Култура
Со проекции на македонски и музички документарни филмови завршува 10. издание на „Скопје синема сити“
Последниот ден од фестивалот Скопје Синема Сити е посветен на македонски музички документарни филмови.
Во киното „Мирно лето“ вечерва со почеток од 20.15 часот ќе биде прикажан „Лука“ во режија на Ице Виранов а потоа „Тале Огненовски“ во режија Благојче Трајковски.
Фестивалот Скопје Синема Сити секоја година во рамките на својата програма отстапува место за домашната продукција на овој документаристички жанр со што сака да даде поддршка на младите автори за посветеност кон музичката документаристика.
„Лука“ е документарен филм на здружението за култура „Транзен“, во режија на Ице Виранов, работен според сценарио на Бинева Џејд. Станува збор за филм за млади музичари што бараат начин да г изразат своите креативни потенцијали. Тројцата се целосно посветени на креирање авторска музика, рок и џез, но и други жанровски стилови. Филмот го документира нивниот креативен набој и развој на иновативни идеи, создавање музички инструменти од отпадни материјали и креирање нови звуци, алтернативни музички композиции на истите инструменти.
„Тале Огненовски“, е филм за основоположникот на македонската традиционална музика за кларинет кој оформил рамката за тоа како треба да
изгледа македонското народно оро за кларинет. За 100 годишнната од неговото раѓање професорот м-р Благојче Трајковски промовираше книга и
документарен филм кои сведочат за животот на Огненовски, бројните награди и признанија, а ги публикува и неговите авторски ора како нотен текст.
Синоќешните проекции на филмовите на полскиот музички новинар и режисер Грегор Брзозович беа проследени со големо внимание а авторот во получасовна исцрпна дискусија откри дел од искуството со снимањето на неговите филмови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Ликовна изложба „Уметничкиот свет на Владимир Георгиевски“ во Куманово
На 19 септември, четврток, во 19:30, во изложбениот салон на Националната установа Центар за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово, ќе се отвори изложба на еден од најистакнатите македонски сликари, Владимир Георгиевски.
Изложбата содржи дваесетина дела во различни техники и ги кани посетителите да се нурнат во уметничкиот свет на Георгиевски, за да ги осознаат неговите творечки преокупации, мотивите и пораките на неговото сликарство.
Оваа и уште една поставка на дела на Георгиевски веќе една ипол година патуваат низ државата и се претставуваат пред публиката преку MuseumLink, неформална мрежа на Домови на култура и локални музеи во Македонија. Целта е да се приближи уметноста на овој наш голем сликар до што е можно поголем број граѓани од целата земја, а посебно до младите.
Прикажаните дела се дел од семејната збирка, во избор на Фросина Георгиевска, додека пак организацијата на изложбите и соработката со членовите на мрежата MuseumLink се одвива со помош на нејзината координаторка, Јасминка Намичева, виш кустос и архитект од Музејот на град Скопје.
Култура
Промоција на втората збирка раскази од Наде Ќосеска со наслов „Животен калеидоскоп“
На 18 септември среда во 12.30 часот во Прличевата одаја на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид ќе биде промовирана втората збирка раскази од Наде Ќосеска со наслов „Животен калеидоскоп“.
Охриѓанката Ќосеска има лесно разбирлив тек на речениците во кои доминираат описите, но и редица стилски фигури кои сами за себе говорат за нејзиниот раскошен талент.
Нејзините нови раскази се нови животни приказни, истовремено едноставни и комплексни и бараат уште еднаш во себеси да ги преработите и да ги откриете скриените пораки меѓу зборовите. Кога ќе ги читате расказите напишани со вешт нараторски набој ќе ги препознаете и местата на случувањата.
Доминираат Езерото и Охрид. Промоцијата ќе ја отвори директорот на Библиотеката м-р Милчо Јованоски. Промотор ќе биде Томе Скендероски, извадоци од расказите ќе чита Јелена Јованоска.
Вообичаено публиката ќе има можност да го слушне и обраќањето на авторката Наде Ќосеска.
Култура
Друштвото на писателите на Македонија ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди
Друштвото на писателите на Македонија денес на прес-конференцијата ги соопшти добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година.
Добитник на наградата „Стале Попов“ за најдобра прозна книга во 2023 година е романот „Ако се родат некакви чувства“ од Блаже Миневски, во издание на „Матица“. Наградата „Стале Попов“ беше доделена од жири-комисијата во состав: Гордана Јовиќ-Стојковска (претседателка), Оливера Ќорвезироска и Стефан Марковски (членови).
Добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра збирка поезија за 2023 година е делото „Коњски житија“ од Зоран Анчевски, во издание на „Арс ламина“. За наградата „Ацо Шопов“ одлучуваше жири-комисијата во состав: Елена Пренџова (претседателка) и членовите Снежана Стојчевска и Зоран Јакимоски.
Добитник на наградата „Ванчо Николески“ за најдобра книга за деца и млади за 2023 година е делото „Земјата на заборавените сказни“ од Билјана С. Црвенковска, во издание на „Чудна шума“. Ова дело е напишано според идеја на Симон Трпчески и Билјана С. Црвенковска, а е илустрирано од Оливер Коларевски. За наградата „Ванчо Николески“ одлучуваше тричлена жири-комисија во состав: Сузана Мицева (претседателка), Наум Попески и Стево Симски.
Наградата „Димитар Митрев“ за 2023 година ја добива книгата „Птици во аквариум: надреализам, 1924-2024“, од Лидија Капушевска-Дракулевска и Влада Урошевиќ, во издание на „Полица“. Наградата „Димитар Митрев“ ја додели тричлената жири-комисија во состав: Иван Додовски (претседател), Соња Стојменска-Елзесер и Елизабета Бандиловска.
Поради недоволен број пристигнати конкуренти (пристигнати се две дела, а потребно е да има најмалку три дела во конкуренција за која било од годишните награди на ДПМ да се додели), оваа година нема да биде доделена наградата „Мост“, со која се одликува дело напишано на јазик на некоја од националностите во Македонија, истакнуваат од ДПМ.
Беше потенцирано и тоа дека жири-комисиите биле избрани од страна на управниот одбор со анонимно номинирање и бодирање, а на крајот избраните состави на тричлените жири-комисии им биле познати само на претседателот на ДПМ и на двајца членови од управниот одбор, кои ги верификувале гласовите на сите членови на УО на ДПМ.
На прес-конференцијата беше истакнато и тоа дека при утврдувањето на финалните состави на жири-комисиите, седум од првоизбраните членови, поради други ангажмани, не прифатиле да бидат дел од жиријата, поради што биле кооптирани други номинирани членови.
Во согласност со статутот на ДПМ, само активните членови во Друштвото имаат право да бидат дел од жири-комисиите за доделување на годишните награди на ДПМ.
Традиционалните годишни награди на ДПМ за 2023 година ќе им бидат доделени на добитниците на свеченоста што ќе се одржи задутре, 18.9.2024 година, во 19 часот, во главната сала во Друштвото на писателите на Македонија.