Култура
Струшките вечери на поезијата ќе се одржат од 22 до 26 август со мотото „Допир на убавината“
На 19.7.2024 година, со почеток во 11.30 ч, во конгресната сала на хотелот „Дрим“ во Струга, се одржа прес-конференција, на која директорот на СВП, Тодорче Тасевски, ги соопшти деталите за програмата на годинешното издание на фестивалот.
Струшките вечери на поезијата како еден од најстарите и најзначајни светски поетски фестивали ќе се одржи и годинава во вообичаениот термин, на крајот на август, од 22 до 26, во своето автентично издание на препознатливите локации.
Свеченото отворање на фестивалот ќе се одржи во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга, познат и како Дом на поезијата, а свеченото затворање ќе биде со традиционалното читање на Мостот на поезијата.
Мотото на годинешниот фестивал е ДОПИР НА УБАВИНАТА. Со ова мото сакаме да го потенцираме оној аспект на поезијата и поетскиот јазик што овозможува контакт на човечкото битие со вишите сфери на убавината, отелотворена во поезија. Но, исто така сакаме да оддадеме почит на иновацијата на Брајовото писмо, чија кодификација пред 200 години им овозможила на слепите лица преку тактилноста и релјефноста на Брајовото писмо преку допир да навлезат во светот на книгата и писмото и да ја почувствуваат убавината на поезијата. Оваа година го имаме францускиот лауреат, истакнатиот поет Жан Пјер- Симеон. Поетскиот портрет на лауреатот е на 24 август и, според традицијата, ќе се одржи во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид. Повеќе од 25 странски поети од светот, како и домашни поети од постарата, но и од помладата генерација, ќе учествуваат на фестивалот на главните поетски читања.
Оваа година, во рамките на програмата на фестивалот, ќе бидат одбележани годишнините на двајца наши истакнати поети: 90 години од раѓањето на Петре М. Андреевски и 95 години од раѓањето на Гане Тодоровски. Во рамките на одбележувањето, во соработка со Здружението на слепите лица на општина Велес, ќе биде издадено специјално издание со Брајово писмо, избор од антологиските песни на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски. Изборот го подготви професорката Кристина Николовска од Катедрата за македоска книжевност и култура при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.
Во рамките на пригоден настан, „Декади поезија“, ќе бидат одбележани годишнините од животот и творештвото на петмина истакнати македонски поети. Во рамките на програмата предвидени се портрети на добитниците на наградите „Мостови на Струга“ (годинешната добитничка е германската поетеса Катрин Пиц за својата
дебитанска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“), како и портретот на добитникот на наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година, кој ќе биде објавен на самиот почеток на август. Конкурсот траеше до 25 јуни. Истакнатиот шведски поет Бенгт Берг ќе биде претставен со избор поезија. Оваа година во рамките на фестивалот ќе биде претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова. Во рамките на програмата на СВП ќе биде организиран специјален настан поврзан со настапот на избраните поети од платформата ВЕРСОПОЛИС, проект поддржан од Европската комисија. СВП се дел од овој проект од 2014 година.Од изданијата на Струшките вечери на поезијата, освен редовните публикации: Монографијата за добитникот на „Златен венец“, Зборникот на фестивалот, преведеното издание на минатогодишниот добитник на наградата „Браќа Миладиновци“, изданието на добитникот на наградата „Мостови на Струга“, ќе биде издадена антологија со насловена „Од поети за поети“, чиј приредувач е нашиот истакнат македонски поет Милован Стефановски. Оваа антологија содржи избор на песни од македонски поети, кои се посветени на други поети и со тоа воспоставуваат своевиден поетски дијалог. Во едицијата „Плејади“ ќе биде издаден избор поезија од истакнатиот шведски поет Бенгт Берг во препев на нашиот истакнат поет Ивица Челиковиќ, кој живее и работи во Шведска. Исто така, ќе биде издадена необјавената збирка „Скршен терариум“ на добитничката на наградата „Млада Струга“, Филипа Сара Попова, а ќе бидат издадени и тријазични избори на поезија на двајцата избрани поети во рамките на платформата „Версополис“.
Свеченото отворање и свеченото затворање на СВП ќе се одвиваат на препознатливите локации, а во другите денови претпладневната програма е предвидена да се одвива во конгресната сала на хотелот „Дрим“, кој исто така е еден од нашите главни поддржувачи, а вечерната програма на летната сцена на Центарот за култура „Браќа Миладиновци“. Медиумски покровител на фестивалот е Македонската телевизија, која ќе врши директнен пренос на главните настани.
Струшките вечери на поезијата го задржуваат континуитетот на одржување на фестивалот, кој, почнувајќи од 1961 година, ја покажува моќта на поезијата да го обедини светот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
Започна шестото издание на Скопскиот поетски фестивал
Со оддавање почит на поетот Тихомир Јанчовски и читање песни во негова чест, синоќа во 20:00 часот во Младинскиот културен центар ‒ Скопје, под мотото „(СО) СТИХ СПРОТИ НАРАТИВ!“ започна 6. Скопски поетски фестивал.
На настанот настапија поетот Шји Чуан од Кина, Денис Шкофич од Словенија, Гонџа Озмен од Турција, Кристина Шпиранец од Хрватска, како и Иван Џепароски, Зоран Анчевски, Елизабета Баковска и младата Деспина Сиљаноска од Македонија.
По читањето се одржа поетско-музичкиот перформанс на Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора.
На отворањето му претходеше и читачката промоција на поетската панорама на поезија пишувана од млади ‒ „Техна и епистема“, што по повод минијубилејот ‒ 5 години „Отскочна даска“, ја објави „ПНВ Публикации“ од Скопје, а настапија триесетина млади поети.

Програмата продолжува и денес, со настанот „Диптих“, со почеток од 19:30 часот во бифето на МКЦ, на кој низ разговор и поетско читање ќе бидат претставени новите стихозбирки на Гонџа Озмен и Кристина Шпиранец, изданија на „ПНВ Публикации“. А од 21:00 часот ќе се одржи вториот дел од читањето „(Со) стих спроти наратив“ на кое ќе настапат Хајри Хамдан од Палестина/Бугарија, Јоргос Писанис од Грција, Марија Вујошевиќ и Барбара Делаќ од Црна Гора, Марија Костиќ од Србија, како и Виолета Танчева-Златева, Оливера Андоноска и Сеида Бегановиќ од Македонија.
Шестото издание на СПФ го овозможија Министерството за култура и туризам, Традуки и Град Скопје, а негови помагатели се Младинскиот културен центар ‒ Скопје, „Буквa“, Хрватското друштво на писатели, односно фестивалот „Стихот во регионот“, Светскиот поетски фестивал Патра, Грција, „ПНВ Публикации“, „Култура Бета“ и хотел „Цара 1928“.
Култура
Националниот џез оркестар одржа концерт „Macedonian Dreams“ во Брисел
Во срцето на Европа, на сцената на престижниот културен центар „BOZAR“ во Брисел, Националниот џез оркестар ја изведе концертната програма „Macedonian Dreams“, претставувајќи уникатен музички спој на македонската традиција и современиот џез израз.
Под диригентската палка на маестро Владимир Николов, оркестарот ја поведе публиката низ музичко патување инспирирано од богатото македонско музичко наследство, преобликувано во современ џез јазик.
Концертот беше збогатен со гостин-солистот, извонредниот белгиски саксофонист Nicolas Kummert, чиј префинет уметнички сензибилитет и впечатлива интерпретација внесоа дополнителна длабочина во концертната вечер.

Концертот беше проследен со исклучително топол прием и внимание од публиката, а бројните позитивни реакции и впечатоци по настапот претставуваат силна потврда дека музиката, кога е искрена и автентична, создава непосредна комуникација и трајна поврзаност со публиката, надминувајќи ги сите граници.
Настапот во „BOZAR“ беше реализиран во рамки на манифестацијата „Денови на македонската култура“ во Белгија, организирана и поддржана од Министерството за култура и туризам, со чија поддршка се овозможува значаен придонес во континуираната афирмација и меѓународна видливост на македонската култура и уметност.
Националниот џез оркестар со особена гордост ја претстави македонската музичка традиција пред европската публика, на сцената на еден од најпрестижните културни центри во Европа.
Култура
Музичка драма што остава без здив – „Риголето“ од Џузепе Верди во рамките на 54. издание на „Мајски оперски вечери“
На 13 мај со почеток во 20.00 часот, на сцената на Националната опера и балет ќе биде изведена една од најзначајните музички драми во оперската литература – „Риголето“ од Џузепе Верди, во рамките на 54. издание на меѓународниот фестивал „Мајски оперски вечери“.

Диригент е Џанлука Мартиненги (Италија), режијата е на Пјер Франческо Маестрини (Италија), сценографијата ја потпишува Гилермо Нова (Шпанија), костимограф е Кристина Ачети (Италија), а кореограф Саша Евтимова, хор-мајстори се Јасмина Ѓорѓеска и Ѓурѓица Дашиќ, додека концерт-мајстор е Јане Бакевски.

Насловната улога – Риголето ќе ја толкува гостинот од Италија, Даниеле Луис Де Висенте, во улогата на Џилда ќе настапи Ана Дурловски, Војводата од Мантова ќе го толкува Дашуаи Чен (Кина), а во улогата на Спарафучил ќе настапи Владимир Саздовски. Во останатите улоги настапуваат: Николина Јаневска, Борко Биџовски, Драган Ампов, Јане Дунимаглоски, Ана Ројдева, Диме Петров, Марика Поповиќ, Десанка Глигоријевиќ, заедно со хорот, оркестарот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.

„Риголето“ е длабока и возбудлива драма за човечката природа, која силно и емотивно ги открива темните страни на страста, моќта и моралот. Оваа трагична приказна за љубомора, одмазда и жртва, инспирирана од драмата „Кралот се забавува“ на Виктор Иго е раскажана преку впечатлив музички јазик и богата мелодиска структура. Операта е особено позната по своите арии, меѓу кои и „La donna è mobile“, кои и денес се едни од најпрепознатливите и најизведуваните во оперската уметност.
