Контакт

Култура

„Сè секаде одеднаш“ со најмногу номинации за „Оскар“

Објавено пред

Актерите Риз Ахмед и Алисон Вилијамс, денеска, во театарот „Семјуел Голдвин“ во Калифорнија ги објавија имињата на номинираните во 23 категории.

dobivaj vesti na viber

95-тото доделување на „Оскарите“ ќе се одржи на 12 март во театарот „Долби“ во Лос Анџелес, а водител, по неколку години, повторно ќе биде комичарот Џими Кимел.

Научнофантастичниот филм „Сè секаде одеднаш“, со оригинален наслов Everything Everywhere All at Once, со 11 номинации, е предводник на листата. Зад него се „Тажачките од Инишерин“ (The Banshees of Inisherin) и „На Западот ништо ново“, кои имаат по девет.

За најдобар филм оваа година номинирани се „Тажачките од Инишерин“, „На Западот ништо ново“, „Аватар: Патот на водата“, „Елвис“, „Фабелманови“, „Тар“, „Топ ган: Маверик“, „Триаголник на тагата“ и „Жените зборуваат“.

За „Оскар“ за најдобар странски филм ќе се борат „На Западот ништо ново“ (Германија), „Аргентина, 1985“ (Аргентина), „Блиску“ (Белгија), „Тивката девојка“ (Ирска) и „ЕО“ (Полска).

Мартин Мекдона за „Тажачките од Инишерин“, Даниел Кван за „Сè секаде одеднаш“, Стивен Спилберг за „Фабелманови“, Тод Филд за „Тар“ и Рубен Естлунд за „Триаголник на тагата“ се номинирани во категоријата најдобар режисер.

Целата листа на линкот.

 

Култура

Портретот на Кирил Ценевски поставен во кинотечната „Куќа на славните“

Објавено пред

Посетителите на Кинотеката секогаш ги пречекува своевидната „Куќа на славните“ – ѕидот на кој се поставени фото-портретите на доајените на македонската кинематографија.

dobivaj vesti na viber

По повод 80 години од неговото раѓање, на 28 јануари 1943 година, Кинотеката го постави и портретот на филмскиот режисер и сценарист Кирил Ценевски, кој почина на 17 јуни 2019 година во Скопје.

Кирил Ценевски првпат на игран филм професионално е ангажиран во „Вардар филм“ – Скопје, како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ, од 1970 година, а веќе следната 1971 година Ценевски го режира дебитантскиот игран филм ЦРНО СЕМЕ, неговото најпознато остварување и без сомнение еден од најзначајните филмови во историјата на македонската кинематографија воопшто.

За ЦРНО СЕМЕ, филм што ја раскажува приказната за македонските заточеници на пуст грчки остров за време на Граѓанската војна во Грција, Ценевски добива повеќе награди на најзначајните фестивали во тогашна Југославија, а ЦРНО СЕМЕ е и прв македонски игран филм повеќекратно наградуван на интернационални филмски фестивали: „Златна арена“ за режија на најзначајниот југословенски фестивалот во таа епоха – Пулскиот филмски фестивал; „Златен венец“ за најдобар режисер дебитант, исто така во Пула; „Жар птица“ за најдобар режисер дебитант на фестивалот во Москва; „Златен Лачено“ за режија во Авелино; македонската републичка награда „11 Октомври“, а бил и југословенски кандидат за „Оскар“ во 1972 година.

„Во седумдесет и првата година на екраните ќе се појави едно од најзначајните филмски остварувања во македонскиот филм за целата негова историја на постоење, вклучувајќи го и денов денешен. Тоа е првиот обид, овенчан со апсолутен успех, да се завладее жанрот на античката трагедија врз материјал речиси современ, тоа е филмот со зачудувачки заокружен стил, расположба, аскетизам на режијата и на актерската игра“ – со овие одбрани зборови рускиот критичар и истражувач на филмот Мирон Черњенко во неговата книга „Македонскиот филм“ (Кинотека на Македонија, 1997 година, Скопје) ја скицира појавата на Ценевски.

По извонредниот успех на ЦРНО СЕМЕ, четири години подоцна, во 1975 година, повторно во продукција на „Вардар филм”, следува уште едно врвно остварување на Ценевски, кој воедно е и сценарист на филмот, филмскиот спектакл ЈАД, досега единствениот македонски филм со средновековна тематика, за кој добива „Специјална награда“ во Карлови Вари.

Се работи за двочасовна историска фреска која сосема ги отсликува контроверзиите на своето време и е обременета со истите стереотипи од кои боледува и историската наука на епохата. Иако филмот е оценет како „најграндиозен потфат во македонскиот филм” (Черњенко) и според темата, „единствен и во македонската па и во тогашната глобална југословенска кинематографија “ (филмологот Мирослав Чепинчиќ), сепак, ЈАД не успева да ги избегне клишеата што му ги наметнува тогаш доминантната општествена матрица, која се обидува средновековните еретици – богомилите, да ги претстави како борци за слобода, своевидни средновековни „пролетери“, а официјалната црква како завојувачка окупациска сила во служба на Византија.

После ЈАД Ценевски се врти кон документарниот филм и по сценарио на поетот Анте Поповски, кој во тој период застанува на чело на „Вардар филм“, реализира серија портрети на венцоносците на Струшките вечери на поезијата.

Филмот ЛЕОПОЛД СЕДАР СЕНГОР е реализиран во 1975 година и претставува портрет на африканскиот државник и поет нобеловец, претседател на Република Сенегал – Леополд Седар Сенгор. Филмот е снимен во Сенегал, во главниот град Дакар и на бреговите на Атланскиот Океан, а разговорот со Сенгор во неговата резиденција го води поетот и дипломат Ацо Шопов, во тоа време југословенски амбасадор во Сенегал.

Филмот ЕУГЕНИО МОНТАЛЕ, е реализиран во 1976 година и вообичаено, го портретира венцоносецот, овој пат големиот италијански поет, исто така нобеловецот Еугенио Монтале. Снимен е во Џенова, родниот град на поетот, но и во Милано и Струга. Истата година го реализира и филмот ФАЗИЛ ХИСНИ ДАГЛАРЏА, посветен на големиот турски поет.

Следува документарецот во боја ЏАФРА, нова соработка меѓу Поповски и Ценевски, реализиран во 1978 година во Либан, поточно во бегалскиот камп Тал Ел Затр близу до Бејрут, каде што Либанскиот фронт, за време на граѓанската војна во земјата, извршил невиден масакр над палестинските бегалци меѓу кои биле инфилтрирани и многумина борци, припадници на Палестинската ослободителна организација – ПЛО. Филмот е реализиран од искажувања на неколку млади Палестинки што го преживеале масакрот како и од архивски снимки од логорот и масакрот, а во филмот се појавува и тогашниот водач на Палестинската ослободителна организација – Јасер Арафат.

Во филмографијата на Ценевски следат уште три документарни филмови-портрети на исклучително реномирани поетски имиња во светски рамки, добитници на наградата „Златен венец“ на Струшките вечери на поезијата. ЕЖЕН ГИЛВИК му е посветен на опусот на големиот француски поет, со осврт на неговата биографија. Реализиран е во 1979 година, во Париз, Охрид и Струга и исклучително успешно ја остварува својата цел – портретирање на венцоносецот Гилвик, а режисерот Ценевски со композицијата на кадрите и адекватната употреба на контрастите, како и во претходните филмови од овој поетски циклус, визуелно многу успешно кореспондира со сценаристичката предлошка на Поповски што, секако, резултира со врвно документарно остварување.

Вториот поетски портрет е реализиран истата 1979 година и му е посветен на животот и делото на еден од најголемите шпански поети Рафаел Алберти. Филмот претставува поетски портрет на венцоносецот Алберти и го следи неговиот животен и творечки пат, од родното место во Андалузија – Пуерто де Санта Марија, преку учеството во Граѓанската војна во Шпанија на страната на републикаците, четиридецениското прогонство надвор од родната земја, во Буенос Аирес, Париз и Рим, триумфалното враќање во Шпанија во 1977 година, како и добивањето на „Златниот венец“ во Струга и Охрид. Поетското сценарио на Поповски, исклучителната поезија на Алберти и визуелната поезија на Ценевски, во овој филм се амалгамираат во извонредно документаристичко остварување, кое без сомнение претставува едно од најрепрезентативните дела на македонската портретна документаристика.

Последниот филм од овој поетски серијал на Ценевски и Поповски, е филмот МОСТОВИ – СТРУШКИ ВЕЧЕРИ НА ПОЕЗИЈАТА од 1982 година, ретроспектива на неколку години од реномираниот поетски фестивал во Струга и во него се презентираат лауреатите на „Златниот венец“.

Во меѓувреме, Ценевски му се враќа и на играниот филм и во 1980 година го реализира својот трет долгометражен игран филм, ОЛОВНА БРИГАДА, суптилна и храбра критика на бирократизираното социјалистичкото општество, преку портретирања на случувањата во рударското окно. На фестивалот во Пула филмот е награден со наградата „Првомајска“ за филм со современа тематика, а од парискиот Меѓународен комитет за дифузија на уметнички и литературни дела преку филмот (CIDALC) е награден со „Сребрен медал“.

Пет години подоцна, во 1985 година, Ценевски го реализира својот последен игран филм, ЈАЗОЛ, трагична и драматуршки комплицирана приказна за депортацијата на Евреите од Македонија во логорот на смртта Треблинка за време на Втората светска војна, со големиот српски актер од македонско потекло Лазар Ристовски во главната ролја, кој не наидува на добар одѕив кај тогашната критика, но кога ќе се погледне од денешна дистанца, филмот дефинитивно го поминува тестот на времето.

Една година порано, во 1984 година, по сопствено сценарио, Ценевски го реализира документарниот филм ХУАСКАРАН – АНДИ ’82, репортажа за патот на првата македонска експедиција од Скопје, преку Париз, до врвовите на Андите во Перу.

Во 1987 година Ценевски го реализира и своето последно остварување, документарниот филм ХЕМТЕКС, пропаганден филм за истоимената скопска фабрика, по што, повеќе од три децении влегува во своевидна самоизолација и разочаран од актуелните општествено-политички и културни состојби, одбива да работи на филм.

Во 2013 година Кинотеката на Македонија на Кирил Ценевски му го додели годишното признание „Златен објектив“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, а истата година Друштвото на филмските работници на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола му ја додели нововостановената награда „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Во 2019 година, во чест на тригодишнината од смртта на еден од најголемите македонски режисери, Кинотеката објави ДВД издание со дигитално реставрираните играни филмови на Кирил Ценевски: ЦРНО СЕМЕ, ЈАД, ОЛОВНА БРИГАДА И ЈАЗОЛ.

Ако Ценевски во македонската кинематографија дојде од „никаде“, и крајот на неговата кариера некако заврши – „никаде“. Авторот кој беше пречекан како анфан терибл на македонската кинематографија и инстантно величан безмалку како толку посакуваниот месија на новото доба, режисерската кариера ја заврши на 42-годишна возраст. Тоа е истата или сличната возраст на која другите автори ги снимаа нивните дебитантски дела; и во двата случаи се работи за истата, или слична, неправда.

„Во сегашната ситуација како да немам тло да водам дијалот за уметноста, за иднината, сè е исполитизирано. Комплетно е изместен системот на ингеренции, а со тоа и системот на вредности…“, велеше Ценевски последното интервју што го има дадено за медиумите, за магазинот „Форум“ во 2002 година (поместено во книгата „Фацерија“ на Влатко Галевски, „Форум“, Скопје, 2004 година).

Прикажи повеќе...

Култура

МКЦ за испумпувањето пари од сметката: Секоја исплата оди преку Град Скопје

Објавено пред

Од Младинскиот културен центар (МКЦ) не е возможно незаконски да се испумпуваат пари оти секоја исплата оди преку Град Скопје, а ревизијата на финансиското работење градоначалничката Данела Арсовска слободно можела да си ја направи од таму оти ја има истата документација како што ја има и институцијата, појасни денес програмскиот колегиум на МКЦ. Вработените на полчасовна прес-конференција одговорија на вчерашните обвинувања од градоначалничката. За плаќањето шанкери по 750 евра месечно, велат дека е малициозно на таков начин да се потцени нивниот труд.

dobivaj vesti na viber

„Малициозни се изјавите со кои се потценува трудот на овие млади луѓе во градот, драгоцени, кои сè уште се трудат да останат овде и чесно да си ја заработат својата дневница. Понекогаш работат и по 12 саати и на фестивали опслужуваат и по 1.000 и 2.000 луѓе. Навистина ни е жал да ги потцениме нивниот труд и работните одговорности што ги имаат во текот на работењето“, велат од програмскиот колегиум во МКЦ.

Тие уште еднаш посочија дека буџетот на институцијата е скратен наспроти тврдењата на градоначалничката дека нема кратење.

„До одржување на прес-конференцијата вчера, ние на располагање го имавме овој документ – а тоа е дневниот ред на 22. седница на Советот на Град Скопје, каде што стои дека за 2023 година за програмата на МКЦ предвидено е да се доделат 4.500.000 денари. Од нив, 2.500.000 денари се за работата на градското кино ‘Милениум’, а за сите други активности на МКЦ, каде што, меѓу другото, се и едни од најголемите национални фестивали: театарскиот МОТ, филмскиот ‘Синедејс’, и музичкиот ‘Здраво, млади’, како и целата годишна музичка, драмска, ликовна, детска и литературна програма во 365 дена – севкупно 2.000.000 денари. За споредба, годишниот програмски буџет на МКЦ за јубилејната 2022 година лани беше 14,5 милиони денари (не како што кажа градоначалничката – 10,7 милиони), кој веќе беше намален од 22.290.000 во 2021, или 34.280.000 во 2020 или 25.828.000 во 2019… Во меѓувреме, по прес-конференцијата вчера, се одржа седницата на Советот на Град Скопје, на која, конечно, се донесе буџетот за култура за 2023 година. И тогаш ни се постави дополнителна тежина и гризење на совеста дека за да се дополнат плус 2.000.000 денари на МКЦ, се крати повторно од културата – од средствата на одделниот конкурс за независни корисници, кој и онака е можеби најнискиот буџет за таа намена. За жал, ни со овие дополнителни средства додадени на првично најавените 2.000.000 денари нема да можеме да реализираме ни дел од предвидената програма за 2023 година, а не, пак, да креираме и нова“, велат од МКЦ.

Програмскиот колегиум на МКЦ нагласи дека е точно тврдењето на градоначалничката дека институцијата има свои извори на средства, но објаснија дека со нив го покриваат сето она што Градот не може да им го обезбеди.

За обвинувањата дека биле лажни притисоците врз поранешниот директор за нови вработувања, програмскиот колегиум најави дека тој посебно ќе се обрати и ќе ги искористи сите правни механизми за да ја објави вистината.
Градоначалничката Арсовска вчера јавно побара Богоев да се извини за изјавите дека врз него бил вршен притисок за вработувања во институцијата и најави дека доколку не се извини, изнесеното во медиумите ќе треба да го докажува на суд.

Прикажи повеќе...

Култура

„Дoбра ноќ, Скопје“ – филмот за разорниот земјотрес од 1963 достапен на „Јутјуб“

Објавено пред

Филмот „1963: Добра ноќ, Скопје“ на Илија Павлов отсега може да се гледа на „Јутјуб“.

dobivaj vesti na viber

Направен е со скенирање на 8 мм, 16 мм и на 35 мм филмски ленти, а некои од материјалите се досега невидени. Филмот трае 26 минути како симболика за кобниот 26 јули.

Сведоштвото за скопскиот земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала, кој траел долги 17 секунди, регистриран на 26 јули 1963 година, во 5.17 часот, го соопштил пилотот на холандски авион, кој токму во тоа време летал над македонската престолнина, која се уривала. Шокиран од глетката, пилотот од вoздухот гледал како Скопје полека исчезнува. Кога дошол при себе од првиот шок, тој на светот му ја соопштил трагичната вест: Скопје е урнато!

Повеќе од 1.000 луѓе загинаа, повеќе од 3.000 беа повредени. Исчезнаа симболите на Скопје – Стариот театар, Домот на армијата, зградата на Народната банка, хотелот „Македонија“ беше срамнет со земја, урнат беше и поголемиот дел од железничката станица подигната во 1938 година, која во тоа време се сметаше за најмодерна на Балканот.

„1963: Добра ноќ, Скопје“ (1963: Good night Skopje) е петти среднометражен филм на Илија Павлов. Тој е комплетен автор на сите свои филмови (продуцент, сценарист, режисер, директор на фотографија и монтажер) вклучувајќи го и долгометражниот игран филм „Гласот на тишината“. Во моментот го подготвува својот втор долгометражен игран филм „Емил, врати се“.

 

Прикажи повеќе...

Најново

Македонија18 минути

СДСМ: Изјавите на Мицкоски дека бил доброволец во 2001 покажуваат дека е заложник на Апасиев

Милитаристичките изјави на претседателот Мицкоски на ВМРО-ДПМНЕ, во делот каде што тој кажува како бил доброволец и победувал во војна,...

Македонија39 минути

Бугарската комисија за надворешна политика усвои декларација: „Осуда за насилството врз Бугарите во Северна Македонија“

Бугарската собраниската Комисија за надворешна политика усвои декларација за Македонија која ќе се достави на гласање во пленарната сала. Документот, како...

Македонија1 час

Односите меѓу Македонија и Бугарија никогаш не биле полоши, оцени опозицијата

Односите меѓу Македонија и Бугарија никогаш не биле полоши, оценува ВМРО-ДПМНЕ коментирајќи дека дојде ред на толку потпишани договори, анекси,...

Македонија2 часа

Ахмети од Тетово: Мицкоски гледал војна само на телевизија

Мицкоски гледал војна само на телевизија, рече претседателот на ДУИ, Али Ахмети од Тетово, откако претходно првиот човек на ВМРО-ДПМНЕ...

Свет2 часа

Објавена снимка од полицајците во Мемфис кои брутално претепаа афроамериканец

Пет сега поранешни полицајци од американскиот град Мемфис се обвинети за убиството на 29-годишниот Тир Николс, афроамериканец кој беше претепан...

Свет2 часа

Светот го осудува масакрот во Ерусалим

Обединетите нации и неколку земји го осудија нападот на палестински вооружен напаѓач на периферијата на Ерусалим во близина на синагога...

Свет14 часа

(Видео) Терористички напад во Ерусалим, најмалку седум мртви

Најмалку седум лица загинаа во терористички напад вечерва во населбата Неве Јаков во Ерусалим, додека уште 10 се повредени. –...

Свет16 часа

Гутереш: Социјалните мрежи се соучесници во ширењето на екстремизмот и расизмот

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш денеска изјави дека социјалните мрежи и оние кои се рекламираат на нив се соучесници...

Свет17 часа

Кина: Америка е земја насилник која ги крши правилата

Кина денеска остро го критикуваше Вашингтон на состанокот на Светската трговска организација (СТО), нарекувајќи ги САД унилатерален насилник и земја...

Свет18 часа

Америка: Го убивме лидерот на Исламската држава

Американските сили го убиле лидерот на Исламската држава Билал ал-Судани и 10 негови оперативци во северна Сомалија, објавија американските власти....

Европа20 часа

Европската Унија ги продолжи економските санкции против Русија до 31 јули

Советот на ЕУ денеска одлучи да ги продолжи за шест месеци, до 31 јули 2023 година, санкциите насочени кон одредени...

Македонија21 час

27 Јануари, Меѓународниот ден на сеќавање на холокаустот, пригодно одбележан во МНР

Во Министерството за надворешни работи беше одбележан 27 Јануари – Меѓународниот ден во спомен на жртвите на холокаустот. Настанот почна...

Македонија22 часа

Милков: Ќе го вратиме амбасадорот ако се почне со дијалог на високо министерско ниво

Ако се обезбедат услови за почнување дијалог на високо ниво меѓу Бугарија и Македонија или ако премиерот Ковачевски го убеди...

Македонија23 часа

Бугарското МНР со нота ќе бара да им се обезбеди пристап на Бугарите на 4 февруари

Бугарија ќе бара со нота да им се обезбеди пристап на Бугарите што патуваат во Северна Македонија за да се...

Македонија23 часа

Таравари повикува на смирување на тензиите меѓу Северна Македонија и Бугарија

Претседателот на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, повика да се дејствува смирено и да се смират тензиите во односите меѓу...

Европа23 часа

Орбан најави вето на санкциите против руската нуклеарна енергија

Унгарија ќе стави вето на секој предлог на Европската Унија за санкции против Русија поврзани со нуклеарната енергија, изјави утринава...

Топ24 часа

Истрага за пет лица, кои сексуално злоупотребувале малолетничка

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, постапувајќи по кривичната пријава на Националната единица за...

Европа1 ден

Поранешен генерал е фаворит за претседател на Чешка

Поранешниот командант на чешката армија, Петр Павел, прозападен кандидат, кој ја поддржува помошта за Украина, има голема предност пред поранешниот...

Свет1 ден

Пред 78 години беше ослободен Аушвиц, најлошото место во историјата на човештвото

Познатиот германски филозоф Теодор Адорно во своето дело „Културна критика и општество од 1949 година“ ја објави познатата реченица: „Пишувањето...

Свет1 ден

(Видео) Зеленски: Благодарение на системите од Западот ги соборивме повеќето руски ракети

Најмалку 11 лица загинаа во серија руски напади во Украина откако Киев доби ветувања од САД и Германија дека ќе...