекувана средба и тоа кое го дознава од непознат човек водат до целосно преобраќање на неговиот живот и го враќаат наназад во времето, кон една речиси заборавена љубовна авантура со омажена жена. Дознава дека имал син, за кого не знаел, но во меѓувреме починал на триесет и четиригодишна возраст. Од тоа произлегуваат низа настани кои го тераат главниот херој да го преразгледа целосно својот живот, да ги разбере своите грешки во односите со своите најблиски луѓе.
Ако изминатите случувања личат на изиграна партија шах, откако фигурите се наредуваат во почетна позиција, тогаш на што личи сегашноста? Веројатно на веќе започната партија, во која го очекуваме потегот на противникот. И секогаш е придружена од надежта дека ќе се појави вториот играч, за да не останеме во позиција без никаков излез.
Има ли категорични одговори за тоа дали сме постапиле правилно во минатото? Дали е возможно наше помирување на оној свет, ако не сме го сториле тоа на овој? Дали може да биде обвинет некој за објектот на неговата страст? Која е вистинската љубов? Тоа се само дел од прашањата кои Стојановски ги задава во својата книга.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Театарска претстава „Народен непријател“ во изведба на МНТ на „Бит фест“

Како дел од програмата на битолското културно лето „Бит фест“, вљубениците во театарот, денес, со почеток во 20:00, на сцената на Народниот театар во Битола ќе имаат можност да ја проследат театарската претстава „Народен непријател“, во изведба на Македонскиот народен театар. Влезот за претставата е слободен.
Во претставата играат: Никола Ристановски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Јана Вељановска, Ана Арсовска, Благој Веселинов, Петре Арсовски, Сашка Димитровска, Александар Михајловски, Нино Леви и Мартин Ѓоргоски.
Премиерната изведба на претставата беше во мај годинава, а истата е добитник на четири големи наградни признанија на МТФ „Војдан Чернодрински“ и тоа за: наградата за уметничко остварување, наградата за главна машка улога во истоимената претстава за Никола Ристановски, наградата за сценографија за сценографката Вишња Вујовиќ и четвртата награда за рекламен материјал на Димитар Димитров. Режисер на претставата е Нина Николиќ.
„Народен непријател“, драмата во пет чина од Хенрик Ибзен, прв пат е објавена на 28 ноември 1882 година со оригинален наслов „En folkefiende“. Напишана е како одговор по јавниот скандал за неговата претходна драма – „Духови“, која ја критикува хипокризијата и моралот во општеството.
За претставата „Народен непријател“, драматургот на претставата Тамара Барачков, вели: „Да се каже денес дека некој класик на драмската литература е актуелен, звучи општо кажано. Но, кога ќе го погледнеме драмскиот текст на Хенрик Ибзен „Народен непријател“ (напишан во 1882 година) фасцинантно е колку допирни точки гледаме меѓу општеството во кое живееме и она кое се врти против доктор Стокман.
Во случајот, во оваа претстава актуализацијата, пред сè подразбира изострување на контекстот од каде што ја читаме драмата, без посебни интервенции во самиот текст, кој најмногу останува во својата изворна форма. Драмата совршено кореспондира и со кризата со која нашето општество повторно се соочува — преку исклучувањето на доктор Стокман од заедницата, Ибзен вешто го разоткрива општествениот конформизам и политичкото користољубие, покажува механизам со кој секој поединец што прави обид да зборува за системска неправда, автоматски го карактеризира како предавнички и заговорнички.
Во исто време, „страдањето“ на докторот е последица на неговиот стремеж да укаже на проблемот со загадената вода, што — во светлото на локалната свест за важноста на зачувувањето на животната средина — ја прави драмата на Ибзен уште поинтригантна за читање и поставување.
„Народен непријател“ отвора и важна дилема и во актуелните еколошки борби — како да се третира нешто што од една страна е извор на загадување и зараза, а од друга, главен (честопати единствен) извор на приход за поголемиот дел од населението во тој крај? Доктор Стокман е парадигма на современиот ангажиран маж, но тој е и идеалист кој верува дека промената е можна, и дека моменталното жртвување е неопходно, без разлика колку е тоа болно. Можеби на почетокот несвесен за последиците и проблемите што ќе му ги донесе неговиот бескомпромисен став, и покрај ударите што му ги нанесе општеството, предводени од владејачката политичка структура и нестабилните новинари, доктор Стокман низ предизвици и падови, созрева и ги зајакнува, ги освестува и ги зацврстува своите крајни цели.
Големо прашање е како денес да се прочита и да се толкува крајот на претставата. Во време кога, често, системот успева да го сомеле и да го совлада поединецот, предизвик е да се направи возможен и убедлив Стокмановиот оптимизам и одлуката да остане, но подеднакво важно е и прецизно да се дефинира (следната) цел и да се конкретизира полето за понатамошната борба на овој Ибзенов херој“.
Култура
Три фестивали и неколку актуелни европски продукции во јули во Кинотека

По годинешното летно издание на фестивалот на музички документарци Скопје синема сити, јулската програма на Кинотеката продолжува со проекции на филмовите од програмата на фестивалот на нов европски филм – „Синедејс“.
На репертоарот на „Синедејс“ ќе можете да видите неколку нови остварувања од европските кинематографии, како и четири наслови на еден од најзначајните автори на германската и европската кинематографија во овој век, Фатих Акин. НА РАБОТ ОД РАЈОТ (Auf Der Anderen Seite / The Edge Of Heaven), ОД НИКАДЕ (In The Fade / Aus Dem Nichts), РЕЗ (The Cut) и ДУШЕВНА КУЈНА (Soul Kitchen) се насловите на овој мајстор на човековата драма кои скопската публика ќе може да ги види под отворено небо во летното кино.
Средната на јули е резервирана за новото издание на Фестивалот на електронска музика, визуелни уметности и нови медиуми – „Десонанз“. Јулската програма на Кинотеката го содржи и уникатниот француски документарен филм КАДИФЕНА КРАЛИЦА ( La panthère des neiges / Velvet Queen), снимен на Тибет, чии автори трагаат по реткото животно и смислата на денешниот живот, а на програмата е и кинеската акциона драма ПЛАНИНА НА СМРТТА (Feng bao / Cloudy Mountain).
Францускиот филм ТИТАН (Titane) во режија на Жулија Дукурно (Julia Ducournau) е од оние наслови што не треба да се пропуштат. Победата на минатогодишниот кански фестивал, но многу повеќе контроверзите што ги предизвикува, го прават ТИТАН филм што ги бранува духот и вкусовите на филмофилите.
СÈ ПОМИНА ДОБРО (Tout s’est bien passé / Everything Went Fine) на Франсоа Озон (François Ozon) е уште еден нов бисер на актуелната француска кинематографија: семејната драма со ѕвездената актерска екипа предводена од Софи Марсо (Sophie Marceau) го третира контроверзното прашање за евтаназијата како спас.
Австриско-германската копродукција ГОЛЕМА СЛОБОДА (Große Freiheit / Great Freedom) на режисерот Себастијан Мајзе (Sebastian Meise) го осветлува криминализирањето на машката хомосексуалност во Германија долго век и половина, кое опстојувало во неколку дијаметрално различни општествено-идеолошки уредувања, од феудализмот преку нацизмот, до современата демократија.
Уште еден наградуван германски филм е на јулската програма. Станува збор за ФАБИЈАН (Fabian oder Der Gang vor die Hunde / Fabian: Going to the Dogs) во режија на Доминик Граф (Dominik Graf), чија сторија го осветлува Берлин во почетокот на 30-тите години од минатиот век. Францускиот филм ПАРИЗ – ЉУБОВНА ПРИКАЗНА (Les Olympiades, Paris 13e / Paris, 13th District) на режисерот Жак Одијар (Jacques Audiard) е необично црно-бело остварување за сексуалноста како бегство од сè она што го гуши модерното општество.
На таа критичка линија се наоѓа и СО СРЕЌА ДУПЕЊЕ ИЛИ УЛАВО ПОРНО (Babardeală cu bucluc sau porno balamuc / Bad Luck Banging or Loony Porn) на Раду Јуде (Radu Jude), па го повторуваме овој романски филм на репертоарот на Кинотеката. На јулската програма е и МЕМОРИЈА (Memoria), филм во режија на уникатниот тајландски автор Апичатпонг Верасетакул (Apichatpong Weerasethakul), кој раскажува мистериозна сторија за Шкотланѓанка во Колумбија.
Култура
Омаж на филмовите на Јане Алтипармаков на „Скопје синема сити“

Со ретроспективата на музичките документарни филмови на македонскиот режисер Јане Алтипармаков на 4 јули и со филмовите „Сестри со транзистори“ и „Моби: Мобидок“ на 5 јули ќе се затвори осмото издание на филмскиот фестивал „Скопје синема сити“.
Фестивалот, кој почна со изложба на фотографии од Ник Кејв на Немања Ѓорѓевиќ и филмот „Ник Кејв: 20.000 дена на земјата“, му оддаде почит на Кејв, кој е артист во фокус на фестивалот.
На 4 јули, во рамките на програмата на македонски автори и филмови, фестивалот ќе прикаже ретроспектива на филмовите на Алтипармаков – „Гето 103,“ „Фолтин се јави,“ „Бадмингтонс“ и The Hip Overdrive. Повеќето од овие филмови се исчезнати од архивата на МРТ и ова е последна можност да се видат од личната архива на Алтипармаков.
Фестивалот се затвора со двата филма за електронска музика на 5 јули. „Сестри со транзистори“ ја раскажува историјата на електронската музика, но преку жените композиторки, чии достигнувања биле од суштинска важност за овој жанр. Филмот е во нарација на Лори Андерсон. Фестивалот завршува со филм за Моби, каде што на луциден начин е даден портрет на овој уметник и неговите подеми и падови во една богата кариера.
Фестивалот е во организација на здружението „Номад-арт Скопје“. Автор на дизајнот е на Дијана Димитриевска. Програмата на фестивалот „Скопје синема сити“ е поддржана од Агенцијата за филм, Министерството за култура, КинотекаТА на Северна Македонија, Културно-информативниот Центар, ПР-агенцијата „Навигаторс“ и „Спона“, центарот за култура на Србите во Македонија.