Култура
„Риголето“ в сабота на Мајските оперски вечери
Бисерот на оперската уметност „Риголето“ ќе биде изведен в сабота, 18 мај, со почеток во 20 часот во Националната опера и балет како дел од 47. Мајски оперски вечери.
„Риголето“ на Џузепе Верди е драма на човечкиот живот која јасно, силно и емотивно ги прикажува скриените негативни карактеристики кај луѓето кои ги потиснуваат љубовта, слободата, радоста…
Трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва. Напишана според драмата на Виктор Иго „Кралот се забавува“, „Риголето“ како опера е раскажана со возбудлив музички јазик и нејзиниот успех наназад низ историјата не се должи само на либретото, на трагичната судбина на насловниот лик, туку уште повеќе на прекрасните арии меѓу кои и (“La Donna è mobile”), и на воопшто, убавата мелодиска структура.
Во насловната улога ќе настапи баритонот Алберто Гаѕале од Италија. Тој бележи блескава кариера со репертоар кој вклучува над 70 улоги, а настапува во Миланската скала, виенската „Штац“ опера, Арена ди Верона, како и во повеќето претижни оперски куќи низ Европа.
Во улогата на Џилда ќе настапи сопранот со префинета вокална техника, Линда Кампанела од Италија. Таа е редовен гостин на најпрестижните меѓународни оперски куќи настапувајќи низ целиот свет, а покрај тоа е престижен наставник по вокална техника и интерпретација на Вокалната академија во Торино.
Во улогата на војводата од Мантова ќе настапи Ифрим Космин од Романија, Владимир Саздовски како Спарафучил и Ирена Кавкалевска како Мадалена.
Диригент е Алесандро д’Агостини од Италија, кој ѝ е добро познат на македонската публика, диригент со импозантна кариера низ голем број европски оперски куќи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Започна шестото издание на Скопскиот поетски фестивал
Со оддавање почит на поетот Тихомир Јанчовски и читање песни во негова чест, синоќа во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, под мотото „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ!“ започна 6. Скопски поетски фестивал.
На настанот настапија поетот Шји Чуан од Кина, Денис Шкофич од Словенија, Гонџа Озмен од Турција, Кристина Шпиранец од Хрватска, како и Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Елизабета Баковска и младата Деспина Сиљаноска од Македонија.
По читањето се одржа поетско-музичкиот перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.
На отворањето му претходеше и читачката промоција на поетската панорама на поезија пишувана од млади ‒ „Техна и епистема“, што по повод минијубилејот ‒ 5 години „Отскочна даска“, ја објави „ПНВ Публикации“ од Скопје, а настапија триесетина млади поети.

Програмата продолжува и денес, со настанот „Диптих“, со почеток од 19:30 часот во бифето на МКЦ, на кој низ разговор и поетско читање ќе бидат претставени новите стихозбирки на Гонџа Озмен и Кристина Шпиранец, изданија на „ПНВ Публикации“. А од 21:00 часот ќе се одржи вториот дел од читањето „(Со) стих спроти наратив“ на кое ќе настапат Хајри Хамдан од Палестина/Бугарија, Јоргос Писанис од Грција, Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора, Марија Костиќ од Србија, како и Виолета Танчева-Златева, Оливера Андоноска и Сеида Бегановиќ од Македонија.
Шестото издание на СПФ го овозможија Министерството за култура и туризам, Традуки и Град Скопје, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, „Буквa“, Хрватското друштво на писатели, односно фестивалот „Стихот во регионот“, Светскиот поетски фестивал Патра, Грција, „ПНВ Публикации“, „Култура Бета“ и хотел „Цара 1928“.
Култура
Националниот џез оркестар одржа концерт „Macedonian Dreams“ во Брисел
Во срцето на Европа, на сцената на престижниот културен центар „BOZAR“ во Брисел, Националниот џез оркестар ја изведе концертната програма „Macedonian Dreams“, претставувајќи уникатен музички спој на македонската традиција и современиот џез израз.
Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ја поведе публиката низ музичко патување инспирирано од богатото македонско музичко наследство, преобликувано во современ џез јазик.
Концертот беше збогатен со гостин-солистот, извонредниот белгиски саксофонист Nicolas Kummert, чиј префинет уметнички сензибилитет и впечатлива интерпретација внесоа дополнителна длабочина во концертната вечер.

Концертот беше проследен со исклучително топол прием и внимание од публиката, а бројните позитивни реакции и впечатоци по настапот претставуваат силна потврда дека музиката, кога е искрена и автентична, создава непосредна комуникација и трајна поврзаност со публиката, надминувајќи ги сите граници.
Настапот во „BOZAR“ беше реализиран во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија, организирана и поддржана од Министерството за култура и туризам, со чија поддршка се овозможува значаен придонес во континуираната афирмација и меѓународна видливост на македонската култура и уметност.
Националниот џез оркестар со особена гордост ја претстави македонската музичка традиција пред европската публика, на сцената на еден од најпрестижните културни центри во Европа.
Култура
Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди во рамките на 54. издание на „Мајски оперски вечери“
На 13 мај со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена една од најзначајните музички драми во оперската литература – „Риголето“ од Џузепе Верди, во рамките на 54. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“.

Диригент е Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата ја потпишува Гилермо Нова (Шпанија), костимограф е Кристина Ачети (Италија), а кореограф Саша Евтимова, хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, додека концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Насловната улога – Риголето ќе ја толкува гостинот од Италија, Даниеле Луис Де Висенте, во улогата на Џилда ќе настапи Ана Дурловски, Војводата од Мантова ќе го толкува Дашуаи Чен (Кина), а во улогата на Спарафучил ќе настапи Владимир Саздовски. Во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Риголето“ е длабока и возбудлива драма за човечката природа, која силно и емотивно ги открива темните страни на страста, моќта и моралот. Оваа трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва, инспирирана од драмата „Кралот се забавува“ на Виктор Иго е раскажана преку впечатлив музички јазик и богата мелодиска структура. Операта е особено позната по своите арии, меѓу кои и „La donna è mobile“, кои и денес се едни од најпрепознатливите и најизведуваните во оперската уметност.
