Изложби
„Симфонија на бои во пентаграм“ на Дренуша Палоши во Мала станица

На 15 декември во Мултимедијалниот центар Мала станица, во 19 часот ќе биде отворена изложбата со наслов „Симфонија на бои во пентаграм“ на ликовната уметница Дренуша Палоши. Истата ќе биде достапна за публиката до 25 декември 2022.
Пентаграмите во сликите на Дренуша се претставени како потпорен и заштитен столб на колоритот и фракциите на добиените нијанси. Преклопувањето на боите по определен редослед создава мелодија која не е композитно комплицирана, но која визуелно се разјаснува, изразувајќи интерпретативни вештини на музикалноста и љубовта кон музиката.
Боите се како нотите. Тие се фиксни во одреден број. Она што ги прави попродуктивни гледано од креативен аспект е нивната меѓусебна комбинација. Ова е втората способност развиена на мелодичната ткаенина на сликарката. Секоја боја комбинирана на пентаграм ги претставува кодните ноти на симфонијата, што доаѓаат од пијаното, кое е главниот елемент, создавајќи рамнотежа во формирањето на мелодијата која се манифестира визуелно, која истотака може да се доживее во внатрешноста на набљудувачот давајќи му слобода да создаде индивидуален мелодичен ритам.
Играта внатре во сликите е пријатна и многу оригинална бидејќи е проследена со детска носталгија обвиена во љубов и спомени од часовите по пијано. Тие се претставуваат како невротични искри кои имитираат нервни влакна опиени од мелодијата на спомените! Секоја слика е придружена со посебен облик, воден од моменталната емоција која му дава уникатно значење!
Дренуша, се чини дека таа природно ја претставува среќната личност, харизмата исполнета со мелодии на среќата на нејзината ткаенина. Колоритот добиен со акрилна техника зборува многу, зборува за моќната енергија што ја има сликарката, за сигурноста и експресивноста што ја разлева врз ткаенината додека се бара формата и просторна координација на ткаенината.
Слободно можеме да кажеме дека детството поминато на часови по пијано, опкружено со љубов кон класичната музика и нежните звуци на татковата гитара кои често водеа кон еден дует, комбиниран со љубовта меѓу татко и ќерка, може да произведува вистински производ од овој вид, како што се преставува Дренуша во овој циклус.
Заробена помеѓу двата уметнички света, вреднувајќи го секој со иста љубов, сликарката избра заговор меѓу нив, помеѓу меѓусебното испреплетување, каде што во исто време слика музика и изведува сликањe.
Енеса Мемети, професор по ликовна уметност
Национална галерија на Република Северна Македонија
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Изложби
Изложба на цртежи и слики на Владимир Величковски во галеријата во МКЦ

На 18 јануари 2023 година во галеријата на ЈУ Младински културен центар ќе биде отворена изложбата на цртежи на професорот Владимир Величковски, со наслов „Вибрантен сликопис“.
За изложбата, Величковски самиот потенцира дека својата прва самостојна изложба на слики ја организирал токму пред 50 години во тогашните простории на Домот на младите „25 Maj“, што се совпаѓа со минатогодишниот јубилеј на институцијата. Изборот на датумот е токму пред празникот, т.е. Светскиот ден на уметноста, кој исто не случајно е избран за отворањето на изложбата.
Величковски црта од мали нозе, како дете, кога почнува и да ги изложува своите творби. Црта и слика во моменти на страсна потреба за изразување на сопствените внатрешни доживувања и надворешни сензации во кои се испреплетуваат и моменти на сеќавање.
Слика во еден здив, но под импресија и со емоција со уверување дека со непосредната обработка на мотивот може да се постигне сугестивна свежина на звучен колорит и специфичен танцов ритам на целата структурна и сликовна претстава.
Самиот додава: „Во ателјето на Миро Масин пишува: нема разговор за политика и фудбал – убаво. А јас имам чест, по повод значајниот јубилеј на Младинскиот културен центар – Скопје, да ја приредам оваа пригодна изложба.
Ќе се потсетиме: порано постоеше поимот „сиромашна уметност“, како и критика, застапена во сите печатени и електронски медиуми, која зад себе има забележан историски развој во тесна врска со движењата во ликовните и визуелните уметности.
Приказната за критиката не е завршена. Можеби станува збор само за една „култура на сопственото искуство“.
Изложби
Изложба „Креативен код“ во Чифте амам

Националната галерија на 16 декември (петок), во 14 часот, во објектот Чифте амам организира изложба на проектот „Креативен код“.
Во рамките на својата Годишна програма, едукативното одделение на Националната галерија со години наназад организира голем број едукативни проекти посветени на ранливите категории. Проектите имаат за цел социјализација на лицата со хендикеп и подигнување на јавната свест. Ваквите креативни работилници преку моделот на социјална инклузија развиваат чувство на прифаќање, толеранција и почит кон различностите, а низ кретивност и дружба создаваат уметност. Во проектот „Креативен код“ учествуваа децата од Државен училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“ заедно со учениците од гимназијата „Јосип Броз-Тито“, паралелката по меѓународна матура, и студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн.
Темата на проектот беше шума. Низ работилниците, вредните раце на креативците најнапред изработија скици на зададената тема. Готовите скици на „волшебната шума“ добија тродимензионална форма на скулптури со поддршка на студентите од Машинскиот факултет, отсек Индустриски дизајн. Современата опрема и технологија која ја поседуваат машинците ни ја ставија на располагање, ги испринтаа дрвцата со 3Д-принтери во просториите на факултетот. Искуството беше одлична можност за осознавање на нова технологија и стекнување нови вештини. На крајот од циклусот, во просториите на Европската куќа во Скопје, со поддршка на Европската делегација „волшебната шума“ го доби својот колорит.
На свеченото отворање на изложбата, настанот ќе биде збогатен со инклузивен музичко-визуелен перформанс кој ќе го создадат инструменталистите од Ансамблот за народни игри и песни „Танец“, учениците од насоката за Традиционална музика и игра од ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“, перкусионистот и визуелен уметник Влатко Митев и децата од Државениот училишен центар за образование и рехабилитација на лица со оштетен слух и говор „Партение Зографски“. Сите присутни на настанот ќе ги поздрави директорката на Националната галерија, д-р Дита Старова Ќерими и Маја Димитрова, едукатор во едукативното одделение
Проектот е поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.
Изложби
Уметничката група XXL во мала станица

На програмскиот календар на Националната галерија, 15 декември е термин предвиден за официјалното претставување на уметничката група XXL а oтворањето на изложбата е закажано во 18 часот.
Националната галерија на Македонија (Мултимедијален центар „Мала станица“) ја претставува групата XXL, создадена во 1994 година, во Софија.
„По децениско меѓусебно непознавање (или делумно познавање) на тековните процеси во уметноста на двете земји, оваа изложба ја гледаме како уште еден чекор кон трајна соработка во областа на културата“, велат од Националната галерија.
Во 1994 година, основачи на групата беа Свилен Стефанов, Генади Гатев, Хубен Черкелов, Иван Ќуранов, Косјо Минчев, Расим, Георги Тушев, Петко Дурмана и Слави Славов. Првиот манифест, „Клоца во грбот на инерцијата“, е напишан и објавен на почетокот на 1995 година, во весникот „Култура“, а подоцна со додатоци се појави и на страниците на „Литературен весник“. Името XXL се поврзува и со галеријата која постоела помеѓу 1996 и 2003 година во Софија. Имињата на некои од најпопуларните изложби на кругот XXL се „Нова бугарска ликовна уметност“ 1996), „Косјо, Хубен, Тушев“ (1997), „Димензии на насилството“ (1998), „Гангстарт“ (1998) , „Бугарскиот пејзаж како метафора“ (2001) и „Нови радикални практики“ (од 1997 до 2001 година). Галеријата XXL беше затворена во 2003 година, од страна на регионалниот управител на Софија, по изложбата во галеријата насловена како „AntiSax (Нова политичка уметност)“.
Во општата слика на бугарската уметност, оваа група е еден од првите примери на самостојна уметничка дејност надвор од постојните институционални структури. Уште како студенти, тие навлегуваат во јавниот простор радикално и нецеремонијално. Денес нивното творештво може да се гледа со пообјективен поглед, исчистен од филтерот на емоциите и екстравагантниот дух на 90-тите. Изложбата во Националната галерија во Скопје не е реконструкција на феноменот XXL – тоа би била голема реконструкција на десетици дела, од кои некои повеќе не постојат. А освен тоа, тие беа само дел од севкупното радикално однесување. Оваа изложба е повеќе реминисценција и обид за подоцнежно разбирање на промената што оваа група ја предизвика во современата бугарска уметност.
Оваа изложба го истакнува, главно, актуелното творештво на групата; покрај основачите, на неа се претставени и автори кои се вклучени во нејзините активности низ годините – Росен Тошев, Димитар Јаранов, Георги Ружев, Борис Сергинов, Красимир Добрев, Дејвид Д’Агостино. Голем број автори соработувале низ годините со групата, а десетици отвориле самостојни изложби во просторот на галеријата XXL.
Во 1990-тите години групата се препознава по работата во областа на инсталацијата, перформансите, видеото и акциите во урбан простор. На пример, таква акција беше скандалозното бојадисување на зградите во целиот центар на градот со графитот „Хубен, Косјо, Тушев“, што беше на граница на хулиганство. Во исто време, групата доследно ги развиваше современите можности на сликарството, а за тоа сведочи не само концептуалната кураторска изложба „Ново бугарско сликарство“ (1996) туку и фактот што речиси целата група работеше и сè уште работи во она што се смета за класичен медиум. И денес тие се изразуваат со сите можни средства, но без претходен договор, акцентот секогаш паѓа на сликарството. Сликарство, изразито повеќеслојно – од концептуално „сериозно“ до постапстрактно или експресивно неодговорно и пародично. Визијата секаде е комплицирана, прекршена низ интелектуално подмолен семантички слој, ѕиркајќи зад материјалите, техниките и гестовите. XXL ги разигруваат картите на историски нормираните сликовити јазици – со целосна свест за нивната иронична нова употреба.
Како дел од Годишната програма, проектот е поддржан од Министерството за култура. Во реализацијата на изложбата добиена е поддршка и од Државниот институт за култура при Министерството за надворешни работи на Република Бугарија и Културно информативниот центар на Р. Бугарија во Скопје.