Култура
Фестивал на перформансот во Музејот на современата уметност
Од 3 до 6 октомври во Музејот на современата уметност – Скопје ќе се случува четиридневен Фестивал на перформансот. Влезот е слободен.
„МСУ – Скопје фестивал на перформансот 2024“ е составен од две програми. Главната програма е тридневен настан насловен „(Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија” куриран од Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров и се состои од проекции, предавања и перформанси.
Додатна програма е програмата на партнерите, која произлегува од резиденциите, педагошките и истражувачките активности во партнерство со фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија) и нејзината резиденцијална програма Вила 31 во Тирана, како и соработка со алумни од Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC) и уметници соработници на Иницијативата за усна историја во Приштина (OHI).
Општата идеја на фестивалот е да се измислат различни начини на делување, кои ќе се занимаваат со пренесување на уметничкото наследство во проширениот контекст на историјата на модерноста, и засилување на рецепцијата на идеите и гестовите во релација со постојано еволуирачките чинови и форми, кои се во потрага по еманципација.
Фестивалот е второто поглавје од европската програма Култура.ЕУБалкан (2022-2024), чија цел е да се поттикне размена на уметници, истражувачи и културни чинители, меѓу Западниот Балкан и Европската Унија и да се промовира ширењето на нивните практики и нивните истражувања. Претставата на NAM Choreolab е претставена во соработка со ППФестивал на Локомотива и проектот Движење на неврзаните, поддржан од Креативна Европа/ Програма за европска соработка со Западен Балкан и Министерство за култура на Република Северна Македонија.
МСУ – Скопје фестивал на перформансот е настан кој се организира на годишно ниво, овозможувајќи експериментирање и споделување на уметничката пракса на резидентите и уметниците од регионот, ЕУ и меѓународните сцени. Преку партнерства со културни институции, како и организации, здруженија, школи, универзитети и истражувачки центри, фестивалот ќе се вклучи во пошироки соработки со можност за проширување на други јавни и отворени простори.
На 3 октомври фестивалот ќе биде отворен со партнерската програма.
Во 18:30 часот предвидена е презентација на партнерите од иницијативата Култура.ЕУБалкан и дискусија со Јета Реџа, директор на Иницијативата за орална историја – OHI, Приштина; Жозефин Дофин, одговорна за резиденцијалните програми на „Арт Експлора“, Париз/Тирана; Камил Кингуе, раководителка за меѓународни прашања и кариерен развој на Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC), Париз. Модераторка ќе биде Ивана Васева, кураторка во МСУ. Потоа следува Хакерски водич кон шумата: музејско издание, перформанс од Колектив Tree (Елизабет Баном, Кетрин Маршал, Мартијн ван Елферен), алумни на Националната школа за уметност во Париз-Сержи (ENSAPC). Од 21 часот ќе бидат прикажани куси видеа: Транс’нистрија и Абхазија отпосле од Ванѓуш Велаху, Трнарче и Како се раѓаат ѕвездите? од Олсон Ламај и Кучките за нивниот дин од Ана Еренштајн, гости на Вила 31, резиденцијална програма во Тирана која ја води фондацијата „Арт Експлора“ (Франција/Албанија).
Од 4 до 6 октомври ќе се случува главната програма: (Пост)југословенски наследства и тела: перформанс, критика и утопија. Куратори на тродневните настани се Биљана Тануровска – Ќулавковски и Славчо Димитров.
На 4 октомври од 18:30 предвиден е перформанс на Христина Иваноска/Документ што недостасува: За методологијата (текст, глас, и тело) (2014). Потоа предавање на Јована Караулиќ/Изведување на државата: Културолошки перформанси на југославизмот. Во 20:45 часот, проекција на филм од Марта Попивода „Југославија, како идеологијата го придвижуваше нашето колективно тело“ (2013)/ Србија, Франција, Германија. За крај на фестивалската вечер – видео инсталација на Попивода, во соработка со Ана Вујановиќ/ Површини кои значат: Денот на младоста 1988 (2022).
На 5ти октомври од 19 часот, перформанси на Клелија Живковиќ/ Кој те научи да се чувствуваш добро? (2024); на Милица Ракиќ и Владимир Бјеличиќ/ Истражна постапка: Досието на една Југословенка (2024) и на Оља Грубиќ/ ИКЕБАНА (2018).
Од 20.30 часот предвидено е перформативно предавање на Дражен Драгојевиќ/ Како што се партизаните со не.
На последната фестивалска вечер на 6 октомври во 18 часот закажано е предавање на Јасмина Заложник/ Заземање простор. Нови пракси на перформативната уметност во Југославија. И за крај перформанс на НАМ КореоЛаб: Соња Преград, Ана Дубљевиќ, Викторија Илиоска, Дражен Драгојевиќ/ Како што се римува со не, Не не се повторува. Но се римува. (2024).
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Култура
„Си-ен-ен Бразил“: Со „Јон Вардар против Галаксијата“, Македонија влегува на пазарот за анимација
По успехот на наградените филмови како „ Пред дождот “ (1994) и „Медена земја“ (2019), кинематографијата во Северна Македонија прави нов чекор. Оваа година, земјата ја лансираше својата прва анимација, „Јон Вардар против Галаксијата“, која беше премиерно прикажана во Бразил за време на 48. Меѓународен филмски фестивал во Сао Паоло, пишува „Си-ен-ен Бразил“.
Медиумот во текстот за првиот македонски долгометражен анимиран филм се навраќа наназад во 2009 година, раскажувајќи дека тогаш режисерот Гоце Цветановски на форум за македонските љубители на стрипот ги открил цртежите кои послужија како прототип за анимацијата.
„Ги видов цртежите со вонземјаните и ми беа многу смешни. Оттаму, решив да ја креирам приказната. Мислев дека би било забавно да се развие наратив полн со вонземјани“, раскажа режисерот.
Цветановски во разговорот за бразилскиот сервис на „Си-ен-ен“ зборува и за предизвиците со кои се соочил тимот за да обезбеди успех на проектот, почнувајќи од проблемот со необучен кадар за анимација во Македонија, па се до финансиските тешкотии во периодот на ковид-кризата.
И покрај предизвиците и долгото време на продукција на анимацијата, Цветановски е оптимист за иднината на „Јон Вардар против Галаксијата“, и се надева дека ќе пронајдат дистрибутер кој ќе го пренесе нивниот филм во светот, пишува „Си-ен-ен Бразил“.
„Јон Вардар против галаксијата“ од 1 ноември е на репертоарот на „Синеплекс“ во Скопје, „Киноверзум“ во Штип и Велес и Кино Манаки во Битола.
Култура
Националната опера и Балет ја одбележува 100-годишнината од смртта на Џакомо Пучини
По повод стогодишнината од смртта на еден од најголемите оперски композитори, Џакомо Пучини, Националната опера и балет со гордост го најавува проектот „Месец на Пучини“.
Од 8 до 29 ноември 2024 година, публиката ќе има можност да ужива во четири значајни опери на Пучини:
„Боеми“ (8.11.2024) – Приказна за љубовта и загубата во боемскиот кварт на Париз;
„Мадам Батерфлај“ (16.11.2024) – Трагична љубовна приказна за јапонската гејша и американскиот офицер;
„Тоска“ (23.11.2024) – Опера за љубовта, предавството и жртвата во револуционерниот Рим;
„Турандот“ (29.11.2024) – Приказна за суровата кинеска принцеза и принцот кој се обидува да ја освои;
Секоја од овие опери носи емотивни приказни за љубовта, жртвата и страста, раскажани преку трогателни мелодии и виртуозни изведби кои нашите солисти, хорот и оркестарот ќе ги оживеат на сцената. За публиката, ова е ретка можност, во еден месец, да доживее четири од најважните опери на Пучини, изведени на највисоко ниво.
Проектот „Месец на Пучини“ не е само уметнички настан, туку и можност да ја инспирираме новата генерација љубители на операта, да ги прошириме културните хоризонти и да предизвикаме интерес за оперската уметност кај пошироката публика.
Култура
Ѓоргова: Изложбата „Австриската уметност по 1945“ е потврда за важноста на меѓудржавните културни политики
Државниот секретар во Министерството за култура и туризам, Марија Станчевска-Ѓоргова, вчеравечер во Даут-пашиниот амам, пред многубројните љубители на уметноста, екселенции и други гости, се обрати на свеченото отворање на изложбата „Австриската уметност по 1945“, за која потенцираше дека ќе остане забележана како потврда за долгата историја на одличните односи меѓу двете држави и култури.
„Одржувањето на пријателските односи и меѓу македонската и австриската култура е резултат на силниот влог и длабоката посветеност на разбирањето и отвореноста, на одржување на континуитетот во ткаењето на односите кои бележат несомнено голема традиција“, истакна Станчевска-Ѓоргова, напомнувајќи дека овој настан е потврда токму за важноста на меѓудржавните културни политики.
На изложбата, која се организира по повод 30 години воспоставена дипломатска соработка меѓу двете држави, Станчевска-Ѓоргова истакна дека оваа изложба е знак на почит меѓу двете држави, знак за поддршка на културниот идентитет на народите, но и врска за меѓусебно продлабочување на односите на повеќе нивоа.
„Со овој пресек на современата австриска уметност, делата и авторите кои извршиле своевидно влијание врз европската и врз балканската модерна, одбележуваме 30 години од воспоставувањето на дипломатските врски меѓу нашите две држави“, рече државната секретарка во Министерството за култура и туризам, која додаде дека вакви сериозни проекти даваат нов квалитет во градењето на билатералните односи, укажувајќи на значењето и силата на уметноста во споделувањето на европските вредности.
Потенцирајќи го спознавањето на современата австриска уметност по 1945 година, како и влијанието и одразот на овие ликовни дела врз развојот на политичкиот, социјалниот и технолошкиот живот во 20 и 21 век, Станчевска-Ѓоргова истакна дека изложбата овозможува богатство на сознанија за културните влијанија и потенцијалот на минатиот творечки одраз во денешницава.
„Вака подготвената изложба со дела кои обележуваат широк распон на творештво од периодот на повоена Австрија па сè до денес, згрижени во приватните колекции на австриските љубители на уметноста, укажуваат на посветеност и љубов во грижата и промоцијата на сопственото културно наследство“, рече Станчевска-Ѓоргова, потенцирајќи дека тоа е една од најважните алки која, меѓу другите, гради мост на соработка и желба за продлабочување на културните врски меѓу два пријателски народи.
На свеченото отворање на изложбата во Даут-пашиниот амам, се обратија и: Маја Неделкоска-Брзанова, в. д. директор на Националната галерија; Мартин Памер, амбасадор на Австрија во нашата држава; Кристоф Тун-Хоештајн, амбасадор и раководител на Директоратот за културна соработка при австриското Министерство за европски и меѓународни прашања; Волфганг Бандион, куратор на изложбата, како и Весна Ѓорчева, член на Управниот одбор на Македонија осигурување АД Скопје, Виена Иншуранс груп.