Култура
Скопје пулсира во ритамот на културата, 19-тата „Бела ноќ“ ги наполни културните јадра
Традиционалната културна манифестација „Бела ноќ“ се одржа изминатата сабота на повеќе од 18 локации во Скопје. Скопјани и посетителите имаа можност да уживаат во музички концерти, изложби, проекции, поетски читања и перформанси.
Централната манифестација се одржа пред Порта „Македонија“, каде што скопјани уживаа во композициите од маестро Кире Костов, кои беа изведувани од Андријана Јаневска, Наде Талевска, Дани Димитровска и Ламбе Алабаковски, придружувани од „Биг бендот“, под диригентската палка на Љупчо Мирковски, и специјално визуелно шоу со 3Д на самата порта. Настанот го посетија илјадници граѓани, а ЈУ Универзална сала додели плакети за трајни вредности „Кире Костов“ на неговата фамилија, како и на Бобан Мирковски. Како претходница можеше да се чуе рок-концерт на музичкото училиште „Ентерпрајз“ на класата ученици од 10 до 18 години.
На „Школка“ во Градскиот парк можеше да се чујат и видат: групата „Педро хоризонте“, „Стефан Петановски бенд“,„ Занаду бенд“, „Димиш бенд“ и диџеите: Раста Грл, Чарли и Јаска.
Во ГТЦ беше поставена изложбата „Игри и мечтаења“ од Друштвото на ликовните уметници на Македонија, во Факултетот за драмски уметности се гледаа повеќе театарски престави, како и филмска и музичка програма. На плоштадот Филип Втори граѓаните ужива во изведбите на македонските традиционални ора од повеќе културно-уметнички друштва.
Во Кинотеката на Македонија можеше да се проследат македонски филмски и музички достигнувања, во галеријата „Остен“ беше поставена изложбата „Право на јавни простори“ од Факултетот за архитектура и дизајн при Универзитетот Американ колеџ. Во Капан ан беше прикажан проектот „Никеја“ со Славе Димитров и Весна Ѓиновска-Илкова, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ беше поставена изложбата „Култура во кутија на Доминиум културно јадро“. Во ноќниот клуб „Пјур“ се одржа последната вечер на „Скопје фешн фестивал“, каде што се прикажаа модните дизајнери Ивана Кнез, Џорџе Башаревиќ, Бошко и Цеце Т.
Програмата ја збогатија и културните институции со блескава програма: Културно-информативниот центар – Скопје, Детскиот културен центар „Карпош“, Музејот на град Скопје, Музејот на современата уметност, Библиотеката „Браќа Миладиновци“, НУ Национална галерија, НУ Музеј на македонската борба и самостојност и НУ Турски театар.
Настанот беше во организација на ЈУ Универзална сала, финансиран од Град Скопје, а е дел од богатата културна понуда на Град Скопје како европска престолнина на културата 2028.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Во петок стартува 15. издание на Ехо Фестивалот на планински филм
Петнаесеттото издание на Ехо Фестивалот на планински филм 2024, ќе биде отворено во Домот на АРМ, петок 18. октомври во 20 часот, а следните 7 денови ќе продолжи програмата во Кинотеката.
Фестивалот кој ќе трае до 25 октомври, ќе биде отворен со проекција на филмот „Виорник од работ“, Игор Вртачник, Словенија, 2024, 107′ , а обраќање ќе има и режисерот Игор Вртачник.
Фестивалот ЕХО е посветен на ширење на планинската култура, преку филмови, изложби, издавање книги, панел дискусии, детски и филмски работилници, предавања на многу различни теми.
Темата на фестивалот опфаќа планински спортови, еколошки филмови, документарни филмови кои ја отсликуваат врската помеѓу човекот и природата.
Детските работилници ќе се одржат во ЕУ Хаус, освен едната која ќе биде демонстрација на поставување на фото замки за диви животни од страна на Македонското еколошко друштво, која ќе се одржи во дворот на Кинотеката. Работилницата „Планински креативен документарен филм“ е исто така во Кинотека.
Фестивалот има три филмски жирија, Главното жири составено од Трифун Ситниковски, Златко Ѓелески и Маја Мухич, Еколошко жири составено од членови на Македонскот еколошко друштво, жири за најдобар алпинистички и качувачки филм, составено со членови на Македонската алпинистичка федерација, и жири за најдобар ски/сноуборд филм. На фестивалот за конкурсот за најдобра фотографија ќе оценува и жири за најдобра планинска фотографија, составено од членови на зрно фестивалот.
Секоја вечер освен отворањето и затворањето на фестивалот, ќе има некоја презентација / панел дискусија:
Сабота 19.10.2024 – „Национален Парк Шар Планина“ – активности
Сабота 19.10.2024 – „Пожари: што пред и после нив?“ – Сара Крстевска и Лазар Николов
Недела 20.10.2024 – Улис Лефевре, Основач и главен уредник на Алпинмаг, фотограф и снимател
Понеделник 21.10.2024 – „Националниот планински музеј во Торино и неговата архива на историски филмови“ – Марко Рибети, Италија
Понеделник 21.10.2024 – Отварање на изложба „K2 ИЛЈАДАДЕВЕТСТОТИНИПЕДЕСЕТИЧЕТВРТАTA“,
Вторник 22.10.2024 – Еколошки панел Мечка страв, мене не страв!
Среда 23.10.2024 – „Зоната на смртта“, од филмска перспектива, Освалд Переира
Четврток 24.10.2024 – Како спортот и природата ќе ги спасат младите од пороците на модерното живеење – Јане Стефанов
Влезот за сите фестивалски програми е бесплатен.
Култура
Улхих Зајдл: Мојот престој во Скопје на „Киненова“ ќе го искористам да гледам македонски филмови
Австрискиот режисер Улрих Зајдл годинава доаѓа на МФФ Киненова. Роден е во Виена, Австрија во 1952 година. Студирал филм на Филмската академија во Виена. Неговиот краток документарен филм ТОПКАТА (1982) за малку ќе довел до негово исфрлање од филмското училиште, како поради „морално и етички сомнителната“ содржина на филмот (се сметало дека во него ги исмева своите субјекти) така и поради неговата форма: Зајдл беше обвинет за презентирање на неизмонтиран филм. Пред да режира наративни играни филмови, Зајдл ги режираше наградуваните документарни филмови: ДОБРА ВЕСТ (1990), ЉУБОВТА НА ЖИВОТНИТЕ (1995) и МОДЕЛИ (1998). ИСУС, ЗНАЕШ (2003) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Карлови Вари, каде ја освои наградата за најдобар документарен филм, додека ВО ПОДРУМ (2014) и САФАРИ (2016) беа прикажани вон конкуренција во Венеција.
Неговото долгометражно деби КУЧЕШКИ ДЕНОВИ (2001) ја освои Големата специјална награда на жирито на Венецискиот филмски фестивал. УВОЗ, ИЗВОЗ (2007) беше премиерно прикажан во официјалната конкуренција во Кан. Следеше неговата меѓународно признаена, наградувана трилогија РАЈ, со РАЈ: ЉУБОВ (2012), РАЈ: ВЕРА (2012) и РАЈ: НАДЕЖ (2013) премиерно соодветно прикажани во конкуренција во Кан, Венеција и Берлин. Неговото најново остварување ДИВИ ИГРИ (2023) е комбинирана и проширена верзија на неговиот диптих составен од филмовите РИМИНИ (во конкуренција на Берлинале 2022) и СПАРТА.
Колку ја познавате македонската кинематографија и дали би можеле да издвоите филмови што Ви оставиле впечаток? И воопшто, чија филмска естетика е блиска на вашиот творечки сензибилитет, чии филмови повторно на драго срце би ги погледнале?
-Моите филмски примери, т.е. моите т.н. филмски татковци, кои со својот светоглед и со својата уметничка програматика ми беа патоказ и кои ми ја поттикнуваа креативноста додека учев да станам режисер, ги имам споменато во стотици интервјуа. За жал, со срам морам да признаам дека не сум упатен во македонскиот филмски пејзаж. Тоа секако не е поврзано со Македонија како таква, туку со тоа што поради мојата секојдневна работа како автор, режисер и продуцент, општо земено, имам мошне малку време воопшто да гледам филмови. Се надевам дека мојот престој во Скопје при учеството на филмскиот фестивал КИНЕНОВА ќе можам да го искористам и за да го надоместам овој кусок и да ги дознаам филмовите што безусловно морам да ги гледам. Тоа уште сега многу ме радува.
Колку е политичкото важно во Вашите остварувања? Колку сакате отворено да кокетирате со него, а колку суптилно да го скриете и да го провлечете низ Вашите приказни?
-Нема што да се крие. Што ли воопшто би требало да се крие? Моите приказни се автентични, се напојуваат од стварноста на нашиот живот, а и покрај тоа се фикционални. Меѓутоа, моите филмови, кои априори немаат политичка содржина, се сепак политички во таа смисла што се одликуваат со општественокритички црти. Тие сликаат и скицираат, може да се каже, една обичајна слика на нашите западни општества.
Култура
Љутков: Лидерството на младите е важна алка за културата како приоритет за остварување глобален мир
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска во Охрид се обрати на Форумот за културна дипломатија, организиран од Школата за млади лидери, под покровителство на поранешниот претседател на РС Македонија, Ѓорге Иванов.
Говорејќи на темата: „Младите лидери во меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир“, Љутков ги охрабри младите, порачувајќи дека тие се двигател на иднината, тие ја имаат силата да донесат промени и да ја обликуваат иднината со визија и храброст. „Лидерството не е титула, туку акција. Бидете храбри, верувајте во себе и инспирирајте го светот со вашата енергија, страст и решителност“, рече министерот Љутков.
Искуствата што учесниците на Школата за млади лидери ги стекнуваат имаат драгоцено значење, особено кога се работи за конкретни теми, и затоа министерот Љутков објасни: „Македонија како членка на Обединетите нации ја спроведува Агендата за одржлив развој за 2030 година, која признава дека мирот и безбедноста се предуслови за постигнување одржлив развој, но и дека одржливиот развој го обезбедува патот кон мирни општества. Младите се високо во оваа агенда. Потребни се итни мерки кои ќе обезбедат мир и хумани општества. Културата во овие процеси има едно од централните места. Таа мора да се стави во приоритетите на развојните политики зашто како белег на идентитетот на едно општество е често на удар“, акцентираше министерот за култура и туризам.
Министерот Љутков истакна дека културата е особено ранлива категорија, но, од друга страна, културата е силно оружје за глобално обединување на човештвото. „Токму таква сила има културната дипломатија што ја поседува таканаречената ’мека моќ‘ за создавање на врските меѓу државите. Нејзината цел е преку размена на уметност, на јазик и традиција да поттикне позитивни односи меѓу народите. Културната дипломатија овозможува поголемо разбирање и надминување на стереотипите, градење доверба и пријателски односи меѓу различни заедници, надминување на конфликтите од секаков вид. Затоа е неизбежна врската меѓу културата и глобалниот мир“, говореше Љутков на темата на годинашната сесија на Школата за млади лидири.
Пред присутните панелисти од повеќе институции од светот и учесниците на Школата за млади лидери, министерот Љутков мотивирачки им се обрати на младите велејќи дека светот е полн со неизвесност, но тој истовремено изобилува со потенцијал што мора да биде искористен. Затоа, додаде тој, вештините и визијата на младите се алатките што можат да ја надминат неизвесноста и да ја претворат во можности. Тој се осврна на значењето на знаењето и на мудроста во процесот на созревање на младите, но ги охрабри и во поглед на одржувањето баланс помеѓу личниот и професионалниот живот. „Важно е да се сетите зошто сте започнале. Што е тоа што ве мотивирало да станете лидери? Кога ќе се вратите на таа основна мотивација, ќе ја најдете вашата сила повторно“, рече министерот Љутков на сесијата во Охрид.
Вториот форум за културна дипломатија на Школата за млади лидери, со тема: „Младите лидери во меѓународната соработка, одржливиот развој и глобалниот мир“, започна со обраќањата на: Ивица Боцевски, специјален претставник на македонската Влада за време на унгарското претседателство со ЕУ, поранешниот претседател Ѓорге Иванов и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова. На Форумот учествуваа високи претставници од земји од светот, од УНЕСКО, од Европскиот парламент, министри и амбасадори.