Изложби
„Рудименти“ – нова самостојна изложба на академскиот скулптор Владимир Симоновски

Во просторот на Нова сцена во НУ Центар за култура Битола се отвори самостојната изложба „Рудименти“ на академскиот скулптор Владимир Симоновски.
Изложбата се состои од седум скулптури и еден објект изработени со специфична техника во дрво и метал, кои заедно прават уникатна целина. Сите дела се концептуално поврзани и откриваат избалансирана естетика на моќни симболички форми. Како рефлексија на средновековната иконична претстава „Слегувањето на Христос во адот“, публиката учествува во симнување во подземен простор во кој се согледува себеси низ скулпторски форми на раѓање, детска игра, духовен пад и преобразба.
Во каталогот за изложбата, историчарот на уметност и графичар Владо Ѓорески пишува: „Владимир Симоновски … дантеовски тргна во потрага по семиотиката на изгубената цивилизација, по светлината на Богочовекот, кој се спушта во нашиот нов свет, во нашите подруми, и повторно се распнува низ вкрстените порти. … Тоа се порти што преку смртта и повторната преобразба во светлина нè воведуваат брзо (затоа што навистина немаме време и дефинитивно сме изгубени во безизлезен вртлог) во трансцедентното, во духовното, давајќи ни храброст да ја погледнеме смртта в очи оти подобро е да се биде мртов човек одошто бесмртен робот. … Владимир Симоновски ни ја фрла вистината пред нас, поставена на црниот крст на нашето распаѓање, наспроти левитирачките порти низ кои може да помине само оној што верува, но не во лажните пророци, не во лажните спасители, душогрижници за нашето „здраво“ опстојување. Во малиот, темен простор тој ги поставува суштинските остатоци од секој нас и нè раслојува во една поетска метаморфоза, во еден детски еквилибриум, во една решетка на сите наши заробени слободи, отсекаде и засекогаш, во една лажна светлина на сите машински зборови што се замена за некогашните говорења. Конечно, тој ни ги остава клинците на сите наши распетија – љубовни, мечтателни, творечки, едноставни, скромни во сите сегменти на животот што сме го заборавиле.“
Владимир Симоновски е академски скулптор од Битола. Завршил Ликовна академија во Скопје, отсек вајарство, во класата на професорот Беди Ибрахим. Учествувал на повеќе групни изложби: Vernissage, Битола 1995; Transform, Истанбул 2009; Art Muse, Битола 2013, 2014; Timecollectors, Битола 2013, Скопје 2014; Графичко триенале, Битола 2013; Графичко триенале, Шамолиер, Франција 2011; Годишни изложби на ДЛУБ, 2011-2019; Годишни четвртоноемвриски изложби, Битола, 2010-2014. Реализирал самостојни изложби во: Прилеп, 2014; Кавадарци, 2014; Битола, 2014, 2017; Скопје (КИЦ), Кавадарци и Струга, 2018. Соработувал како сценограф со режисерот Лука Кортина (2009) и како костимограф на ТВ серијата „Седум приказни за свршувањето“ (2001). Автор е на дизајнот (сценографија, костимографија, плакат) на претставите: „Планетата Јов“ на Драмски театар – Скопје (2016), „Буре барут“ на Драмски театар – Скопје (2016) и „Дух“ на Охридскиот театар. Претседател бил на Друштво на ликовните уметници на Битола (ДЛУБ) од 2010 до 2014 година. Ја добил наградата на Македонскиот театарски фестивал „Војдан Чернодрински“ во Прилеп во 2017 година, за најдобар визуелен материјал за претставата „Планетата Јов“ на Драмски театар – Скопје, како и наградата „4 Ноември“ на ДЛУБ во 2019 година.
Изложбата ќе биде отворена секој ден до 6 јануари 2022 година од 17 до 19 часот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Прва голема изложба на дела од колекцијата на Музејот на современата уметност во „Кунстхале Виена“

Во престижниот простор „Кунстхале Виена“/Kunsthalle Wien Museumsquartier (кој е дел од „Музеум квартиер“), еден од најголемите европски културни центри, на 20 април ќе биде отворена изложбата – No Feeling is Final. The Skopje Solidarity Collection.
Првпат во Виена ќе биде претставена селекција на дела од вредната уметничка колекција на Музејот на современата уметност – Скопје. Ова големо претставување е резултат на соработката помеѓу двете уметнички институции МСУ – Скопје и „Кунстхале Виена“. Изложбата е курирана од уметничките директори на „Кунстхале Виена“, кураторскиот колектив What, How & for Who/WHW (Ивет Ќурлин, Наташа Илиќ и Сабина Саболовиќ).
Кураторките поканија 4 меѓународни современи уметници и едно уметничко дуо, кои добија задача да направат своја селекција од вредната колекција на МСУ и осмислија поставка со која ќе воспостават дијалог помеѓу делата на тие уметници и нивната авторска работа. Идејата е да се види како денес уметниците ја доживуваат оваа збирка настаната преку светската солидарност.
Од вкупната уметничката колекција на МСУ, која брои над 5.500 дела, во Виена ќе бидат изложени 94 дела и 50-ина дела од современите уметници вклучени во овој проект.
Од колекцијата на МСУ за Виена патуваат дела од: Пабло Пикасо, Дејвид Хокни, Петар Лубарда, Никола Мартиноски, Димитар Аврамовски Пандилов, Виктор Вазарели, Јаспер Џонс, Алекс Кац, Алберто Бури, Душан Перчинков, Анета Светиева, Александар Калдер, Глигор Стефанов, Пјер Алешински, Кристо и Жана-Клод, Томо Владимирски, Ото Лого, Димо Тодоровски, Владимир Величковиќ, Шеила Хикс, Јон Григореску, Олга Јевриќ, Енрико Бај, Олга Печенко-Срженичка, Богоја Поповски, Мерет Опенхајм, Гетулио Алвиани, Ана-Ева Бергман, Роберто Мата, Золтан Кемени и многу други.
Изложби
Македонскиот КИЦ во Тирана промовираше млади сликари од двете земји

Вчеравечер во македонскиот Културно информативен центар во Тирана, се отвори заедничка изложба на млади сликари од Република Албанија и Република Северна Македонија.
Со свои дела се претставија Риза Зибери, Матео Ордев, Ералд Незај, Ренид Тосуни, Самела Балази, Ерисаида Веизај, Беса Мустафаи, една нова генерација на уметници, растеретена од историски тежини.
„Независно што сношти беше врнежлива ноќ во Тирана, имаше многубројна млада публика, која возбудено доаѓаше во нашиот КИЦ да ужива во убавините на овие млади уметници. Сликарите се претставија секој со по 3 слики, најмладиот од нив, Матео Ордев има 12 години“, изјави директорот на македонскиот КИЦ во Тирана, Златко Ориѓански.
Ориѓански најави дека наскоро, во организација на Културно-информативниот центар во Тирана во главниот град на Албанија ќе гостува на Битолскиот театар, со што за првпат во историјата на двете земји ќе биде изведена претстава на македонски јазик.
Изложби
Се отвора изложбата „Пејзаж на вознемиреност“ во Музејот на современата уметност – Скопје

Изложбата „Пејзаж на вознемиреност (култура и уметност за идното коегзистирање со еколошките кризи и климатски промени)“ се однесува на климатските состојби и еколошките предизвици и ќе се отвори на 9 март во 20 часот во Музејот на современата уметност – Скопје.
Пејзажот на вознемиреност се однесува на промените во животната средина, кои генерираат ургентни состојби преку екстремните временски услови, губење на биодиверзитетот, девастираната животна средина, неконтролирани траектории на експлоатација на основните ресурси, како водата и воздухот, глобален раст и несакани миграции.
Учесници на изложбата се: Тихомир Топузовски, Ивана Васева, ОПА (Опсесивно посесивна агресија) – Денис Сарагиновски и Слободанка Стевческа, Ивана Мирчевска, Дарко Алексовски, Никола Узуновски, Зорица Зафировска, Кирил Арсовски, Билјана Гаревска и Дарко Базерко.
Во рамките на изложбата ќе следува и јавна програма, која ја отвора Адам Ночек, професор по филозофија на науката и технологијата од Државниот универзитет „Аризона“ во САД на 12 март (недела) во 12 часот.
„Делата од оваа изложба се резултат на соработка помеѓу уметници, експерти, активисти, формални и неформални здруженија, институции, овозможувајќи видливост, предлагајќи или поттикнувајќи решенија, или претставуваат форми на активизам, кои ја инволвираат јавноста во врска со постојните проблеми и предизвици“, велат кураторите Топузовски и Васева.
Изложбата е дел од истоимениот проект, кој подразбира шестмесечно истражување и се одвиваше на неколку локации во земјата, како Велес, Битола, Преспа и Скопје, во соработка со членови на еколошко друштво од Велес, „Вила Зора“, иницијативата „Битола на точак“, јавната институција Национален парк Галичица и Природонаучниот музеј на РС Македонија. Во рамките на истражувањето се дискутира за можни соработки, користење уметнички пристапи и методологии преку кои ќе се влијае до соодветните институции за решавање низа ургентни проблеми. Соработници на изложбата се: еколошко друштво „Вила Зора“, Велес, Институт отза комуникациски студии – Скопје, Природонаучниот музеј на РС Македонија. Проектот е целосно финансиран од ФООМ (Фондацијата „Отворено општество – Македонија“).