Култура
„Совршен број“ на Кшиштоф Зануси вечерва премиерно на Филозофскиот филмски фестивал

Пред самиот крај на 13. издание на Филозофскиот филмски фестивал, вечерва, во 18.30 часот, во Кинотеката, премиерно ќе биде прикажан филмот „Совршен број“ (2022) на Кшиштоф Зануси.
Легендарниот режисер, добитник на „Златен лав“ во Венеција во 1984 година, наградуван на Кан, Локарно, Берлин, Монтреал, Токио, Зануси, пристигнува во Скопје како гостин на Фестивалот, а публиката ќе има можност за дискусија по проекцијата. Зануси е еден од 40 основачки члена на Европската филмска академија, предводени од Ингмар Бергман.
Што да се избере помеѓу разумот, љубовта и верата? Со оваа дилема се соочуваат главните ликови во најновиот филм на светски познатиот режисер Кшиштоф Зануси („Структура на кристалот“, „Илуминација“, „Животот како фатална сексуално пренослива болест“ итн.)
Во интервју за нашите медиуми по повод неговото гостување на ФФФ, Зануси ќе рече „направив филм каде што поставувам прашања што ги нарекуваме филозофски или егзистенцијални и се надевам дека на овој фестивал ќе ги пронајдам публиката и критичарите кои би биле доволно паметни да се вклучат во ваква дебата затоа што просечниот филмски критичар денес е некој што има многу малку познавање од филозофијата и најчесто само ни кажува за дејството, но не и за мислата или рефлексијата поттикната од тоа дејство“.
Јоаким во „Совршен број“ е богат човек во години, кој не мора повеќе никому ништо да му докажува и кому му се приближува крајот на животот. Од друга страна, е младиот математички гениј Давид, кој ја напушта ветувачката деловна кариера во странство и бара да го покаже својот талент во Полска.
Зануси се навраќа на дел од најзначајните теми од неговото досегашно творештво, врските помеѓу науката, животот и вербата, овој пат презентирајќи ги во неочекувана форма на интелектуален трилер.
Вечерашната фестивалска програма продолжува во 21 часот во киното „Мирно лето“, каде што како дел од официјалната селекција на долгометражни филмови ќе биде прикажан „1976“ (2022) на Мануела Мартели.
На затворањето на Филозофскиот филмски фестивал, утре (петок, 9 јуни), во 20 часот, ќе бидат доделени наградите од стручното жири и како дел од ревијалната програма ќе биде прикажан филмот на Карлос Саура, награден од Канскиот филмски фестивал во 1976 година, „Змија во пазувите“. Кон филмот излагање ќе има Луис Мартин Аријас, редовен професор на Универзитетот во Валјадолид.
Филозофскиот филмски фестивал е еден од ретките филмски фестивали во светски рамки што продуктивно ги истражува плуриперспективните димензии на релацијата меѓу филозофијата и филмот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Избрани петте финалисти за наградата за најдобар превод „Драги“ и меморандум за соработка со Филолошкиот факултет

Жири-комисијата на претпоследниот состанок за доделувањето на наградата „Драги“ се одлучи во третиот и последен круг на селекција, т.н. shortlist, да влезат 5 преведувачи со изданија објавени од три издавачки куќи и преводи направени од пет јазици:
1. Анастасија Ѓурчинова за преводот од италијански јазик на „Пет куси романи и неколку раскази“ од Наталија Гинзбург во издание на „Артконект“.
2. Златко Панзов за преводот од унгарски јазик на „Заробеништво“ од Ѓерѓ Шпиро во издание на „Артконект“.
3. Иван Шопов за преводот од хрватски јазик на „На работ од паметот“ од Мирослав Крлежа во издание на „Бегемот“.
4. Љубица Арсовска за преводот од англиски јазик на „Елизабет Финч“ од Џулијан Барнс во издание на „Артконект“.
5. Никола Ѓелинчески за преводот од шпански јазик на „Претпесни на постшпански и други песни“ од Хорхенрике Адум во издание на „Алеф публикации“.
За наградата „Драги“, првично беа номинирани 39 преведувачи со книги објавени од 17 издавачи и две приватни изданија. Во првиот круг влегоа 19 преведувачи од 9 издавачки куќи и едно приватно издание. Во вториота 10 п круг влегореведувачи и 7 издавачки куќи. Жири-комисијата е во состав Јана Михајловска (библиотекар и претседател на Библиотекарското здружение на Македонија; претставник на семејството на Драги Михајловски), Лидија Капушевска-Дракулевска (професорка на Катедрата за општа и компаративна книжевност и книжевна критичарка и теоретичарка) и Милан Дамјановски (професор на Катедрата за англиски јазик и книжевност и преведувач).
Иницијативата за оваа награда, која досега не беше препознаена ниту од државните ниту од локалните институции, а уште помалку од приватниот сектор, го доби своето прво јавно признание од страна на новата деканска управа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Факултетот станува партнер на „Антолог“ во организирањето на наградата. За организаторот, ова претставува исклучително важна соработка. Прво, затоа што Драги Михајловски целиот работен век го помина на овој факултет, а второ, затоа што улогата на Факултетот во создавањето на книжевните преведувачи не може да се спореди со улогата на ниедна друга институција во нашата земја.
Двете страни одлучија соопштувањето и доделувањето на наградата „Драги“ да биде на 2 октомври во 14 часот, токму на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, со пригодна свеченост во чест на добитникот и номинираните.
Претходно, на истата пригода ќе се додели и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на македонски автор на странски јазик на превeдувачката Александра Јоаниду за преводот на книгата „Мојот маж“ од Румена Бужаровска на грчки јазик.
Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ беше воспоставена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на Драги Михајловски (1951-2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор. Освен со прозните дела, Михајловски остави трајна трага во македонската култура со преводите на делата од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк, Елиот, Милтон итн. Објави и неколку студии и есеи од областа на теоријата на преводот, а со своите ставови за преводот влијаеше и на студентите на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, каде што беше професор.
Култура
Утре, комеморација за актерот Владимир Ендровски

Утре, 26 септември, во 11 часот, на големата сцена во Македонскиот народен театар ќе се одржи комеморација за актерот Владимир Ендровски.
„Да му оддадеме почит на актерот Владимир Ендровски, кој со својот карактеристичен излив на емоции, маестрално подготвени улоги, умешноста и со огромна експлозија на енергија ја пренесуваше од сцената кон публиката и на телевизискиот/филмскиот екран. Вечен спомен за единствениот Владимир Ендровски!“, велат од Македонскиот народен театар.
Култура
„Кругот не е тркалезен, добредојде во Тирана“ – Манчевски пречекан со огромни почести

Културната и политичка јавност на Албанија го пречека најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски со огромни почести. Градоначалникот на Тирана, Ерион Велијај, го нарече „мој херој“ во говорот пред премиерата на најновиот филм на Манчевски, „Кајмак“, кој го отвори Тиранскиот филмски фестивал.
Пречекувајќи го во својот кабинет претходниот ден, Велијај го поздрави со зборовите: „Кругот не е тркалезен, добредојде во Тирана“ цитирајќи реплика од легендарниот филм „Пред дождот“. Мајлинда Тафа, албанскиот претставник во „Еуримаж“, изјави: „Конечно, Милчо кај нас“, а министерката за култура, Елва Маргарити, која дојде директно од аеродром, се заблагодари за извонредните пораки во неговите филмови. Агрон Доми, директорот на фестивалот, го претстави Манчевски со зборовите „мојот омилен режисер“.
Албанската државна новинска агенција АТА на интервјуто со Манчевски му даде наслов „Уметник што му објави војна на компромисот“ и го нарече „уметник со кој се гордеат нашите соседи во Македонија“, па продолжи: „Како и секој вистински уметник, тој шокира и го презира конформизмот“.
„Кајмак“ го отвори фестивалот во присуство на политичката и културната елита на Тирана. На отворањето присуствуваше и македонскиот амбасадор во Албанија, Данчо Марковски, како и амбасадори на шест други држави во Тирана.
Манчевски вчера одржа и мастер-клас на тема „Наративни стратегии“ и одговараше на многубројни студентски прашања на настанот преполн со професионалци и студенти што го модерира претставникот во „Еуримаж“, Мајлинда Тафа.
Минатата недела „Кајмак“ беше дел од ретроспективата на Манчевски на i-fest во Калабрија, Италија, каде што режисерот доби и специјална награда, а минатиот месец филмот освои награда за најдобар филм на фестивалот „Синеквест“ во Калифорнија, како и специјално признание на жирито ФЕДЕОРА (Федерација на филмските критичари од Европа и Медитеранот) во Херцег Нови. Од претходните награди за „Кајмак“ се издвојува онаа на фестивалот „Фантаспорто“ во Португалија.
По „Синеквест“, се појави нова рецензија за „Кајмак“ во американските медиуми. „Муви гурме“ за овој македонски филм вели: „Манчевски вградува повеќе значење во ‘Кајмак’ отколку што би имало во една обична секси лудорија истражувајќи ги и императивот да се биде родител и еластичните граници на моногамијата… Сите улоги во ‘Кајмак’ се одлични… Ликовите имаат многу секс – ем радосно откачен ем грешен до наежување… Филмот е многу смешен, а Манчевски дури и слатко им намигнува на шпагети-вестерните на Серџо Леоне“.