Култура
Светската музичка сензација Perpetuum Jazzile во Скопје
Еден од најголемите и најспектакуларни вокални состави во светот, Perpetuum Jazzile, ќе има свој настап во Македонската филхармонија во Скопје на 10.2.2023 година со проектот Vocal Extasy.
Perpetuum Jazzile – еден од најдобрите светски акапела-хорови, во својата долгогодишна кариера имаа издадено 10 албуми и е добитник на најпрестижните светски хорски награди:
– Vocal Total Award – интернационален хорски фестивал
– Vocal Total Award – интернационален акапела-натпревар
– прва награда – интернационален џез-вокал натпревар во Тибург, Холандија
– прва награда – светски хорски игри во Грац, Австрија
– Viktor Award – најпрестижна музичка награда во Словенија
Богатиот концертен репертоар на Perpetuum Jazzile вклучува единствени вокални обработки на светски познати музички ѕвезди – ABBA, Toto, Michael Jackson, The Queen, David Guetta, Lady Gaga, Earth, Wind & Fire, Billy Joel, David Bowie, Joni Mitchell, George Benson, Bee Gees…, како и сопствени интерпретации и обработки на народни песни. Вокалниот оркестар пее на разни јазици: англиски, португалски, шпански, италијански, германски, хрватски, словенечки, македонски и др.
Нивните концерти, покрај тоа што ѝ даваат на публиката уникатно музичко искуство, проследено со јака енергија и страст од секој музичар одделно, креативните вокални аранжмани импресионираат голем број музичари во светот, воодушевени од величествениот звук, кој не се очекува само од човечки гласови.
Perpetuum Jazzile е формиран од уметничкиот водител Марко Тиран во 1983 година под името Gaudeamus, а подоцна името е променето во Perpetuum Jazzile.
Денес, Perpetuum Jazzile е најпопуларен вокален оркестар на социјалната мрежа „Јутјуб“, со повеќе од 90 милиони прегледи, со што влегува на пописот на 40 најпопуларни видеа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Скопје Синема Сити“ се враќа со омаж на Мајлс Дејвис и филмови за музичките револуционери
Џез-визионери, поп-икони, пионери на електронскиот звук и нови генерации визуелни автори – сето тоа носи 12. издание на фестивалот за музички документарни филмови „Скопје Синема Сити“, кое ќе се одржи на 26 и 27 јуни во киното „Фросина“ при Младинскиот културен центар (МКЦ).
Во текот на две фестивалски вечери, публиката ќе има можност да проследи внимателно селектирана програма што ги спојува филмот и музиката во возбудливи приказни за уметници кои не само што создавале хитови, туку ги менувале правилата, естетиката и начинот на кој ги доживуваме звукот и времето во кое живееме.
Фестивалот, кој повеќе од една деценија ја негува културата на музичкиот документаризам, и оваа година останува место каде што се среќаваат љубителите на филмот, музиката и автентичните уметнички приказни.
Омаж на Мајлс Дејвис: 100 години од раѓањето на џез-генијот
Централно место во овогодинешната програма зазема одбележувањето на значајниот јубилеј – 100 години од раѓањето на Мајлс Дејвис, една од највлијателните личности во историјата на современата музика.
Фестивалот ќе биде отворен со документарниот филм „Miles Davis: Birth of the Cool“, искрен и прониклив портрет на човекот кој постојано ги поместуваше границите на џезот и одбиваше да остане заробен во сопствениот успех.
Преку ретки архивски снимки, музика и сведоштва на неговите најблиски соработници, филмот го открива сложениот карактер, неверојатната креативна енергија и немерливото влијание на уметникот чие наследство продолжува да инспирира генерации музичари и слушатели ширум светот.
Од Дјуран Дјуран до Крафтверк: музика што ја обликуваше поп-културата
Покрај омажот на Мајлс Дејвис, фестивалската програма носи уште две исклучителни филмски приказни за музички легенди кои оставија длабока трага врз културата на своето време.
„Duran Duran: Behind the Music“ нуди интимен поглед кон подемот, славата и трансформациите на еден од највлијателните поп-бендови на осумдесеттите години. Филмот ја следи нивната еволуција, откривајќи ја приказната зад гламурот и светската популарност.
Од друга страна, „Kraftwerk: Pop Art“ претставува филмски портрет на германските визионери кои ја поставија основата на електронската музика. Нивната минималистичка естетика и иновативен пристап кон звукот засекогаш го променија музичкиот пејзаж, а нивното влијание и денес може да се препознае во речиси секој современ музички правец.
Свеченото отворање ќе биде збогатено со изложба на студенти од академијата „Бреинстер“, кои активно учествуваа во креативниот процес на подготовка на официјалниот визуелен идентитет на фестивалот.
Авторка на официјалниот фестивалски постер за 12. издание на „Скопје Синема Сити“ е Јана Андреевска.
Култура
Изложба „Архивски документи“ од Жанета Вангели во Македонскиот КИЦ во Софија
На 16 јуни (вторник) 2026, со почеток од 18:30 часот, во галеријата на Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи отворањето на изложбата „Архивски документи“ од реномираната македонска уметница Жанета Вангели.
Првото самостојно преставување на уметноста на Жанета Вангели во Софија се реализира во соработка меѓу Македонскиот КИЦ во Софија и Националната галерија на Македонија.
Изложбата се состои од објекти, дигитален печат, аудио записи, фотографии, селектирани внимателно за изложбата и соодветната приказна која ја нуди.
Маја Крстевска, виш кустос од Националната галерија на Македонија, за изложбата на Жанета Вангели го напиша следниот претставителен текст:
Предизвик е да се пишува за ваква голема и значајна уметница, провокација е изборот од нејзиниот творечки, уметнички фундус да се преточи во соодветна приказна. Жанета Вангели, професорка и големо име на светската ликовна сцена, нѐ воведува во дел од архивските документи преку визуелната уметност, преточена во дигитална слика, фотографија, текст и звучна уметност.
Оваа нејзина изложба е, всушност, една сублимација на главните интересни зони кои се во нејзиниот фокус, кон една метафизичка манифестација во време-просторот што таа го сведочи. Низ четиридецениското творештво, преку архивските документи, Вангели несомнено евидентира различни претстави на духовна слобода и привлекува внимание кон доживувањето на времето, поканувајќи ја публиката да го почувствува сегашниот миг преку проекција на доживеаното. Оваа непоколебливост низ ликовниот говор, ја претпоставува позитивната мера на препознавањето на посветеноста. Соодветното разбирање на моментот, на изложбата се толкува како виртуелно читање на прикажаната сцена, предмет, лик… уредена и приспособена со значително мотивирана желба, изразено вистинско присуство во композицискиот систем.
На еден друг начин е спротивставена тенденцијата на илустративен модел, накратко сликите ја поврзуваат реалноста со перцепцијата. Јас ќе посочам дека сликите се присоединуваат на различни начини – тие се отворено перфекционистички, но и преокупирани од спонтаноста. Во исто време, мора да се нагласи односот на мистиката со аргументите кои се воздржани, но сепак длабоки и нетаинствени. Просторот во којшто ние живееме со сите средства е поврзан со визијата на свесноста, а создадено е чувство на традиционална рамнотежа.
Хармонично организираниот простор резултира со визуелна композициска сразмерност, особено во симболичните и асоцијативно моделирани површини. Вангели е уметница која без разлика дали станува збор за објект, плотер уметност, аудиоуметност или фотографија, е мотивирана од желбата да го максимизира или минимизира прикажаното, во корелација со основниот објект, приспособен на површината.
Нејзината независност дава богат придонес кон историјата на слободата и со целосна задлабоченост ја развива уметноста кон конкретна фактичност. Ќе го наведам делото „Алтруистичка перница“, претставено на оваа изложба, кое на плотер принт ја развива историјата на одредена уметничка логика со модифицирана мајсторска сторија.
Жанета Вангели е родена во Битола, Македонија, во 1963 година. Дипломирала на Државниот факултет за ликовни уметности – Штеделшуле во Франкфурт/Мајна во 1988 година. До 2008 година работи како независна уметница. Од 2008 година работи како професор на катедрата за сликарство и трансмедиумски практики на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Вангели е мултимедијална уметница која реализирала самостојни изложби во Скопје, Битола, Белград, Франкфурт/Мајна, Келн, Њујорк, Стокхолм, Аделаид и Хангжу.
Таа учествувала на многубројни групни изложби и филмски фестивали, меѓу кои 4th International Digital Art Triennial, SYMBIOSIS, Qiantang Bay Art Museum, Хангжу, 2025; The 10th Silkroad International Art Festival, Shaanxi Provincial Museum of Fine Arts, Ксиан, 2024; Precision Hits, Town Hall of Neapolis, Солун, 2024; AAMA, 19th Asian, African and Mediterranean International Art Exhibition, Qingdao Art Museum, Кингдао, 2022; AAMA, 18th Asian, African and Mediterranean International Art Exhibition, Qingdao Art Museum, Кингдао, 2021; Главните пунктови на македонската ликовна уметност во 1970-тите и 1980-тите години, Музеј на современата уметност, Скопје, 2021; Bienal di Curitiba, Museo Oscar Niemayer, Куритиба, 2017; Recorded Memories, Museum für Photographie, Брауншвајг, 2013; The Inner Ear, Museum of Modern and Contemporary Art, Риека, 2012; Gender Check, Museum für Moderne Kunst Stiftung Ludwig Wien, Виена, 2009; 1st Berlin Photography Festival, After the Fact, Martin Gropius Bau, Берлин, 2005; 50th International Art Exhibition, La Biennale di Venezia, Macedonian Pavillion, Венеција, 2003; Blood & Honey, Kunst der Gegenwart, Sammlung Essl, Виена, 2003; In den Schluchten des Balkan, Museum Fridericianum, Касел, 2003; 59.Mostra Internazionale d’Arte Cinematografica, Венеција, 2002; After the Wall, Moderna Museet, Стокхолм, 1999; Aspekte, Positionen, 50 Jahre Kunst aus Mitteleuropa 1949-1999, Museum Moderner Kunst Stiftung Ludwig Wien, Виена, 1999, итн.
Нејзините дела се дел од приватни и јавни колекции, како во Музејотот на современата уметност, Скопје, Националната галерија на Македонија, Скопје, Музејот на модерна и современа уметност, Риека, Центар Андре Малро, Сараево, Sammlung Jan Andreas Müller, Франкфурт/Мајна, Stadt Frankfurt am Main, Amt für Wissenschaft und Kunst, Франкфурт/Мајна, Shashoua Collection, Лондон, Museo Toni Benetton, Тревизо.
Култура
„Секогаш во изградба“ – изложба на Ивана Самандова и Исмаел Петроу
Во четврток, со почеток во 20 часот, во Изложбен салон Империјал 2 ќе биде отворена изложбата „Секогаш во изградба“ на Ивана Самандова и Исмаел Петроу.
„Во оваа заедничка изложба, уметниците во престој на програмата КреAрт и Исмаел Пелтроу од Клермонт-Феранд, Франција и Ивана Самандова од Скопје, ги споделуваат и врзуваат своите уметнички практики со индивидуален фокус на градот Скопје, преставен преку уметнички историјат на архитектури, временски периоди и очекувања.
Овој текст е спој на нивните заеднички и индивидуални размислувања претставени преку видеа, објекти, скулптури создадени преку мултимедијални техники. Најдените и рачно изработените дела го следат движењето кон и вон урбаното ткиво, не како туристичка мапа, туку како серија емоционални и материјални слоеви на предвоената и поствоената архитектура, каменот на старите патеки и калдрмата, бетонските фасади од брутализмот и модернизмот, слоевите на неоклацисизмот, како и празнините што остануваат меѓу нив. Градот, не е само сцена, туку жив организам што чува траги од секоја љубов, очекување, мисла, делување, градба и секоја нова или веќе прекината приказна.
Културната географија на движењето низ градот, симболичното и физичкото спуштање од Водно кон центарот, ја артикулира состојбата која ги поврзува делата во пост-тажен мир или пак ментална свежина, не во сенката на жалоста по загубените можности, туку во чудната леснотија што доаѓа од одбивање на чекањето на замислените иднини во еден град. Овие уметнички позиции не се навраќаат на минатото со носталгија, туку го осветлуваат она што останува кога очекувањата тивко се разронуваат, чудна леснотија на движењето без одредена цел и менталното талкање на можностите.
Талкањето како етичка и естетска пракса, отвора движење во неизвесни времиња, отвора начин да се остане чесен пред континуираното недовршено. Делата ги отсликуваат расцепите меѓу ветувањето и реализацијата, меѓу архитектонските проекти и секојдневните обичаи, покажувајќи како градот и неговите стари и нови состојби, како преживуваат и опстојуваат затскриените, полуизградени и изградени простори. Овој простор меѓу градбите, патеките и празнините, станува терен за емотивна географија каде што смиреноста и подвижноста коегзистираат.
Изложбата ги нуди погледите на градот Скопје од уметникот – посетител и уметницата која е жителка, град кој е истовремено е во постојана конструкција на веќе изграденото и новото, преточен како чувство и сцена на изградена нова надеж, тивки примирија и во исто време како место на очекувања, бунтовност и на слободата во движење. Во оваа состојба на „оплакана иднина“, двата уметнички гласа нѐ повикуваат да ги прифатиме талкањето и недовршеноста не како празнини, туку како единствените искрени простори во кои може да се роди ново обмислување на градот и нашата вклученост во неговата постојана изградба“, се вели во најавата за изложбата.
Изложбата е во рамки на Европскиот проект „CreArt Уметник во престој“ кој веќе седми пат се одржува во просторот на ЈУ Културно Информативен Центар – Скопје, а е финансиран од градот Скопје и Европска комисија
Ивана Самандова (1997 година, Скопје) е интердисциплинарна уметница. Дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје во 2020 година, модул конзервација и реставрација, отсек сликарство. Нејзината уметничка практика се фокусира на процеси на набљудување и истражување, за кои преку интердисциплинарна уметничка практика (нови медиуми, сајт-специфик инсталации) ги истражува темите на социо-политичките контексти, преиспитувајќи ги структурите, однесувањата, динамиките на моќ и интерконекции помеѓу одредени заедници во општеството или пак, поединци.
Има реализирано пет самостојни изложби, а учествувано на голем број групни изложби. Има ко-курирано проекти и меѓугенерациски групни изложби, од кои што еден од првите е за време на нејзините студии, насловен „Пост-вистина, желба“ (2019) со Ангела Савевска. Проектот „Надминувајќи ја уметноста“ (2019-2021), ко-куриран со Ангела Витановска, Џон Блеквуд и Бојан Иванов, чиј фокус беа уметниците и уметноста во Северна Македонија во времето на Ковид-19, се реализира во групна изложба во КСП Центар – Јадро и продукција на книга за преиспитувањето на уметноста во времето на Ковид-19. Добитничка е на наградата „Борко Лазески“ за иновативни сликарски постигнувања (2021) и полуфиналистка на наградата ДЕНЕС (2024). Моментално живее и работи во Скопје.
Исмаел Пелтрoу е француски интердисциплинарен уметник. Неговата работа се движи помеѓу истражување и откривање, презентирани преку видео, перформанс, инсталација и скулптура. Тој за да ги истакне темите на кои работи, го испреплетува со неговиот живот, користејќи специфични ситуации за да се осврне на разоткривање концепти. Исмаел учествувал на повеќе на резиденции, од кои поважна е Namas за време на Литванската културната сезона во Франција во 2024 година. Настапувал во Les Laboratoires d’Aubervilliers и бил дел од кураторскиот тим за изложбата /’kœr’/core во In-Extenso. Неодамна, учествувал на изложбите Quand je ne dis rien je pense encore во ESACM и Premiere во CAC Meymac. Тој е со-основач на програмаta WorkParty, преку која организира проекции низ целиот свет, отворајќи можности за видео уметниците да ги претстават своите дела, да се запознаат и да соработуваат.
