Култура
Филмот „Сестри“ избран за македонски кандидат за „Оскар“

Комисијата за избор на македонски кандидат за наградата “Оскар за најдобар долгометражен интернационален филм” го одбра филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума, за оваа награда за 2022 година.
Одлуката ја донесе Друштвото на филмските работници на Македонија во состав: Дејан Димески – кинематографер и претседател на Комисијата, Роберт Јанкуловски – фотограф и кинематографер, Петар Богоевски – дизајнер на светло, Несрин Таир – актерка, Снежана Поњевиќ – Муча – сценографка, Александар Пејовски – композитор и Дритон Вејсели – актер.
Во конкуренција за кандидатурата беше и филмот: „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи.
Американската Академија за подвижни слики, уметност и наука објави дека 94-та церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи во недела, 27 март 2022 година, во Лос Анџелес.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Култура
Во Охрид ќе се отвора канцеларија на УНЕСКО

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, во рамките на официјалната посета на Париз, оствари средба со Ернесто Отоне, помошник-генерален директор на УНЕСКО за култура, и со директорот на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Лазаре Елоунду Асомо.
„Во Охрид ќе отвориме канцеларија на УНЕСКО, со што ги потврдуваме нашите заложби за јакнење, управување и промоција во зачувувањето на статусот на Охридскиот Регион“, истакна министерката Костадиновска-Стојчевска.
Во годината кога одбележуваме 30 години од нашето членство во УНЕСКО, на средбата беа поздравени напорите меѓу владите и националните комисии на Република Северна Македонија и на Албанија во однос на имплементација на препораките на УНЕСКО, кои се однесуваат на Охридскиот Регион.
На состанокот Костадиновска-Стојчевска посочи дека Владата останува целосно посветена на успешната имплементација на Конвенцијата за светско наследство и во соработка со сите релевантни државни институции, општини, како и со граѓанското општество, ги интензивира напорите за имплементација на препораките што произлегуваат од одлуките на Комитетот за светско наследство и на реактивните мониторинг-мисии.
Министерката за култура информира и дека како заеднички документ со Република Албанија е доставен ажурираниот извештај за состојбата со заштитата на природното и културното наследство на Охридскиот Регион и напредокот во спроведувањето на препораките од одлуката на Комитетот за светско наследство со стратегискиот план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион (2023 – 2030).
Костадиновска-Стојчевска истакна дека сме свесни за потребата од понатамошни континуирани напори во согласност со препораките за справување со идентификуваните ранливост и закани и изрази надеж дека на 45. сесија на Комитетот за светско наследство, што ќе се одржи во септември во Ријад, Саудиска Арабија, ќе се усвои одлука со која природното и културното наследство на Охридскиот Регион ќе остане на листата на светското наследство.
Министерката за култура му се заблагодари на Центарот за светско наследство за доделената меѓународна помош со средства од Фондот за светско наследство во износ од 55.000 долари за реализација на проект на НУ Завод и Музеј – Охрид, кој е од особена важност за надградба на знаењата и капацитетите на стручните лица што работат во оваа установа.
Во седиштето на УНЕСКО во Париз од 7 до 10 февруари се одржува 16. сесија на Меѓувладиниот комитет за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања. Имајќи предвид дека нашата држава не е членка на овој Комитет, но е држава членка на Конвенцијата, на состанокот ќе учествува министерката за култура Костадиновска-Стојчевска, која е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, заедно со Татјана Краљевска-Лазарова, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, во својство на набљудувачи.
Култура
Костадиновска-Стојчевска во официјална посета на Париз

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска е во официјална посета на Париз, Франција, каде што ќе се сретне со директорот на Центарот за светско наследство на УНЕСКО, Лазаре Елоунду Асомо, како и со Ернесто Отоне, помошник-генерален директор на УНЕСКО за култура.
На средбата ќе стане збор за активностите во рамките на УНЕСКО, а ќе бидат разгледани и плановите и проектите што ќе се реализираат во текот на оваа година кога се одбележуваат 30 години од нашето членство во оваа еминентна организација. Ќе стане збор и за соработката со Центарот за светско наследство на УНЕСКО и советодавните тела и нивната експертска помош.
Костадиновска-Стојчевска, која е и претседател на Националната комисија за УНЕСКО на Република Северна Македонија, заедно со Татјана Краљевска-Лазарова, генерален секретар на Националната комисија на УНЕСКО, во попладневните часови ќе присуствува и на 16. сесија на Меѓувладиниот комитет за заштита и унапредување на разновидноста на културните изразувања, која од 7 до 10 февруари се одржува во седиштето на УНЕСКО во Париз.
Култура
Почина врвниот хармоникаш и композитор, Милан Завков

Ненадејно, во 61-та година од животот, почина врвниот инструменталист и композитор, првенецот на „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот, Милан Завков.
Завков започнува да свири хармоника од 8-годишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец” со кој раководел Ѓорѓи Димчевски.
Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.
Милан Завков ја продолжува кариерата на својот прв и единствен избор – хармониката и остварува неверојатно богата изведувачка, но и творечка кариера. Во 1970-та година, со популарниот „Октет МАКЕДОНИЈА“ ја снима својата прва плоча, а во својата натчетиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група „Македонски мерак” остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи.
На сцената има соработувано со многу имиња, а зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како „Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, „Камен да беше срцето” и „Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, „Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, „Лична Јовано” и „Лазарополе” од Наум Петрески, „Пат за Стамболград” и „Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски.
Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.
Од 2000-та година Милан Завков е вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец”, како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот.