Култура
Традиционален концерт по повод Василица 2025 на 11 и 13 јануари во Националната опера и Балет

На 11 и 13 јануари 2025 со почеток во 20.00 часот ќе се одржи Традиционалниот концерт по повод празникот „Василица“ 2025. Оваа година се одбележуваат 30 години од првото одржување на традиционалниот концерт по повод празникот „Василица“, кој првично беше презентиран како програмски концепт во 1995 година на сцената на МОБ и низ годините потоа, тој стана препознатлив, популарен и еден од најпосетените настани кај нас.
Традицијата ќе продолжи и оваа година, па така нашата верна публика ќе има можност да ужива во изведбите на некои од највпечатливите и најпопуларни арии и дуети, од светски познатите дела од композиторите: Џ. Верди, Ф. Чилеа, Џ. Пучини, П. Маскањи, Г. Доницети и други.
Под диригентската палка на гостинот од Шпанија, Оливер Диаз, врвен диригент, добитник на голем број на престижни награди и признанија, ќе настапат гостите од Шпанија, Ирене Палазон, сопран и Хозе Луис Сола, тенор заедно со оркестарот на Националната опера и балет.
Ирене Палазон, сопран од Шпанија, позната по својата изразена вокална техника има кариера која вклучува настапи на водечки оперски сцени во Европа и е препознатлива по својот чист тон, техничка прецизност и емотивна изведба. Палазон е позната по своите улоги во оперите како „Травијата“, „Кармен“ и други класични и современи дела. Со време, таа го изградила своето име како една од водечките шпански сопранистки, со настапи во некои од најпознатите театри во Шпанија и пошироко.
Хосе Луис Сола е познат шпански тенор кој своето музичко образование го започнува во Escolanía Niños Cantores de Navarra, а потоа продолжува со усовршување на техниката на пеење под менторство на познатиот тенор Рикардо Висус. Неговата кариера вклучува настапи во различни оперски и симфониски дела, а тој се истакнува со својата разновидност во класичниот и оперски репертоар, со посебен фокус на дела од Моцарт, Доницети, Верди, Бизе, Гуно и други. Сола има настапувано на престижни сцени и со различни оркестри, освојувајќи признанија за своите моќни и емоционални изведби. Познат е и по своите настапи во светот на сакралната и хорската музика, што го збогатува неговиот опус.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
„Господа Глембаеви“ од ЦНП гостуваат во Македонскиот народен театар

По потпишувањето на Меморандумот за соработка меѓу Македонскиот народен театар и Црногорско народно позориште, на големата сцена во МНТ, на 17 март во 20:00 часот, ќе гостува претставата „Господа Глембаеви“ во режија на Данило Маруновиќ, по текст на Мирослав Крлежа, а во продукција на ЦНП.
Во претставата играат: Светозар Цветковиќ, Кристина Обрадовиќ, Мишо Обрадовиќ, Уна Лучиќ, Данило Чечебиќ, Павле Прелевиќ, Емир Ќатовиќ, Стеван Вуковиќ, Кристина Мркиќ и Предраг Павиќевиќ.
Режисерот Данило Маруновиќ изразува големо задоволство што имал можност да го постави ова култно дело на Крлежа, токму на сцената на Црногорското народно позориште. Тој ќе каже: „Првпат ја прочитав драмата на Крлежа, ’Господа Глембаеви‘, како средношколец и се заљубив во неа. Повеќе од една деценија барав можност да ја поставам „Господа Глембаеви“ и сега кога дојде таа шанса, дури тогаш сфатив колку е, всушност, (освен некоја основна театарска и уметничка одговорност) присутна одговорноста Крлежа да го реализираш во дешифриран код на сегашноста, а да не отидеш предалеку од него.“
Маруновиќ забележува дека драмата денес е уште поактуелна отколку кога е напишана, и успешно го вткајува во неа актуелниот општествено-политички контекст.
Драматург е Божо Копривица, адаптацијата е на Бојана Мијовиќ и Данило Маруновиќ, кој го направи и изборот на музиката, сценограф е Валентин Светозарев, костимограф е Вања Цирај-Џуџа. Сценските движења ги направи Тамара Вујошевиќ-Мандиќ, сценскиот говор е на Дубравка Дракиќ, а извршен продуцент е Нела Оташевиќ.
„Господа Глембаеви“ премиерно беше изведена на 17 декември 2024 година и наиде на позитивен одзив од страна на црногорската публиката, а ова е прво нивно гостување. Македонската публика ќе биде во можност, по речиси десет години, повторно да ги гледа актерите од Црногорското народно позориште.
Нашата публика ги помни трите постановки на „Господа Глембаеви“ во продукција на МНТ. Повозрасната публика буди спомени од првата, која беше реализирана 1955 година, во режија на Раша Плаовиќ, потоа постановката во 1974 година во режија на Владимир Милчин и последната од 1996 година, во режија на Љубиша Георгиевски со над 150 изведби.
Билетите се пуштени во продажба на билетарницата во МНТ, а достапни се и онлајн. Цената на билетите за партер е 1000 денари и може да се купат онлајн како и на билетарницата, додека цената за прва галерија е 800 денари, а за втора галерија е 600 денари и истите публиката може да ги купи само на билетарницата во МНТ.
Култура
Лесновска ликовна колонија во Куманово

На 20 февруари, четврток, со почеток во 12,30 часот во Изложбениот салон на НУ Центар за култура „Трајко Прокопиев“ – Куманово ќе биде отворена 32-та Меѓународната Лесновска ликовна колонија. Изложбата содржи триесеттина дела работени во повеќе ликовни техники.
Меѓународната Лесновска ликовна колонија започнува да се организира далечната 1992 година. Организатор на колонијата е Дом на културата „Злетовски рудар“ – Пробиштип ,со финансиска подршка од Општина Пробиштип, a оваа година е избрана на Годишниот конкурс за финансирање проекти од национален интерес во културата 2024 год. Денес таа прераснува во голема културна манифестација и е препознатлив белег на општина Пробиштип. Стотици уметници од многу краеви на светот учествувале на Лесновската ликовна колонија, зад себе оставајќи голем број на уметнички дела кои се дел од богатата збирка на уметнички дела при Домот на културата „Злетовски рудар“ – Пробиштип.
На 32 –вата Лесновска ликовна колонија учество зедоа 17 уметници, најмногу од нашата држава но и уметници од Бугарија и Канада. На оваа колонија се насликаа 34 уметнички дела. Колонијата се одржа од 25.06.2024-30.06.2024 година. Уметници учесници на 32–та Лесновска ликовна колонија се: Бисер Лапев, Васил Гаврилов, Бојан Тосевски, Христина Стојчевска, Јулија Манојловска, Десислава Лапева, Зоран Нанев, Ива Станковска, Иштар Бисерова Лапева, Мајк Клоус, Ѓоко Антониев, Маринела Миланова, Мики Иванов, Пирин Македонски, Трајан Трајковски и Филип Добривоевски.
Изложбата ќе биде поставена до 05.03.2025 година.
Култура
Распишан конкурс за директор на фестивалот „Браќа Манаки“

Друштвото на филсмките работници објави конкурс за избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Кандидат за директор може да биде секој редовен член на Друштвото на филмските работници на Македонија или докажан и афирмиран професионалец од областа на уметноста, културата или друга јавна сфера.
Кандидатот треба да ги исполнува следните критериуми: да има високо образование; да има менаџерски и лидерски способности и искуство; да има комуникациски и организациски способности за тимска работа и професионално однесување; да има познавање и искуство во следење на светската филмска продукција и филмските фестивали од висока категорија и да има одлично познавање на англискиот јазик.
Директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ има мандат од две години со право на повторен избор.
Пријавите задолжително треба да содржат биографија на кандидатот, докази за исполнување на предвидените критериуми и детална програма за работата на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“.
Материјалите треба да се достават најдоцна до 6 март оваа година на електронската адреса [email protected] или во седиштето на Друштвото на ул. 8ми Март бр.4 1000 Скопје, Република Северна Македонија.
Директорот ќе биде избран на следното изборно Собрание на Друштвото на филмските работници.