Култура
„Транспаренси Интернешнл“ констатира судир на интереси во работењето на Агенцијата за филм

Транспаренси Интернешнл Македонија констатира постоење судир на интереси во постапувањата на Агенцијата за филм при распределба на средства по конкурс за краткометражни и долгометражни филмови од 2022 година.
Износот на тие средства изнесува преку 4 милиони и 200 илјади евра.
„Утврдивме ситуација во која проекти поднеле две лица кои учествуваат во органите за одлучување, односно се рецензенти. Тие проекти биле повлечени дури откако Транспаренси Интернешнл започна постапка на мониторинг и анализа“, информира претседателката на Транспаренси Интернешнл Слаѓана Тасева на денешната прес-конференција.
Од тука констатираат дека Агенцијата за филм не обезбедила непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведувал овој Конкурс, поради што се исполнети услови истиот да биде оценет како нелегитимен и незаконски.
Се препорачува Владата преку надлежното Министерство за култура да побара Агенцијата за филм откако ќе обезбеди непристрасност и објективност кај сите учесници преку кои се спроведуваат Конкурси, да го повтори предметниот конкурс.
Надлежните институции, пред се Владата која ги обезбедува средствата, надлежното Министерство за култура, Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија, да ги преиспитаат постапувањето и одлуките одлуките на Агенцијата за филм во овој конкурс и да преземат соодветни мерки во рамки на нивната надлежност. Понатаму се бара од Владата преку надлежното Министерство за култура и Агенцијата за филм да воспостават правила и процедура за проценка на ризиците од судирот на интереси како и назначување на лице за спроведување на систем за управување со истите. Владата преку надлежното Министерство за култура да воспостави спроведување на систем на санкции за непочитување на правилата со кои се управува судирот на интереси.
Во декември 2022 година Транспаренси Интернешнл прими пријава од граѓанин за сомневање околу легитимноста и законитоста на постапката во Агенцијата за филм за финансирање на проекти за производство на долгометражен и краткометражен игран, документарен и анимиран филм, објавен во јануари 2022 година во втор рок на одлучување.
Особено укажувањето од пријавителот се однесуваше на постоење на судир на интереси и нетранспарентна постапка во однос на селекцијата и изборот на кандидати и апликации во врска со конкурси објавени на веб-страната на Агенцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Трибина „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“

РСМ НУ Македонски народен театар – Скопје има чест да ве покани на трибината „Македонскиот драмски автор на сцената на МНТ“.
Настанот ќе се одржи на 3 април 2023, понеделник, во 12 часот, на малата сцена на Македонскиот народен театар – Скопје по повод 78 години од првата премиера на театарот.
Модератор на трибината е проф. д-р Ана Стојаноска, а за значењето на драмскиот автор ќе говорат и самите автори Јордан Плевнеш, Русомир Богдановски, Дејан Дуковски и Сашо Димоски, чии драмски текстови се поставени во МНТ, како и Бранко Ставрев, кој е режисер на најмногу претстави од македонски автори во МНТ.
На сцената на МНТ од самите почетоци (третата поставена претстава е „Чорбаџи Теодос“, премиера: 16.8.1945 година) до денес постојано се поставуваат дела од македонски автори. Од досега над 400 поставени/обновени претстави, повеќе од 100 се дела на македонски автори од разни генерации.
Целта на оваа трибина е да се прикажат авторите од разни генерации, чии дела во континуитет постојано се прикажуваат на сцената на театарот.
Тоа се, меѓу другите, Војдан Чернодрински, Антон Панов, Ристо Крле, Васил Иљоски, Живко Чинго, Коле Чашуле, Богомил Ѓузел, Русомир Богдановски, Горан Стефановски и други.
ПР
Култура
Премиера на „Кајмак“ на Манчевски во Италија, од 7 април и во кината во Бугарија

Филмот „Кајмак“ на Милчо Манчевски ја имаше и италијанската премиера во селекцијата на Меѓународниот филмски фестивал во Бари.
Овој фестивал е еден од најголемите во Италија и е поврзан со две легендарни имиња на италијанската кинематографија – директорот Феличе Лаудадио, кој во богатата кариера беше на чело и на Венецискиот фестивал и на низа значајни филмски институции, како и филмскиот критичар Енрико Марџели, кој го претстави „Кајмак“ пред премиерната проекција и го водеше разговорот со авторот Манчевски.
„Кајмак“ беше проследен со бурен аплауз во историското кино „Петруцели“ старо 120 години и прогласено за споменик на културата во Италија.
Италијанскиот печат го најави „Кајмак“ како „храбар филм“, а фестивалот вели дека е „Смело и современо дело… Приказна за чувства и привлечност, која не се плаши да се занимава со непријатни теми, како што се трговијата со луѓе и сурогат-мајчинството“.
На прес-конференцијата со Манчевски филмскиот критичар Енрико Марџели даде голем фокус на работата со глумци, со пофалби за изедначеноста на глумата и за одлично одиграните ролји. Тој забележа дека иако филмот е комедија и се занимава со навидум секојдневни ситуации, барањата од актерите биле длабоки, со влегување во суштината на ликовите, а за кастингот рече дека, иако се работи за секојдневни ситуации во филмот, Манчевски им задавал сцени од класиците. Развивајќи интересна дискусија на тема еротика во сериозни филмови, Марџели рече дека му е жал што ја има помалку на филм денес, на што Манчевски коментира дека делумно тоа е причина на неопуританизмот, како што тој го нарекува, „а бизарно е што неопуританизмот произлегува од диктатурата на размислување од левицата, која би требало да биде слободарска и либерална авангарда“.
Манчевски во Бари дојде од Софија, Бугарија, каде што беше на чело на жирито на фестивалот, а истовремено се одржа и ретроспектива на неговото творештво, во која беше вклучена и бугарската премиера на „Кајмак“. Присуството на Манчевски во Бугарија беше проследено со голем публицитет и многубројни интервјуа за бугарските медиуми.
Од 7 април „Кајмак“ ќе се прикажува и во редовната програма во кината во Бугарија.
Пишувајќи за опусот на Манчевски, еден од најистакнатите бугарски новинари од културата, Цветан Цветанов, во списанието „Култура“ вели:
„Милчо Манчевски е визионерски волшебник… Мајстор на геометријата на голото човечко тело, без тоа да е основа на неговите филмови, Манчевски создава некои од најубавите еротски сцени во современата европска кинематографија – било да се во молски клуч на духови во ‘Сенки’ или на речиси комично рамниште во ‘Кајмак’… Не е ни важно затоа што зборуваме за апсолутни вредности… ‘Кајмак’ е речиси анаграм на ‘Мајки’…“.
На почетокот на месецот „Кајмак“ ја освои специјалната награда на жирито во престижната програма Недела на режисерите на фестивалот „Фантаспорто“ во Порто, Португалија.
Во исто време „Кајмак“ беше прикажан и на „Фест“ во Белград, каде што сите три проекции однапред беа распоредени, а актерката екипа од филмот, која присуствуваше на премиерата, доживеа огромен аплауз.
„Кајмак“ е седми филм на Манчевски и е црна комедија и критика на малограѓанскиот морал и на илибералните тенденции во општеството. Беше најгледан филм во Македонија во 2022, а светската премиера ја имаше на филмскиот фестивал во Токио.
„Кајмак“ е македонско-данско-холандско-хрватска копродукција во соработка со МТВ, а поддржана од „Еуримаж“. Главните улоги ги толкуваат: Сара Климоска, Александар Микиќ, Камка Тоциновски, Симона Спировска, Ана Стојановска, Филип Трајковиќ и Петар Мирчевски. Продуцент е Јане Ќортошев, директор на фотографија Улрик Боел Бенцен, дизајнер Дејвид Манс, монтажер Емил Нунинга, музиката е на „Дејниш стринг квартет“ и Игор Василев-Новоградска, кастингот е на Милка Анчевска, а маската на Марио Микисанти.
Култура
Јубилејно петто издание на „Златна рамка“, кое ќе се одржи од 20 до 23 април

Како иницијатор, основач и организатор на филмската ревија „Златна рамка“, која претставува увид и приказ на реализираните македонски филмови во една календарска година, финансирани од буџетот на државата и поддржани од Агенцијата за филм, ДФРМ годинава го подготвува јубилејното петто издание на манифестацијата, кое ќе се одржи од 20 до 23 април. „Златна рамка“ е единствена можност на едно место да се видат сите остварувања на домашната кинематографија од една календарска година.
„Златна рамка“ веќе четири години успешно ја промовира нашата актуелна кинематографија и претставува единствен настан посветен на македонскиот филм.
„Токму годинава се одбележува еден мини јубилеј од пет години и со големо задоволство може да констатираме дека ‘Златна рамка’ ги исполни очекувањата што беа забележани во иницијативата за нејзиното почнување. Транспарентното прикажување на годишната продукција го подобрува квалитетот на проектите од година на година, нашата кинематографија предизвикува интерес кај домашната публика, медиумите покажуваат интерес за македонскиот филм, а филмските професионалци имаат можност да ги стават во фокус прашањата што ги засегаат и да ги афирмираат своите остварувања со еднаков третман на сите што се вклучени во филмските екипи. Ваков ревијален приказ претставува и своевиден отчет, што им го должиме на публиката и на критиката, кои на едно место може да добијат целосна слика за сработеното во македонскиот филм во една тековна година“, велат од ДФРМ.
Во рамките на „Златна рамка“ на 20 април ќе се одржи и годишното собрание на друштвото, на кое оваа година ќе се изврши избор на директор на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ за период од две години. ДФРМ е иницијатор, основач и организатор на фестивалот „Браќа Манаки“, кој, почнувајќи од 1979 година, е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Оваа година, во септември, планирано е да се одржи 44. издание на „Браќа Манаки“.
Друштвото на филмските работници на Македонија е задолжено и за избор на македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“. ДФРМ е единствената македонска овластена институција, препознаена од Американската академија за подвижни слики, за комуникација, селекција и кандидатура на македонски претставник за наградата. Годинава, изборот на македонски кандидат за „Оскар“ ќе се одржи во октомври, при што ќе се формира комисија од филмаџии за што ќе бидат организирани затворени проекции за филмовите кандидати по што членовите на комисијата ќе ги прегледаат филмовите и потоа ќе се состанат за одлучување. Минатата година за македонски кандидат за наградата „Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм“ беше избран „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона С. Митевска.