Култура
Сиљановска-Давкова прими претставници на Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/11/2-1.jpeg)
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова прими претставници на Националната установа Филхармонија по повод 80-годишнината од нејзиното основање.
На средбата на која присуствуваа Александар Котевски, в.д. директор, поранешните директорки Мелпомени Корнети и Маја Чаначевиќ, концерт-мајсторот Анна Кондратенко, концерт-мајсторот во пензија Румен Димитриев, како и Ангелина Димоска од Националната установа Филхармонија, претседателката Сиљановска Давкова честитајќи го големиот јубилеј, истакна дека оваа значајна културна институција како единствен постојан претставник на симфониското творештво на македонската музичка сцена, со својот богат и разновиден репертоар ја привлекува домашната и светската публика.
Претседателката оцени дека во изминативе години преку своите незаборавни концерти во земјава и ширум светот кои содржеле дела од светски класици, но и од македонски музички великани, Филхармонија градела свој специфичен имиџ по кој денес е препознатлива институција.
На средбата, претставниците на Филхармонија ја запознаа Претседателката со роденденската сезона насловена „Одисеја“ исполнета со настапи и изведби на врвни странски и македонски солисти, ремек-дела на симфонизмот, концертно музицирање и премиерни изведби на дела од домашни музички творци. Тие информираа и за програмската политика на оваа институција која содржи нова форма на изразување збогатена жанровски и естетски за различни профили на публика, а која вклучува и едукативни симфониски концерти за најмладите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Култура
Продолжен рокот за аплицирање за филм, серија и документарен филм за Тоше Проески
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/08/toshe-proeski-park-lisiche.jpg)
Македонската радио телевизија повторно ги поттикнува продуцентските куќи да конкурираат на Јавниот повик за набавка на програмски содржини, објавен на веб сајтот на МРТ, со цел заедничка реализација на Проектот посветен на нашиот музички идол – Тоше Проески.
Земајќи го предвид тоа дека станува збор за пообемен и попредизвикувачки проект Македонската радио телевизија рокот за конкурирање го продолжува за период од уште еден месец, заклучно со 24 февруари 2025 година.
„Од продуцентските куќи очекуваме да конкурираат со пријави по Јавен повик за набавка на програмски содржини за играниот филм и серијата посветени на Тоше Проески во комплет или само за документарниот филм одделно. Една продуцентска куќа може да се пријави за двата проекта (игран филм и серија и документарен филм)“, велат од МРТВ.
Со повторениот повик, Македонската радио телевизија им дава можност на што поголем број продуцентски куќи да се пријават со свои креативни предлог програмски проекти за Тоше Проески на Јавниот повик за набавка на програмски содржини на МРТ за заеднички да создадеме единствена програма атрактивна за нашиот аудиториум, но и како дело што ќе остане во наследство на идните генерации.
Култура
„Емилија Перез“ и „Анора“ – филмовите номинирани за Оскар месецов на репертоарот на Кинотека, на програмата повеќе култни остварувања
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/anora.jpg)
Кинотеката на Македонија во февруари 2025 година подготви исклучителна филмска програма која ги спојува класиците на златната ера на Холивуд, современите француски филмови, фалени фестивалски продукции и незаборавни дела од југословенската и светската кинематографија. Овој месец ќе биде вистинска прослава на филмската уметност, со селекција што ќе ги задоволи вкусовите на сите љубители на седмата уметност.
Програмата со саатниците на ЛИНКОТ.
Холивудски класици: Враќање кон златното доба
„Филаделфиска приказна“ („The Philadelphia Story“) – Режија: Џорџ Кјукор
Романтичната комедија од 1940 година, со незаборавните Кетрин Хепберн, Кери Грант и Џејмс Стјуарт, ќе ве потсети на елеганцијата и духовитоста на старото холивудско кино.
„Булевар на самракот“ („Sunset Boulevard“) – Режија: Били Вајлдер
Еден од најголемите филмски класици, мрачна иронија за славата и падот во Холивуд, со легендарните настапи на Глорија Свенсон и Вилијам Холден.
„Бунтовник без причина“ („Rebel Without a Cause“) – Режија: Николас Реј
Времеплов во 1950-тите со Џејмс Дин како симбол на младешката бунтовност и егзистенцијалната потрага.
„Апартман“ („The Apartment“) – Режија: Били Вајлдер
Оскаровецот од 1960 година, брилијантна мешавина од комедија и драма, со Џек Лемон и Ширли Меклејн.
Современи француски продукции: Свежина и оригиналност
„Емилија Перез“ („Emilia Perez“) – Режија: Жак Одријар
Овој возбудлив филм се занимава со идентитетот и животните одлуки, внесувајќи иновативна енергија во модерната кинематографија.
„Случајот Голдман“ („The Goldman Case“) – Режија: Седрик Кан
Моќна судска драма што ги истражува границите на правдата и моралот, инспирирана од вистински настани.
„Само ние двајца“ („Just the Two of Us“) – Режија: Валери Донзели
Интимна љубовна приказна која на нежен и емотивен начин го прикажува предизвикот на долгорочните врски.
Фестивалски хитови: Анора на Шон Бејкер
„Анора“ („Anora“) – Режија: Шон Бејкер
Новиот филм на Шон Бејкер, авторот на „Тангерина“ и „Проектот Флорида“, повторно нè носи во маргините на општеството, со длабока и потресна приказна за љубовта, надежта и човечноста.
Специјална проекција: Култниот „Малхоланд Драјв“
„Малхоланд Драјв“ („Mulholland Drive“) – Режија: Дејвид Линч
Во чест на неодамна починатиот мајстор на нео-ноарот и соништата, Дејвид Линч, Кинотеката ќе организира специјална проекција на неговото ремек-дело „Малхоланд Драјв“. Овој хипнотичен филм е незаборавна комбинација на мистерија, психолошка драма и надреални елементи, кој ја истражува темната страна на Холивуд. Награден со наградата за најдобра режија на Канскиот филмски фестивал, „Малхоланд Драјв“ е еден од највлијателните филмови на 21 век и вистински омаж за Линчовата уникатна визија.
Југословенски класици: Црниот бран на филмската школа
„Млад и здрав како ружа“ – Режија: Јован Јовановиќ
Култен филм на југословенскиот црн бран, остар социјален коментар што ги отсликува борбите на младите во тогашното општество. Ова е уникатна можност за новите генерации да го доживеат овој филм на големото платно, еден од најрадикалните филмови од регионот.
Придружете се на филмското патување
Кинотеката на Македонија и овој пат се потруди да понуди разнолика и квалитетна програма што ги обединува различните генерации, жанрови и стилови. Не пропуштајте да уживате во магијата на филмот на големото платно.
Култура
(Видео) Кои се десетте филмови номинирани за Оскар во категоријата најдобар филм
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/01/substance.jpg)
Академијата за филмски уметности и науки ги објави номинациите за овогодинешните Оскари.
Филмот Емилија Перез доминираше со 13 номинации, а Злобница и Бруталистот со по десет. Како и секоја година, најголемо внимание привлекоа категориите за најдобар филм и актерска игра.
Десет се номинирани во категоријата за најдобар филм. Кој филм мислите дека е најдобар и заслужува Оскар?
Anora
The Brutalist
A Complete Unknown
Conclave
Dune: Part Two
Emilia Pérez
I’m Still Here
Nickel Boys
The Substance
Wicked
Објавувањето на номинациите за Оскар беше одложено поради разорните пожари во Лос Анџелес. Номинациите требаше да бидат објавени на 17 јануари, но потоа двапати беа одложувани. Бил Крамер, извршен директор на Академијата за филмски уметности и науки, испрати писмо до сите членови на Академијата. „Почитувани членови на Академијата, сакаме да го изразиме нашето најдлабоко сочувство до погодените од разорните пожари низ Јужна Калифорнија. Многу од нашите членови и колеги од индустријата живеат и работат во областа Лос Анџелес, а ние мислиме на вас“, напиша Крамер. Гласањето за номинации траеше до 14 јануари.
97. церемонија на доделување на Оскарите ќе се одржи на 2 март во Лос Анџелес.