Култура
СДСМ: Со нас македонската култура постигнува значајни успеси

„Со посветеноста и заложбите на СДСМ, македонската култура постигнува значајни успеси и резултати.
Изборот на Скопје за престолнина на културата во Европа за 2028 година е успех за македонската култура и признание за влогот на институциите предводени од СДСМ, Министерството за култура, Владата но и поранешната локална власт на Градот која имаше визија и ја подготви апликацијата.
Додека ДПМНЕ го уназадува Скопје, СДСМ обезбедува можности за развој.
Освојувањето на титулата Европска престолнина на културата овозможува значителни културни, економски, социјални придобивки за Скопје, и одлична можност Скопје и целата македонска култура во 2028 година да се претстават во најдобро светло на европската и светската сцена.
Овој нов успех на македонската култура доаѓа само неколку дена по одлуката на Комитетот на УНЕСКО Охридскиот регион да остане на листата на светско културно и природно наследство, со исклучителна универзална вредност. Важноста на Охридскиот Регион е немерлива и трајна. Затоа, наша должност е да го заштитиме.
СДСМ, преку институциите коишто ги предводи покажа одговорност во заложбите за негување и промоција на културното богатство и преземените чекори и мерки се препознаени и валоризирани“.
Соопштение на СДСМ
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Лилит“ – театарски перформанс во КСП Центар-Јадро

Утре, понеделник (04.12.2023), со почеток во 20:00 часот, во Културно-социјален простор Центар-Јадро ќе се одржи премиерната изведба на театарскиот перформанс “Лилит”
„Лилит“ е првата фаза од театарското истражување насловено „Notebook of Silence“, соработка помеѓу актерката Јасмина Билаловиќ, композиторот Алесандро Ола (Италија/Шпанија), и драматургот Јелена Вуксановиќ (Србија).
Проектот е замислен во различни фази кои оживуваат, во различни контексти, простори и кои вклучуваат различни соработници низ целиот тек на истражувањето.
Првата фаза од реализацијата е базирана на текстот на Ришард Ниечим и неговото повеќедецениско искуство на соработка со неговиот некогашен учител Гротовски.
Актерката Јасмина Билаловиќ го заснова своето истражување на нејзиниот повеќегодишнен тренинг со Ришард Ниечим, базиран на звучење (Sounding).
Звучење (Sounding) е наутички термин кој се користи за истражување на длабочините на сликите во јазикот и човечкото тело, во движење и одмор; поконкретно, sounding значи да се прозвучат длабочините на сликите во енергетските центри на човечкото тело и да се истражуваат архетипските длабочини на мистериозното несвесно.
Драмскиот текст е искористен на минималистички начин, каде ликот на Лилит се користи како основа за градење на архетипот на женска фигура отфрлена од општеството поради тоа што ги одбива и преиспитува традиционалните, конзервативни вредности. Таа е заробена во вечен простор, сè уште верна на својата бескрајно бунтовна природа, но на моменти обремента од судовите на светот. Ние набљудуваме и сме сведоци на различните фази кои водат до нејзиното прифаќање на себе си во тоталитет, без да се стишува или да се моделира според она што се очекува од неа. Таа на крај го прифаќа тоа што е, а со тоа се прифаќаа себе си и конечно може да ја напушти старата, зададена, улога, ослободена од товарот на срам и вина.
———————————————————————
▪️ По текстови на Ришард Ниечим
▪️ Драматургија и режија: Јелена Вуксановиќ
▪️ Игра: Јасмина Билаловиќ
▪️ Композитори: Алесандро Ола, Маја Стајнберг
▪️ сценографија: Мартин Манев
▪️ костими: Павел Маслов
Носител на проектот: Здружение на уметници Културен центар МЕДИА АРТЕС
Проектот е поддржан од Министерство за култура и Амбасадата на Швајцарија.
Култура
Филмај – фестивалот за краток филм објави конкурс за пријавување на шестото издание

ФИЛМАЈ фестивалoт на кратoк филм, организиран од фото-кино клуб “Козјак” – Куманово, од минатиот понеделник (27 ноември 2023) го отвори конкурсот за пријавување за 6-тото издание на фестивалот,
Кратките играни филмови (со траење до 20 минути и завршени после 01.01.2022), до 31 март 2024 година може да се пријават преку платформите FilmFreeway и festhome .
Филмовите може да конкурираат за награда “Лазар Ѓорѓевиќ” за најдобра режија, награда “Радислав Ристевски” за најдобра фотографија/кинематографија, награда “Koзјак” за најдобрo сценарио и награда “ФИЛМАЈ” за најдобар краток филм.
Македонските (домашни) филмови може да конкурираат за награда за најдобар македонски филм, а може да се пријават и во меѓународна конкуренција за горенаведените награди.
Фестивалот ќе се одржи во две последователни вечери во мај 2024 година.
Претходница на главната фестивалска вечер ќе биде проекциска ревија на филмови од претходните изданија на ФИЛМАЈ, и промоција на книги со филмска тематика од македонски автори.
Повеќе детали за фестивалот има на Фејсбук-страната fb.com/filmaykozjak .
На истата страна ќе бидат објавувани новости и информации во врска со фестивалот.
Култура
Две промоции во Кинотека: „Пет македонски етнолошки филма“ и книга „Документарниот филм и идентитетот“

Во среда, на 6 декември, во 12 напладне во Кинотеката ќе бидат промовирани последните изданија на Кинотеката -книгата „Документарниот филм и идентитетот“ и блу-рејот „Пет македонски етнолошки филма“.
Промотори на изданието „Документарниот филм и идентитетот“ на Сунчица Симоновска Веселиновска, виш филмолог во Кинотеката, ќе бидат проф. Драгица Поповска од Институтот за национална историја и вон. проф. д-р Атанас Чупоски, советник филмолог во Кинотеката.
Рецензенти на ова печатеното издание на истоимениот магистерски труд на Веселиновска се проф. д-р Антоанела Петковска и проф. д-р Тодор Чепреганов, кој за значењето на филмската документаристика ќе напише: „Снимањето на документарни филмови кои најчесто се насочени кон обработка на историски факти од минатото, потврдени со актуелните научни истражувања, директно влијаат врз колективната мемеорија – како клучен фактор во обликувањето на националните белези на македонскиот народ. Филмот воопшто, а посебно документарниот филм, има моќ постојано да нè враќа во минатото, поради што се наметнува потребата за зачувување на сите елементи кои заземаат значајно место во идентитетот на еден народ – каде филмот се појавува во улога на еден од чуварите и паметниците на идентитетот на тој народ“.
И за второто кинотечно издание кое ќе биде промовирано на 6. декември – блуреј изданието под наслов „Пет македонски ентолошки филма“ може да се каже дека е подеднакво значајно за идентитетот како дел од нашата колективна меморија, но пред сѐ како наше аудиовизуелно културно наследство. Станува збор, како што посочува насловот, за пет документарни филмови со етнолошка тематика, снимени во 1950-ите и 1960-ите години на минатиот век, во продукција на Етнолошкиот музеј – Скопје и продуцентската куќа „Вардар филм“. Документарните филови поместени на овој блуреј – ВЕЛИГДЕНСКИ ОБИЧАИ (1954, р. Ацо Петровски), ГАЛИЧКА СВАДБА (1955, р. Ацо Петровски), ДЕРВИШИ (1955, р. Ацо Петровски), МАРИОВСКА СВАДБА(1966, р. Вера Кличкова) и РУСАЛИСКИ ОБИЧАИ ВО ГЕВГЕЛИСКО (1957, р. Благоја Дрнков) – минатата година беа дигитално реставрирани со средства од меѓународниот проект „Сезона на филмски класици“ на Аосцијацијата на европски кинотеки (ACE – Association des Cinémathèques Européennes), кој пак е финансиски помогнат од програмата МЕДИА на Европската комисија. Дигитална реставрација на петте етнолошки филмови беше извршена од страна на проф. Владимир Павловски, а промотор на блуреј изданието ќе биде етнологот м-р Елизабета Конеска, виш кустос во Музејот на Македонија.