Култура
Средба на министерот Љутков со евроамбасадорот Гир
Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, денеска оствари средба со евроамбасадорот Дејвид Гир и со претставници од делегацијата на ЕУ во Скопје.

На средбата министерот Љутков изрази благодарност за соработката со делегацијата на ЕУ во областа на културата, како и за поддршката во евроинтеграциските процеси како еден од најважните приоритети на Владата и на Министерството за култура и туризам.
Двајцата соговорници потенцираа дека соработката со делегацијата на ЕУ, како најзначен партнер на Министерството за култура и туризам, продолжува и во иднина во делот на поддршката на заштитата на културното наследство, размената на идеи, вредности и традиции, што се од суштинска улога во градењето на заедничкиот европски простор.

Во тој контекст министерот Љутков и евроамбасадорот Гир се согласија дека од особено значење е интеграцијата на Министерството за култура и секторот за туризам. Ова ќе придонесе за развој на креативните и културните индустрии што, секако, е и еден од приоритетите на Министерството.
Евроамбасадорот Гир даде поддршка на новите политики на Министерството за култура и туризам и програмата „Креативна Европа 2021 – 2027“. Исто така, беше поздравена и соработката во однос на организацијата на министерскиот состанок на министрите за култура и туризам и за образование и наука, кој во партнерство со ЕУ треба да се реализира во септември годинава.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Националниот џез оркестар одржа концерт „Macedonian Dreams“ во Брисел
Во срцето на Европа, на сцената на престижниот културен центар „BOZAR“ во Брисел, Националниот џез оркестар ја изведе концертната програма „Macedonian Dreams“, претставувајќи уникатен музички спој на македонската традиција и современиот џез израз.
Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ја поведе публиката низ музичко патување инспирирано од богатото македонско музичко наследство, преобликувано во современ џез јазик.
Концертот беше збогатен со гостин-солистот, извонредниот белгиски саксофонист Nicolas Kummert, чиј префинет уметнички сензибилитет и впечатлива интерпретација внесоа дополнителна длабочина во концертната вечер.

Концертот беше проследен со исклучително топол прием и внимание од публиката, а бројните позитивни реакции и впечатоци по настапот претставуваат силна потврда дека музиката, кога е искрена и автентична, создава непосредна комуникација и трајна поврзаност со публиката, надминувајќи ги сите граници.
Настапот во „BOZAR“ беше реализиран во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија, организирана и поддржана од Министерството за култура и туризам, со чија поддршка се овозможува значаен придонес во континуираната афирмација и меѓународна видливост на македонската култура и уметност.
Националниот џез оркестар со особена гордост ја претстави македонската музичка традиција пред европската публика, на сцената на еден од најпрестижните културни центри во Европа.
Култура
Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди во рамките на 54. издание на „Мајски оперски вечери“
На 13 мај со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена една од најзначајните музички драми во оперската литература – „Риголето“ од Џузепе Верди, во рамките на 54. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“.

Диригент е Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата ја потпишува Гилермо Нова (Шпанија), костимограф е Кристина Ачети (Италија), а кореограф Саша Евтимова, хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, додека концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Насловната улога – Риголето ќе ја толкува гостинот од Италија, Даниеле Луис Де Висенте, во улогата на Џилда ќе настапи Ана Дурловски, Војводата од Мантова ќе го толкува Дашуаи Чен (Кина), а во улогата на Спарафучил ќе настапи Владимир Саздовски. Во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Риголето“ е длабока и возбудлива драма за човечката природа, која силно и емотивно ги открива темните страни на страста, моќта и моралот. Оваа трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва, инспирирана од драмата „Кралот се забавува“ на Виктор Иго е раскажана преку впечатлив музички јазик и богата мелодиска структура. Операта е особено позната по своите арии, меѓу кои и „La donna è mobile“, кои и денес се едни од најпрепознатливите и најизведуваните во оперската уметност.
Култура
(Фото) Голем интерес за проeктот на Велимир Жерновски во Венеција, денеска се отвора Македонскиот национален павилјон
Македонскиот павилјон во Венеција и проектот „Пиета во прекривките на ургентноста“ на мултимедијалниот уметник Велимир Жерновски привлекува големо внимание кај посетителите на Биеналето. Сместен во Спацио Кастело 77 на влезот во престижното Арсенале, публиката љубопитно влегува во просторот каде е изложена монументалната претстава на „Пиета“ прекриена со златни фолии. Македонскиот национален павилјон на 61. Биенале за уметност ќе биде отворен денеска во 18:30 часот, а пред присутните ќе се обрати Марија Станчевска-Ѓоргова, државен секретар во Министерството за култура и туризам.

Организатор на нашето претставување е Музејот на современата уметност – Скопје (МСУ-Скопје). Куратори се Тихомир Топузовски и Аманда Буткез од Канада, а комесар е Авни Ќаили.
Тема на годинашната голема изложба е „Во молски тоналитети“ („In Minor Keys“), чиј куратор е Којо Куох, (Koyo Kouoh) која почина пред една година. Изложбата ќе ја реализира тимот која таа сама го избрала. Деновиве Биеналето е отворено за специјална публика – уметници, куратори, галеристи, претставници на институции. На главната изложба претставени се дела од 110 уметници од целиот свет. Дополнително, на локациите Арсенале и Џардини вклучени се 100 национални претставувања и 31 дополнителен настан. Биеналето ќе биде отворено за пошироката јавност од утре до 22 ноември, кога на свечена церемонија ќе бидат доделени наградите „Златен лав“.

„Пиета во прекривките на ургентноста“ ги преиспитува границите на човечкото, размислувајќи надвор од нив, создавајќи нови етички сензибилитети.

„Авторот во своето монументално дело ја обвиткува препознатливата Пиета со златни ургентни прекривки, изработени од метализиран пластичен филм, материјал првенствено произведен за вселенски мисии. Тие се водоотпорни, рефлективни и ја задржуваат телесната топлина. Жерновски со овој материјал повторно ја облекува Пиетата за да создаде нови значења“, објаснуваат кураторите.

Велимир Жерновски (1981, Скопје) дипломирал и магистрирал на Факултетот за ликовни уметности при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Преку медиумите на цртеж, видео, инсталации, објект-инсталации во јавен простор, пишување и објавување уметнички книги, како и сценски дизајн, тој ги истражува поимите на идентитет, урбаност и популарна култура. Реализирал самостојни изложби во: Њујорк (2010, 2012), Париз (2011), Виена (2009, 2011), Фрајбург (2009), Белград (2014, 2020), Скопје (2006, 2007, 2010, 2012, 2013, 2018). Активно учествува на бројни групни изложби во Европа, САД и Азија уште од самиот почеток на неговата кариера во 2005 година.
