Култура
Три фестивалски награди за претставата „Кармен” на Драмски театар

Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата на Кармен ја доби наградата за најдобра актерка на фестивалот „Македонско културно лето“ во Пустец, Р Албанија.
Дејан Пројковски ја доби наградата за најдобра режија на монодрамата „Кармен”, која воедно е прогласена и за најдобра претстава на Фестивалот.
На 15. издание на фестивалот „Македонско културно лето“ што се одржа од 1 до 5 јули пред многубројна публика од целиот регион на Пустец настапија неколку македонски професионални театри и хорот Св. Злата Мегленска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

концерти
Церовиќ: Се оствари сонот да настапам на „Охридско лето“

Црногорското дуо гитари Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ вчеравечер ја воодушевија публиката на фестивалот „Охридско лето“ со својот маестрален настап во црквата „Света Софија“ .
На фестивалскиот репертоар, двајцата извонредни уметници ја изведоа Шестата англиска свита од Јохан Себастијан Бах транскиптирана за две гитари што ја снимија пред неколку години, а потоа и Свитата Троилеана од Астор Пјацола. Крајот на прекрасната вечер беше резервиран за транскрипција на музиката на Мануел де Фаља.
-Репертоарот не е оригинално напишан за гитара, но тоа е наш репертоар за дуо гитари. Гитарата е специфичен инструмент и музичкиот јазик кој е пишан оригинално за гитара на некој начин е ограничен од техничките можности на инструментот. Кога се занимавате со музика која не е наменета за гитари, се случуваат некои интеракции и важни процеси каде можете да ги спознаете можностите на гитарата кои се безгранични, рече гитаристот Данијел Церовиќ.
Ова дуо настапува заедно на престижни фестивали и во познати концертни сали низ целиот свет меѓу кои Филхармонијата во Санкт Петербург, салата „Мануел де Фаља“ во Мадрид и „Концертгебау“ во Амстердам.
-Со Горан првпат свиревме кога бевме на студии, подоцна свиревме заедно на Музичката академија во Мастрихт и всушност тогаш започна нашата соработка која трае долги години. И после мандемијата повторно се закотвуваме на нашата заедничка работа. Горан живее во Германија, а јас во Црна Гора и тешко беше да се подготвуваат нови репертоари, но во текот на оваа и следната година ќе има новитети од нас, додаде Церовиќ.
Тој не го криеше задоволството, што настапи на еден од најреномираните фестивали во Европа, фестивалот „Охридско лето“.
-За „Охридско лето“ слушав и следев што се случува уште во студентските денови и секогаш имав амбиција да дојдам и да настапам. И еве,се оствари сонот да настапам на „Охридско лето“. Кога зборуваме за регионот што е околу нас и нè поврзува, за Охрид имам посебно место во срцето, истакна гитаристот Церовиќ.
Дуото има широк репертоар кој се состои од транскрипции на „стара“ музика и оригинални композиции од XIX, XX и XXI, со особен акцент на современа музика за две гитари.
Вчерашниот концерт на дуото Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ ја исполни црквата „Света Софија“, а во редовите на публиката беше и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.
Култура
Почина актерот Митко Апостоловски

Македонскиот актер Митко Апостоловски почина на 67-годишна возраст.
„Денеска нѐ напушти доајенот на македонското глумиште, долгогодишниот член на НТБ, актерот со единствен стас и глас – Митко С. Апостоловски. Неговата исклучителна харизма со која пленеше од сцената уште долго ќе ја паметиме“, објави Народниот театар во Битола.
Апостоловски дипломирал на отсекот за драмски глумци на Вишата музичка школа во Скопје, потоа една година работел во Народниот театар во Битола и 15 години во Народниот театар во Куманово, а од 1995 пак во битолскиот театар.
Меѓу многуте улоги во театар, ТВ и на филм се и во филмовите „Големата вода“, „Трето полувреме“, „Година на мајмунот“ „Јас сум од Титов Велес“, „До балчак“ и други.
Култура
Незаборавна вечер на „Охридско лето“ со фламенко-балетот „Луксурија“

Со спектакуларно шоу на Фламенко балетот „Луксурија“ од Шпанија, фестивалот „Охридско лето“ вчеравечер на Античкиот театар го прослави 62. роденден.
Бројни љубители на уметноста уживаа во ритамот и емоцијата на музичарите и танчерите од шпанскиот фламенко-балет „Луксурија“, во одличната кореографија и перфектната изведба.
На почетокот на концертот се обрати Амбасадорот на Кралството Шпанија во Република Северна Македонија, Хозе Луис Лозано Гарсија.
-Амбасадата на Шпанија е спремна да продолжи со зајакнување на одличните односи со оваа пријателска земја Северна Македонија, зајакнување на културните односи меѓу нашите две земји и поконкретно со прекрасниот град Охрид, рече амбасадорот Хозе Луис Лозано Гарсија.
Директорката на Фестивалот, Наташа Поповиќ, истакна дека огромна е почитта кон сите кои ги вложија своите напори и направија летните фестивалски вечери веќе 62 години да бидат вистинско уживање за љубителите на високата уметност.
-Денеска ги славиме годините испишани со богата историја со славни имиња од светската музичка елита и врвните театарски креации. Денеска ја празнуваме уметноста, рече Поповиќ.
Фламенко-балетот „Луксурија“ на публиката по повод 62. роденден на фестивалот „Охридско лето“ ѝ приреди незаборавна вечер донесувајќи на сцената свет исполнет со напнатост, интриги, љубов, страст, лојалност и трагедија, но и нови иновативни комбинации на традиционалното и модерното фламенко.