Култура
Танцови перформанси на Викенд на гордоста Скопје 2025

На 12 јуни во 20:30 часот во МКЦ, Фестивалот за квир-феминистичка култура, уметност и теорија – Викенд на гордоста Скопје 2025, продолжува со својата перформативна и танцова програма, со танцовиот перформанс „Нестабилни другари / Unstable Comrades“ од српскиот кореограф Игор Коруга.
„Делото критички го преиспитува влијанието на капитализмот, патријархатот и другите системи на репресија врз личните и телесните сфери – род, сексуалност, желба, емоции – преку јазикот на современиот танц. Инспириран од квир марксизмот, Коруга ја претвора сцената во простор за флуидно истражување на идентитетот, ранливоста и отпорот како средства за политичка визија. Перформансот се движи низ историски и идеолошки контексти – од социјализмот, преку западниот либерализам во време на Студената војна, до постсоцијалистичка Источна Европа – за да ги анализира начините на кои квир културата и уметничките практики се спротивставувале на догматизмот и нормирањето“, соопштија организаторите.
Авторската екипа зад делото вклучува драматургот Димитрије Коканов, композиторот Владимир Пејковиќ, дизајнерот на светло Борис Буторац и изведувачите Маријана Гавричиук, Тамара Пјевиќ, Георге Александру Плешка, Хунор Џозеф Варга и Јакша Филиповац. Делото е во копродукција на Национален центар за танц Букурешт и Фондацијата Brain Store Project Софија преку Јужноевропски танцови станици (СЕЕДС), АПАП – Феминистички иднини, Грантот за мобилност Culture moves Europe и Институтот Гете; Програмата Креативна Европа на ЕУ; Министерството за култура на Република Србија; Резиденцијалната програма ТанзФабрик Берлин, пр. Резиденцијалната програма Тенерифе ЛАВ.
На 13 јуни во 20:30 часот во МКЦ ќе биде изведено и кореографското соло „Атрас / Atrás“ на Александар Георгиев – Аце, уметнички истражувач и изведувач со интернационално искуство.
„Делото го насочува фокусот кон задниот дел на телото како наративна и естетска основа, преиспитувајќи го неговото отфрлање и невидливост во рамките на западноевропската танцова традиција. Преку деколонијален и антикaпиталистички пристап, перформансот ја разглобува естетиката на заднината и нејзиниот потенцијал за отворање на нови, емотивни и политички читливи перспективи. „Атрас“ истовремено го преиспитува односот меѓу доминантната фронтална културна визија и маргиналните општествени позиции, поставувајќи прашања за срамот, вината и цензурата. Делото се надоврзува на истражувањата од проектите „The Power of S“ и „Echoes of S“, каде што Георгиев се занимава со концепти како „анално тело и политика““, пишува во најавата.
Тимот зад делото вклучува: музика и звук – Цветан Момчилов, светло – Пит Ајрес, графички дизајн – Асирија Алварез, адаптација на слика – Фернандо Монтиел, а продукцијата е на Беатрис Бељо. Проектот е поддржан од бројни уметнички и институционални партнери меѓу кои ЛАВ (Лабораторија за живи уметности), ICC (Имагинативен кореографски центар), Колективот Гараж, Шведскиот комитет за уметнички грантови, Владата на Канарските Острови, Културата ја движи Европа и Министерството за култура на Бугарија.
Последно, на 14 јуни, со почеток во 20:00 часот во КСП Јадро, ќе се одржи перформансот „Растварања / Dissolutions“ на интердисциплинарната уметница Маја Зечо.
Делото се изведува во рамки на Викендот на гордоста Скопје 2025, во партнерство со Фестивалот за феминистичка култура Прво па женско и КСП Јадро. Dissolutions (2022 – во тек) претставува слоевит одговор на лични и колективни искуства од воен конфликт, траума и загуба, користејќи визуелно и звучно преоптоварување за да го истражи телото во состојба на неизвесност. Перформансот ја става публиката во директна средба со симболика поврзана со историјата на женска репресија на Балканот.
Изведбата е дел од отворањето на самостојната изложба на Маја Зечо под наслов „Незгодни иднини / Discomfited Futures“, во кураторство на Џон Блеквуд. Изложбата ќе трае до 26 јуни и ќе биде придружена со каталог.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Во Охрид се одбележува Денот на Охридското езеро

Трите крајезерски општини: Орид, Струга и Поградец, заедно со националните асоцијации на Здруженијата на ветераните од одбраната ии заштитата на Албанија и Македонија, со низа манифесдтациои, го одбележуваат “Денот на Охридското Езеро”.
Трите езерски, соседни општини, во 2000-та година потпишаа меморандум за разбирање и заштита на езерото и на 21-ви јуни со различни активности, наизменично, секоја година, да го одбележуваат овој ден.
Целта на одбележувањето е да се подигне јавната свест и да се покаже грижата за заштита на езерото од македонска и од албанска страна, но и да се покаже дека туризмот е базиран врз ендемизмот и еколошките услови што ги нуди охридскиот регион.
Одбележувањата започна уште вчера, со изложба на фотографии од Охридското Езеро, денеска продолжува со еколошка акција, презентација на нуркачка опрема и изложба на подводни фотографии, регата „Заедно за иднината на езерото“, поетско читање „Слушни го езерото“, со поети од Охрид, Поградец и Струга.
Денес, напладне, ќе се одржи музичкиот фестивал Balkan Music Square со настапи на Дамјан Пејчиноски, Николче Мицевски, група „Љубојна“ и Алба Дајлани од Албанија.
Одбележувањето ќе трае и утре, кога, ќе се одржи втората регата „Заедно за иднината на езерото“.
Како дел од заедничката програма Здруженијата на ветераните од одбраната ии заштитата на Албанија и Македонија, исто така, со низа манифесдтациои, го одбележуваат “Денот на Охридското Езеро”.
Албанската делегација ја предводи претседателот на националната асоцијација генерал, Тома Кондури, заедно со потпретседателот Енвер Ајдари, а во истата, покрај од Тирана, се и членови на локалните секции од Берат, Корча и Поградец.
Во името на македонска асоцијација, за Денот ќе говори претседателот на Сојузот, професор д-р Темелко Ристески.
Сојузот на Здруженијата на ветераните од одбраната и безбедноста на Република Македонија, активностите ги нспроведува, преку Секцијата со седиште во Охрид, во која делуваат и ветераните од општините: Дебрца, Струга, Вевчани, Дебар, Гостивар, Ресен и Битола.
-На овој начин, ја покажуваме грижата кон нашето слатководно море, нашиот балкански бисер, што го делиме со пријателите од соседна Албанија, нагласува полковник Добре Вељаноски.
Во светот има само неколку езера чија старост би можела да се споредува со Охридското Езеро. Можеби, единствено Тангањика во Африка и Титикака во Јужна Америка, настанале во ист геолошки период.
Охридското Езеро, со право се споредува и со најдлабокото на светот, Бајкалско, во Сибир, Русија, кое е стотина пати поголемо од Охридското Езеро,но водите на двете езера ги населува сличен ендемичен растителен и животински свет.
Поради неговите посебности, во 1980 година Охридското Езеро и градот Охрид се прогласени за Светско културно наследство.
Веле Митаноски
Култура
Сашко Мицевски e новиот директор на Агенцијата за филм

Владата го именува Сашко Мицевски за нов директор на Агенцијата за филм.
Тој доаѓа на местото на Вероника Бучковска, која беше именувана на 17 декември минатата година.
Мицевски на оваа позиција доаѓа од филмската бранша, а во текот на годините работеше како филмски и ТВ-монтажер и дизајнер на звук. Студирал филмска и ТВ-монтажа на Факултетот за драмски уметности во Скопје, а во 2015 година како добитник на стипендија од Министерството за образование и наука заминува на постдипломски студии на престижната National Film and Television School во Англија, каде што учи од етаблирани професионалци, како Graham V. Hartstone (Blade Runner, Aliens), Andy Kennedy (The Crown, Game of Thrones, Harry Potter) и Roger Deakins (Sicario, Skyfall, „1917“) и работи на филмови прикажани на реномирани меѓународни фестивали.
Неговото професионално искуство опфаќа работа во Англија на проекти за Би-би-си и филмови во продукција на Pinewood Studios (Sherlock Gnomes, Mowgli, Fantastic Beasts: The Crimes of Grindelwald и Birdbox), како и авторски ангажмани во постпродукција на македонски аудиовизуелни дела, меѓу кои и ТВ-сериите „Преспав“ и „Куќен притвор“.
Добитник е на многубројни награди, меѓу кои награда од Royal Television Society и номинација за Daytime Emmy.
Во 2020 година со сопствени средства го обновува тонското студио на НУФЦ „Вардар филм“, а од истата година е и член на Филмскиот совет на Агенцијата за филм.
Култура
„Вечер на шлагери“ на Скопско лето 2025

На 22 јуни, недела, во рамки на 46. издание на фестивалот „Скопско лето“ ќе се одржи концерт „Вечер на шлагери“ – 20 години СПОНА, со почеток во 20:30 часот на Платото пред Македонскиот народен театар.
Диригент ќе биде Иван Еминовиќ, а водител на настанот Вера Јанковиќ.
На сцената ќе настапат Оркестарот на „Полифонија“, а изведувачи се Денис Димоски, Оливер Њего, Васко Здравков, Андријана Јаневска, Вера Јанковиќ, Теа Пејиќ, Ана Петановска, Маја Г. Панчева и Александар Тарабунов.