Култура
Со шестчасовен настан започна Европското првенство во танци 2022

Со шестчасовен настан, спој на области од уметноста и сите форми на креативност на едно место, во „Ист Гејт Мол“, започна Европското првенство во танци 2022. Преку 3000 танчери од 21 земја од Европа, почнувајќи од вчера (02.07.2022), ќе слават љубов, среќа, уметност, игра и пријателството, а сето тоа преку музика.
Поентата на уличната уметност, како најслободен вид уметничко изразување, е да произлезе од потребата да се создава, па токму затоа ова несекојдневно, четиридневно „стрит арт“ и хип хоп уживање е нешто што долго му недостасуваше на Скопје.
Започна со пантомими, жонглери и кловнови, а продолжува со концертот на Балканската, музичка дива Сара Јо, која важи за една од најактивните на хип хоп сцената. Концертот е вечерва од 21 часот, во Ист Гејт Мол.
Во склоп на третиот ден, утре (04.07.2022) во СЦ Јане Сандански од 18:30 часот, ќе има „Официјална Церемонија“ на која ќе се презентираат народите, пред преставници од амбасадите на државите кои учествуваат во првенството.
Хип хоп танчерите ќе ја претставуваат својата земја на сцената, за да се доживеат, натпреваруваат и да стигнат до највисоките рангирања, а на последниот ден од првенството, во вторник (05.07.2022) со хип-хоп бетл ќе биде затворено ова неверојатно четиридневно музичко искуство.
Ова првенство е сигурно нешто што ќе го одбележи летото, вели организаторот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Музички времеплов со српски уметници на „Охридско лето“

Фестивалот „Охридско лето“ вечерва носи „Музички времеплов“ на кларинетистот Андрија Минчиќ, кој ќе настапи заедно со Тадија Минчиќ на фагот и во соработка со пијанистот Никола Цветковиќ.
Концертот на српските уметници ќе се одржи во црквата „Света Софија“ од 21 часот.
Андрија Минчиќ дипломира во класата на проф. Анте Гргин, а потоа специјализира камерна музика на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Како солист настапува на преку 200 концерти во земјата и во странство и тоа во Шпанија, Грција, Бугарија, Швајцарија, Велика Британија, Холандија, Франција, Турција, Катар, Португалија и Канада во некои од најпознатите сали во овие земји, како што се: „Концертгебау“ во Амстердам, „Палата на музиката“ и театарот во Барселона, „Тонхале“ во Цирих, „Аудиторио“ во Мадрид и др. Носител е на стипендија доделена од градот Ниш и на повеќе градски награди од областа на културата и уметноста. Во март 2013 година ја почнува педагошката кариера како доцент на одделот за дувачки инструменти на Факултетот за уметности во Ниш каде предава кларинет и група други предмети. Како саксофонист свири повеќе различни жанрови: џез, фанк, поп, електронска музика, а член е на Нишкиот Биг Бенд оркестар и други ансамбли.
Тадија Минчиќ е роден во 1990 година во Ниш и почнува да учи фагот со проф. Мирко Исаески (ФМУ Белград) а дипломира и магистрира во класата на проф. Еберхард Маршал на Универзитетот за музика и изведувачки уметности во Минхен. За време на студиите добитник е на 12 први награди на различни национални и интернационални натпревари и остварува солистички настапи со Симфонискиот оркестар од Ниш и со Камерниот оркестар од Солун. Од 2021 година тој е ангажиран како прв соло- фаготист на Симфонискиот оркестар на РТС во Србија, како и во Филхармонијата во Дортмунд.
Пијанистот Никола Цветковиќ дипломира и магистрира на Факултетот за уметности во Ниш во 2013 година. За време на студиите учествува на бројни натпревари во земјата. Како соло уметник и камерен музичар настапува во Црна Гора, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Белгија, Полска, Чешка, Словенија, Португалија, Русија, Канада, Катар, Украина и Латвија. Во 2017 година со дозвола на шведскиот бенд „Кататонија“, тој го издава албумот „Цветковиќ свири Кататонија – колекција на песни за соло пијано“ по што добива одличен одзив од почитувачите на нивната музика од целиот свет.
Култура
Заврши првиот форум за локални практики во филмската дејност

Во рамките на програмата на „Битфест“, деновиве во Битола се одржа Првиот дводневен форум под слоганот „ Дејствувај на локално ниво” во организација на „Балкан синема ситис“, а во партнерска соработка со Општина Битола и КИЦ Битола.
По дводневната размена на искуства и знаења беше заклучено дека, филмскиот сектор има потреба за подобра соработка со единиците на локалната самоуправа, но истиот мора да ги споделува проблемите, но и да се покренуваат иницијативи како овој Форум, со цел изнаоѓање решенија како на локално, така и на централно ниво. Придобивките од секторот можат да бидат големи, но за истите да создадат позитивни влијанија потребна е поддршка и акции од страна на локалните власти, како и акции и унапредување на мерки од страна на централните власти.
На отворањето на форумот, свое обраќање имаше претседателот на „Балкан синема ситис“, Кирил Ѓозев, кој истакна дека: „Првиот интернационален форум под слоганот ‘Дејствувај на локално ниво’ е замислен да биде еден вид на инкубациски центар кој освен знаење и сознанија за темите кои ќе бидат опфатени, преку дијалог помеѓу повеќе засегнати страни од централно, општинско и секторско ниво се очекува да поттикнат идеи за градење на една визија за развој на силен локален филмски, културен и креативен сектор, како и визија за создавање и градење на т.н ‘пријателска филмска и аудиовизуелна околина на локално ниво‚‚ која позитивно може да влијае како на заедницата, така и на локалната економија и економскиот раст на долг период’“.
Првиот форум за иницирање на практики на локално ниво: Одржливо Екофилмско производство и дистрибуција го отвори градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски.
„Кога зборуваме за одржливост во оваа област, мора пред себе да го имаме значењето на филмската индустрија за развојот на туризмот, културната промоција и финансискиот бенефит за речиси сите други сектори кои функционираат во градот. Сепак, во процесот на создавање нови придобивки не смееме да ја заборавиме грижата за објектите и животната средина, зошто само на тој начин секогаш ќе бидеме чекор понапред кон подобрувањето на условите за напредок“, рече Коњановски.
На форумот за првпат се отвори дискусија помеѓу повеќе чинители за можностите и придобивките кои општините можат да ги имаат доколку се вклучат со свои активности во развој на филмскиот сектор во целина.
Форумот иницираше плодна дискусија која се одвиваше во позитивна атмосфера и активна партиципација на сите учесниците од локално, централно и секторско ниво.
Во рамките на Форумот покрај градоначалникот и секретарот на општина Битола, Тони Коњановски и Борче Димитровски од локалната самоуправа свое учество земаа и градоначалникот на општина Прилеп, Борче Јовчевски, претседателот на Совет на општина Велес, Зоран Љутков, и советникот за култура од општина Охрид, Илија Пиперковски.
Градоначалниците на Битола и Прилеп и претставниците од Општините Велес и Охрид ги пренесоа своите видувања за можни идни локални активности со филмскиот сектор и нивното влијание врз локалната заедница и економија. Беа детектирани и одредени проблеми кои заради непостоење на сознанија, внатрешни процедури, инфраструктура и ресурси некогаш негативно влијаат врз соработката со овој сектор и можностите за поддршка на истиот.
Покрај локалната самоуправа во рамките на Форумот учествуваа и претставници од централните институции и тоа: Даниела Станковска-Плачковска, раководител на Секторот за развој на филмската дејност при Агенцијата за филм, Мими Ѓоргоска-Илиевска, советник во Управата за заштита на културното наследство, и Менче Хаџи-Коста Милевски од Н.У. Центар за култура – Битола. Институциите на централно ниво, со акцент на Агенцијата за филм потребно е во континуитет да придонесуваат за развојот на филмскиот сектор. Претставникот на Агенцијата за филм, Даниела Станковска-Плачковска, истакна дека Агенцијата за филм останува да ги следи потребите на филмскиот сектор и е отворена за соработка, иницијативи и сл. кои ќе придонесат за градење пријателска филмска и аудиовизуелна дејност на локално ниво.
На Форумот учествуваа и професионалци од филмскиот сектор меѓу кои Дејан Илиев – продуцент, член на Здружението на филмски професионалци и ТВ-соработници на Македонија и професор за продукција на ФДУ, Кристина Христови-Николова, актерка и сопственик на продуцентската и дистрибутерската компанија, Саша Станишиќ – режисер и сопственик на продуцентска и дистрибутерска компанија, Весна Ристовска – претседател на Центар за филм Битола и др.
Продуцентите Огнен Антов од Македонија и Николај Мутафчиев од Бугарија преку студија на случај говореа за применети екопристапи и акции во процесот на производство на своите филмови, опфаќајќи ги и предизвиците, потребите како од централните, така и од локалните власти.
Од страна на сите присутни беше поздравена иницијативата и материјалите кои дадоа сознанија за темите, како и изборот на учесници кои поттикна разговор, идеи, мислења и пренесоа знаења и искуства.
„Балкан синема ситис“ во соработка со експерти од оваа област и во иднина ќе продолжи да дејствува со иницирање настани на овие теми и во периодот кој следи ќе даде идеи со цел заедничко дејствување и ангажман во овие области во кои ќе ги вклучи институциите на централно и локално ниво, како и филмскиот сектор, а ќе следуваат и нови активности со локалната заедница.
„Балкан синема ситис“ проактивно продолжува да дејствува, да пренесува знаење, да предлага и иницира значајни проекти за развој на овој сектор. Сето ова е продолжување на делото и визиите за овој сектор кој започна да ги создава продуцентот Димитар Николов-Таки.
Книги
Конкурсот за поетската награда „Антево перо“ влегува во завршната фаза

До завршувањето на Конкурсот за престижната поетска награда „Антево перо“, која се доделува за најдобра необјавена стихозбирка на македонски јазик, преостануваат уште десетина дена.
Наградата востановена во чест на творештвото на Анте Поповски се доделува за необјавена поетска книга на македонски јазик, а според организаторите конкурсот и годинава предизвикува и побуди добар одглас, кој се очекува да резултира и да ја збогати македонската продукција со повеќе нови, но што е уште позначајно, со поквалитетни и поуверливи поетски творечки наслови и дострели. Идентично како и во изминатите години, жири-комисијата со задоволство ги евидентира пристигнатите дела од поетите од сите генерации, што само по себе значи дека и овој пат во целост е исполнета замислата со конкурсот пред сè да стимулираат творци да се остваруваат, да го негуваат и творат на македонски јазик.
Сите автори кои во овој рок раководени од динамиката на мислата и својата креативност ќе успеат да ги заокружат своите најнови поетски сочиненија со испраќање на своите збирки на електронската адреса: [email protected], ќе бидат учесници на поетскиот натпревар за наградата востановена во чест на македонскиот поетски маг Анте Поповски.